Мануил I Комнин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мануил I Комнин
Μανουήλ Α' Κομνηνός
Цар на Источното Римско Царство
Портрет на Мануил I (заедно со Марија од Антиохија - не е прикажана на сликата) во сочуван ракопис во Ватиканската библиотека во Рим.
Византиски цар
На престол5 април 1143 – 24 септември 1180
ПретходникЈован II Комнин
НаследникАлексиј II Комнин
Роден(а)28 ноември 1118
Цариград
Починал(а)24 септември 1180
(возраст: 61)
СопружникБерта Зулцбашка
Марија Антиохиска
ДецаМарија Комнина
Алексиј II Комнин
ДинастијаКомнини
ТаткоЈован II Комнин
МајкаИрина Унгарска

Мануил I Комнeн (грчки: Μανουήλ Α' Κομνηνός, 28 ноември 1118 - 24 септември 1180) — византиски цар од династијата Комнини кој владеел од 1143 до 1180 година. За време на своето владеење, како и Јустинијан I се обидел да ги освои деловите на бившото Западно Римско Царство.[1]

Желен да го обнови неговото Царство на неговата мината слава како супермоќ во Средоземниот свет, Мануил водел енергична и амбициозна надворешна политика. Во тој процес тој направил сојуз со Папата Адријан IV и заживеаниот Запад, го нападнал норманското Кралство Сицилија, иако неуспешно, умешно го раководел преминот на крстоносците од Втората крстоносна војна низ неговото Царство, и воспоставил византиски протекторат над прекуморските крстоносни држави. Соочувајќи се со муслиманските напредувања во Светата земја, тој имал заедничка цел со Кралството Ерусалим и учествувал во заедничката инвазија на Фатимидскиот Египет. Мануил ја преобликувал политичката карта на Балканот и источното Средоземје, ставајќи ги Унгарија и крстоносните држави под византиска хегемонија и вршел агресивни кампањи против неговите соседи на запад и исток. Сепак, кон крајот на неговото владеење достигнувањата на Мануил на истокот биле загрозени поради сериозниот пораз во Битката кај Мириокефалон, која во голем дел резултирала поради неговата арогантност кога ги нападнал добро бранетите селџучки позиции. Иако Византијците се повратиле кај Битката кај Хиелион и Лемошеир и Мануил склучил поволен мир со султанот Килиџ Арслан II, Мириокефалон се покажал како конечниот, неуспешен обид на Царството да ја поврати внатрешноста на Анадолија од Турците.

По смртта Мануил бил наследен од неговиот син Алексиј (1180-1183), но набрзо потоа Византија била зафатена од граѓанска војна која на крајот довела до мешање со крстоносците и првиот пад на Цариград и на падот на Византија во 1204 години.

Внатрешна политика[уреди | уреди извор]

Западното влијание и татковата политика[уреди | уреди извор]

Постарите синови на Јован, Алексиј и Андроник, умреле од епидемија уште во 1042 г. Според неговата последна желба, царска круна ја наследил четвртиот и најмлад син Мануил. Мануил I се истакнал како владетел со големи и многукратни способности. Бил храбар војсководец и уште повешт димпомат и државник со смели и далекусежни идеи. Тој бил вистински Византиец, проникнат од идејата на универзалното царство и со страста за теолошки дискусии, а воедно бил и витез од западен ков. Мануил претставувал нов тип византиски владетел. Од него се гледало колку силно дејствувал на византискиот живот допирот со крстоносците. Мануил ги сакал западните обичаи и ги воведувал на својот двор, а и двата негови браќа со западните принцези придонеле за продирањето на западните навики во Византија. Во Влахернскиот дворед, дворецот на Комнини, завладеала лесна и ведра атмосфера. Ја немало веќе познатата источна величествена церемонијална притеснетост којашто некогаш ги опкружувала византиските цареви на Големиот дворец на Златниот Рог, туку се одомаќила нова витешка елеганција од западен тип. Приредувани биле витешки турнири во кои учествувал и самиот цар што на Византијците претставувало необична и непријатна глетка. Странците од Запад играле сè поголема улога во Царството и заземале високи позиции, на големо незадоволство на неговото население.[2]

Несомнено, личните склоности на Мануил влијаеле на неговата политика. Во својот занес тој се впуштал во пресмели потфати, какви што неговиот татко знаел мудро да ги избегне, но тоа не значи дека може да се говори за начелна спротивност меѓу западната ориентација на неговата политика и политиката на Јован II, претежно ориентирана спрема Исток. Во центарот на вниманието се наоѓал византиско-норманскиот антагонизам и од промената на самата политичка ситуација и од реалниот однос на силите било условено тоа што Јован II на тој проблем му пришол од антиохиска, а Мануил од италијанската страна. Мануиловата западна ориентација не била плод на неговиот карактер туку нужност којашто му ја наметнал развојот на настаните на самиот Запад. Почнала епохата кога државите групирани околу Средоземното Море воделе општа европска политика. Како средоземна сила Византија не можела да остане настрана. Мануил активно се вмешал во таа политика, истакнувајќи ги, во согласнот со византиските традиции, универзалните претензии на своето Царство. Желбата за воспоставување светско владеење била прастар стремеж на Византијците која ниту на внимателниот цар Јован II не му била туѓа. Во суштина на Мануиловата програма не се разликувала од Јовановата. Нивните крајни цели биле исти. Судбоносната грешка на Мануил било тоа што тој претерал и преминал од желба на дело, не водејќи сметка за реалните можности.[3]

Стратиотски систем[уреди | уреди извор]

Јован II се обидел врз нова основа да го воспостави системот на стратиотски имоти којшто бил подлога на некогашната византиска моќ. Совладувајќи ги Печенезите, тој заробениците ги населил по византиските провинции како војници, а по победата над Србите во никомедиската област ги населил заробените Срби, дел како војници, дел како селани, доделувајќи им земја и обврзувајќи ги на извршување воена должност, односно на плаќање даноци. Мануил I го прифатил татковиот пример. И тој ги населувал српските војници по византиските провинции, кај Сердика и на други места. Според договорот со Геза II, Мануил задржал десет илјади унгарски заробеници, секако со намера и нив да ги искористи како стратиоти. Создавањето на нови стратиотски имоти и населувањето на нови стратиоти, па и туѓинци, во извесна мера значело враќање кон моќната воена организација од средновизантиската епоха. Интересно било што за таа цел, како и во VII век, и сега во голема мера биле ползувани Словените. Меѓутоа, со населувањето само на странските заробеници оваа организација не можела вистински да се обнови. Затоа за времето на Мануил особено зело замав доделувањето пронија со обврска за вршење воена служба. Се случувало земјиштето, заедно со населените парици, да им биде давано како пронија и на странските великодостојници.[4]

Велепоседништво[уреди | уреди извор]

Владата на военото благородништво го поддржувала велепоседништвото, особено световното. Со хрисовулата од март 1158 г. Мануил им забранил на манастирите во Цариград и во неговата околина зголемување на земјишните поседи. Истовремено било забрането и отуѓувањето на подареното земјиште, освен во полза на лица од сенаторски сталеж, т.е. на прониерите, и оваа карактеристилна одлука била повторена и во една подоцнежна наредба. Без сомнение царот Мануил не бил непријател на манастирите. Тој на манастирите свеченоо им ги потврдил сите нивни поседи и покрај тоа им подарил мошне широки права на имунитет. Меѓутоа, соочен со старото соперништво меѓу црковното и световното велепоседништво, тој застанал на страната на световното и одлучно ги фаворизирал световните магнати и прониерите, последните, секако, најмногу.[5]

Војска[уреди | уреди извор]

Покрај прониерите во византиската војска и натаму имало многу наемници, па и давачките што биле барани за издржување на војската биле поголеми од било кога и да е. Бидејќи државните средства биле недоволни на војниците им било препуштено сами да ги задоволуваат своите потреби на сметка на населението. „Жителите во внатрешноста“, вели Никита Хонијат, „поднесуваа голема штета од ненаситната лакомост на војниците коишто им ги одземале не само парите туку и последната кошула“.[6]

Војниците биле господари во државата. Во споредба со времети пред Комнини ситуацијата од корен се изменила. Во времето на владеењето на цивилното благородништво под династијата Дука, воената служба се избегнувала. „Војниците“, како што кажува Јован Скилица, „го отфрлале оружјето и станувале адвокати и правници. Сега, напротив, воената служба станала особено привлечна. „Секој сакаше“, раскажува Никита Хонијат, „да биде војник, едни ја отфрлаа иглата, зошто таа со голем труд даваше само најскудни средства за живот, други ги напуштаа коњските обори, други пак ја тресеа од себе правта од тулите или саѓите од ковачницата, и сите итаа кон оние коишто врбуваа војници, им давале персиски коњи или неколку златници и веднаш бидувале примени во војска“. Воената служба била единствениот вносен занает. Се и се жртвувало на војската.[7]

Положбата на населението[уреди | уреди извор]

Населението се наоѓало во тешка сиромаштија бидејќи даночните побарувања растеле, а вообичаените злоупотреби на собиралите на данок ги зголемувале и без тоа прекумерните товари. По градовите многумина ја продавале својата слобода и станувале робови во домовите на великодостојниците. За да ја спречи оваа појава Мануил со закон им ја вратил слободата на лицата слободни од раѓањето, коишто самите се продале во ропство, и се чинело дека, барем во престолнината, ги откупил таквите робови на државен трошок. Меѓутоа, целиот развиток, порастот на велепоседништвото од една, сиромаштијата и задолженоста на пошироките слоеви од друга страна, неизбежно водел ако не кон кметство на мнозинството од населението. Несопирливо развивајќи се процесот на феудализација сè повеќе ја поткупувал отпорната моќ на државниот организам.[8]

Надворешна политика[уреди | уреди извор]

Односите со Германија[уреди | уреди извор]

Мануил се обидел да го зацврсти сојузот со Германското кралство на кое неговиот татко му ги поставил темелите. Како што било решено уште при животот на Јован, тој се оженил за роднината на Конрад III, со Берта од Зулцбах, којашто во Византија го добила името Ирина. Меѓутоа, соработката на двајцата владетели против Норманите, а со тоа и главната цел, била попречена од Втората крстоносна војна, во која покрај францускиот зел учество и германскиот крал, поттикнат од вжарените проповеди на Бернард од Клерво. За Мануил, обожавателот на Запад, Втората крстоносна воја била исто толку непријатно изненадување како што за неговиот дедо била Првата. Успехот на крстоносците би ги зајакнал латинските држави на Исток, во прв ред Антиохиското кнежевство - стариот противник на Византија. И не само тоа, Конрадовото заминување во Светата земја целосно го изолирало византискиот цар на Запад, а неизбежните заплети со крстоносците му ја одзеле слободата на акција спрема норманскиот крал.[9]

Втората крстоносна војна[уреди | уреди извор]

Политичка карта на Блискиот Исток во 1135 г. Крстоносните држави се означени со црвени крстови

Преминот на крстоносците низ византиските земји, проследен со вообичаени истапи, тешко ги заматил односите меѓу Византијците и Германците. Се чини дека Мануил не се ни состанал со својот сојузник, шурата Конрад III. Уште полоши биле односите со францускиот крал Луј VII, пријателот на Рожер II. Во неговата близина веќе се говорело за освојувањето на Цариград. Како некогаш Алексиј I, и Мануил настојувал што побрзо крстоносците да ги префрли во Мала Азија и барал од водачите на крстоносците да му положат вазалска заклетва и да го признаат византискиот суверенитет над сите земји кои ќе ги освојат. Повеќе заради приближувањето на Французите отколку Мануиловото инсистирање, Конрад III решил да премине во Мала Азија. Меѓутоа, таму неговата војска ја снашла жалосна судбина. При првиот судир со Турците, таа целосно била совладана. По долгите преговори и натегања во Мала Азија преминал и Луј VII. Неговата војска се обединила со остатоците од германските трупи, но крстоносците се откажале од планираниот поход против Иконија и тргнале во правецот на Аталеја. Преминот низ тешкиот терен, проследен со насилство над месното население, со кавги меѓу Французите и Германците, со судири на Латините со Грците, конечно ја исцрпил силата на крстоносците. Конрад III по патот се разболел, па во Ефес ја напуштил војската на крстоносците. Од Аталеја и Луј VII се упатил со своите барони за Сирија, препуштајќи ги своите луѓе на судбината.[10]

Политичкиот поларитет во тогашна Европа[уреди | уреди извор]

Полза од овој неславен поход на крстоносците имале само Турците и норманскиот крал Рожер. Бидејќи Мануил бил врзан на Исток со заплетите со крстоносците, Рожер II есента 1147 г. презел директен напад на Византија, го освоил Крф, а потоа Коринт и Теба, најбогатите градови во тогашна Грција и главни средишта на византиското свиларство. Од Коринт и Теба, Рожер ги одвел византиските мајстори и ги вработил во младата норманска свиларска индустрија во Палермо.[11]

Неуспехот на крстоносната војна овозможил ново зближување меѓу Византија и Германија. На враќањето од Мала Азија, Конрад III убаво бил дочекан во Цариград и се обврзал дека ќе завојува против Рожер II. И Венецијанците и се придружиле на антинорманската коалиција и му помогнале на византискиот цар да го поврати Крф (1149 г.). Сепак, последиците од несреќната крстоносна војна и понатаму се чувствувале, во полза на норманскиот крал, а за штета на византискиот цар и неговиот германски сојузник. Планот на византиско-германската офанзива во Италија бил пресретнат со дипломатска против-акција на Рожер II. Норманскиот крал склучил сојуз со војводата Велф и го поддржувал во борбата против Штауфовците, така што Конрад III итно морал да се врати во Германија и за извесно испаднал од играта. Од друга страна, Рожер II против византискиот цар ги потпомагал Угрите и Србите. Веќе во 1149 г. Мануил морал да стапи во борба против побунетата Рашка, а потоа избила и војната со Угрите, првата во долгата низа византиско-унгарски војни. Рожер II имал природен сојузник во францускиот крал Луј VII кој, огорчен против Византија, подготвувал нова крстоносна војна. Неговите планови наишле на живо одобрување од Бернард од Клерво и папата Евгениј III, кој се обидувал германскиот крал да го одврати од сојузот со шизматичката Византија. Така, под водството на Рожер II, била создадена моќна антивизантиска коалиција. Меѓутоа, плановите за новата крстоносна војна, која не била ништо друго норманско-француски напад на Византија, биле разбиени со отпорот на француските витези, и Конрад III му останал верен на својот сојузник. Европските држави се поделиле на два табора: на една страна Византија, Германија и Венецијанците, на другата Норманите, Велфите, Франција, Унгарија и Србите и во заднина - папата Евгениј III. Почнало групирањето на европските држави и создавањето разгранети коалиции. Се разбира, распоредот на силите во коалициите често се менувал, а со времето и другите држави биле вовлечени во оваа дипломатска игра. Византиско-унгарското соперништво имало одек дури во Русија. Двете сили се замешале во борбата на руските кнезови, и додека Унгарија го потпомагала киевскиот кнез Изјаслав, Византија го поддржувала Јуриј Долгоракиот Суздаљски и Владимирко Галициски. Од друга страна, Мануил во седумдесеттите години на XII век, стапил во врска со англискиот крал Хенри II.[12]

Конрад III успеал да го совлада Велф и почнал да се подготвува за поход во Италија. Но во моментот кога конечно требало да отпочне византиско-германската борба против Норманите, Конрад III умрел (1152 г.) Со неговиот наследник Фридрих I Барбароса, Мануил никогаш не можел да се спогоди и покрај честите преговори. Политиката и на едниот и на другиот се раководела од идејата за царство со сиот нејзин максимилизам и исклучивост. Во ова време Западот почнал да се запознава со Јустинијановото римско право, кое и таму ја засилувало претставата за возвишеноста и универзалниот карактер на царската власт. Фридрих Барбароса им се спротивставил на византиските претензии на Италија и со крајна недоверба гледал на универзалистичките стремежи на Мануил I, којшто за него бил само грчки крал. Наместо сојуз дошло до соперништво на двете царства. И едната и другата страна за себеси барале исклучиво право на царската круна и на римското наследство. Наместо да соработуваат против Норманите, и Фридрих и Мануил се обидувале во прв ред обострано да се претекнат во Италија.[13]

Мануел успеал да ја зацврсти својата позиција на Балканот. На унгарска граница привремено завладеал мир. Киевскиот престол го зазел византискиот сојузник Јуриј Долгоракиот. Во 1154 г. умрел и стариот непријател на Византијците Рожер II. Тоа биле поволни предуслови за поголема акција на Запад и Мануил решил да преземе офанзива во Италија, со германскиот цар или без него, ако трева и против него. Во 1155 г. тој испратил флота во Анкона и оттука започнала големата византиска офанзива. Со мала војска, со помошта на норманските вазали, кои царот успеал да ги придобие за себе, во најкусо време биле запоседнати најзначајните градови на Апулија: целата област од Анкона до Тарент ја признавале власта на византискиот цар.[14]

Краткото владеење во Италија[уреди | уреди извор]

Успехот ги надминувал и најсмелите очекувања и надежи. Воспоставувањето на Римското Царство, највозвишената цел на византиската политика, не изгледало веќе невозможно. Постојат два меча, така Јован II му пишувал на папата Инокентиј II, световен и духовен. Тој, царот, ќе го преземе световниот, а на папата ќе му го остави духовниот меч, за да се воспостави единство на христијанската црква и светска власт на единственото Римско Царство. Се чинело дека дошол мигот оваа програма да се оствари. Мануил решил да го оствари стариот византиски сон и со помош на папата, по цена на унија, да ја обнови Јустинијановата и Константиновата светска империја.[15]

Меѓутоа, ако Јустинијановата реставрација на Римското Царство не била со долг век, обидот за обнова на Мануил пропаднал одвај што бил направен првиот чекор во тој правец. Уште поголем отколку во времето на Јустинијан бил сегашниот несклад меѓу високите цели на царот и средствата кои му стоеле на располагање. Многу посилен бил и отпорот однадвор. Сложениот систем на европските ја исклучувале можноста од создавање светска империја. Сите сили што биле заинтересирани за Италија се обединиле против Мануил. Спрема византискиот цар непријателски став не зазел само Фридрих Барбароса. И Венецијанската Република која дотогаш соработувала со Византија против Германците и Угрите, се почувствувала загрозена од нејзиното утврдување во Италија и и свртела грб. Норманскиот крал Вилхелм I преминал во противнапад и во 1156 г. кај Бриндизи на Византијците им нанел пораз кој го забрзал крајот на византиското владеење во Италија. Премногу јасно се покажала слабоста на нејзината власт, создадена повеќе со помош на парите и дипломатијата отколку со воената моќ. Византијците морале да ја напуштат Италија, и во 1158 г. царот Мануил, кој за свој главен непријател веќе не го сметал норманскиот крал туку германскиот цар, со посредување на папата склучил мирот со Норманите и заминувањето на византиските трупи од Италија значеле, всушност, крај на византискиот сон за светска империја.[16]

Крстоносните држави на Исток[уреди | уреди извор]

Спрема латинските држави на исток, напротив, Мануил, продолжувајќи ја политиката на својот татко, постигнал навистина извонредни успеси. Ерменскиот кнез Тор, кој се утврдил во Киликија, бил принуден во 1158 г. да се покори и царот го „запишал меѓу робовите на Ромејците“. Уште поголемо значење имало потчинувањето на Антиохиското кнежевство. Антиохискиот кнез Рајнолд го признал суверенитетот на византискиот цар и се обврзал дека ќе му испраќа помошни трупи. Освен тоа византискиот цар го задржал правото на поставување антиохиски патријарх. Во знак на потчинетоста Рајналд дошол во логорот на царот гологлав, бос со јаже околу вратот, носејќи меч во левата рака. Дури и ерусалимскиот крал Балдуин III му напрабил посета на Мануил и се ставил под негова заштита. Како што вели Евстасиј Солунски, „тој поита кај нас од Ерусалим привлечен од славата и големите подвизи на царот и ги призна неговите врховни права“. Возвишениот став што го зазел византискиот цар спрема латинските држави на Исток се манифестирал на интересен начин за време на свеченото влегување на Мануил во Антиохија во 1159 г. Со сите царски инсигнии царот јавал на коњ. Ерусалимскиот крал го следел јавајќи далеку зад него и не носејќи никакви инсигнии, додека антиохискиот кнез одел пеш покрај коњот на царот и го држел сременот на царот. Тоа била впечатлива глетка во којашто јасно се одразувала хиерархијата на христијанските владетели. Тешките проблеми пред кои создавањето на крстоносните држави на Исток ја ставиле Византија и со кои таа со децении се борела, сега биле решени и била воспоставена византиска хегемонија. Византискиот цар извојувал позиција на поглавар на целиот христијански Исток, па и самите латински држави, загрозени од Турците, во него гледале свој бранител.[17]

Унгарија[уреди | уреди извор]

И спрема Унгарија, Мануил ја продолжил политиката на својот татко, но и овде неговата активност била многу поголема, а неговата крајна цел многу поамбициозна. Тој се стремел кон потчинување на Унгарија и нејзино присоединување кон Византиското царство. Смртта на кралот Геза II (1161 г.) дала повод за ново мешање во унгарските прилики. Против Стефан III, синот на Геза, Мануил со оружје и пари ги поддржувал браќата на Гејза - Стефан IV и Владислав. Поради тоа избила војна полна со тешки и променливи променливи борби. Најпосле, во 1164 г. бил склучен договор врз основа на кој братот на Стефан III - Бела бил испратен во Цариград, откако бил признат за унгарски престолонаследник и откако му се доделени во апанажа Хрватска и Далмација. Меѓутоа, Мануил морал да води нови борби за да ги реализира големите предности кои му ги овозможил овој договор. Опсежни воени и дипломатски подготовки му претходеле на избивањето нови непријателства. Специјален пратеник на царот упатен бил дури во Русија да и осигура на Византија поддршка на киевскиот и галицискиот кнез. Резултатот одговарал на потрошените средства и напори: Хрватска, Далмација, Босна и Срем биле присоединети кон Византиското царство (1167 г.).[18]

Колкаво значење Мануил му припишал на унгарското прашање се гледа од тоа што тој решил принцот Бела, наследникот на унгарската круна да го прогласи за свој престолонаследник, за да подготви спојување на Унгарија со Византија. Како престолонаследник, Бела, којшто во Цариград бил наречен Алексиј, бил оженет со ќерката на царот и ја добил титулата деспот. Оваа титула дотогаш му припаѓала само на царот, а сега добила карактер на посебна титула која доаѓала непосредно зад василевсот, а пред севастократорот и цезарот. Кога му се родил синот, царот се откажал од својот план што во Византија предизвикало големо незадоволство. Меѓутоа, тој успеал по смртта на Стефан III на унгарскиот престол да го доведе својот штитеник Бела-Алексиј и со тоа Унгарија да ја стави под влијание на Византија.[19]

Рашка[уреди | уреди извор]

Паралено со војните во Унгарија, се воделе борби со Србите, коишто во борбата за ослободување од византиската власт се потпирале на соседна Унгарија. Востанијата на Србите зачестиле, за Византија - Рашка станала легло на постојани немири. Навистина, Мануил секојпат успевал да ги задуши тие востанија, но тој не можел да ги прекине без оглед на тоа што често ги менувал неверните жупани на Рашка. Во 1166 г. за голем жупан бил поставен Стефан Немања, но и тој наскоро се одметнал од византискиот цар. Меѓутоа, големите успеси на Мануил спрема Унгарија ја измениле ситуацијата, и резултирале со одземање на унгарската поддршка на Србите. Сојузот со Венецијанците се покажал недоволно ефикасен и кога царот во 1172 г. влегол во Рашка со силна војска, Немања се откажал од отпорот кој станал безнадежен. Морал да ја потврди својата покорност според ритуалот којшто бил применет уште при потчинувањето на Рајнолд Антиохиски и при свеченото враќање на царот во Цариград да чекори во неговата триумфална поворка. Победата над непокорната словенска земја и над нејзиниот голем жупан била славена во патетичните говори на дворските ретори и прикажувана на фрески во царскиот двор.[20]

Односот со италијанските градови-држави[уреди | уреди извор]

Како што византискиот напад на Анкона ја довел во прашање соработката на Византија и Венецијанците против Норманите, така и анексијата на Далмација довела до прекин на византиско-венецијанската соработка против Унгарија. Од друга страна, привилегираната положба на венецијанските трговци во Византиското царство тешко го погодувала византиското население. Мануил ја засилил врската со другите италијански приморски градови и склучил договор со Џенова (1169 г.) и со Пиза (1170 г.). Односите со Венецијанците се влошувале сè повеќе и во 1171 г. избил остар судир. Сите Венецијанци во Византиското царство биле уапсени а нивните бродови запленети. Венецијанската против-акција не изостанала. Силна венецијанска флота впловила во византиските води и ги окупирала Хиос и Лезбос. Потоа долго се преговарало без конкретни резултати. Односите меѓу Византија и Венецијанците останале прекинате во наредните десетина години.[21]

Последните години од владеењето[уреди | уреди извор]

Карта на Империјата во текот на владеењето на Мануил I (о. 1180 г.)

И покрај сите успеси спрема латинските држави на Исток и спрема Унгарија осаменоста на Византија сè повеќе се манифестирала и кон крајот на седумдесеттите години позициите на Мануил биле разнишани на сите страни. Надежите за соработка со Рим се изјаловиле. Дури куријалната странка секаде - во Венеција, Унгарија, Хрватска и Далмација - работела против византискиот цар, а сите преговори за црковна унија пропаѓале заради неискоренливата омраза меѓу Грците и Латините. Никита Хонијат го изразувал општото чувство на Византијците кога вели: „Проклетите Латини се желни за нашето богатство и сакаат да го уништат нашиот род... Меѓу нас и нив постои длабока омраза, ние не можеме со нив да се зближиме и во сè се разликуваме“. Неуморен во изнаоѓањето нови патишта и начини, Мануил против Фридрих Барбароса, својот главен противник, го поддржувал Сојузот на ломбардските градови, но ова оружје му било одземено со договорот во Венеција (1177 г.) кој ја окончал војната на Фридрих со Ломбардскиот сојуз и овозможил негово помирување со папата. Потоа исчезнала и последната надеж на Мануил во поддршката на Рим против германскиот цар.[22]

Како што Мануил се обидувал да ја исползува секоја сила со која Фридрих Барбароса доаѓал во судир, така и Барбароса одржувал врски со сите непријатели на византискиот цар. Уште во 1173 г. тој стапил во врска со иконискиот султан Килиџ Арслан. Доминантната положба којашто ја стекнал Мануил спрема латинските држави во предна Азија ги засилила и неговите позиции спрема Иконискиот Султанат. Вештото ползување на антагонизмот меѓу селџучките поглавари и извесните воени успеси во Мала Азија уште повеќе ја зголемиле неговата надмоќ. Во 1162 г. Килиџ Арслан поминал три месеци во Цариград и се обврзал со договор дека на византискиот цар ќе му испрати помошни трупи и дека ќе му врати повеќе малоазиски градови. Меѓутоа, овие ветувања останале неисполнети, и додека Мануил бил зафатен на Запад и во Унгарија, Килиџ Арслан успеал да ги консолидира своите сили. Охрабрен од поддршката на германскиот цар тој заземал се поагресивен став спрема Византија, и во 1175 г. дошло до раскин. Следната година Мануил со голема војска тргнал против Иконискиот Султанат. Меѓутоа, во фригиските клисури кај Мариокефалон на 17 септември 1176 г. му се случила страотна катастрофа. Турците ја опколиле и ја уништиле неговата војска. Самиот Мануил овој пораз го споредил со катастрофата којашто Византија ја доживеала пред 105 годин кај Манцикерт.[23]

Овој удар бил дотолку потежок што дошол во времето кога и на Запад византиската политика била во ќорсокак. Колку длабоко бил разнишан угледот на византискиот цар покажува и писмото коешто Фридрих Барбароса му го упатил на Мануил по мариокефалонската битка. Во него Фридрих, како "римски цар", го повикувал „грчкиот крал Мануил“ да му ја укаже должната послушност.[24]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. J. Norwich, Byzantium: The Decline and Fall, 112-113
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 457.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 457-458.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 470-471.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 471-472.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 472.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 472-473.
  8. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 473.
  9. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 458.
  10. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 459-460.
  11. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 460.
  12. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 460-461.
  13. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 461-462.
  14. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 462.
  15. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 462-463.
  16. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 463-464.
  17. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 464-465.
  18. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 465.
  19. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 466.
  20. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 466-467.
  21. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 467.
  22. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 468.
  23. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 468-469.
  24. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 469-470.

Дополнителна литература[уреди | уреди извор]

  • Haldon, John (2002). Byzantium - A History. Tempus. ISBN 0-7524-2343-6.
  • Lilie, Ralph-Johannes (1988). Byzantium and the Crusader States, 1096–1204. Oxford University Press. ISBN 0-198-20407-8.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • Manuel coinage: [1]