Јован I Цимискиј

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Јован I Цимискиј
Ιωάννης Α΄ Τζιμισκής
Император на Источното римско царство
Histamenon nomisma-John I-sb1776.jpg
Златен хистаменон од Јован Цимискиј, покажувајќи како тој е крунисан во Дева Марија.
Византиски император
На престол 11 декември 969 – 10 јануари 976
Претходник Никифор II Фока
Наследник Василиј II
Сопружник Марија Склир
Теодора
Династија Македонска династија (преку узурпација)
Роден(а) околу 925
Починал(а) 10 јануари 976
Константинопол

Јован I Цимискиј (грчки: Ιωάννης Α΄ Τζιμισκής, о. 925г. - 10 јануари 976г.), бил византиски император од 11 декември 969г. до 10 јануари 976г. Интуитивен и успешен генерал, тој го засилил Царството и ги проширил неговите граница за време на неговото кратко владеење.[1]

Позадина[уреди | уреди извор]

Потекло[уреди | уреди извор]

Како и Никифор Фока, и Јован Цимискиј и припаѓал на највисокота аристократија. По лозата на татко си му бил роднина на Куркуас, а по мајкина страна бил роднина на самото семејство Фока. Неговата прва жена била од семејството на Склир.[2]

Државна функција[уреди | уреди извор]

За време на владеењето на Никифор II Фока, Јован Цимискиј, претставник на едно благородничко семејство, бил поставен за врховен заповедник на војската на Исток како доместик на Истокот.[3]

Заземање на царскиот престол[уреди | уреди извор]

Паѓањето на Никифор Фока било предизвикано од раскинувањето со Јован Цимискиј и од неверството на царицата Теофано. Теофано му станала љубовница на младиот и блескав војсководец Цимискиј, кој иако мал по раст, за разлика од Никифор Фока бил многу убав и привлечен. Таа го подготвила атентатот, а Цимискиј и неговите другари го извршиле: ноќта меѓу 10 и 11 декември 969г. Никифор Фока подло бил убиен во својата постела.[4]

Царскиот престол го зазел Јован I Цимискиј. Теофано горко се излажала со својата надеж дека ќе стане сопруга на новиот цар. Убиениот Никифор, одмаздник нашол во личноста на патријархот Полиевкт, кој цврсто бил решен овој злочин да не се остави неказнет. Тој побарал од Цимискиј да се покае, да ги казни убијците на Никифор, односно своите помагачи, и да ја протера од дворот царицата Теофано. Царот морал тогаш да им се потчини на барањата на патријархот. Дури тогаш патријархот му допуштил влегување во црква и го извршил неговото крунисување.[5]

Внатрешна политика[уреди | уреди извор]

Уредување на царскиот двор[уреди | уреди извор]

Теофано била испратена во изгнанство, од каде што се вратила дури откако нејзините синови стапиле на престолот. Јован Цимискиј стапил во брак со кој во најголема мерка ги задоволил принципите на династичката легитимност: се оженил со Теодора, ќерката на Константин VII, тетка на легитимните цареви Василиј и Константин, која во тоа време веќе не била млада. Како своевремено Никифор Фока, и Јован Цимискиј ја презел улогата на заштитник на младите легитимни цареви. Водењето на цивилната управа го задржал паракимоменот Василиј, кој навреме му пришол на Цимискиј и сега имал уште поголемо влијание отколку во времето на Никифор Фока. Роднините на убиениот цар залудно се обидувале да му ја преземат царската круна на Цимискиј. Варда Фока, син на куропалатот Лав и внук на царот Никифор Фока, се прогласил за цар во Цезареја. Но Варда Склир, шурата Цимискиев, го совладал, па тој бил затворен, заедно со семејството, во манастирот на Хиос. И самиот куропалат Лав се обидел на узурпација, но и тој бил совладан и ослепен.[6]

Селански и војнички прашања[уреди | уреди извор]

Во аграрната политика тој не им повладувал на благородниците како неговиот претходник. Зачувани се чиновниците по темите да ги пребараат манастирските и благородничките поседи и доколку на нив најдат бивши стратиоти или државни селани - веднаш да и ги вратат на државата. Врз овој пример особено јасно се гледа дека византискта централна власт, спротиставувајќи и се на експанзијата на велепоседништвото, не ги бранела интересите и правата на ситните земјосопственици, туку своите права и своите интереси. Грабајќи се со моќната световна и духовна аристократија околу војниците и селаните, царската влада, дури и владата на Цимискиј, прибегнала кон остри административни мерки, вршела по поседите еден вид рации и принудно ги враќала војниците и државните селани кои се населиле на нив. Со тоа, таа некогашните независни селани ги претворала во државни парици, одземајќи им го не само правото на слободно располагање на имотот, туку и правото на слободно движење.[7]

Надворешна политика[уреди | уреди извор]

Свјатослав и припојување на Бугарија[уреди | уреди извор]

Заплетканата ситуација на Балканот, создадена со доаѓањето на Свјатослав, барала брзо решение, зашто ставот на моќниот руски кнез станувал се поагресивен. Се чинело дека и Бугарите биле подготвени да му се придружат во заедничката борба против Византија. Цимискиевите обиди со него да се спогоди останале безуспешни. Новиот господар на Бугарија не барал ни помалку ни повеќе туку Византијците да се повлечат во Азија, европскиот дел на својата држава со Цариград да му го отстапат нему. Одлуката морало да се препушти на оружјето. Цимискиевиот поход против Свјатослав спаѓа во најблескавите подвизи на византиската воена историја. Во април 971г. тој тргнал на Голем Преслав и ја зазел бугарската престолнина на јуриш. Царот Борис, кого Свјатослав го симнал од престолот, тој го поздравил како бугарски владетел. Оваа добро смислена тактка, како и победоносното продирање на византиската војска, врз Бугарите го направиле очекуваниот впечаток. Тие почнале да го напуштаат Свјатослав и да му приоѓаат на византискиот цар. Од Преслав, Цимискиј поитај кон Силистрија на Дунав, каде што Свјатослав бил повлечен со своите војници. Градот бил опколен, а истовремено на Дунав се појавила византискта флота со „течен оган“. Русите пружиле јуначки отпор, но византиската војска ги одбивала сите нивни напади, додека во опколениот град гладот станувал се понеподнослив. Кон крајот на јули 971г., откако пропаднал и последниот обид за пробив на опсадата и откако Русите по извонредно тешка битка уште еднаш биле одбиени, Свјатослав му се предал на победникот. Се обврзал дека веднаш ќе ја напушти Бугарија и дека нема да дојде на Балканот, дека нема да ги напаѓа ни византиските области на Крим, и дека, напротив ќе ги помага Византијците против нивните непријатели. За сметка на тоа царот им дал на неговите изгладнети војници животни намирницци и ги обновил трговските привилегии на Русите. По личниот состанок со царот Цимискиј, тргнал кон својата земја, но на патот загинал во борба со Печенезите.[8]

Победата над Свјатослав значела двојна добивка: Византија се ослободила од силниот противник и, покрај тоа, ја добила Бугарија. Иако Цимискиј во борбата против Свјатослав се однесувал како ослободител на Бугарија, тој воопшто не помислувал да ја воспостави старата состојба, туку ја анектирал земјата што ја покорил, а царот Борис го довел во Цариград како заточеник.[9]

Решавање на спорот со Светото римско царство[уреди | уреди извор]

Второто нерешено прашање кое му го оставил неговиот претходник Никифор II Фока, Јован Цимискиј успеал да го среди по дипломатски пат. Не му ја испратил на синот на Отон I бараната легитимна принцеза, туку својата роднина Теофана со која Отон III се оженил на 14 април 972г. во Рим. Судирот со Западното царство, кој поради непоспустливоста на Никифор Фока прекумерно бил заострен, со тоа барем барем привремено бил остранет, при што, се чини, бил воспоставен територијален статус кво.[10]

Источната кампања[уреди | уреди извор]

Веќе во 972г. одново отпочнала војна на Исток со силна офанзива на византиската војска во областа Низиб и Мајафаркин во Месопотамија. Главната борба, меѓутоа, била водена во Сирија, каде што биле продолжени освојувањата на Никифор Фока. Фатимидите, кои во средината на векот засновале свое владетелство во Египет, почнале да ја шират својата власт спрема предна Азија и во 971г. ја нападнале Антиохија. Како противудар дошле големите походи на Јован Цимискиј во 974г. и особено во 975г. Тој во почетокот на април 975г. тргнал од Антиохија против Емеса и од таму на Балбек, кој паднал по краток отпор. Се предал и Дамаск, признавајќи го византискиот суверенитет со обврска за плаќање данок. Потоа Цимискиј упаднал во Палестина, ја зазел Тиберија, Назарет, приморскиот град Акон и најпосле Цезареја, главното упориште на африканските Арабјани во предна Азија. Не бил веќе далеку ни светиот град Ерусалим, но внимателниот цар се откажал од натамошно напредување. Тргнал за назад и патем зазел повеќе приморски градови, меѓу другите Бејрут и Сидон. Во сите освоени биле поставени царски команданти.

На својот сојузник, ерменскиот крал Ашота III, Цимискиј му испратил извештај за своите големи победи во писмото кое почнувало со зборовите: „Слушни и дознај за ова чудо“, ако завршувало со изјавата: „Цела Феникија, Палестина и Сирија се ослободени од сараценскиот јарем“ и ја признаваат власта на Римјаните“. Овие зборови, без сомневање биле претерувачки. Тие попрво ја покажуваат крајната цел на походите на царот отколку тоа што навистина било постигнато. Меѓутоа, и тоа што Јован Цимискиј навистина го постигнал во своите победоносни војни било извонредно: освојувањата на Никифор Фока не само што биле осигурани, туку и значително проширени, а со тоа превласта на Византија во предна Азија била конечно утврдена.[11]

Смрт[уреди | уреди извор]

Од својот поход Јован Цимискиј се вратил во Цариград смртно разболен. Се чини дека оболел од тифус. Умрел на 10 јануари 976г. Така неочекувао завршило неговото блескаво владеење кое траело само шест години.[12]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Treadgold, Warren (1997). A History of the Byzantine State and Society. Stanford: Stanford University Press. стр. 512. ISBN 0-8047-2630-2. 
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 352.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 343.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 350-351.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 351.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 352.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 352-353.
  8. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 353-354.
  9. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 355.
  10. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 355.
  11. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 355-356.
  12. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 356.