Теофано

Од Википедија — слободната енциклопедија
Теофано
Византиска царица
На престол956–963
963–969
СопружникРоман II
Никифор II Фока
ДецаВасилиј II
Константин VIII
Ана Порфирогенита
династијаМакедонска династија

Теофано (грчки: Θεοφανώ) била византиска царица, сопруга на царевите Роман II и Никифор II Фока, како и љубовница на царот Јован I Цимискиј.

Сопруга на Роман II[уреди | уреди извор]

Теофано била позната како убава, но аморална жена која играла важна улога во историјата на Византија во 10 век. Таа била ќерка на гостилничар и е родена со името Анастасија со грчко потекло[1]. Околу 956 година идниот цар, Роман II се вљубил во Анастасија и се оженил за неа. Потоа таа го прифатила името Теофано.

Теофано била ставена под сомнение дека заедно со нејзиниот сопруг Роман го отрула својот свекор, царот Константин Порфирогенит. Константин VII починал во 959 година по долготрајна треска и немало директни докази за труење. По стапувањето на престолот на Роман II, тој бил под големо влијание на неговата сопруга, кое и овозможило да доминира во политичкиот живот на империјата. Така на нејзино инсистирање, Роман II ги испратил сите пет сестри на заточение во манастир[2].

Сопругас на Никифор II Фока[уреди | уреди извор]

На 15 март 963 цар Роман II починал ненадејно на само 25 години. Според некои извори, Теофано го отровила својот сопруг, иако таа немала што да добие од неговото убиство, туку би загубила од тоа. Двајцата синови на Роман II и Теофано, Василиј II и Константин VIII станале наследници на престолот, а нивната мајка била назначена за регент. Сепак Теофано разбрала дека за да си ја зацврсти својата власт, таа треба да се сојузи со највлијателниот византиски генерал во тоа време - Никифор II Фока. Откако бил прогласен од армијата за цар, на 15 август Никифор II Фока влегол во Цариград и на 16 август бил крунисан за цар во Света Софија. Откако ја добил царската круна Никифор Фока се оженил за вдовицата Теофано, за да ја легитимира власта како легитимен претставник на Македонската династија[3].

Бракот на Никифор и Теофано излегол како незаконски, бидејќи тој бил кум на барем едно од нејзините деца, поради што според Православната Црква Теофано и Никифор биле духовни роднини. Патријархот Полиевкт Цариградски одбил да се доближи царот до светите тајни пред тој јавно да ја промени својата одлука. Во одговор на ова Вардех Фока, брат на царот, дал заклетва пред патријархот дека Никифор не е кум на ниту едно од децата на Теофано. Патријархот поверувал на Вардех и дозволил на Никифор повторно да влезе во црквата, како и да ја задржи Теофано како своја сопруга.

Љубовница на Јован I Цимискиј[уреди | уреди извор]

Набргу потоа Теофано станала љубовница на младиот и амбициозен генерал Јован Цимискиј со кого започнал заговор против Никифор Фока. Царицата го подготвила убиството на својот сопруг, a Јован Цимискиј и неговите луѓе го извршиле во текот на ноќта на 10 наспроти 11 декември 969 година по кое Јован Цимискиј бил прогласен за цар[4].

Плановите на Теофано да се омажи за новиот цар овојпат пропадне. Причината за тоа била цврстата решеност на патријархот да се казнат криминалците. Тој инсистирал Јован да се покае, да се казнат убијците на Никифор и да протера Теофано од дворот. Само тогаш патријархот би се согласил да дозволи Јован да влезе во црква и да биде крунисан за цар. Строгоста на патријархот го принудила Јован I Цимискиј да ги прифати неговите услови[5].

Првично Теофано била заточена на Принцовските острови во Мраморно Море. Сосема ненадејно поранешната царицата се појавила во Цариград, барајќи азил во црквата Света Софија. Но таа била исфрлена од црквата и однесена во заточение во Ерменија. Таа пред да замине имала средба со Јован I, каде таа физички го нападнала со неколку шлаканици. Таму, Теофано отворено признала дека нејзиниот син Василиј II бил вонбрачно дете.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. McCabe, Joseph (1913). The empresses of Constantinople. R.G. Badger. стр. 140. OCLC 188408. (Theophano) came from Laconia, and we may regard her as a common type of Greek.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 341-342.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 342-343.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 350-351.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 351.

Литература[уреди | уреди извор]

Претходник
Елена Лакапина
Византиска царица
956–963
963–969
со Елена Лакапина (956–959)
Наследник
Теодора Порфирогенита