Алексиј V Дука

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Алексиј V Дука
Ἀλέξιος Εʹ Δούκας
Император на Источното римско царство
Alexius V.JPG
Царот Алексиј V, од осветен ракопис
Византиски император
На престол 1204
Претходник Исак II Ангел
Алексиј IV Ангел
Наследник Константин XI Ласкарис (Никејско царство)
Михаил I Комнин Дука (Епирско деспотство)
Алексиј I Трапезунтски (Трапезунтско царство)
Балдвин I (Латинско царство)
Династија Ангели (преку брак)
Роден(а) 1140
Починал(а) декември 1205

Алексиј V Дука (грчки: Ἀλέξιος Εʹ Δούκας, 1140 - декември 1205) бил византиски император од династијата Ангели кој владеел од 5 февруари до 12 април 1204 година. За време на неговото владеење се случила втората и последна опсада на Цариград од страна на учесниците од Четвртата крстоносна војна. Тој бил член на династијата Дука, кој го имал прекарот Мурзуфл (Μούρτζουφλος), или мислејќи на неговите бушави веѓи или поради неговиот намуртен и мрачен лик.

Доаѓање на престолот[уреди | уреди извор]

По освојувањето на Цариград од првата опсада од страна на крстоносците и претендентот за византискиот престол - Алексиј IV, византиската влада во Цариград се уште постоела, но таа целосно била зависна од милоста на Венецијанците и крстоносците, кои залогориле пред градските ѕидини. Оваа милост не траела долго, зошто набрзо се покажало дека Алексиј IV не бил во состојба да ги исполни ветувањата дадени во Задар и на Крф. Сега тој се нашол меѓу два огна. Крстоносците и Венецијанците ги барале ветените пари одбивајќи ги сите молби за одлагање, а византиското население се бунтувало против царот којшто во земјата ги донел крстоносците и им се потчинил себеси и својот народ на Латините. Кон крајот на јануари 1204г. во Цариград избувнал бунт. Алексиј IV не само својата скапо платена крна туку и главата, а неговиот татко Исак II Ангел бил ставен ставен во затвор каде што наскоро и умрел. На царскиот престол бил доведен Алексиј V Дука Мурзуфл, зетот на претходно симнатиот цар Алексиј III, мажот на бившата жена на Стефан Првовенчаниот, Евдокија.[1]

Владеење и падот на Царството[уреди | уреди извор]

Уште еднаш победил антилатинскиот правец во Византија, но неговиот триумф само го забрзал последниот чин на византиската трагедија. Крстоносците се подготвувале со намера уште еднаш да го освојат Цариград, но овојпат не за да доведат нова византиска влада, туку на урнатините на Византија да создадат свое царство. Во март крстоносците и Венецијанците под ѕидините на Цариград потпишале детален договор за делба на Византиското царство и за создавање на Латинско царство во Цариград. Потоа почнал јуриш и се случило тоа што морало да се случи на 13 април 1204г. византиската престолнина попуштила пред надмоќните сили на напаѓачите.[2]

На тој начин Цариград, којшто со векови бил непобеден, пркосејќи им на нападите на Персијанците и Арабјаните, Аварите и Словените, Бугарите, Русите и Печенезите, паднал во рацете на крстоносците и Венецијанците. Три дена и три ноќи освојувачите го ограбувале градот и чинеле свирепи насилства. Скапоцените богатства на најголемиот културен центар на тогашниот свет, растргнати биле на сите страни, а дел од нив и дивјачки уништени. „Откако постои светот, во ни еден град не е добиен толкав плен“, вели историчарот на крстоносците Вилардуен. „Дури и Сарацените се помилосрдни и поблаги во споредба со овие луѓе кои на рамената го носат Христовиот крст“, забележува византискиот очевидец Никита Хонијат. По поделбата на воениот плен дошла делбата на Византиското царство, којашто го запечатила неговиот слом и за подолго време ги потиснала силите на Византијците на периферијата.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 500-501.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 501.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 501-502.