Георги Синкел

Од Википедија — слободната енциклопедија

Георги Синкел (грчки: Γεώργιος Σύγκελλος; † по 810) — византиски летописец и свештено лице на преодот меѓу XVIII и IX век. Долги години живеел во Палестина (веројатно Старата лавра „Св. Харитон“ или „Сука“, кај Текоа) како монах, пред да дојде во Цариград, каде бил назначел за сингел на цариградскиот паријарх Тарасиј. Подоцна се повлекол во манасир за да го напише неговата светска историја наречена „Летопис“ или „Извадоци од хронографијата“ (Ἐκλογὴ Χρονογραφίας). Според Анастасиј Библиотекар, Георги „смело се борел против кривоверието [т.е. иконоборството] и многу пати бил казнуван од владетелите кои гневно ги напаѓале обредите на Црквата“, макар што веродостојноста на ова тврдење е под прашање.[1]

Живот[уреди | уреди извор]

Како сингел, Георги бил на возвишено место меѓу свештенството во Цариград. Оваа функција немала однапред утврдени должности, но начелно подразбирала улога на личен секретар на патријархот како и царски пазач на проблематични патријарси (како за време на царот Константин VI, кога неколку колеги на Георги биле ставени за стражари на патријархот Тарасиј). Веројатно е дека Георги ја добил оваа функција благодарение на царицата Ирина. Многу сингели подоцна станувале цариградски патријарси или владици на други митрополии (на пр. Јован, колега на Георги како сингел на патријархот Тарасиј, кој станал митрополит на Сард во 803 г.). Меѓутоа, Георги не отишол по тој пат, туку се повлекол за да работи на неговиот големи летопис. Во овој период Георги почнал да го презира царот Никифор I: во 808 г. Никифор открил заговор против себе и ги казнил осомничените заговорници, меѓу кои имало не само световни лица, „туку и свети архијереи, монаси и свештеници на Великата црква, вклучувајќи го сингелот...луѓе од голем углед и достојни за почит“; не е познато дали споменатиот сингел е Георгиј или негов колега/наследник, но нападот врз свештенството, меѓу кои и пријателите и колегите на Георги, довело до „патолошката омраза“ кон Никифор I во летописот на Теофан Исповедник[1] Не е познато кога умрел; но од летописот се гледа дека сè уште бил жив во 810 г. Според некои извори, починал во 811 г., но за ова нема докази, а текстот од „Летописот на Теофан“ укажува на тоа дека уште бил жив во 813 г.[1]

Дело[уреди | уреди извор]

Летопис од Георги Синкел, ракопис од IX век

Како што може да се види од насловот, неговиот летопис е повеќе хронолошка табела со белешки отколку историја. Следејќи го примерот на сириските летописи од неговата татковина кои во ова време се пишувале на ист начин под арапска власт, и угледувајќи се на александриските монаси Анијан и Панодор (почеток на V век), Георги се служел со хронолошките синхронични структури на Секст Јулиј Африкан и Евсевиј Кесариски, подредувајќи ги настаните строго по временски редослед и користејќи години како заглавија. Поради ова, раскажувањето има споредна улога во однос на потребата да се поврзат настаните еден со друг, па затоа текстот постојано е испрекинат со долги табели со години. Карл Крумбахер го опишал делото како „повеќе прилично голема историска табела [Geschichtstabelle] дополнета со објаснувања отколку сеопшта историја.“ Георги се претставува како непоколеблив бранител на православието и цитира грчки отци како Григориј Богослов и Јован Златоуст. Но и покрај верската пристрасност и сувопарноста на стилот, делото во себе има зачувано бесценети одломки од антички писатели и апокрифни книги. На пример, значителни делови од изворниот текст на „Летописот“ на Евсевиј се повратени со помош на делото на Георги. Најцеќе црпел од Анијан и Панодор, од кои Георги стекнал многу знаење за историогарфијата на Манетон; во голема мера се потпирал и на Евсевиј, Дексип и Секст Јулиј Африкан.[2]

По неговата смрт, работата на делото ја продолжил неговиот пријател Теофан Исповедник;[2] Продолжетокот покажува многу големо влијание на Георги, до тој степен што може да се рече дека тој има поголемо влијание врз Теофановиот летопис отколку самиот Теофон. Папскиот библиотекар Атанасиј ја напишал неговата „Триделна историја“ (Historia tripartita) на латински користејќи се со летописите на Георги Синкел, Теофан Исповедник и патријархот Никифор. Ова дело, создадено меѓу 873 и 875 г., ја проширило Георгиевата хронологија на Западот. Во исто време, Георги постепено бил засенет од Теофан.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Mango and Scott, The Chronicle of Theophanes Confessor
  2. 2,0 2,1 Chisholm 1911.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]