Георги Амартол

Од Википедија — слободната енциклопедија
Георгиј Амартол на минијатура. Тверски ракопис, XIV век

Георги Амартол (грчки: Γεώργιος Ἁμαρτωλός) — монах од Цариград за време на царот Михаил III (842–867) и автор на капитално летописно дело. Амартол не е име, туку епитет со кој авторот се претставува во неговото дело: „Зборен летопис од разни летописи и толкувачи, собрани и уредени од Георги, грешник (ὐπὸ Γεωργίου ἁμαρτωλοῦ)“. Ова било често самонарекување меѓу византиските монаси. Германскиот византолог Карл Крумбахер од XIX век (Byz. Litt., 358) бил против употребата на овој епитет во неговото име, залагајќи се за името Георги Монах (Γεώργιος Μοναχός).

За него ништо не се знае освен она што е кажано во делото — дека живее за време на царот Михаил III и дека е монах.

Летопис[уреди | уреди извор]

Летописот се состои од четири книги. Првата се занимава со световна историја од Адам до Александар Македонски. Втората ја обработува историјата од Стариот завет, а третата ја опфаќа римската историја од Јулиј Цезар до Константин Велики. Четвртата книга го опфаќа периодот од Константин до совремието на авторот, смртта на царот Теофил (842), чија вдовица Теодора II го обновила почитувањето на икони истата година. Летописот веројатно е единствениот меродавен извор за периодот од 813 до 842 г., при што другиот му припаѓа на Неизвесниот автор (Scriptor Incertus). Поради ова, делото е незаменливо. Како што е случај со ваквите средновековни летописи, озбилно треба да се сфатат само описите на настаните околу времето на пишување. Остатокот е интересен како пример за византиските идеи на разни тематики и прашањата што највеќе ги интересирале византиските монаси.

Во предговорот Георги го опишува неговиот идеал и начела. Вели дека користел старогрчки и современи извори, консултирал поучни дела со намера да пренесе корисни и неопходни нешта држејќи се строго до вистината, без намера да тежнее кон висок стил за да го задоволи читателот. Во делото се зборува за нештата најполезни за свештените лица во Цариград во тоа време. Тоа изобилува со богоугодни созерцанија и теолошки скршнувања. Пишува за тоа како се измислени идолите, за потеклото на монаштвото, религијата на Сарацените, и особено за неодамна свршениот спор со иконоборството. Како и сите монаси, Георги ги мразел иконоборците. Наведува долги извадоци од грчките отци.

Првата книга обратобува неверојатно разновидни личности — Адам, Нимрод, Персијците, Халдејците, Браманите, Амазонките итн. Иако втората книга тврди дека се занимава само со библиска историја, во неа на широко се обработува Платон и филозофите воопшто. Амартол го завршува летописот со годината 842, како што сведочи колофонот во највеќето ракописи.

Продолжетоци[уреди | уреди извор]

Делото го продолжиле разни дејци. Меѓу нив е истакнатиот историчар од X век Симеон Логотет (кој веројатно е Симеон Метафраст), кој дошол до 948 г. Во овие додатоци верските прашања се ставени на заден план, посветувајќи повеќе внимание на политички прашања со понароден јазик. Понатамошните продолжетоци доаѓаат до 1143 г. но немаат особена вредност.

И покрај неговите груби идеи и жестоката омраза кон иконоборците до степен на неправичност, неговото дело има значајна важност во историјата на последните години пред расколот на Фотиј. Набргу Летописот бил преведен црковнословенски, а грузискиот превод го направил Арсен Икалтски. Со ова дело Амартол Станал образец за сите рани словенски историчари, меѓу кои значаен за источнословенската традиција е Нестор Летописец. Како многу популарна и користена книга со голем тираж, делото трпело постојани преуредувања и исправки од непознати писари, поради што реконструкцијата на изворното дело е едно од најтешките проблеми во византиската филологија.[1].

Наводи[уреди | уреди извор]

  •  Оваа статија содржи текст од дело сега во јавна сопственостHerbermann, Charles, уред. (1909). „George Hamartolus“ . Catholic Encyclopedia. 6. Robert Appleton Company.CS1-одржување: ref=harv (link)
  •  Оваа статија вклучуват текст од дело кое сега е во јавна сопственостChisholm, Hugh, уред. (1911). „George the Monk“ . Encyclopædia Britannica. 12 (11. изд.). Cambridge University Press.CS1-одржување: ref=harv (link)
  1. Krumbacher, 355

Надворешни врски[уреди | уреди извор]