Георги Акрополит

Од Википедија — слободната енциклопедија

Георги (Ѓорѓи) Акрополит (грчки: Γεώργιος Ἀκροπολίτης; 12171282) — византиски историчар и државник од Цариград. Најважен извор за историјата на македонскиот народ во првата половина на 13 век. [1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Уште како млад се преселил во Никеја, каде што во служба на Никејското Царство направил добра кариера. Како логотет (секретар), на царот Јован III Дука Ватац, тој го придружувал во неговите походи против Бугарија, Солунското Царство и епирската држава. Кон крајот на 1256 година, од императорот Теодор II Ласкарис (12541258), бил поставен со титула претор, за главен цивилен и воен управник на сите западни никејски покраини, со седиште во Солун. Од декември 1256 до февруари 1257, обиколил во инспекција голем дел од териториите и градовите во Западна и Јужна Македонија, како и Албанија, кои впрочем биле под негово управување. Во борбите против епирскиот владетел Михаил II Ангел (1257), раководел со одбраната на Прилеп.[2] Принуден бил да се предаде, по што станал епирски заробеник во Арта. По само две години поминати во затвор, тој бил ослободен во 1259 година.[1]

По возобнувавњето на Византиското Царство, царот Михаил VIII Палеолог, го поставил за ректор на реорганизираниот универзитет во Цариград, а во 1274 година ја предводел византиската делегација на црковниот концил за унија меѓу разделените христијански цркви, којшто се одржувал во Лион. Напишал историски труд во којшто ги раскажува настаните од 1203 до 1261 година, односно од паѓањето на Цариград под латинска власт до обновувањето на Византиското Царство. Пишувал врз основа на лични сознанија и искуства, а му биле достапни и официјалните државни документи, па затоа неговиот труд претставува мошне сигурен извор за настаните што ги опишува.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 18. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. Имотите на Манастирот Св. Георги Горгос Скопски во Велбужд и околината (PDF). Скопје: УКИМ. 2004. стр. 5. На |first= му недостасува |last= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]