Бозел

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Бозел или Црн Боз (латински: Sambucus nigra L.) е растение од фамилијата Бозели (Sambucaceae). Бозелот е евроазиска билка, распространета на светли и топли места.

Карактеристики[уреди | уреди извор]

Бозелот расте како грмушка или како ниско дрво. Кората на стеблото е сивокафена и распукана. Младите гранки се зелени, со забележителни лентицели, а кога ќе се скршат се гледа бела, мека срцевина. Листовите се поставени еден наспроти друг, непарно сложени во вид на перја, со долги зашилени и назабени ливчиња. Цутовите се крупни, во облик на штит, широки до 20 сантиметри. Цветотовите се со јак мирис, ситни, бели или бледожолти, со јасно видливи жолти антери. Плодовите се сјајни и тркалезни, со црновиолетова боја и со црвен сок. Бозелот цути во јуни.[1]

Лековити својства[уреди | уреди извор]

Бозелот е лековита билка, а од него се користат цветот и зрелите плодови. Цветот има сложен биохемиски состав, со што помага во излачувањето на потта и на мочта. Оттука, бозелот се користи за подготовка на чај, заедно со цветот од камилица или липа, кора од врба итн. Исто така, чајот од бозел се користи за лекување при настинки, грип, заболувања на горните дишни патишта и при ревматски заболувања. Чај од цветот на бозел им се дава и на децата заразени од овчи сипаници, со цел да се забрза оздравувањето. Цветот на бозелот дејствува и како диуретик и ги отстранува отровните материи кои се собираат при артритис и гихт. Најпосле, бозелот е корисен и за слабеење, зашто го забрзува метаболизмот и го исфрла вишокот вода од организмот.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Радиша Јанчиќ, „Бозел за настинка и крвоток“, Betty магазин, година IV, број 37, март 2017, стр. 26.
  2. Радиша Јанчиќ, „Бозел за настинка и крвоток“, Betty магазин, година IV, број 37, март 2017, стр. 26.