Општина Делчево

Од Википедија — слободната енциклопедија
Општина Делчево
Општина
Знаме на Општина ДелчевоГрб на Општина Делчево
Карта
ДржаваМакедонија
СедиштеДелчево
Населени места
Управа
 • ГрадоначалникГоран Трајковски
Површина
 • Вкупна423 км2 (163 ми2)
Население (2021)[1]
 • Вкупно13.585
 • Густина32/км2 (83/ми2)
Часовен појасCET (UTC+01:00)
 • Лете (ЛСВ)CEST (UTC+02:00)
Повикувачки број+033
Регистарски табличкиDE
Мреж. местоdelcevo.gov.mk
Карта на Општина Делчево со селските атари.
Демографска карта на општина Делчево со селските атари.

Општина Делчевоопштина во Источна Македонија. Центар на општината е градот Делчево. Географската површина изнесува 423 км2 и живеат околу 17.713 жители. Во Делчево се има 22 населени места и тоа: градот Делчево и селата: Бигла, Ветрен, Вирче, Вратиславци, Габрово (Делчевско), Град (Делчевско), Драмче, Ѕвегор, Илиово, Киселица, Косово Дабје, Нов Истевник, Очипала, Полето, Разловци, Селник, Стамер, Стар Истевник, Тработивиште, Турија и Чифлик (Делчевско). Градот го носи името на гордоста на македонскиот народ - Гоце Делчев. Во минатото општината била позната и под името „Царево Село“.

Географска положба[уреди | уреди извор]

На 164 км источно од Скопје, во подножјето на планината Голак, распослан на двата брега на реката Брегалница лежи бисерот на источна Македонија, градот Делчево. Тоа е најголемо населено место во областа Пијанец, која се протега на површина од 453 км2, сместена помеѓу Осоговските планини (на север) и Малешевските планини (на југ).

Центарот на Делчево

Градот лежи на надморска височина од 590м до 640м. И покрај тоа што се наоѓа во најисточнот дел од државата Делчево има релативно добра географска положба и сообраќајна поврзаност. Тоа е крстосница за источна Македонија. Преку Пехчево (27 км) и Берово (34км) е поврзано со Струмица на југ, а преку Македонска Каменица (22км) и Кочани (48км) е поврзано со Штип на северозапад. На запад на 39 км, се наоѓа Виница, а граничниот премин „Арнаутски гроб“ е на исток, на оддалеченост од 11 км.

Сите рурални населби и рекреативниот центар Голак со градот се поврзани со асфалтни патишта од регионален и локален тип, додека, пак, до граничниот премин е изграден современ магистрален пат. Најоддалечено населено место од општинскиот центар е историското село Разловци (17.5 км).

Географска положба на општина Делчево

Историја[уреди | уреди извор]

Делчево, според едно предание во византиско време се викало Василево, што преведено од грчки значи Царево Село. За првпат како населба Царево Село се споменува во една повелба на Цар Душан од 1347 до 1350 година. со неа тој му подарил повеќе места и ниви од Пијанец на манастирот од Лесново. Во турско време Делчево се викал и Султанија.

До 17 век населбата лежела на десната страна на реката Брегалница на денешниот топоним Селиште, поточно под ридот Острец близу до патот што води за Р.Бугарија. Од првите векови на турското владеење за положбата на Делчево нема многу податоци. Во средината на 17 век во неговата околина претстојувал султанот Мехмед IV. Во времето на неговата посета на Пијанец врз населението е извршено масовно потурчување. Поради зулумот и притисокот многу македонски населби опустеле, а меѓу нив и тогашното Царево Село. Се претпоставува дека во времето на тој султан населбата е преместена на денешното место на левата страна на реката Брегалница. Како доказ се наведува и градската џамија изградена во 17 век.

Но, на размислување упатува тоа што турскиот патописец Евлија Челебија тука поминал само неколку години подоцна во 1670 год. и во својот Патопис запишал: “Од Виница се поткачивме на кочанската планинска рудина, движејќи се низ клисурата и по четири часа стасавме во Царево Село. Ова е муслиманско село расположено во полите на една планина и е украсено со околу 100 куќи и една ѓевѓирана со минаре чудесна џамија.

Треба да се спомене и народното предание кое вели дека населбата под ридот Острец се запустила кога владеела болеста чума и преживеаното население се населило на местото каде што денес е Делчево.

Како најстар дел на градот се смета турската колонија што се создала околу џамијата. Според Јаранов, сè до 19 век Делчево било село, турска колонија, населена со чистокрвни Турци и голем дел потурчено население, наречено помаци кое не го знаело турскиот јазик. Само неколку фамилии биле македонски.

Кон средината на 19 век почнала да се развива чаршијата и да расте населбата, а воедно и да се зголемува македонското население. Откако се исполнил просторот во Средно маало, започнало ширењето преку Гочо Поток т.е. горно маало или денешен I реон. Во 1863 г. во Делчево имало 75, а во 1873 г. 109 македонски куќи.

Во 1856 година била завршена изградбата на црквата околу која главно било населено македонско население кое бегало од турските зулуми во околните села. Поголемо иселување на македонското нселение од овој крај имало во 1878 год. поради турскиот притисок по Руско-турската војна. Во тоа време имало поголемо населување на турско население од Бугарија, па дури и од Босна и Херцеговина. Околу 150 македонски домаќинства од селата и градот се иселиле во Ќустендилско. Придојденото турско население, наречено “Маџирци” се населило во Маџирско маало, денешниот III реон на градот.

На левата страна покрај реката Брегалница, на тесниот рамен простор каде што биле мегданите и ановите, започнала градбат на трговските и занаетчиските дуќани покрај двете тесни улици. Со тоа конечно се формирала чаршијата и Делчево прераснало во градска населба.

За време на балканските војни голем број на турското население го напуштило градот, така што во 1914 година бројот на жители изнесувал 1701. По овие војни дошла нова македонска населеничка струја од околните села, а најмногу од пасивните села Бигла, Селник и Драмче кои ги купувале турските имоти.

Во 1931 год. бројот на населението се зголемило на 3746 жители. По оваа година доброволно продолжило иселувањето на турското население во Турција, особено во 1953 година. Во 1935 година започнале да се градат првите куќи на десната страна на реката Брегалница. По ослободувањето во 1950 година Царево Село е преименувано во Делчево. Во шеесеттите години гратчето се прошири на десната страна на река Брегалница, а во седумдесеттите и на ридот Милково Брдо. Со порастот на вработените во работни организации во Делчево, растеше и бројот на населението во него. Денес Делчево е модерна градска населба со широки асфалтирани улици и булевари, канализациона мрежа и со паркови и зеленило.

Клима[уреди | уреди извор]

Климата во општина Делчево е континентална источноевропска со изменет плувиометриски режим. Просечната годишна температура во Делчево за периодот од 2001 - 2017 година изнесува 10.2°С, со апсолутен минимум од -28,5°С забележан на ден 19.02.1985 година и апсолутен максимум од 40,5°С забележан на ден 24.07.2007 година, додека на планините просечната годишна температура паѓа до 3,5°С. Најтопол месец е август, а најстуден е јануари. Пролетта е секогаш постудена од есента. Облачноста не е голема, така што во годината доминираат сончеви и ведри денови. Просечните годишни количини на врнежи во Делчево за периодот од 2001 - 2017 година изнесуваат 606,7 мм, а на планините над 1.600 м.н.в. и до 1.000 мм. Дневен апсолутен максимум на врнежите во Делчево изнесува 105,0 mm и е измерен на 29.06.1957 година. Врнежите, иако се релативно ниски, нивниот распоред во вегетациониот период (април-септември) е поволен и изнесува над 50% од вкупните годишни врнежи. Вегетациониот период со температура повисока од 10°С трае 191 ден во текот на годината. Ваквата поволна клима овозможува виреење на разни растенија, а воедно претставува и многу погоден природен услов за развој на туризмот во овој крај.

Демографија[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година има 17.713 жители

Народ Вкупно Удел (%)
Македонци 16.744 95,04
Албанци 7 0,04
Турци 201 0,70
Роми 474 3,72
Власи 1 0,02
Срби 42 0,20
Бошњаци 0 0,00
останати 36 0,28
Вероисповед Вкупно
православни 15.948
муслимани 773
католици 3
протестанти 4
останати 777
Јазик Вкупно
македонски 16.744
албански 7
турски 201
ромски 474
влашки 1
српски 42
бошњачки 0
останати 36

Од анализа на демографската состојба во руралниот дел на општината, бројот на жители по домаќинство, старосната структура на населението и слично, извлечени се заклучоци за перспективите и опстанокот на одредени селски населби, а особено на оние од т.н. раштркан тип (населби со повеќе маала оддалечени значително од централниот дел на руралната средина). Ваквиот тип на населби главно се наоѓа во ридско-планинските подрачја, каде обработливото земјиште има ниска бонитетна вредност и каде опстанокот на населението претжно се засновува на користењето на пасишта и шуми. За разлика од овој тип на населби, селата со збиен тип се распространети во рамничарските делови или по рабовите на планинските огранци.

Резултатите од следењето на состојбите укажуваат дека во Општина Делчево 9 селски населби со вкупно население од 1.102 жители (15,4% од селското население) имаат домаќинства кои во просек се составени од 2,65 членови. Вака малиот број на членови по домаќинство покажува дека во овие населби преовладува старечката категорија со мал или никаков прираст. Поради ваквата состојба, перспективите на овие села се безначајни и истите се осудени на бавно биолошко изумирање.

Во 6 селски населби во општината со вкупно население од 2.698 жители (37,6 % од селското население) домаќинствата во просек имаат по 3,17 членови. Старечкото население во овие села е најголемо, но не преовладува, што дава надеж дека овие населени месѕа можат да се одржат доколку благовремено се потпомогне нивниот стопански развој. Во Општина Делчево има 5 селски населби со вкупно население од 3.256 жители (45,4% од селското население) кои во просек имаат по 3,75 членови по домаќинство. Во овие населби преовладува работоспособно население и населението од возрасните групи до 17 години, додека старечкото население е во нормални граници. Во овие населени места, покрај развојот на сточарството и овоштарството, треба да се развиваат и некои преработувачки капацитети. Со тоа ќе се намали стремежот за мигрирање на населението кон општинскиот центар или во други средини во земјата и во странство.

Панорама на Делчево

Население и населби во општина Делчево[уреди | уреди извор]

Општина Делчево до 1996 година беше една од 34-те општини на Република Македонија. Во 1990 година општината имаше 26.315 жители или 1,2% од населението на Р.Македонија. населението во тој период беше поделено во 30 населби, вклучувајќи ја и градската населба Делчево. Во градот беа концентрирани 34% од населението на општината, а останатиот дел беше распореден во селски населби и во една населба од мешовит тип (Македонска Каменица). Со новата територијална поделба на Република Македонија, со која беа формирани 123 општини, од Општина Делчево е издвоена општината Македонска Каменица, така што денес зафаќа територија од 423 км2 со 2/3 од населението на старата Општина. покрај општинскиот центар Делчево, во општината има и 22 селски населби.[2]

Според новата територијална поделба, а во согласност со податоците од последниот попис во 1994 година, вкупниот број на населението во Општина Делчево изнесувал 17.726 жители, од кои 10.554 се жители на градит, а 7.172 жители во руралните средини. Од руралните населби во Општина Делчево, 5 села имале помалку од 100 жители (Вратиславци, Киселица, Косово Дабје, Селник и Чифлик), 7 села се со 100 до 300 жители (Ветрен, Илиово, Нов Истевник, Очи Пала, Стар Истевник, Турија и Полето), во 3 села биле регистрирани помеѓу 300 и 500 жители (Бигла, Драмче и Стамер), додека 6 села имале над 500 жители (Град, Вирче, Тработивиште, Габрово , Ѕвегор и Разловци). Најголема селска населба претставува Ѕвегор со 949 жители, а потоа следуваат Разловци со 907 жители, Габрово со 829 жители, Град со 696 жители итн. Наталитетот во Општина Делчево во 1998 година изнесувал 10,7 живородени на 1.000 жители и е нешто понизок од просекот во Република Македонија кој изнесувал 14,6 живородени деца на 1.000 жители. Морталитетот во општината во 1998 година изнесувал 9,9 умрени на 1.000 жители и е нешто повисок од просекот во Република Македонија кој изнесувал 8,4. Според пописот од 1994 година, во градот имало 2.977 домаќинства или 57,3%, а во руралните средини 2,216 домаќинства или 42,7% од вкупниот број на домаќинства во општината. Во општината имало 3.143 земјоделски стопанства, од кои 1.430 стопанства (45,5 %) припаѓале на градското, а 1.713 стопанства (54,5 %) на селското население. Оттука може да се заклучи дека значаен дел од градското население редовно или дополнително се занимава со земјоделство.

Полова структура[уреди | уреди извор]

Според половата структура, во градот и во општината како целина, незначително преовладува машката население со учество во општината со 50,8%, а во градот со 50,2%. Во однос на механичкото движење на населението, според статистичките податоци земени од Републичкиот завод за статистика, миграционото салдо за 1994 и 1998 година е негативно и изнесува 28 односно 29 отселени лица, соодветно.

Образование[уреди | уреди извор]

На воспитно-образовниот процес во општината Делчево му се дава големо значење, но за жал во минатото тоа имало асимилаторска улога. Конечно, за првпат во летото 1944 година, во училиштата се слушна македонскиот збор. Денес, воспитно - образовната дејност се изведува во две основни училишта и едно средно државно училиште. ОУ „Ванчо Прке” има и 4 подрачни училишта од кои две осумгодишни во селата Бигла и Драмче и две четири годишни во селата Габрово и Ѕвегор. ОУ „Св.Климент Охридски” има 5 подрачни училишта од кои 3 осумгодишни во селата Разловци, Тработивиште и Град и две четиригодишни во Вирче и Стамер. И во двете училишта настава посетуваат околу 1.970 ученици од прво до осмо одделение и околу 100 деца во предучилишно образование, додека, пак, воспитно-образовниот процес го изведуваат 134 наставници и воспитувачи. Во 1961 година во Делчево е отворено средно училиште - гимназија „Методи Митевски Брицо“. Денес, СОУ „М.М.Брицо“[1] го посетуваат околу 1.120 ученици, а во наставниот процес се вклучени 64 професори. Училиштето има разгранок во соседната општина - М.Каменица.

Средното училиште „М.М.Брицо“

Стопанство[уреди | уреди извор]

Забрзаниот развој на градот започнува во втората половина на XX век, па денес Делчево е модерен град со современи, широки и добро уредени улици, станбени објекти и места за рекреација и одмор. Меѓу првите основани претпријатија се „Монопол“ денешен „Делчево-Табак“, и „Сандански“ од областа на земјоделието; „Пирин“ и „Илинден“ од областа на трговијата; а „Партизанка“ и „Кожарница“ од областа на индустријата.

Традиционална стопанска гранка во општината нема, Делчево е град во кој подеденакво се застапени индустријата и земјоделството. Во мала предност се производствените капацитети од текстилната индустрија кои земаат сè поголем замав, а со изградбата на Индустриската зона за мало стопанство ќе се создадат услови за уште побрз развој.

Во градот постојат две индустриски зони: северна и јужна. Во двете зони се сместени речиси сите капацитети:

  • ДПКП Кожарница М.М.Брицо ДООЕЛ
  • ЗИК Сандански АД
  • ЈПКД Брегалница
  • ЗЕНИТ-КОМЕРЦ
  • Кафе-бар ЛИНО
  • Витекс
  • Палтекс АД
  • Фротирка-компани АД
  • Гобленка
  • ГД Гранит АД
  • Делчево-Табак АД
  • Графопак АД
  • Електро Голак
  • ТП Полет
  • ЈП Македонски Шуми, Подружница ШС Голак
  • Илинден АД

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

За вршење на определени управни, стручни и други работи во рамките на надлежностите за кои самостојно одлучува Општината, како и за доверените надлежности се образуваат управни органи на Општината. Управните органи се образуваат како инспекции, одделенија, отсеци и реферати. Административните органи се образуваат како служби, канцеларии и писарници. Управните и административните органи ги основа Советот на Општината со посебна одлука со која поблиску се уредуваат организацијата, начинот и делокругот на работа.

Советот на Општината е претставнички орган на граѓаните. Советот на Општината го сочинуваат 15 претставници на граѓани избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Членовите на Советот се избираат за време од 4 години во согласност со Закон. Членот на Советот не може да биде отповикан. Советот на Општината избира претседавач од редовите на членовите на Советот со мандат од 4 години.

Претседавачот на Советот ги свикува и раководи со седниците на Советот на Општината; се грижи за организацијата и работата на Советот, ги потпишува одлуките и актите на Советот и ги доставува на Градоначалникот заради прогласување и објавување. Членовите и претседавачот на Советот полагаат и потпишуваат свечена изјава.

Советот на Општината има секретар. Секретарот го избира Советот на Општината за време на траење на својот мандат. За секретар на Советот се избира лице дипломиран правник со работно искуство од најмалку 6 години во струката, на начин и постапка утврдени со Деловникот на Советот. Секретарот на Советот не може да биде член на Советот. Секретарот на Советот ги извршува стручните, административните и организациските работи на Советот и неговите работни тела. Секретарот на Советот ги координира активностите на управните и административните органи на Општината кога вршат работи од надлежноста на Советот на Општината.

Градоначалник на општина Делчево е Горан Трајковски од редовите на СДСМ. Тој бил избран на локалните избори од 2017 година за мандат од четири години.[3] Советот на општина Делчево е составен од 15 члена. Според последните локални избори од 2017 година, членовите на советот според политичката припадност за мандатот 2017-2021 се:

  СДСМ: 8 места
  ВМРО-ДПМНЕ: 7 места

Култура[уреди | уреди извор]

Најзначајна културно-научна манифестација е „Гоцеви Денови“ која традиционално се одржува секоја година, во почетокот на месец јуни. Манифестацијата првпат започна во Делчево во 1966 година и набргу од локален преку државен доби меѓународен карактер.

Значајни за Делчево се и чествувањата по повод годишнините од Разловечкото востание, прво од повеќето востанија во македонската историја.

На традиционалните „Голачки фолклорни средби“ кои се одржуваат секоја година на 8 и 9 август, културно-уметничките друштва од Делчево и соседните општини презентираат дел од нашиот богат фолклор. Тука секогаш се присутни и претставници од збратимениот со Делчево град ЈагодинаСрбија и Црна Гора и соработка со пограничната општина СимитлиР.Бугарија.

Културни наследства[уреди | уреди извор]

Црквите и манастирите изградени кон средината на XIX и почетокот на XX век претставуваат знаменити обележја за Делчево и околните места. Најзначајна и најстара е црквата Св.Петка во Селник, изградена во 13 век, а живописана во 16 век.

Црквата „Св. Цар Константин и Елена“ во Разловци, изградена кон средината на 19 век е од особено значење по тоа што помеѓу портретите на светците се наоѓа и портретот на поп Стојан, водачот на Разловечкото востание. Уште позначајно е што тука се наоѓа апликација на древно - македонскиот хералдички симбол - шеснаесеткраката ѕвезда од Кутлеш.

Непосредно до градот, лево од патот Делчево - Голак , врз темелите на стариот манастир е изграден нов, посветен на Св.Богородица - источен петок - Балаклија. Во тек е изградба на нова соборна црква во центарот на градот, која ќе го носи името на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Не помалку значајни историски наоѓалиштс се и средновековната кула кај Петрашевец и античкото наоѓалиште „Градиште“ кај с. Град. На територијата на Општината постојат голем број наоѓалишта кои уште не се истражени.

Народни носии и везови[уреди | уреди извор]

Изобилството со волна, коноп и памук во минатото давало поволни можности за развој на текстилното творештво во кое се вткаени умешноста, досетливоста и духот на живеењето на жената како народен творец.

Текстилните суровини ги обработувале со самоделски алатки, изработени со многу чувства. Во овој долготраен процес користеле: фурка со вретено за предење, гребени за влачење, мотовило, сукало и родан за мотање цевки и калеми и разбој за ткаење.

Основен елемент на женската носија е памучната кошула со долги ракави врз која облекувале волнени облеки „саја“ и „антерија“ долги до под колена, со и без ракави, отворени однапред по целата должина, украсени со гајтани и ширити. Во склоп на секојдневната женска носија се и волнената скутина „фута“, појас, волнени плетени чорапи и покривка за глава.

Славни личности[уреди | уреди извор]

Од Делчево излегле неколку познати личности. Од тие што придонеле во македонскиот и светскиот живот ги издвојуваме:

  • Љупчо Георгиевски — поранешен Премиер на Македонија
  • проф. д-р Трајан Гоцевски — Декан на Филозофскиот факултет во Скопје,Министер за одбрана во првата Влада на Р.Македонија и актуелен член на Советот за безбеднсост на Р.С.Македонија и на Советот за стратегиски истражуувања при МАНУ
  • проф. д-р Александар Атанасовски — професор на Филозофски факултет - Институт за Историја, Скопје
  • проф. д-р Мишо Христов — професор на Рударско- геолошки факултет, Скопје
  • доц. д-р Ванчо Чабуковски — доцент на Институтот за информатика при Природно-математичкиот факултет, Скопје
  • Ванчо Трајанов — фудбалер на ФК „Макаби Петах Тиква“, Израел
  • Игор Митревски — фудбалер во Русија
  • Мето Јовановски - глумец
  • Николчо Струков - кошаркар на „Водњански Пантери“

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 - прв сет на податоци“. Државен завод за статистика на Македонија. Посетено на 30 март 2022.
  2. „Население во Република Македонија на 31.12 по специфични возрасни групи, по пол, по општини, по години“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 2 мај 2018.[мртва врска]
  3. „Мандати за градоначалници и совет во РМ – Локални избори 2017“. Државна изборна комисија на Македонија. Посетено на 18 октомври 2017.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]