Општина

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Општини)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Општина претставува основна административна единица на локалната самоуправа која опфаќа повеќе населени места. Најчесто општината има градоначалник и совет во кој членуваат избрани претставници на локалното население.

Локалната самоуправа во Македонија[уреди | уреди извор]

Според македонскиот закон, општина претставува единица на локална самоуправа, како заедница на жителите на одредено подрачје, утврдено со закон, која преку своите органи и преку администрацијата и организираните јавни служби овозможува вршење на надлежностите пропишани со закон. Во Македонија, општините се административни единици од прв степен. Надлежност на општината е збир на работи од јавен интерес од локално значење кои општината има право да ги врши на своето подрачје и е одговорна за нивното извршување. Граѓаните на Република Македонија кои имаат постојано живеалиште на подрачјето на општината се жители на општината, додека општината го уредува вршењето на своите надлежности со статутот и со други прописи. Со статутот на општината се уредуваат: организацијата и работењето на органите на општината и на комисиите на советот, начинот на информирање на граѓаните, случаите на исклучување на јавноста од седниците на советот, начинот и постапката за доставување претставки и предлози за работата на органите на општината и постапување по нив, начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните, како и начинот на извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба, како и други прашања од значење за локалната самоуправа. Општината има свое подрачје и име, утврдени со закон, а може да има свој грб и знаме. Грбот и знамето на општината се разликуваат од грбот и знамето на Република Северна Македонија и од грбот и знамето на другите општини, Градот Скопје, како и грбовите и знамињата на другите држави, единиците на локалната самоуправа на други држави и на меѓународните организации.[1]

Во периодот од 1996 до 2004 година, Македонија имала 123 општини; од август 2004 до 2013 година имало 84 општини, а по локалните избори во 2013 година, бројот на општините се намалил на 80. Од нив, 10 општини се во Скопје при што Градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа.[2] По површината, најголема општина е Прилеп која има 1.194 км², а најмала е Чаир со површина од 3,5 км². По број на населението и според пописот од 2002 година, најголема општина е Куманово со 105 484 жители, а најмала е Вевчани со 2 433 жители. Притоа, 34 единици на локалната самоуправа се со седиште во град, а останатите 46 се со седиште во село.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Закон за локална самоуправа, Службен весник на Република Македонија, бр.05/2002.
  2. Закон за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија,„Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/04; 12/05; 98/08; 106/08; 149/14.