Вевчани

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Вевчани
Vevcani-panorama.jpg

Панорама на Вевчани

Вевчани се наоѓа во Македонија
Вевчани
Местоположба на Вевчани во Македонија
Координати 41°14′25″ СГШ 20°35′35″ ИГД / 
Регион Југозападен
Општина Coat of arms of Vevčani Municipality.svg Општина Вевчани
Област Дримкол
Население 2.433 жит.
Пошт. бр. 6335
Надм. вис. 800-950 м
Слава Преображение
Мреж. место Вевчани
Commons-logo.svg Вевчани на Ризницата


Вевчани — село во областа Дримкол во околината на градот Струга во југозападниот дел на Македонија и седиште на истоимената општина.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Главната улица во Вевчани
Центарот на Вевчани

Вевчани е сместено во подножјето на источните падини на планината Јабланица на надморска височина од 800 m. Поточно, селото е сместено на границата односно допирот помеѓу планинската падина на Јабланица на запад и рамнината на котлинското дно на исток[1]. Атарот на Вевчани се наоѓа северозападно од Охридското Езеро на западната страна на Струшкото Поле на источната страна на планината Јабланица[2]. Се протега во насока исток - запад, од подножјето, преку ридестиот терен, сè до сртот на планината Јабланица. Се граничи со општина Струга, а во потесен дел ја допира државната гранична линија со Албанија. Вевчани е ридско село чии што куќи се издигнуваат на надмирска височина од 820 до 980 метри[2]. Од централното место односно градот Струга е оддалечено 13,5 километри, а од патот Струга - Дебар околу 7 (поточно 4) километри[2]. До Вевчани води асфалтиран пат кој од Струга минува низ селата Враништа и Велешта. Вевчани е големо село налик на гратче-паланка и тоа доста добро урбанизирано, уредено и регулирано[1]. По средината на населбата минува главната улица во правец исток-запад на која се сконцентрирани повеќето продавници, хотели, ресторани, трговски и занаетчиски дуќани, домот на културата и отворената сцена на амфитеатерот и Здравствениот дом[2]. Има мошне голем атар кој што зафаќа простор о 35,5 км2, на кој преовладуваат пасиштата на површина од 2245,8 ха, на шумите отпаѓаат 564,9 ха, а на обработливото земјиште 557,4 ха[2]. Вевчани претставува седиште на истоимената општина и тоа единствен случај во Република Македонија, само една населба да претставува засебна општина[2]. Соседни села на Вевчани се: Подгорци на север, Октиси на југ, Велешта на исток и Горна Белица на југозапад.

Историja[уреди | уреди извор]

Главната улица во Вевчани

Траги од населбата постојат од III век пред Христа. Неговата прва локација не била денешно Вевчани, туку тоа се наоѓало нешто подолу од подножјето на планината Јабланица, на местото што денеска се вика Селиште. Можно е и да дошло до некакво спојување на античко македноска населба која се наоѓала во областа Вајтос која се наоѓа непосредно над Вевчани, со споменатата населба Селиште, така формирајќи го на денешната локација (меѓу Вајтос и Селиште).

Традиционална архитектура во Вевчани

Првите легенди и писанија за Вевчани велат дека е стара населба, а нејзините почетоци датираат од крајот на VI, односно почетокот на VII век, кога племето Берзити (Брсјаци) го преплавиле Струшкиот крај и ја населиле локацијата на денешно Вевчани, југоисточно од планината Јабланица. Тука повторно има мала неконзистентност, затоа што денес Вевчани е денес претежно мијачка населба.

Споменик на вевчанските борци од Втората светска војна

Среден век[уреди | уреди извор]

За тоа од кога се среќава населбата Вевчани запишана во документите, низ вековите има повеќе изворни документи. Еден од нив е Калимановата грамота, како досега најстар истражен документ. Во него се говори дека Вевчани како селска населба е евидентно од крајот на IX век и тоа како мошне развиена, економски јака и обврзана да дава данок во натура на бугарскиот кнез Борис I, а по него и на царот Симеон Велики. Следен пишан запис каде се среќава селото запишано под името Вешчани се срќеава во XIV век, односно од 1342 - 1345 година кога царот Стефан Душан со грамота го приложил на црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид[1]. Нешто подоцна во XVI век, во османлиските даночни регистри на немусилманското население од вилаетот Охрид според турските записи на населението од 1509 година имало 208 домови, а при вториот запис на населението во 1519 година имало 223 домови и било поголема населба од Струга, што тогаш броела 176 домови. На почетокот на XVII век во 1633-1634 година населбата е заведена под името Вешчано со 154 домаќинства[3].

XIX век[уреди | уреди извор]

За време на доцниот период на отоманската империја, жителите на Вевчани се одликувале со голема храброст, бестрашност и јунаштво, непокорност, слободљубивост, патриотизам и посветеност на православната христијанска вера и Македонија, одлики со кои вевчанци и денес пркосат на околните муслимански и албански соседи и се познати ширум Македонија и надалеку. Постојат бројни примери од крајот на XVIII и во текот на целиот XIX век. Еден кмет на Вевчани, по име Тасе, турците го терале да премине на ислам, но тој откако одбил бил обесен во Вевчани[1]. Источно од Вевчани се наоѓа месноста наречена Рамов Гроб која го добила своето име поради тоа што таму некојси Албанец Рамо од Велешта недозволено земал од вевчанската вода и ја пуштал во своето село поради што тој бил убиен од вевчанци[1]. Запаметен е и свештеникот Поп Наум познат и под прекарот „Мал Оџа“, кој се спротиставувал на некојси богат жител по име Гроздан-паша од селото Горна Белица кој сакал да ги присвои вевчанските пасишта на Јабланица, заради што попот Наум отишол да бара правда дури до Цариград[1]. Во средината и кон крајот на XIX век жители на Вевчани (од родот Велкој) кои биле на печалба во Романија, учествувале и ги дале своите животи како војници - доброволци војувајќи на страната на руската војска против турскиот аскер во Кримската војна во 1856 и Руско-турската војна на планината Балкан во 1878 година[1].

Во време на национално-ослободителната и револуцонерната борба против отоманското - турско ропство од Вевчани биле двајца војводи на струшката чета на ВМОРО - Јаким Алулов и Ставре Гогов кој од летото, 1904 година, по убиството на Јаким Алулов, станал војвода на струшката чета на ВМОРО. Во април 1907 година, Ставре престојувал во куќата на вујко си Трпе Шекутков во родното село Вевчани, за што Турците дознавале за ова и со редовна војска заедно со башибозук од соседните села Октиси, Лабуништа и Подгорци ја опколиле куќата. Ставре Гогов заедно со домаќините јуначки издржал над 20 часа во нерамната битка, додека неговата свршеница Кота Христова успеала да ја помине опсадата и им носи бомби и патрони. По завршувањето на куршумите, Ставре Гогов се самоубива. Со него загинуваат и Трпе Шекутков и брат му Кузман Шекутков. Снаата Андрица и трите внуци на Кузман Шекутков биле ранети, а од нападот на аскерот и башибозукот загинале 27 души. Турците ќе ја запалат куќата. По убиството на Ставре Гогов, неговата свршеница Кота Христова го убива предавникот и се вклучува во една од четите на ВМОРО. На влезот на возобновената спомен-куќа денес стои натписот:

Во април 1907 година на ова место во нерамна борба со многуброен турски аскер херојски загина Војводата Ставре Гогов

За оваа херојска битка е испеана и познатата народна песна позната како Од Битола до Вевчани се сардисано' или Ура, ура Ставре војвода.

Вевчански случај[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Вевчански случај.

Кон крајот на ХХ-от век, во времето додека Македонија сѐ уште била дел од СФРЈ, во селото Вевчани се случиле протести околу планот за водоснабдување на соседното село Октиси со вода од Вевчанските извори[4]. Вевчанскиот случај е случај од 1987 г., кога тогашната власт имала намера да ги каптира Вевчанските Извори, под изговор дека носи вода за жителите од соседното село Октиси, а всушност, имала намера водата да ја користи за елитната викенд-населба Елен Камен, каде што се наоѓале вилите на тогашните челници на власта. На тоа се спротиставиле жителите на Вевчани со поставување на барикади не се дозволило да се постават водоводните цевки. Покрај согласноста на двете месни заедници на Вевчани и Октиси, ноќното приклучување на водата од Вевчанските извори за Октиси на 25.05.1987 не било извршено бидејќи се случило организирано и насилно спротиставување на населението на Вевчани[5]. Покрај напорите за надминување на ситуацијата, проструените информации дека со водата од Вевчанските извори ќе се снабдуваат и Струга и туристичката населба Елен Камен, а Вевчани при вода ќе остане без неа, попусти биле напорите на властите во разубедување на населението и градежните активности биле повлечени[5]. По извршените проценки и подготвителни активности на властите и вклучувањето на можноста за употреба на сила од органите на редот, доколку повторно се пројави насилен организиран отпор било решено работните активности за поврзување со вода на селото Октиси од Вевчанските извори да започнат на 6.08.1987[5]. Меѓутоа на 6 август 1987 градежните работници на влезот на селото Вевчани биле пречекани од 500-600 жители кои направиле барикада со дрва и камења и носејќи стапови, земјоделски алати и други предмети и покрај повиците на припадниците на СВР Струга да го напуштат местото, тие не го сториле тоа[5]. Во текот на денот во Вевчани имало голема раздвиженост на жителите и нивно групирање на местото каде требало да се изведуваат градежните работи, а неколку пати се огласила и црковната камбана со цел да да го повика граѓаните да се дособерат и да ги попречат градежните работи[5]. Немирите ја достигнале кулминацијата на 7 август 1987 г., кога интервенирале специјални полициски сили, кога за првпат во тогашна Југославија биле употребени „електрични пендреци“.[6] Имено, идниот ден, 7 август 1987 година околи 10 часот, 23 работници повторно биле попречени од група на 500-600 жители на Вевчани, кои поставиле 5 барикади од влезот до центарот на селото, при што морала да интервенира полицијата со електрични и гумени палки што довело до судир со жителите при што биле повредени 23 жители и 11 милиционери, 19 жители на Вевчани (од кои 3 жени) биле приведени[5]. Покрај собирот и штрајкот со глад на група младници и испратените телеграми до раководните органи на републичко и сојузно ниво, заклучно со 18.08.1987 градежните работи биле завршени, а водата од Вевчани кон Октиси конечно протекла[5]. Овие настани ја разбранувале пошироката македонска и југословенска јавност и општество, а добиле и (необично) пошироки димензии и политички импликации[4]. Месната заедница на с.Вевчани примила телеграми со поддршка за демонстрираниот отпор, околу овие настани било поставено и делегатско прашање до Собранието на СФРЈ, а и било напишано и протестно писмо од Друштвото на словенечките писатели до организацијата и учесниците на 26-те Струшки вечери на поезијата[5] при што за сево ова тогашните власти го обвиниле организираното дејствување на групи поединци од Вевчани од самото село и некои кои живееле во другите републики (пред сè во Словенија)[4]. Некои аналитичари овие протести во Вевчани ги сметат и како своевиден израз на незадоволството и дисидентството кон тогашниот социјалистички режим и борбата за демократски реформи[4]. Покрај славната и непокорна историја на Вевчани уште од времето пред и за Илинден, по овие настани доаѓа и до симболичното протестно самопрогласување на „држава Вевчани“ (република) со свои пасоши и пари (тнр. личници) кои денеска се туристичка атркација позната за Вевчани[4]. На сретселото во Вевчани и денес постои плоча каде се запишани имињата на сите тогашмни челници со натпис „бог да ги убие предавниците“.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Порта Вевчани

Името на Вевчани потекнува од старословенскиот збор вес, кој значи село. Така жителите на тоа село се селчани, а на Вес - весчани. Вака по пишуваното правило врзано за промените на зборовите во литературниот јазик, конечно се извела именката Вевчани.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Една од многуте вевчански воденици, кои некогаш биле главна стопанска гранка

Жителите на Вевчани имаат различни занимања[1]: во најголем дел тие се прочуени градежници, печалбари, бизнисмени, угостители, лекари, научно-просветни работници, земјоделци, сточари. На обработеното земјиште кое се протега во низината источно од селото се одгледуваатпченка, пченица, винова лоза, зеленчук и овошје, од кои мали количества стигнуваат за продажба[1]. Во нивите во полето денес најмногу се одгледуваат житарици особено пченица и пченка, а има и новоподигнати овоштарници, додека градинарските култури се претежно во градините во дворовите за сопствени потреби. Денешното сточарство е многу послабо во однос на поранешните состојби кога Вевчани имало околу 3000 овци, доста кози и 300 пара волови. Овците и воловите летно време биле напасувани на планината Јабланица[1], во пределот на вевчанските бачила во месноста Голина под врвот Црн Камен и околу ледничкото езеро Вевчанска локва, додека зиме биле чувани во кошарите долу под селото[1]. За Вевчани големо значење во минатото и денес има печалбарството односно одењето на мажите како градежни работници надвор од селото низ државата и во странство[1]. Во Вевчани работат повеќе продавници, трговски и угостителски објекти, како и индустриски производствен погон на влезот на селото. Главниот увозник и дистрибутер за пивата „Лашко“, „Унион“ и минералната вода „Раденска“ од Словенија е фирмата „Лашко Комерц“ ДООЕЛ Вевчани, а исто така во Вевчани работи и фурната и пекарата „Алмико“ која има неколку свои продавници и во Охрид.

Туризам и угостителтво[уреди | уреди извор]

Поради изобилната понуда на природните убавини во околината како и познатиот Вевчански карневал, туризмот и угостителството се многу значајна стопанска гранка во сè поголем подем и пораст во Вевчани. Во селото Вевчани работат повеќе хотели со врвни сместувачки капацитети со ресторани како: „Вила Алула“, пансион „Кутмичевица“, „Пупинова куќа“, апартмани „Во Извор“, апартмани „Шутиноски“, „Виа Игнација“, „Домаќинска куќа“.

Население[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година, општината Вевчани брои 2.433[7] жители, од кои:

Националност Вкупно
Македонци 2.433

Родови[уреди | уреди извор]

Главната улица во Вевчани

За населувањето на првите семејства и родови во Вевчани досега сè што се знае се темели врз претпоставки и легенди. Така, првите населени вевчанци биле браќата Калан и Алула. Крај убавиот извор на реката со како мраз студена вода и лете, решиле да се населат. Но, интересно, не изградиле домови еден покрај друг. Маалото Алуловци се наоѓа на врв, таму под самата планина, каде што завршува Горно Маало, а домовите на Калановци се наоѓаат на другиот крај на селото, односно таму каде што тоа почнува крај последните ниви по полето. Оттогаш, веројатно, минале векови. Но сродството и блискоста меѓу овие две маала останале зачувани. И денеска, по толку време, живее преданието дека се овие два рода блиски и не се случило некој од едното маало да се ожени со девојка од другото маало.

Во Горното маало на Вевчани живеат следните родови: Поповци, Алулој, Куковци, Костојчини, Шекуткој, Русеј, Бебекој, Велкој, Бубаној и Србаковци, додека во Долното маало живеат: Аврамој, Чочорој, Ќирој или Даскалој, Парталој, Мукој, Пешинци, Дејкој, Шурбаној, Сургуној или Тузеј, Пљушкој, Попагини, Каланој, Лотеј и Пупини[1]. Презимиња на семејства кои денес живеат во Вевчани се: Костојчиноски, Радиноски, Шутиноски, Угриноски, Мукоски, Китаноски,Лешоски, Попоски, Шекуткоски, Пупиноски, Даскаловски, Кукоски, Гоговски, Ќушкоски, Стојкоски, Јанкоски и др.

Наведените родови слават различни куќни слави[1]. Воведение на Пресвета Богородица - Пречиста слават родовите Велкој, Бебекој, Бубаној, чии што претци се доселиле од селото Велчани кај Поградец (денес под Албанија), при што во родот Велкој се знае следниот родослов: Рашо (жив на 72 години во 1971)-Косто-Крстан-Тане и Трифун кои загинале во Кримската војна во 1856 како руски војници бидејќи биле ѕидари-печалбари во Крајова, а предокот Крстан кој исто така бил печалбар во Романија загинал на планината Балкан во Руско-турската војна во 1878[1]. Како куќна слава Свети Никола го слават семејствата од родовите Пљушкој, Каланој, Алулој, Попаѓини, Русини, додека Ѓурѓовден слават родовите Попој, Даскалој, Дејкој, Чочорој, Парталој, Мукој[1]. Втора група на доселеници во Вевчани дошла од раселеното село Бигор во Дебарски (долни) Дримкол кое што се наоѓало помеѓу селата Луково и Пискупштина[1]. Иселениците од Бигор под водство на предокот Секула најпрвин дошле на местото Секулово, во низината под селото Вевчани, а потоа преминале во самото Вевчани[1]. Жителите на Вевчани до 1915 година оделе да сечат шума на атарот на раселеното село Бигор[1]. Родот Пупини има посебна слава Св. Богородица и за нив се зборува дека на почетокот на XIX век дошле од селото Нича во Албанија недалеку од манастирот Свети Наум, каде што поради некоја причина „Турците“ го убиле домаќинот на семејството, па неговата жена Пупа („со влашко потекло“) со четири сина и со стока (околу 500 овци и 100 кози) се доселиле во Вевчани, каде тогашниот селски „коџобашија“ (кмет) Тасе Србакоски им отстапил место да изградат куќа во месноста сега наречена Пупин Камен[1]. Два сина по име Ѓорѓи и Никола останале да живеат во Вевчани, Стојан се иселил во областа Топлица во Србија, а четвртиот син чие име не е запаметено се иселил во областа Банат во Војводина и од него како потомок потекнува познатиот научник во физиката и електрониката Михајло Пупин[1]. Родовите Србаковци и Сургуној имаат исто потекло, а за Сургуној се раскажува дека во родот некогаш живееле два брата кои не биле сложни поради што турската власт ги истерала „сургун“ од стариот крај, при што едниот се населил во Вевчани, а другиот во Дебар носејќи го истото презиме Сургунови[1].

Во минатото[уреди | уреди извор]

Според бугарските податоци од 1878 година и статистиките на машкото население од 1873 Весчани е посочено како населба со 865 домаќинства со 2.430 жители, сите Македонци, кои бугарските водачи ги именувале како[8][9] Бугари,[10] и за кои Васил Канчов самиот вели дека се нарекуваат Македонци.[11] Така, според статистиката на К'нчов на крајот на ХІХ век Вевчани има 2.590 жители Бугари[12][13]. Податоците од 1907 година се поточни, според кои имало 2.347 жители и 440 куќи[14].

Вероисповед[уреди | уреди извор]

Возобновената црква Свети Ѓорѓија веднаш крај портата на самиот влез на општинските граници

Вевчани денес припаѓа на вевчанската парохија во која, покрај него, влегуваат и селата Октиси и Горна Белица. Инаку, во неговата околина постојат повеќе свети места на кои биле изградени најмалку десетина светилишта. Тие потекнуваат од различни временски периоди, од кои некои од нив денес не постојат, но се споменуваат како такви. Распоредени се во и околу населбата. Сите тие христијански светилишта имаат своја предисторија, легенди и особености, но и значење во времето. Нивното настанување не е случајно. Овој простор уште одамна бил заплиснат од христијанските влијанија, а населбата меѓу првите ја прифатила Христовата вера.

Вевчани е единствено подјабланичко место кое што успеало најмногу да одолее на исламизацијата од страна на Турците. Иако и тука се јавувале поединечни случаи на конвертити, тие не можеле да останат во таа средина којашто ги третирала како отпадници од христијанската вера.

Жителите на Вевчани, како добри христијани - дарители, се покажале и при изградба на црковни објекти надвор од Вевчани. Така, во времето од 1804-1845 година, кога се градела црквата „Св. Никола Чудотворец“ во Враништа, покрај другите струшки села, во нејзината парусија, се споменува и Вевчани со 19 дарители, заедно со попот Спасе. Вевчанци се јавувале како дарители и при обновувањето на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Струга, на 24 април 1840 година. Исто така, нив ги среќаваме и во книгата на дарители на црквата „Св. Јован Крстител“ во Мислешево, во 1899; како мештани но и како печалбари од Галац, Романија. Ветувањето и дарувањето традиционално се чинело и кон манастирот „Св. Наум“ во Охрид, а редовно и на светилиштата во Вевчани („Св. Спас“, „Св. Никола“, „Св. Димитрија“) кое нешто не престанало и до денешни дни. Во минатото доста било присутно и подарувањето на земјиште на вакуфот односно црквата, со што се збогатувал нејзиниот имот.

Христијанството на овие простори оставило длабоки траги во животот, обичаите и верувањето кај луѓето, а со тоа и во изградбата на сакралните објекти, односно светилиштата. Тие се посветени на повеќе светители, а изградени се во и околу населбата. Ги посетуваат мештаните, но и жителите на околните населби. Обично тоа се чини во празници, но и во други пригоди.

Христијанските симболи коишто ги красат овие светилишта ги има и во домовите на вевчанците, на предметите за домаќинство, народните везови, ткаењето, резбарството и во други области од животот, со што се создал еден нераскинлив спој меѓу духовното и световното. Притоа, најзастапени симболи се: крстот, сонцето од Кутлеш, шестолисниот цвет, виновата лоза, птиците и други библиски мотиви.

Една од позначајните цркви во Вевчани е црквата "Св. Никола" (Горна Церкоф). Тоа е соборна црква, односно трокорабна базилика со олтар, лаѓа и балкон. Изградбата или можеби обновата на оваа црква се поврзува со периодот на обновата на струшката црква "Свети Ѓорѓија". Наспроти обичајот селаните да се собираат кај Долната Црква ("Св. Богородица") за празниците Лазара и Велигден, тука се собираат и ги слават божиќните празници како и празникот Свети Јован (Вјан). Оттука тргнуваат литиите кон Изворот на Водици, како и по синорот на селото за Ѓурѓовден.

Црквата "Св. Спас" (Бела Плоча) се наоѓа на влезот од Вевчани од неговата североисточна страна. Уште се нарекува и Долни Св. Спас. Во почетокот светилиштето било мала дрвена куќарка, параклис, а по обновувањето од 1986 - 1996 година е црква, солидно изградена од делкан камен. Осветувањето е извршено на 10.10. 1996 година од страна на Митрополитот г. Тимотеј. Манастирот Св. Спас (Горни) се наоѓа во планината западно од селото. Тоа е стара дабова шума и низ неа води пат до него по кој се стигнува за еден час пешачење. Манастирот е изграден во карпите што е карактеристика за целиот терен тука. За овој манастир белешки дал и Нушиќ во 1892 година, наведувајќи дека: "Над Вефчани, во брдото, има доста стар манастир Св. Спас".

Следната црква е црквата "Св. Варвара", која во минатото била параклис кој, покрај ова име, во Кралството на Југославија го носел и името на Свети Сава. Стариот параклис е срушен во 1996 година, кога на истото место, но со поголеми димензии, е изградена црквата.

ПАРАКЛИСИ

Параклисот „Св. Недела“

Во Вевчани постојат многубројни параклиси. Меѓу нив ќе ги споменеме: Параклисот "Св. Димитрија", Параклисот "Св. Петка", "Св. Недела", "Св. Среда", и црквиште "Св. Јован". Еден од најмладите црковни објекти во Вевчани е манастриот "Св. Петар и Павле". Неговата изградба е започната на 8.07. 2000 година на Вевчанска Голина, на надморска височина од околу 2000 метри. Изградбата е во чест на 2000 години од христијанството и мисијата на апостол Павле.

Постоењето на овие духовни светилишта во минатото многу придонесло за збогатување на духовниот живот на населбата. За тоа своја заслуга имале и самите свештеници кои служеле тука. Не помало значење имаат и вевчанските градители чие дело е вградено трајно во овие свети храмови. Нивниот дух зрачи и пошироко од родното Вевчани.

Благодарение на овие знајни и незнајни градители, во Вевчани, на овој мал, но духовно богат простор, се изградиле повеќе сакрални објекти. Култот кон нив никогаш не престанал.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Икони од „Црквата Св. Никола“
Икони од „Црквата Св. Никола“
Цркви[15]


Археолошки локалитети[16]
Традиционална архитектура од Вевчани
Вевчанските извори

Во близината на Вевчани се наоѓаат едни од најпознатите и најпосетени извори во Македонија, Вевчанските Извори. За вевчанци , изворите се нешто за што вреди да се гине. За луѓето што не се од Вевчани, а некогаш дошле да ги видат, нивната убавина е магнет кој долго ќе ги повикува назад, да се напијат од бистрата вода, да се изнадишат свеж воздух и да се најдат себеси во бучавата на студената вода. Вевчанските извори се едни од поретките псеудопериодски сифонски врела во Република Македонија. Изворите се лоцирани на источните падини на планината Јабланица, кај селото Вевчани, на надморска височина од 900 метри. Главниот извор е сместен во отворот на пештера. На десетина метри подолу, се наоѓаат неколку постојани извори кои подземно комуницираат со главниот извор. Капацитетот на Вевчанските Извори во влажниот период од годината изнесува околу 1500 литри во секунда

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Вевчански карневал[уреди | уреди извор]

Еден од најпознатите настани во Вевчани е Вевчанскиот карневал. Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но сепак во последните години во организација на Општината и Министерството за култура, се воведува ред во овој инаку хаотичен вонвременски настан.

Вевчанскиот карневал во суштина е обичај под маска, кој се нарекува „Свети Васиља“ (Василица). Се празнува на 13 и 14 јануари секоја година и е посветен на Св. Василиј Велики. На тој ден се дочекува новата православна година, а се испраќа старата. Инаку, тој е пагански обичај кој тука се сочувал сè до денешни дни. Учесниците во него се нарекуваат василичари. Тоа се маскирани поединци и групи од сите возрасти организирани по маала.

Тоа се маските на зетот и невестата, на музичарите, на Глупи Aвгуст и на ѓаволите. Особено е карактеристична маската на Глупи Август. Обично неговата улога ја прифаќаат млади луѓе, полни со енергија, бидејќи тоа го бара самиот лик. Глупи август настапува со дозирана агресивност во заштита на зетот и невестата (симболот на плодноста), а со публиката комуницира само со крикови и движења. Оваа маска се јавува од времето на антиката како своевидна пародија на тогашните владетели. Наспроти овие маски, во далеку поголем број се актуелните маски кои се јавуваат само еднаш. Токму тоа ги тера учесниците да бараат нови идеи и маски што го чини карневалот секогаш актуелен, масовен и привлечен за јавноста. Покрај тоа, тој има и натпреварувачки карактер меѓу ривалските групи на Долна и Горна Маала.

На вевчанскиот карневал се збираат жители и од околните села како публика. Два дена ечи селото од зурлите, тапаните, песните и игрите, шегите и довикувањата. Три месеци пред тоа печалбарите пак живеат за Василица. Се приготвуваат, измислуваат или прават маски, се договараат со ошто да ги изненадат другите василичари - како што ги викаат маскираните во карневалот. Тој е и чудна парада на духот на овие луѓе, инвентивноста, манифестацијата на веселоста иако градите им се полнеле со офкање од разделбите катагодишни.

На вечерта спроти Василица, штом се спушти ноќта, горномалската и долномалската тајфа василичари тргнува во обиколка на куќите. Пред секоја оро, пред секоја грст мрсни шеги за домаќинот и домашните, песни, и ,, Сурва година, со женcки јагниња, машки дечиња, женски телиња...... Ураааааа!!! ,,. Големите желби за плодна и среќна година и донесената веселба домаќините ги наградуваат со парче леб, неготвено месо и згора на тоа пари. На вевчанскиот карневал познат е обичајот „Крштевање вода во извор“ во водите на познатите вевчански извори. Тоа се прави кога негде ќе се расцути муграта под налетот на зората во два или три часот наутро, на 14 јануари, на Василица. Иако рано, учесници се, речиси, целото село, 1.000 до 1.500 вевчанци. Во нив има повеќе жени од мажи, има и стари, но повеќе млади вевчански генерации. Остварувањето на овој обичај е сврзан со предметите ѓум или бакарно котле, а поретко има литургија или погача, домашно месена и печена. Главниот предмет за обичајот „Крштевање вода“ е василичарската китка. Неа некои ја прават како крст, но задолжително од три гранчиња: дрен, босилек и василичарка. Секое гранче на китката има посебна цел: дренот е тврдо дрво, рано ја најавува пролетта и раѓа здрав живот и богат бериќет. Босилекот е господово растение со кое се благословува плодност, нов и здрав живот и бериќетно лето. Пак, василичарката е растение со боцки кои го прогонуваат злото и се што е страшно, лошо и неприфатливо за новата година.

И за овој обичај главнината на поворката ја чинат горномаалските и долномаалските василичари. Тие се предводени од зетот и невестата со побратимите и музиката. Во оваа пригода селскиот поп игра главна улога. Попатно на поворката се придружуваат соселани од сите селски маала кои се упатуваат кон изворите. Ова вевчанци, како обичај го викаат „одење на вода“. Тука во водите на вевчанските извори се прави чинот на крштевање вода: молитвите на попот, кршењето на лебот и квасењето на василичарската китка, го симболизира крштевањето на водата, а потоа се полнат бакарните садови. По ова зимската атмосфера се облагородува со песни, игри, желби и честитки „За многу години - Сурва година“. Потоа следува враќањето дома, каде што продолжува празнувањето на обичајот. Во домот „крстената вода“ од бакарниот сад се дели на половина. Целта нејзина е да се употреби за две намени. Првата се однесува на водата што ќе остане во котлето. Имено, домаќинот со садот „крстена вода“ тропа на затворената врата на својата куќа, а потоа вратата се отвора и почнува првата церемонија на остварување на обичајот. Тој ја кваси китката и ги прска просториите во куќата - домот, благословувајќи „за убајна, бериќет за женски јагниња и телиња и за полни амбари жито и бочви со вино“. Домаќинот и прскањето со „крстена вода“ го прави и во просториите каде што се одгледува стоката и живината: пондилата, кокошарниците. И ова се прави за добро и подобро во новото Господово лето.

Втората намена на „крстената вода“ ја употребува домаќинката на куќата. Таа со неа, рано наутро, на 14 јануари, на Василица ќе меси кашаник со паричка. Значи празнувањето на обичајот продолжува со месење, печење и гостење со кашаникот, тој е вевчански специјалитет за гостите и гостењето на денот на Василица. Тоа е некиснато тесто од пченично брашно со квасец. Кашаникот на гостите што ќе го посетат домаќинот на Василица се послужува со луканци (вевчански домашни колбаси) и со домашно биено сирење и кисело млеко. Преданието вели: „Кој ќе кеснит од кашаникот и тој што ќе ја најт паричката, ќе имат убајна, ајр, ем бериќет до година на Василица - Сурва година“. Дента на Нова година арена на игрите и песните продолжува среде селото, каде и завршува прекрасниот празник. Од 1993 година карневалот е член на Здружението на европските карневалски градови,во кое Вевчани на големо негодување на Грција, ја внесе Македонија под своето уставно име.

Карневалот во Вевчани, беше повод во 1996 година, на местото на настанот да се оддржи семинарот на тема ,, Обичаи под маска ,, со учество на домашни и етнолози од повеќе европски земји, кои од карневалот на јавноста и ги издвоија основните карактеристики: традиционалните маски, појавата на ликови од општенствениот живот, но и елементите кои го сочинуваат првобитниот слој на обичајот. Се разбира, тие дадоа и свое видување и за новините инкорпорирани во традиционалниот обичај. На вевчанскиот карневал, своевиден ,, Театар без ѕидишта ,, не му се случило да ја оддложи претставата. Тој од година во година се повеќе и повеќе го предизвикува интересот на јавноста, како во земјата така и во странство.

Последните испитувања на теренот носат сигнали дека вевчанскиот карневал е постар од утврдените 1.400 години. Се цени дека неговиот почеток е 800 години пред тоа. Кажувањата и тврдењата дека карневалот не постоел во турско време се неточни, пред се од причина што Вевчани никогаш не било под турска окупација. Затоа и не може ништо од неговото постоење да биде забечежано во турските тефтери. Почнувањето на овок пагански обичај јасно ја одсликувала потребата на луѓето преку маски да се ослободат од злото и од црните мисли. Токму затоа, Вевчанскиот карневал, всушност, претставува културно-забавна манифестацијасо примеси на наука.

Зелена агенда[уреди | уреди извор]

Од 18 декември 2007 е започната нова активност во реализацијата на Зелената Агенда во општина Вевчани. Започнато е анкетирање на граѓаните на општината кое е извршено од страна на претставници на локалните НВО кои се дел од Зелената Агенда. Испитување на јавното мислење се врши за утврдување на вредностите на општина Вевчани и известување на населението за начинот на нивно вклучување во процесот на спроведување на зелената агенда.

Лазарско-ѓурѓовденски песни и игри[уреди | уреди извор]

Првата промоција на овој настан се одржала на 18 мај 2003 година на локалитетот Вевчански извори. Бидејќи од крајот на педесеттите години обичаите, песните и ората поврзани со овие два празника изумираат, дошло до идеја таа традиција да продолжи. Иницијатор бил КУД „Дримкол“ - Вевчани како главна културна институција во Вевчани.

Во традицијата на Вевчани едни од најзначајните и најубавите празници биле празниците Лазара и Ѓурѓовден. Тоа се празници кои се прославувале на многу специфичен начин, празници за кои се испеале многу песни, празници каде главни учесници биле младите момчиња и немажените девојки Лазарки.

Карактеристично за овие кореографии е старото автентично Вевчанско пеење на песните: пејте лазарки, илинкуле сеструле, шила Ѓурѓа и женското играње на цело стапало специфично за ова играорно подрачје.

Музичкиот дел го сочинуваат ората: грутка шеќер, илинкино оро, за рамо, свирени на зурла, гајда, кавал, тамбура и тапан.

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Културно уметничкото друштво "Дримкол"од Вевчани во своето долгогодишно постоење има оставено свој белег во македонската културна историја.

Вевчанската носија е типична носија од Струшки Дримкол

Формирано е во 1973 година како здружение на граѓани во кое здружение се здружуваат љубовта, желбата и ентузијазмот кон фолклорот на многу млади луѓе во Вевчани.

Од тогаш до денес активно и успешно работи на негување, развивање и презентирање на сценско уметничките дејности, со посебен акцент и внимание кон фолклорната дејност. Како национално богатство на Р.Македонија ова културно уметничко друштво се афирмира себеси,и ја афирмира нашата држава онака како што се очекува,квалитетно и достоинствено, а како доказ се освоени дипломи, награди и признанија на домашни и сртански фестивали.

Богатата изворна Вевчанска носија,изворните инструменти, изворните кореографии од Вевчанското поднебје го прават ова друштво едно и единствено, различно од сите други во Македонија. Но покрај изворниот фолклор, на репертоарот на ова друштво се наоѓаат и кореогравски обработки од сите играорни подрачја на нашата држава (источно, западно, централно, јужно), а за нивна презентација ова друштво располага и со соодветна носија од горе споменатите региони.

Квалитетното озбилно и "професионално работење на КУД "Дримкол", предизвикува големо внимание кај младите во Вевчани, ја зголемува желбата и љубовта кон уметноста кај нив овозможува постојано да расте бројот на членови, а тој број денес изнесува 135 активни членови на возраст од 7 до 35 години.

Покрај редовно учество на домашните фолклорни фестивали: Балкански фестивал -Охрид; Илинденски денови -Битола; Оро без граници - Скопје; КУД "Дримкол"има учествувано и на фолклорни фестивали во странство и тоа: Хрватска - 1979,1980,1982,1987 година; Србија и Црна Гора - 1981, 1997, 2000, 2001, 2002, 2003 година; Германија - 1990 год; Полска - 1993, 1995 год; Турција - 1994, 1997, 1998 год; Бугарија - 1992, 1997 год; Египет- 2002 год; Сардинија-Италија - 2003 год. Во склоп на КУД "Дримкол" Вевчани работи и аматерската театарска група Патувачкиот театар "Поклонисе и падни" лој обработува и поставува на сцена драмски текстови врз основа на Вевчанскиот немирен дух, а со тоа ја продолжува театарската традиција во Вевчани која датира од 1936 год.

КУД "Дримкол"како високо квалитетна културна институција во Вевчани, дава огромен придонес за развој на македонската култура и традиција.


  • ФК Вевчани - оформен под името ФК Дримкол (Вевчани), а игра на стадионот Вердани. Има настапувано во 2 МФЛ.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 1,16 1,17 1,18 1,19 1,20 1,21 Трифуноски Ф., Јован (1992) (на српски). Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања. Белград: САНУ. стр. 186–189. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 49. 
  3. Турски извори за българската история, т. VІІ, София 1986, с. 359.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Шаревски, Марио (2014). Етничкиот состав на населението околу водните извори како внатрешна безбедносна закана во Македонија (на англиски). „Безбедносни дијалози“ (Скопје: Филозофски факултет) том  5 (2): 51–72. ISSN 1857-7172. http://sd.fzf.ukim.edu.mk/pdf/SD%20Vol.5%20No.2%202014%20Za%20web.pdf. 
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 Настаните во врска со решавањето на заедничкото водоснабдување на населбите Вевчани и Октиси (на македонски). „Преглед на активностите на општествено-политичките организации на СР Македонија“ (Скопје: ССРНМ) том  32 (9): 10–15. 1987. 
  6. Зошто Вевчани и вевчанци се толку често интересни за медиумите, новинарска лекција од Веле Митаноски, Сервис за проверка на факти од медиумите (08.10.2014.)
  7. Министерство за Локална Самоуправа. База на општински урбанистички планови
  8. ...„бугарските водачи пред европскиот свет почнаа да го рекламираат како некакво народно определување на Македонците за „Бугари“. „Бугарските лидери, , потикнувани од српските државници и пропагатори од тоа време, тврдеа обратно дека тие како Словени не можат да бидат ниту Грци, туку се Бугари.“, Ташковски, Драган, Раѓањето на македонската нација, стр.9 и 26, Скопје, 1970.
  9. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893-1903 година, Скопје, Институт за Историја-Филозофски Факултет, стр. 62
  10. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 104 - 105.
  11. „Месните бугари и куцовласи, кои живет во пределите на Македонија се нарекуваат самите Македонци и околните народи ги нарекуваат така. Турците и арнаутите не се кажуваат македонци, но запрашани од каде се, одговараат: од Македонија.” цитат од книгата “Орохидрография на Македония” - Васил Кънчов, Пловдив, Печатница Хр. Г. Данов, 1911 г.
  12. се мисли на Македонци, образложено во претходната реченица од истиов параграф.
  13. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900.
  14. Етнография на Македония. Извори и материали в два тома, т. 2, София 1992, с.72-73.
  15. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  16. Коцо, Димче(1996).Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069.
  17. 17,0 17,1 17,2 17,3 17,4 17,5 Ќишкоски, Атанас (2004). Вајтос и неговата околина во антиката. Струга: ИРИС. 

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]