Струшки вечери на поезијата

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Златен венец
Zlaten venec.gif
Место Струга
Земја Македонија Македонија
Доделува Струшки вечери на поезијата
Прво доделување 1966
Портал svp.org.mk
Мостови — поетско читање во рамките на манифестацијата

Струшките вечери на поезијата — најголемата светска поетска манифестација што се одржува секоја година во градот Струга. Манифестацијата е основно одбележје на градот како туристички центар и на неа присуствуваат најмалку 200 светски поети. На поетскиот фестивал меѓу другото, се доделуваат и најголемото признание за целокупна поетска дејност, „Златен венец“, и наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик. Сегашен претседател на организацијата е Славе Ѓорѓо Димоски.

Непосреден повод за организирање на Струшките вечери на поезијата, за продолжување на вековната културна традиција на овој град, беше литературното читање на група истакнати македонски писатели на свечениот дел од јубилејот, одржан во Струга на 15 јули 1961 година, по повод излегувањето на Зборникот на браќата Миладиновци. Се дојде до идеја дека постојат сите услови да се организира една традиционална манифестација со фестивалски карактер, која ќе се одржува во овој град, како смотра на поетските остварувања во Република Македонија во текот на една година.

Ваквата идеја и иницијатива наиде на позитивен одѕив и со задоволство беше прифатена од Друштвото на писателите на Македонија, Советот за култура на тогашна Народна Република Македонија и Народниот одбор на Општина Струга.

На една од своите седници, Народниот одбор на Општината во 1962 година формира прв фестивалски одбор од 7 членови, составен од претставници на Друштвото на писателитe на Македонија, културни и општествено-политички работници од Републиката и од Струга, чијшто претседател бил истакнатиот поет Блаже Конески. Фестивалскиот одбор изготви програма распределена во четири вечери на кои настапија писатели од Македонија.

Од година во година бројот на учесници на Струшките вечери на поезијата се зголемувал. Во 1964, тие прераснаа во општојугословенски фестивал на кој зедоа учество поети од сите републики на поранешна Југославија. А веќе наредната, 1965 година, фестивалот ги премина југословенските граници и поприми карактер на меѓународна поетска манифестација на која настапија еминентни поети од неколку земји: Бугарија, Италија, Полска, Романија, поранешниот Советски Сојуз и поранешна Чехословачка. Бројот на земјите учеснички се зголемуваше. По четири години, во 1968 година, на средбите настапија поети и есеисти од 17 земји.

Во 1966 година Струшките вечери на поезијата прераснаа во институција што постојано ја дообликува својата физиономија, изградувајќи поцврсти критериуми врз кои ја конципира програмата и поканува учесници на приредбите. Советот на Струшките вечери на поезијата со своите посебно стручни комисии: програмска, селекциона, комисија за симпозиум, организационо-техничка, жири комисии за доделување награди и други, програмирано ја одвива својата дејност, настојувајќи што подобро и посодржајно да ја осмисли манифестацијата. Бројот на членови на Советот на Струшките вечери сега се движи околу 25, со претседател и двајца потпретседатели.

Струшките вечери на поезијата доживеаја брз растеж и за кусо време станаа единствена меѓународна манифестација од ваков вид, еден вид на мост меѓу литературните меридијани на светот. Тие претставуваат една значајна трибина од која што секоја година одекнува полифоничноста на поетскиот збор, неговите хумани пораки и моќта да облагородува и зближува.

Струшките вечери секоја година се вистински празник како за градот, така и за сите вљубеници на поезијата. Тие станаа значаен културен настан во светот на литературата, манифестација низ која, како низ отворен прозорец, може да се види и чуе што се случува во поезијата, во таа "земја без граници". Пропагирајќи ја поезијата и нејзините вредности, Струшките вечери имаат непроценливо значајна мисија во овој миг, во овој свет што ни се приближува, што го приближуваме.

Името на Струшките вечери на поезијата е внесено во сите поетски карти на светот. Струга е во сите оние што ја посетиле и виделе. Таа е на патот да биде и во оние што допрва ќе ја видат. "Ако постои некаде библиски небесен рај, со идеална убавина, тогаш едно негово овоземно катче е овој град" - запиша еден од многубројните странски учесници, заминувајќи од Струга.

Досегашни лауреати[уреди]

Година Лауреат Земја
1966 Роберт Рождественски  СССР
1967 Булат Окуџава  СССР
1968 Ласло Наѓ  Унгарија
1969 Мак Диздар  СР Босна и Херцеговина
1970 Миодраг Павловиќ  СР Србија
1971 Вистан Хју Оден  САД
1972 Пабло Неруда  Чиле
1973 Еуџенио Монтале  Италија
1974 Фазил Хисни Дагларџа  Турција
1975 Леополд Седар Сенгор  Сенегал
1976 Ежен Гилвик  Франција
1977 Артур Лундквист  Шведска
1978 Рафаел Алберти  Шпанија
1979 Мирослав Крлежа  СР Хрватска
1980 Ханс Магнус Енценсбергер  Германија
1981 Блаже Конески  СР Македонија
1982 Никита Станеску Романија
1983 Сачидананд Хирананд Ватсјајн-Ајгеј  Индија
1984 Андреј Вознесенски  СССР
1985 Јанис Рицос  Грција
1986 Ален Гинсберг  САД
1987 Тадеуш Ружевич  Полска
1988 Десанка Максимовиќ  СР Србија
1989 Томас Шапкот  Австралија
1990 Хусто Хорхе Падрон  Шпанија
1991 Јосиф Бродски  САД
1992 Ференц Јухас  Унгарија
1993 Генади Ајги  Русија
1994 Тед Хјуз  Велика Британија
1995 Јехуда Амихај  Израел
1996 Макото Оока  Јапонија
1997[1] Адонис  Сирија
1998 Лу Јуан  Кина
1999 Ив Бонфоа  Франција
2000 Едоардо Сангвинети  Италија
2001 Шејмас Хини  Ирска
2002 Славко Михалиќ  Хрватска
2003 Томас Транстромер  Шведска
2004 Васко Граса Моура  Португалија
2005 Вилијам С. Мервин  САД
2006 Нанси Морехон  Куба
2007 Махмуд Дарвиш  Палестински територии
2008 Фатос Арапи  Албанија
2009 Томаж Шаламун  Словенија
2010 Љубомир Левчев  Бугарија
2011 Матеја Матевски  Македонија
2012 Монгане Вали Сероте  ЈАР
2013[2] Хосе Емилио Пачеко  Мексико
2013[3] Ко Ун  Јужна Кореја

Наводи[уреди]

  1. Мохамед Бенис. Дарот на Светлината. Предговор од Паскал Гилевски, Струга, 2001
  2. Иванова, Тина. „Мексиканскиот поет Хосе Емилио Пачеко - добитник на „Златен венец“ на СВП“, Утрински Весник, 28 февруари (конс. 28 февруари 2013).
  3. Ко Ун е добитник на „Златниот венец“ за 2014 година“, Струшки вечери на поезијата, 21 февруари 2014 (конс. 21 февруари 2014).

Надворешни врски[уреди]