Тадеуш Ружевич

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тадеуш Ружевич
Податотека:Różewicz.jpeg
Роден/а9 октомври 1921
Полска Радомско, Полска
Починат/а24 април 2014
Занимањепоет, писател, драматург
Тадеуш Ружевич
Тадеуш Ружевич во 2006
Роден/а9 октомври 1921
Радомско, Полска
Починат/а24 април 2014(2014-04-24) (возр. 92)
Вроцлав, Полска
ЗанимањеПисател
ЈазикПолска
ОбразованиеЈагелонскиот универзитет
Значајни делаИндекс на картички
Заминување на Мајката
Белата свадба
Значајни наградиАвстриска државна награда за европска литература (1982)
Струшки вечери на поезијата Златен венец (1987)
Победничка Награда (2000)
Европска награда за литература (2007)

Тадеуш Ружевич (полски: Tadeusz Różewicz; 9 октомври 192124 април 2014) — полски поет, прозаист, драмски писател и сценарист.

Животопис[уреди | уреди извор]

Тадеуш Ружевич е роден на 9 октомври 1921 година во Радомск (во близината на Лоѓ), во семејството на Владислав и Стефанија Ружевич. Во 1938 година, поради сиромаштијата, бил принуден да го напушти училиштето, а по германската окупација на Полска работел физички работи. Во 1942 година го посетувал тајниот курс по воена обука и една година подоцна, заедно со неговиот брат Јануш (кој исто така бил поет), ѝ пристапил на партизанската антифашистичка Народна армија. За разлика од Јануш, кој бил погубен од Гестапо во 1944 година, Ружевич ја преживеал војната. Во 1945 година, тој го завршил курсот наменет за оформување на образованието и започнал да студира историја на уметноста на Јагелонскиот универзитет во Краков. Ружевич бил скромен човек, кој ги избегнувал големите градови и општественито ангажман, а од 1968 година живеел во Вроцлав. Тој бил член на Полската академија на уметностите и почесен доктор на науки на најзначајните полски универзитети.[1][2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Ружевич ѝ припаѓа на првата генереација полски поети. Првите песни ги објавил во 1938 година во разни училишни и младински списанија, следната година објавувал во илегалниот печат, продолжил да пишува додека бил партизан и во 1944 година илегално ја објавил збирката „Шумски еха“, која не е сочувана. По војната, во 1946 година, ја објавил збирката сатириВо лажичка вода“, а неговото официјално деби го претставува збирката „Немир“ од 1947 година. Во 1953 година ја објавил книгата со репортажи „Разгледници од Унгарија“, а во 1955 година се појавило првото прозно дело на Ружевич, збирката новели „Опадна лисјето од дрвјата“ со тема од окупацијата на Полска. Следната година, Ружевич го напишал сценариото за филмот „Три жени“, а во 1957 година, во една книга, биле објавени сите негови дотогашни поетски збирки.[1][3] До неговото драмско деби во 1959 година (драмата „Картотека“), Ружевич објавил дванаесет високоценети збирки поезија. Оттогаш, тој напишал речиси педесет драми. Оваа ерупција на драматуршка енергија била придружена со привремени навраќања кон поезијата и кратки излети во светот на прозата. Ружевич се смета за еден од најголемите повоени полски поети и можеби за најинвентивен полски драматург. Негови најпознати драми се: „Картотека“, „Прекинатиот чин“, „Наталитет“, „Гладниот уметник си оди“ и „Бела венчавка“. Неговите дела се преведени на околу 50 јазици во околу 900 странски публикации.[4]

Ружевич бил неколкупати номиниран за Нобелова награда за литература, а добитник е на повеќе книжевни награди, како: Европската награда за книжевност, Европската награда за поезија КОВ, Наградата „Силесиус“, книжевната награда „Владислав Рејмонт“, наградата „Ника“, полската државна награда од прв степен и државната награда од втор степен (за збирката „Рамнина“), Литературната награда на Краков (1959), Големиот крст за препород на Полска, наградата на полскиот ПЕН-клуб „Јан Парандовски“, орденот „Ecce Homo“, златниот медал „Заслужен за културата Gloria Artis“, специјалната награда на „Политика“, „творец на културата за 2010“, Златниот венец на Струшките вечери на поезијата итн.[4]

Местото што го зазема Ружевич во полската поезија не само што е значајно, туку тоа е кренато на посебен пиедестал, зашто тој се смета за еден од најмладите полски класици, кој многу рано извршил големо влијание врз развојот на поновата полска поезија.[5] Ружевич се смета за класик на полската поезија и од него учеле речиси сите помлади полски поети. Тој открил нови изразни можности на полскиот стих, така што дури и оние поети кои не се свесни за неговото влијание, всушност, во голем мера му должат нему.[6]

Основната одлика на поезијата на Ружевич се состои во тоа што тој е еклатантен пример на крајно одговорно сфаќање на поетскиот чин и на поетското дело, а неговата ангажираност произлегува од уверувањето дека поетот е должен не да се доселува, туку да никне во клучните пунктови на сегашноста. Праизвор на поезијата на Ружевич е крикот на човекот пред човечкото злосторство и пред неговата ништожност, но и вербата во него. Втората одлика на неговата поезија е отсуството на секаква извештаченост, наместеност и изнасиленост, т.е. отсуството на бесцелно поетизирање и неконтролирано расфрлање со боите и метафората. Неговата поезија е елементарна, но и ретко впечатлива со својата едноставна извајаност и поетска дограденост. Таа се потпира врз поставката дека не треба да се зборва за чувствата, туку да се предизвикаат чувства; да не се кокетира со мисловност и задлабоченост, туку да се биде мисловен и задлабочен. Самиот Ружевич со голема недоверба им приоѓал на своите поетски дела, велејќи: „Никако не можам да сфатам дека поезијата постои, иако е убиен човекот. Вистинскиот мотор, никулецот на мојата поезија е омразата кон поезијата. Се бунев поради тоа дека таа преживеа, дека постои и покрај „крајот на светот“. Рамнодушна. Божествена. Неприкосновена во своите закони, прописи, поетики.“ [7]

Созреан во борбата против нацистичкиот окупатор, целата поезија и поетика на Ружевич произлегува од визијата на војната и смртта. Во една прилика, тој напишал: „Не можев да разберам дека поезијата постои иако е убиен човекот. Убиен е оној кој ја доведол поезијата во живот, договорениот јазик што треба да го изрази она што не може да се изрази... Со сомнеж гледам на тие остварувања. Ги составив од остатоците на зборовите кои преостанаа, од незаменливите слики, од големото буниште, од големите гробишта. Ми се чинеше дека јас сум првиот човек кој рече „добар ден“, „вода“, „сонцето изгрева“. Создавав поезија за преплашените и ослепените. Учевме да зборуваме од почетокот. Тие и јас.“ Навидум, Ружевич е мрачен поет. Тој не се обидува да поетизира. Нему му е туѓо секое поетизирање, музицирање, сликање. Тој се обидува да ја најде основната нишка на поезијата која, според него, не се наоѓа ниту во музиката, ниту во метафората. На вистинскиот поет таквите елементарни песни му се појавуваат еднаш или двапати во животот. Затоа, тој ја бара вистинската песна и вистинскиот збор. Токму затоа, во неговите песни многу е важна формата. Впрочем, една негова поетска збирка се вика „Форми“. Ружевич го крши стихот, го отфрла сето она што му делува непотребно и го сака само чистиот, елементарен збор. Се обидува од елементите на зборот да создаде нова целина. Со нивна помош, тој сака да дојде до тишината и до разјаснувањето.[6] Според зборовите на Ружевич: „Само избезумениот и нихилистот со избрани слики може да ја опишува убавината, додека пред нашите очи умира вистината. Само избезумен или резигниран човек може... да слегува уште еднаш во студениот пекол на естетиката. Јас лелекав и молчев не мислејќи за естетиката. Таков е изворот на мојата поезија и поетика.“[8]

Поезијата на Ружевич е израз на трагичноста на поединецот, изгубен во светот во кој доминираат масовната смрт и цивилизацискиот униформизам. Како јунак во неговите песни се јавува човекот кој е загрозен од деградацијата и општиот хаос. Ружевич пее и за обичните чувства и вредности, како што се: љубовта кон родителите, добрината, секојдневните предмети итн. Формално, тој е следбеник на авангардата. Во неговиот опус преовладуваат песните со слободен стих, чија конструкција критичарите често ја нарекуваат кубизам, зашто според значењето и композицијата, секоја строга претставува посебна коцка. Неговиот интерес за ликовната уметност го довела и до постмодернизмот. Со примена на постмодернистичкиот метод, тој дошол до неговиот познат пронајдок - буништето, т.е. храбро ги отфрлил вообичаениет изразни средства и настојувал да го уништи поетскито контекст на стихот. На тој начин, тој го создал т.н. ружичевски стил кој Јулијан Пшибош, главниот претставник на Краковската авангарда, го нарекол „турпизам“ или „естетика на грдото“, а токму поради тоа, во 1968 година ги прекинал односите со Ружевич. Меѓутоа, токму благодарение на својот стил Ружевич извршил големо влијание врз многу полски и странски поети.[9]

Библиграфија[уреди | уреди извор]

Поезија[уреди | уреди извор]

Ружевич е автор на поголем број поетски збирки, како:[9][10]

  • Шумски еха (1944)
  • Неспокој (Niepokój, 1947)
  • Црвената ракавица (Czerwona rękawiczka, 1948)
  • Пет поеми (1950)
  • Времето што тече (1951)
  • Стихови и слики (1952)
  • Избрани стихови (1953)
  • Рамнина (1954)
  • Сребрениот клас (Srebrny kłos, 1955)
  • Насмевки (1955)
  • Гласот на анонимот
  • Разговори со свештеникот
  • Отворена поема (Poemat otwarty, 1956)
  • Завеси (1957)
  • Собрани песни (Poezje zebrane, 1957, 1960, 1971)
  • Форми (1958)
  • Зелената ружа (1961)
  • Ништо во Просперовата наметка (1963)
  • Лице (1964)
  • Трето лице
  • Et in Arcadia ego
  • Паѓање
  • На површината од песната и во средината (Na powierzchni poematu i wś rodku, 1983, 1989)
  • Релјеф (Płaskorzeźba, 1991)
  • Секогаш фрагмент (Zawsze fragment, 1996)
  • Секогаш фрагмент, рециклирање (zawsze fragment. recycling, 1998)
  • Мајката заминува (Matka odchodzi, 1999)
  • Ножето на професорот (Nożik profesora, 2001)
  • Сива зона (Szara strefa, 2002)
  • Излез (Wyjcśie, 2004)
  • Купи мачка во вреќа (Kup kota w worku (work in progress), 2008)

Драми[уреди | уреди извор]

Ружевич е автор на следниве драмски дела:[2][11]

  • Картотека (1959)
  • Групата Лаокон (1963)
  • На четири нозе
  • Смрт во стариот декор
  • Шпагети и меч
  • Стапица
  • Белиот брак
  • Расфрлана картотека

Други дела[уреди | уреди извор]

Покрај поетските и драмските дела, Ружевич е автор и на други дела, како:[2]

  • Во лажичка вода (сатири, 1946)
  • Разгледници од Унгарија (репортажи, 1953)
  • Опадна лисјето од дрвјата (новели, 1955)
  • Три жени (сценарио, 1956)
  • Прекинатиот испит (раскази, 1960)

Препеви на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Издание на „Култура“ од 1965 година[уреди | уреди извор]

Во 1965 година, издавачката куќа „Култура“ ја објавила збирката „Поезија (избор)“ во рамките на едицијата „Современа лирика“, а изборот и препевот од полски јазик го направил Ацо Алексиев, кој е автор и на поговорот со наслов „Во името на човекот и за човекот – Неколку белешки врз творештвото на Тадеуш Ружевич“. Во збирката се застапени следниве песни: „Преживеав“, „Јаболко“, „Птичка килибарна“, „Оплакување“ и „од бележникот“ од збирката „Неспокој“ (1945-1946); „Туѓинци“, „Ѕид“, „Враќање“ и „Скаменето вообразување“ од збирката „Црвената нараквица“ (1947-1948); „Крила и раце“ и „Клање на децата“ од збирката „Пет поеми“ (1950); „На заминување на поетот“ од збирката „Рамнина“ (1954); „Татко“, „Кого го нема“, „Зелените ружи на поетот“, „Успеало“, „Вртелешка“ и Блудниот син“ од збирката „Сребрениот клас“ (1955); „Глинени птички“ и Видоизменувања“ од збирката „Насмевки“ (1955); „Прво сеќавање“, „Ѕид“, „Одврзани раце“, „Глас“, „Чекам“, „Глупа шега“, и „Можеби тоа не беше дом“ од збирката „Отворена поема“ (1956); „Ти знаеш кој сум јас“, „Оставете нè“ и „Во средиштето на животот“ од збирката „Завеси“ (1957); „Смеа“ и „Претоварен со задолженија“ од збирката „Лице“ (1964). Типизацијата, нацртот на обвивката и на корицата е дело на Михаило Писањук, технички уредник бил Христо Христовски, коректурата ја направиле Елена Павлова и Ружица Димишковска. Книгата е отпечатена во графичкиот завод „Гоце Делчев“ во Скопје, во тираж од 2 000 примероци.[12]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Napomena priređivača“, во: Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 327.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Тадеуш Ружевич (био-библиографски летопис)“, во: Тадеуш Ружевич, Поезија (избор). Скопје: Култура, 1965, стр. 63-65.
  3. „Тадеуш Ружевич (био-библиографски летопис)“, во: Тадеуш Ружевич, Поезија (избор). Скопје: Култура, 1965, стр. 63-64.
  4. 4,0 4,1 „Napomena priređivača“, во: Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 327-328.
  5. Ацо Алексиев, „Во името на човекот и за човекот – Неколку белешки врз творештвото на Тадеуш Ружевич“, во: Тадеуш Ружевич, Поезија (избор). Скопје: Култура, 1965, стр. 55.
  6. 6,0 6,1 Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 169-170.
  7. Ацо Алексиев, „Во името на човекот и за човекот – Неколку белешки врз творештвото на Тадеуш Ружевич“, во: Тадеуш Ружевич, Поезија (избор). Скопје: Култура, 1965, стр. 59-60.
  8. Ацо Алексиев, „Во името на човекот и за човекот – Неколку белешки врз творештвото на Тадеуш Ружевич“, во: Тадеуш Ружевич, Поезија (избор). Скопје: Култура, 1965, стр. 57-58.
  9. 9,0 9,1 „Napomena priređivača“, во: Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 328.
  10. Тадеуш Ружевич, Поезија (избор). Скопје: Култура, 1965.
  11. „Napomena priređivača“, во: Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 329.
  12. Ацо Алексиев, „Во името на човекот и за човекот – Неколку белешки врз творештвото на Тадеуш Ружевич“, во: Тадеуш Ружевич, Поезија (избор). Скопје: Култура, 1965.