Елизабета Шелева
Елизабета Шелева (Охрид, 1961) - литературна критичарка и теоретичарка.
Основни биографски податоци[уреди | уреди извор]
Професорка по Теорија и методологија на проучувањето на книжевноста на Катедрата за Општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот Факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје. Дипломирала на Катедрата за компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Магистрирала на Филолошкиот факултет во Белград во 1989 година, на тема: „Типолошки модели на македонската книжевна критика“. Докторирала на Филолошкиот факултет во Скопје во 1998 година на тема „Од дијалогизмот до интертекстуалноста (од Михаил Бактин до пост-структуралната критика)“.
Во своите критички и теоретски есеи, Шелева го применува поструктуралистичкиот метод во анализата на литературата, театарот, филмот, стрипот, ликовните уметности, фолклорот и кичот, комбинирајќи ја компаратистиката со културните студии, родовите студии, постколонијалната теорија и сл.
Како што истакнува Јелена Лужина во својата рецензија за книгата „Отворено писмо“: „Освен што постојано се докажува како една од најприсутните, најангажирани и најкомпетентни проследувач(к)и на литературните, но и на безмалку, сите културни случувања кај нас, Елизабета Шелева докажува и дека нејзиното присуство станува бележито, имено, затоа што настојува – како што поминуваат годините – се поуспешно да воспоставува сопствен систем кој несомнено ја афирмира. И кој, несомнено, станува високо вредносен. Нејзините книги – коишто внимателно (системично) ги собира своите аргументирани/мериторни реминисценции искажувани во разни околности и на различни теми: литературата, театарот, филмот, ликовните уметности, културата (како ситем), балканскиот контекст во кој сите овие феномени се искажуваат/прекршуваат... – како да се темпирани така што треба да се појават на секои две-три години. За да ги сумираат состојбите, по што –нели –присуството и ангажманот може и мора да продолжи. Накај нови предизвици. И нови синтези.“[1]
Членка е на Независните писатели на Македонија и на Македонскиот ПЕН Центар.
Творештво[уреди | уреди извор]
Авторка е на преку 120 трудови и 7 книги од областа на книжевната критика и теорија:
- Компаративна поетика (постмодернизмот во македонската фикција/новела) (1996)
- Книжевно-теориски студии (1997)
- Културолошки есеи (2000)
- Од дијалогизмот до интертекстуалноста (2000)
- Заробеници на денот (избрани колумни) 2001
- Отворено писмо (студии за македонската книжевност и култура) (2003)
- Дом/Идентитет (2005)
Преводи:
- Растко Мочник, Теорија за денешно време (1999) (од словенечки)
- Гиги Тевзадѕе, Знаци на иднината (2000)
- Џудит Батлер, Проблеми со родот (2000)
- Карл Попер, Непрекината потрага (автобиографија) (2001)
Наводи[уреди | уреди извор]
- Шелева Елизабета - Биографија Архивирано на 26 јуни 2006 г.
- ↑ Елизабета Шелева: Отворено писмо. Магор, Скопје, 2003.