Еуџенио Монтале

Од Википедија — слободната енциклопедија
Еуџенио Монтале
Роден/а12 октомври 1896
Италија Џенова, Италија
Починат/а12 септември 1981
Италија Милано, Италија
Занимањепоет, прозаист

Еуџенио Монтале (италијански: Eugenio Montale; 12 октомври 1896, Џенова - 12 септември 1981, Милано) — италијански поет, најпознат претставник на италијанскиот херметизам. Тој е добитник е на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1973 година и на Нобеловата награда за литература две години подоцна. Негови познати дела се „Аутодафе“, „Бура и друго“, „Сатура“ и други.

Животопис[уреди | уреди извор]

Монтале е роден во Џенова, како последен син во многучлено, но имотно трговско семејство. Првичната и неостварена желба на Монтале била да стане оперски пејач (тој се одликувал со убав баритон) и се школувал во таа област.[1] Исто така, тој посетувал воено училиште во Парма и учествувал во Првата светска војна. Во младоста, речиси целосно се посветил на читање на италијанските класици и неколку филозофски текстови. Од 1927 година живеел во Фиренца, работејќи во издавачка куќа, пишувајќи за разни списанија, а повремено и во библиотеката. Во 1929 година бил назначен за директор на Вјесеовиот научен кабинет, а на оваа функција останал до 1939 година, кога бил отпуштен зашто не сакал да се зачлени во фашистичката партија.[2] Како противник на фашистичкиот режим, тој бил принуден да живее изолирано и во овој период (од 1938 година) се посветил на преведувачка работа. За време на Втората светска војна, Монтале живеел во Фиренца, бавејќи се со преведување и со пишување, а во 1944 година, по ослободувањето на градот, тој бил член на неколку културни органи на Комитетот на националното ослободување. Во 1948 година, Монтале се преселил во Милано, каде ја започнал својата долгогодишна соработка со весникотКориере дела сера“ (Corriere della Sera), пишувајќи книжевна и музичка критика.[3] Во 1967 година, Монтале го добил првото општествено признание со тоа што бил бил избран за доживотен сенатор на Република Италија.[3]

Творештво[уреди | уреди извор]

Наспроти првичната желба да стане оперски пејач, средбите со поетите Збарберо и Боине во Џенова, дружењето со младите писатели Бенедети и Солми, како и со образовани антифашисти во Торино (еден од нив, Пјетро Гобето, подоцна бил издавач на првата збирка поезија на Монтале), го поттикнале да ѝ се посвети на поезијата. Инаку, првата „призната“ песна на Монтале потекнува од 1916 година, додека песните од неговата прва поетска збирка биле создадени меѓу крајот на Првата светска војна и 1925 година. Првата поетска збирка „Сипини коски“ (1925) предизвикала слаб интерес кај книжевната критика. Книгата се одликува со цврст стил, со нагласок на тврдите звуци, со присуство на бројни симболи од природата и со крајно песимистички поглед на светот. Неговата поетика уште тогаш се оддалечувала од пост-романтичарската италијанска традиција (Кардучи, Пасколи, Данунцио), но се дистанцирала и од футуристите и крепусколарите, нудејќи ново, критичко согледување на битието на буржоаскиот човек со помош на густ метафорички јазик што се доближува до еден вид лаичка метафизика. Според признанието на самиот Монтале, песните од неговата прва збирка биле инспирирани од повеќе поети, како: Бодлер, Браунинг, Маларме, Паунд и Елиот. Сепак, уште во првата фаза од неговиот поетски развој се присутни бројни новитети во кои лесно се забележува спротивставувањето на естетизмот и пуризмот во книжевниот јазик.[4]

Во 1928 година се појавило второто издание на „Сипини коски“, додека во 1939 година излегла втората поетска збирка на Монтале, со наслов „Случаи“. Во меѓувреме, во голема мера пораснало значењето на првата збирка, која сè повеќе била прифатена како кај публиката, така и кај критиката, а особено кај младите интелектуалци. На тој начин, поезијата на Монтале вршела големо влијание врз интелектуалното формирање и врз совеста на младата генерација, што го објаснува и големиот интерес со кој била пречекана неговата втора поетска збирка. Новите песни не донеле суштинска промена во поглед на песимистичката визија на човековата отуѓеност од стварноста, но затоа пак, тие биле стилски похомогени, поетски позрели и пооригинални во споредба со оние од првата збирка. Случаите за кои пее Монтале секогаш се поврзани со неговиот приватен живот, кого тој не го опишува ниту пак го објаснува, туку намерно го прикрива зад бројните алузии, а поетското размислување е усложнето со бројни полисемни метафори и слики, а неговиот поетски јазик се одликува со висок степен на семантичка концентрација. Сето тоа предизвикало бројни тешкотии и нејаснотии во толкувањето на неговата поезија, која била наречена Монталеов херметизам. Сепак, ова неразбирање повеќе се однесува на преисторијата на поезијата на Монтале и на претходноста на неговите пораки, отколку на самиот поетски текст. Во оваа збирка се наоѓаат некои од најдобрите и најпознатите песни на Монтале, меѓу кои се и оние посветени на големите (најчесто, измислени) женски ликови (Грета, Дора Маркус, Клиција, итн.), како и песните од групата „Мотети“, дваесетина кратки состави со сложена структура и со висока метафоричка компактност. Со „Случаите“, Монтале се стекнал со поширока книжевна слава, а критиката почнала да го смета за најголемиот жив италијански поет.[5]

По долга пауза, во 1956 година се појавила третата збирка на Монтале, „Бура и друго“, која ги продолжува стилот и поетиката од претходната книга, но носи и некои новини што се состојат во тоа што некои песни зборуваат за војната и за фашизмот. Овој суштински континуитет во неговата поезија не наишол на одобрување кај левоориентираната книжевна критика во Италија, која тврдела дека отсуството на историјата и стварноста во неговите песни можело да се оправда во времето на фашистичкиот режим, но дека продолжувањето на таквиот став во повоениот период значи дека поетот е нечувствителен на времето во кое живее, а тоа пак укажува на неговите граници. Меѓутоа, подоцна, критичката оцена на поезијата на Монтале се променила и неговиот однос кон историјата се набљудувал во поширок контекст. Во 1971 година, Монтале ја објавил новата поетска збирка „Сатура“, две години подоцна се појавила неговата петта книга, „Дневник од 1971 и 1972“. Овие две книги означиле нова фаза во творештвото на Монтале, зашто неговите теми се прошириле кон различни прашања од историјата, општеството, современата култура и јавниот живот. Сепак, во нив има многу иронија, скептицизам и недоверба кон можноста за напредок во иднината. Всушност, во збирката „Сатура“ се раѓа епиграмскиот карактер на поезијата на Монтале, која своите сатирички црти ги крие под етикетата на „комичноста“. Во „Сатура“ постои група песни („Ксении“) кои многу се разликуваат од останатите: тоа се кратките песни посветени на сопругата која умрела во 1963 година. Во нив, преку најситни случки од секојдневниот живот, поетот ја искажува љубовта и длабоките чувства кон саканата жена. „Ксениите“ се еден вид пандан на „Мотетите“, со таа разлика што во првите, чувствата се врзани за најбанални случки и предмети, додека вторите се одликуваат со сублимација и метафизичка двосмисленост.[6]

Есента 1977 година се појавила шестата книга на Монтале, „Тетратка од четири години“ во која се содржани песните напишани меѓу 1973 и 1977 година. Таа содржи песни во манирот на „Дневникот“, но присутни се и песни што означуваат враќање кон „Случаите“ и „Бура и друго“, т.е. станува збор за еден вид синтеза на поетскиот израз од двете фази во творештвото на Монтале. Сепак, изразувањето не е повеќе херметично, ниту премногу симболично, туку песните се повеќе израз на мудроста и се ослободени од заносот.[7]

Иако славата ја стекнал со поезијата, Монтале пишувал и прозни дела од кои најпознато е „Пеперутката од Динар“ (1960), збирка кратки состави со силна автобиографска нота, напишани меѓу 1946 и 1950 година. Оваа книга се одликува со повремена иронија, со нагласена трогнатост и со истенчен лиризам, но секој расказ претставува мало ремек-дело на стилот и вкусот, често претворајќи се во поезија во проза. Во 1973 година, Монтале ја објавил збирката кратки раскази „Поезијата не постои“ во која доаѓаат до израз неговиот хумор и вештината на сликање на општествените обичаи.[8]

По неговата преселба во Фиренца, Монтале почнал интензивно да се занимава со книжевна критика и уште во 1925 година дал голем придонес за рехабилитацијата на најголемиот италијански романописец од почетокот на 20 век, Итало Звево, кој во тоа време ѝ бил сосема непознат на публиката и кому критичарите му ја оспорувале уметничката вредност.[2] Исто така, по преслебата во Милано, во 1948 година, Монтале започнал да пишува книжевна и музичка критика за познатиот весник „Кориере дела сера“.[3] Како критичар, Монтале не бил на нивото на неговата поезија, што се должи на оптовареноста со идеализмот на Кроче (кого го читал во младоста), како и на конзервативните општествено-политички убедувања и традиционалистичките културни ставови. Оттука, според Фортини, од есеистот и критичар Монтале не може да се објасни како станала онаа смела и трагична поезија што ја напишал тој, зашто многу од ставовите искажани во есеите драстично отстапуваат од современите мислења. Сепак, во нив, Монтале дава многу поучни забелешки од теориски карактер.[9]

Најпосле, Монтале се занимавал и со преведувачка дејност, а неговите преводи на Вилијам Шекспир, Т.С. Елиот, Јуџин О'Нил, Херман Мелвил, Андре Малро и Јуџин О'Нил се многу ценети. Најдобрите новинарски репортажи на Монтале се собрани во книгата „Надвор од куќата“ (1969), а најважните преводи на поезија се објавени во книгата „Тетратка со преводи“ од 1948 година. Од неговиот критичко-есеистички опус се истакнуваат преписката со Итало Звево, како и книгата „Auto da fé“ (1966) во која се собрани статиите објавени во разни весници и списанија меѓу 1946 и 1966 година.[8]

Во 1975 година, Монтале ја добил Нобеловата награда за литература, како петти италијански писател што го добил ова признание. Поезијата на Монтале е многу ценета и кај публиката и кај критиката, која го смета за еден од најголемите италијански лирски поети, заедно со Петрарка и со Леопарди.[1]

Критички осврт кон поетиката на Монтале[уреди | уреди извор]

Монтале е најпознатиот претставник на италијанскиот херметизам. Идеолошката поента на поезијата на Монтале се состои во кризата на поединецот и неговите односи со стварноста, претставени во познатите метафори, како што се: „злото што го нагризува светот“, „полудениот компас“, „пролетите што не цветаат“, итн. Сепак, Монтале е идеалистички поет и ја негира историската компонента на своето нерасположение. Тој верува во метафизичкото зло, што е сраснато со вселената и кое го опколува човекот, како и во една метаисториска судбина што управува со човечките случки. Самиот Монтале вели: „Предмет на мојата поезија е човечката судбина, набљудувана сама за себе, а не оваа или онаа историска случка. Тоа не значи издвојување од она што се случува во светот, туку единствено значи свест и желба суштинското да не се замени со минливото... Бидејќи од раѓањето почувствував целосна неусогласеност со стварноста што ме опкружува, предметот на мојата инспирација не можеше да биде ништо друго освен таа неусогласеност.“[10]

Сепак, Монтале не ја прифаќа пасивноста, туку неговото бегство од историјата претставува постојано одмерување на силите со неа, нејзино отфрлање во името на еден апсолутен морален идеал. Токму таа морална строгост е една од највредните форми на универзалноста во поезијата на Монтале. Друг вид универзалност се волшебните резултати до кои дошол во истражувањето и во поетското претставување на егзистенцијалните тешкотии на современиот човек. Неговата поезија претставува непрекината нишка на осаменички средби со лавиринтот на судбината, со изгубените или недостижни човечки ликови, со сеќавањата што извираат од длабочините на предметите. Станува збор за осамено приближување кон променливите случаи на природата и на животот, кои му упатуваат на човекот час стоички, час иронични, час тажни опомени. Во „изгубените знаци“, во „сеќавањето што се празни“, во „јадрото на рамнодушноста какво што е твоето срце“ изронуваат куп слики и егзистенцијални предзнаци кои брзо го будат интересот на читателот и го принудуваат на разговор и на учествување.[11]

Дела[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Serđo Tukoni, „Euđenio Montale“, во: Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 161.
  2. 2,0 2,1 Serđo Tukoni, „Euđenio Montale“, во: Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 163.
  3. 3,0 3,1 3,2 Serđo Tukoni, „Euđenio Montale“, во: Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 165.
  4. Serđo Tukoni, „Euđenio Montale“, во: Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 161-162.
  5. Serđo Tukoni, „Euđenio Montale“, во: Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 163-164.
  6. Serđo Tukoni, „Euđenio Montale“, во: Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 165-166.
  7. Serđo Tukoni, „Euđenio Montale“, во: Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 166-167.
  8. 8,0 8,1 Serđo Tukoni, „Euđenio Montale“, во: Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 169.
  9. Serđo Tukoni, „Euđenio Montale“, во: Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 170.
  10. Serđo Tukoni, „Euđenio Montale“, во: Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 167-168.
  11. Serđo Tukoni, „Euđenio Montale“, во: Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 168-169.
  12. Латински литературен жанр со текстови на различни теми, пишувани со различен стил.