Андре Жид

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Андре Жид
Gide 1920 cropped.jpg
Андре Жид во 1920
Роден 22 ноември 1869(1869-11-22)
Париз, Франција
Починал 19 февруари 1951(1951-02-19) (воз. 81 г.)
Париз, Франција
Занимање романописец, есеист, критичар
Значајни дела Иморалист, Тесната врата, Визбите на Ватикан, Пасторална симфонија, Ковачи на лажни пари
Значајни награди Нобелова награда за литература, 1947

Потпис

Андре Пол Гијом Жид (француски: [ɑ̃dʁe pɔl ɡijom ʒid]; 22 ноември 1869 – 19 февруари1951) е француски писател и добитник на Нобеловата награда за литература во 1947 "за неговото разбирливо и уметнички значајно пишување, во кое човековите проблеми и состојби се претставени со бестрашна љубов по вистината и силно психолошко гледиште".[1] Кариерата на Жид започнува со симболистичкото движење па се до доаѓањето на антиколонијализмот помеѓу двете светски војни.

Биографија[уреди | уреди извор]

Андре Жид е роден во Париз, во богато протестантско семејство, на 22 ноември 1869, како син единец на Пол Жид, професор по право на Парискиот универзитет и Жулиета Рондо, чие благородничко семејство отпрвин било католичко па преминало во протестантско.

На 10 годишна возраст го изгубил татко му, а семејството се сели во Нормандија. Поради психичките кризи, Жид се школувал дома, па така изолиран почнува да го открива новиот свет – литературата и пишувањето. Заминува во Париз каде ги посетува салоните и литературните кружоци, а во 1893 одлучува да отпатува во Северна Африка која ја доживува како „Илјада и една ноќ“. Тука ја спознава својата хомосексуална природа. По враќањето во Париз, егзалтацијата го напушта – исти кафеани, исти кружоци, исти расправи, па разочаран се повлекува и осамен го пишува краткото дело Мочуришта (ориг. Paludes), еден од првите француски „антиромани“. Истата 1895 умира мајка му и тој набргу се жени со љубовта од детството, роднината Мадлен Рондо. Сепак оваа врска е осудена на пропаст, а сите жени понатаму во неговите дела ќе го носат коренот на неговата сопруга. Од Иморалист (1902) до следното дело Тесна врата (1909), лошо дочекани во јавноста, Жид не објавува ништо. Запаѓа во тешка морална криза, се разделува од пријателите, прогонет од своите очекувања и прекинот на бракот, од патењето кое го нанел на жената која ја сака, се соочува со криза на идентитетот. Дури во 1914, излегува неговиот роман Визбите на Ватикан.

Андре Жид го поддржува борбениот конфликт кој резултира од аферата Драјфус, но е против вооружувањето. Тој се дружел со други книжевници како Роже Мартен ди Гар, Пол Валери или Франсис Жам – пријателства кои ќе исчезнат со текот на времето, како и мачното пријателство со Пјер Луис, во младоста на Жид. Заедно со неколку пријатели, го создава книжевното списание Нова француска ревија (ориг. La Nouvelle Revue francaise), на кое е назначен за главен уредник што му овозможува да игра битна улога во француската книжевност. Во тој период, тој ги објавува романите Иморалист во 1902 година и Тесната врата во 1909 кои му носат слава. Неговите други романи кои се објавени пред и по Првата светска војна се: Визбите на Ватикан, 1914; Пасторалната симфонија, 1919, неговата најчитана книга, која го обработува судирот на религиозниот морал и чувствата; Ковачи на лажни пари, 1925 - роман со нелинеарна структура – го етаблираат како модерен писател, кој честопати е критикуван за својот висок, претензиозен стил на пишување. Сепак, приватниот живот преоптоварен од скриената хомосексуалност како и желбата да се надминат табуата станува предмет на поличносни текстови како Коридон (1920-24), или Ако житото не умира (1926), автобиографски дела кои го опишуваат неговото буржоаско детство, привлечноста кон машкиот пол и почитта која ја чувствувал кон братучетката Медлен, со која останува во брак покрај длабоко комплицираниот приватен живот. Од вонбрачна врска ја добива ќерката Катарина во 1923. Во 20-тите години Жид станува инспирација за писателите како Ками и Сартр, но делата во кои ја храни хомосексуалната природа наидуваат на остри критики.

Неговите дела добиваат поинаква боја откако сведочи на неколку настани од светската политика. Така, патувајќи, ја открива црната Африка и во 1927 година го објавува дневникот на неговото Патување во Конго, во кој ги осудува концесионерите, но и управата и ставот на поголемиот дел од Европејците кон колониите. Во почетокот на 1930-тите, покажува интерес за комунизмот, со посебен ентузијазам за советскиот модел, но мислењето потполно му се менува кога го посетува Советскиот сојуз во 1936 година. Жид го објавува своето сведоштво истата година, Назад во СССР, дело кое предизвикува напади и омраза од страна на комунистите. Сепак настојува во својата борба против советскиот тоталитаризам во времето на судењата во Москва, и се вклучува во исто време, во борбата на интелектуалците против фашизмот.

Во 1940 година, обземен од околностите, ја напушта работата на главен уредник, а и речиси се оттргнува од пишувањето, повлекувајќи се на Азурниот брег, а подоцна, за време на војната, патува во Северна Африка. По завршувањето на војната, Жид не е повеќе во центарот на книжевниот живот, објавува студија за Валери, го преведува Шекспир, многу пишува. Добива Нобелова награда за литература во 1947 година, а остатокот на животот го поминува во издавање на својот весник. Умира на 19 февруари, 1951 година во Париз а погребен е на селските гробишта покрај својата сопруга Мадлен. Следната година Католичката црква неговите дела ги става на листата на забранети книги[2].

Животен тек[уреди | уреди извор]

Детството и младоста[уреди | уреди извор]

Жид пораснал на релација Париз - Нормандија. Уште на рана возраст почнал да свири пијано но иако напредувал, никогаш не станал вистински музичар. Првите училишни години, во Алзашката школа во Париз, нагло биле прекинати кога го исклучиле од училиштето три месеци за да се лекува од „лошите навики“, односно од маструбацијата за која и самиот вели дека е „грев“[3].

Смртта на татко му во 1880, многу длабоко го погодува и го истргнува од нормалното школување. Запаѓа во анксиозност и духовни кризи што ќе влијаат на неговото школување. Детството и раната младост ги поминал во друштво на неговата строга мајка која го гушела со грижа и внимание, на Ана Шаклетон, гувернанта на мајка му, тетките и братучетките. Честопати наместо редовната настава бидејќи не се снаоѓал најдобро во училишната средина со своите соученици,посетувал приватни професори од кои не биле сите ефикасни. Кај еден од нив нашол инспирација да почне да води свој интимен дневник.

Во 1881, одново тргнал во Алзаската школа во Париз, но жртва на засилени главоболки, повторно морал да ја напушти редовната настава.

Поголем дел од детството го поминал во Руан, каде во 1882 година, се зближил со неговата братучетка Медлен, која почнува да ја идеализира и во која се вљубува, макар што на чисто интелектуален начин. Таа има 16 а тој има 13 години. Со неа многу се допишувал и тие заедно ја читале Библијата како и старогрчки автори. Во овој период тој се интересира за религијата и расте во еден пуритански дух.

Фотографија од класот во Алзаската школа во 1887, Жид (стои) и Пјер Луис (седи).

Во 1887 година се запишал во класот по реторика во Алзаската школа и тука го запознал Пјер Луис, со кој развил големо пријателство кое главно се темелело на нивната заедничка љубов кон книжевноста. Следната година подготвува матура од областа на филозофијата и го открива Шопенхауер. По матурата (1889), почнува да излегува по книжевни салони, каде се запознава со многу писатели.

Во 1890 умрел вујко му, Емил Рондо, таткото на Мадлен. За време на летото Андре престојувал на езерото Анеси каде ги напишал Тетратките на Андре Волтер. Во декември, заминал за Монпелје кај чичко му Шарл Жид каде се запознал со Пол Валери. Тоа пријателство ќе трае цел живот.

На 21 година, Жид го објавува своето прво дело Тетратките на Андре Волтер (Les Cahiers d'André Walter) кое му донесува првична слава. Тетратките му помагаат да ги запознае Морис Баре и Маларме, со чија помош религиозниот мистицизам го преобразува во естетски. Како што почнува да се дружи со Пол Валери, односот со Пјер Луис почнува да се распаѓа, поради егоцентричноста на Жид. Истовремено, Медлен ја одбива понудата за брак. Во целост, овој период, во кој Жид шета низ француските салони и напразно го губи времето кај него предизвикува длабока депресија.[4]

Оскар Валјд и патувањето во Северна Африка[уреди | уреди извор]

Во 1891, кратко време откако го пишува Трактатот на Нарцис, го запознава Оскар Вајлд, кој го плаши колку што го фасцинира. За Жид кој досега копнеел по некаков аскетски идеал, Вајлд му отвора еден сосема нов свет. Жид почнува да мисли дека е „должност човек да се чувствува среќно“[5]. Набргу открива свет во кој се дозволени задоволствата, а полека го напушта строгиот пуританизам.

Во овој период неговиот однос со мајка му почнува да се менува, но истовремено таа ја прифаќа неговата желба да се ожени со Медлен, чие семејство е против каква било врска помеѓу двајцата. Пролетта, 1892, Жид престојува во Минхен а во 1893 го објавува делото Патување на Уриен и љубовното искушение (Voyage d'Urien et la tentation amoureuse.)

Благодарение на неговиот пријател Ежен Руар, се запознава со еден млад поет, Франсис Жам и тоа е раѓање на едно долго пријателство. Токму таа година, Андре Жид ја доживува својата голема духовна криза која се должи на растргнатоста помеѓу строгото пуританско воспитание и неговите хомосексуални нагони. Во текот на еден престој во Северна Африка, тој ќе ги осознае првите такви ослободувачки искуства благодарение на едно друго пријателство - тоа со сликарот Пол Лоран.

Андре Жид во 1893.

Сликарот Пол Лоран, игра клучна улога во животот на Жид. Тој добил стипендија за патување во странство, која решил да ја сподели со Жид. Ова патување всушност е предмет на делото Ако житото не умира[6]. Тие заминуваат во октомври 1893 на деветмесечно патување, во Тунис, Алжир и во Италија. Уште од почетокот, Жид е болен, а здравствената состојба му се влошува во Тунис. Тука, во градот Сус, Жид ќе го открие задоволството со некое младо момче по име Али. Во ноември, Пол и Андре се населиле во Бискра, во Алжир каде ќе останат до февруари 1894. Загрижена за здравјето на синот, мајката на Жид дошла да ги посети. Пролетта, се вратил во Франција кратко поминувајќи преку Италија каде ги открива Рим и Фиренца. Во лоша здравствена состојба, Жид заминал за Швајцарија, каде му е дијагностицирано невротично растројство. Решава да се пресели во провинција, во Ла Бревин, каде го пишува делото Мочуришта.[7]

Бракот[уреди | уреди извор]

На почетокот на 1895, Жид по втор пат заминува во Алжир. Одново се среќава со Вајлд и со неговиот љубовник лордот Алфред Даглас и доживува уште една значајна ноќ со некој млад музичар. Преписката со мајка му е полна со горчина, но кога се враќа во Франција нештата се смируваат. Медлен конечно се зближува со него. Ненајдената смрт на Жулиет Жид на 31 мај 1895 едновремено значи болка и ослободување и настанот ги забрзува нештата околу бракот кој Жид одамна го посакува. Тој воедно и му бил препорачан од некој лекар како спас од сите негови хомосексуални аспирации.

Веридбата била во јуни, а Мадлен и Андре стапиле во брак на 7 октомври. Потоа заминале на седумесечно свадбено патување во Швајцарија, Италија, Тунис и Алжир. Во Швајцарија, Жид работи на Земските исхрани, книгата што ја започнал во Бискра.

Патувањето на младенците продолжува во Италија, а потоа повторно во Алжир, во Бискра, каде двајцата се посетени од Жам и Руар. Штом се враќа во Франција, пролетта 1896, Жид дознал дека е избран за градоначалник на Ла Рог-Бењар. Тој го прифаќа мандатот, но одбива да се занимава со политика. Бракот останува среќен, но лажен, бидејќи Жид одбивал интимни односи со Медлен која за неговите хомосексуални авантури дознала во 1916 кога од невнимание отворила некое писмо адресирано до Андре Жид[8].

Од Иморалист до Тесната врата[уреди | уреди извор]

Во 1902, Иморалист доживува голем успех, но публиката авторот го поистоветува со ликот на Мишел, па Жид останува несфатен. Според него, Мишел е само бледа негова верзија, преку кој пишувајќи се прочистувал. После Иморалист, не пишувал многу се до објавувањето на Тесната врата во 1909. Во меѓувреме, се мачи со пишувањето, објавувајќи само збирка критики, краток роман и книгата Враќањето на генијалното дете (1907). Објавува и омаж за Вајлд, во 1902, а чувствата околу јавниот спор за хомосексуалноста на Вајлд се јавува и во Ако житото не умира.

Во текот на овие години се раѓаат и продлабочуваат нови пријателства (со Жак Копо, Жан Шлумбергер и Шарл ди Бо). Останатите полека се распаѓаат, особено врската со Жам, кој бил верски преобратен од страна на Пол Клодел, но ова не била главната причина за раскинувањето. Жид накратко бил заинтересиран за Клодел, но го отфрлил како „фанатик“[9]. Жид ја одбивал верата што ја сакал Клодел, препрочитајќи ја емпатијата. Токму во овој период, го продал својот голем замок во Ла Рог-Бењар во 1900 изградил скромна куќа во Отеј каде останале да живеат цели дваесет и пет години (1906-1928). Ова укажува на потребата да помага на другите и свеста за неправедноста на својата благородничка положба.

Портрет на Анри Батај.

Кон крајот на деценијата Жид се враќа на пишувањето, со Тесната врата и со создавање на весникот Нова француска ревија (Nouvelle Revue Française). Критиката повторно ги меша ставовите на Жид со главниот лик во книгата, што го разочарува Жид. Ако претходно го мешале со Мишел, сега го поистоветуваат со Алиса, кон која покажува емпатија само со намера да ја разбере. Ироничната и критичка димензија на делото останува, главно, незабележана.

Што се однесува од весникот, иако Жид официјално не бил директор, во најмала рака бил главен уредник, опкружен од Жан Шлумбергер, Жак Копо и др. Во 1911, групата се поврзала со Гастон Галимар и создале издавачка и куќа и почнале да објавуваат книжевни текстови.

Во 1912 Жид, лектор во Нова француска ревија, го одбил делото Кај Сван (Du côté de chez Swann) на Марсел Пруст, поради снобизан на неговиот автор. Две години подоцна ќе се покае за тоа и ќе му напише на Пруст дека заради тој гест цел живот ќе носи грижа на совест.

Во 1916, добил искушение да се преобрати во католик. Кризата била поради преобраќањето на неговиот љубовник Геон. Проблемот не бил толку религиозен колку што бил морален: тој се колебал меѓу паганството кое му овозможувало да се докажува во уживањето и верата која му дава оружје да се бори против личниот грев. Неговите размислувања се запишани во делото Numquid et tu. Најпосле, не се преобратил, а тоа што го одвраќало од догмата бил и Пол Клодел.

Следната година е поинаква. Додека почнувал со делото Коридон, Анри Геон дефинитивно се оддалечил од него.Во мај 1917, Жид се вљубил во младиот Марк Алегре, тогаш на возраст од 16години и со него започнал куса љубовна врска во тек на патувањето во Кембриџ од јули до октомври 1918[10]. Тогаш и Мадлен го напуштила. Ги изгорела сите писма што тој ѝ ги напишал и си заминала. Ова искуство било болно за Жид но воедно и ослободувачко бидејќи во новата слобода тој најпосле можел да го објави делото Коридон како и неговите мемоари.

Корјдон[уреди | уреди извор]

Цената на славата[уреди | уреди извор]

Жид останува симболичен шеф на весникот, но пред сè писател. Тој всушност открива безброј таленти и овозможува соработка помеѓу постарите и ново-дојдените: Луј Арагон, Андре Бретон, Анри де Монтерлан.

Неговиот углед не престанува да расте. Се слуша глас кој зборува за преобразба на духот без да спомене револуција. Истовремено развива ентузијастичен глас на предводник на младите. Повеќето имале впечаток дека тој е славен без да биде читан и разбран. Овој углед доведува од напади од католичката десница. Ги навредуваат неговите вредности, интелектуализмот, неговиот јазик, но и влијанието на неговиот весник врз француската книжевност. Жид, со подршка на Роже Мартен ди Гар, помалку се брани себеси колку што го брани весникот. Повеќето десничарски интелектуалци (Леон Доде, Франсоа Моријак), кои ги почитува покрај меѓусебните несогласувања одбиваат да одберат страна. Жид им дава дополнителна причина на непријателите со објавувањето на Корјдон, кој е објавен во ограничен тираж. Сите пријатели се обидуваат залудно да го одвратат од објавување. Тој сепак го објавува, потсетувајќи се на болниот случај на Оскар Вајлд. Покрај сè, ова дело паѓа во заборав, веројатно бидејќи книгата е лошо напишана, многу демонстративна и бидејќи јавното мнение не е подготвено да се соочи со ова табу.[11] Скандалот доаѓа две години подоцна со Ако житото не умира.

За авторството во Конго[уреди | уреди извор]

Нобеловата награда[уреди | уреди извор]

После 1947, речиси воопшто не пишува. Не одрекувајќи се од ниедно од своите дела – особено не од Корјдон–, скандалозниот писател прифаќа почести од неколку институции, од Оксфордскиот универзитет, но и нобеловата награда за литература во 1947, докази за неговата верба во „доблеста на малкумината“[12]. Се уверува и во улогата на интелектуалец отцепен од стварноста[13]. Преку книжевноста Жид се справува со предрасудите на неговото време, неговото влијание се должи повеќе на уметноста отколку на политичките ангажмани. Жан-Пол Сартр решава да следи друг пат, останувајќи книжевник, но со истакната политичка ангажираност. Постои снимка од средба помеѓу двајцата интелектуалци во домот на Жид во 1950.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. https://www.nobelprize.org/nobel_prizes/literature/laureates/1947/
  2. Спасиќ, С.. „Роден на денешен ден, Андре Жид“, „МКД.мк“, 22 Ноември 2012. (на mk)
  3. Si le grain ne meurt, I, chapitre 7
  4. Si le grain ne meurt, I, chapitre 10
  5. Journal, avril 1893
  6. Si le grain ne meurt, II, chapitre 1
  7. „André Gide (Biographie) - aLaLettre“. www.alalettre.com. http://www.alalettre.com/gide-bio.php. конс. 26 септември 2017 г. 
  8. Грешка: no |title= specified при употребата на {{Cite web}}. http://bibliobs.nouvelobs.com/essais/20160512.OBS0360/ces-femmes-qui-ont-epouse-des-homosexuels-sans-le-savoir.html. 
  9. Correspondance, 1899-1926, Paul Claudel, André Gide
  10. André Gide & Marc Allégret - Le roman secret, Pierre Billard, Plon, 2006
  11. Cf. Pierre Lepape, André Gide le messager, Ouvrage utilisé pour la rédaction de l'article, Seuil, 1997
  12. Gide, Martin du Gard, Annexe à Correspondance, 1935-1951
  13. Journal, 19 janvier 1948

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Wikisource
Викиизвор има оригинални дела од или за:
Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со: