Прејди на содржината

Фредерик Мистрал

Од Википедија — слободната енциклопедија
Фредерик Мистрал
Изворно имеФредери Мистрал или Мистрау
Роден/а8 септември 1830
Мајан, Франција
Починат/а25 март 1914
Мајан, Франција
ЗанимањеПоет, лексикограф
НационалностФранцузин
Апсолвент наПравен факултет во Екс-ан-Прованс
ПредметПровансалски јазик
Значајни наградиНобелова награда за литература за 1904
Сопруг/аМари Луиз Еме Ривиер

Жозеф Етјен Фредерик Мистрал (8 септември 1830, Мајан, Франција - 25 март 1914, Буш-ди-Рон, Франција) — француски писател, филолог и лексикограф на провансалскиот јазик. Мистрал бил член и основач на движењето „Фелибриж“, член на Марсејската академија, на Академијата на Флоралиите во Тулуза и лауреат на Нобеловата награда за литература во 1904 година, за своето дело Миреј, напишано на провансалски јазик.[1] Неговото име на провансалски е Фредери Мистрал или Мистрау.

Животопис

[уреди | уреди извор]
Ма ди Жиж во Мајан.

Мистрал е роден на 8 септември 1830 година во Мајан (Maillane), во департманот Буш-ди-Рон. Тој бил дете од добростоечко домаќинско семејство.[2] Неговите родители, Франсоа Мистрал[3] и Аделаида Пулине, биле во роднински врски со најстарите семејства во Прованса: Кривелје, Експили, Ру родени Руфо ди Калабрија, кои биле тесно поврзани меѓу себе. Мистрал го носел името Фредерик во спомен на „некое сиромашно момче кое во времето кога татко ми и мајка ми се 'вљубиле' ги пренесувало нивните љубовни пораки, но по извесно време починало од сончаница.“[4]

Фредерик Мистрал живеел на три места во Мајан: на имотот Ма ди Жиж, во куќата Лезар и во онаа што е позната како Музеон Фредери-Мистрал.[5] Ма ди Жиж, имот од 25 хектари, распространет меѓу Мајан и Сен-Реми, бил во сопственост на семејството Мистрал од 1803 година. Фредерик Мистрал го наследил по смртта на татко му во 1827 година, кој во тоа време бил вдовец по смртта на првата жена Лујза Лавил. Во тој брак ce родил Луј, полубрат на Фредерик Мистрал[6] ·[7]. На 26 ноември 1828 година, Франсоа Мистрал, вдовец од 1825 година, се преженил за Аделаида Пулине, ќерка на градоначалникот на Мајан,[8]. Од тој брак на 8 септември 1830 година се родил Жозеф-Етјен-Фредери Мистрал чие детство и младост минале на имотот Ма ди Жиж[6] ·[5] ·[7].

Влезот на некогашниот Кралски колеџ во Авињон во које учел Фредерик Мистрал од 1842 до 1847 година.
Плочата на пансионот во улицата Луј Пастер во Авињон каде што Анселм Матје и Фредерик Мистрал учеле кај Жозеф Руманиj.

Мистрал тргнал на училиште во Мајан на седум години. Тој ја посетувал шумската школа, како што раскажува во Спомени и раскази, кога берел водени лилии за својата мајка. Во 1839 година, го запишале во пансионот на опатијата Сен-Мишел-де-Фрижоле каде што учел само две години, затоа што училиштето било затворено, а потоа бил запишан во пансионот Мије во Авињон. Во 1845 година, бил сместен во пансионот Дипуј; тука се запознал со Жозеф Руманиј[9].

Во тој период, учел во Кралскиот колеџ во Авињон, во улицата што го носи името Фредерик Мистрал, и во 1847 година матурирал во Ним. Бил одушевен од Француската револуција од 1848 година и од Ламартин. Таа година ја напишал Жетви (Li Meissoun), грегоријанска песна во четири пеења која не била објавена.[9] Неговото семејство сакало да стане адвокат и затоа тој студирал право во Екс-ан-Прованс од 1848 до 1851 година, кога завршил правен факултет и добил диплома[9].

Потоа, тој станал поет на независноста на Прованса и особено на провансалскиот јазик, „првиот литературен јазик на цивилизирана Европа“. Во текот на своите студии на правниот факултет тој ја учи историјата на Прованса што некогаш била независна држава. Еманципиран од својот татко, тој носи одлука „да го подигне, да го оживее во Прованса национлното чувство (…); да ја поттикне ренесансата со воведување на мајчиниот јазик во тој крај(…); провансалскиот да биде на мода преку пламенот на божествената поезија“. За Мистрал, зборот „нација“ означувал „луѓе поврзани со јазикот, вткаени во една земја и во една историја“.

Фредерик и мајка му морале да заминат од имотот во 1855 година, по смртта на Франсоа Мистрал затоа што имотот му припаднал на неговиот полубрат Луј. Морале да се сместат во мала семејна куќа во селото што им припаднала со поделбата на наследството. Во својот расказ „Поетот Мистрал“, писателот Алфонс Доде ја опишува куќата на Мистрал како „куќа на крајот од селото, последна на левата страна, на патот што води во Сен-Реми (Saint-Rémy) - мала ѕидана куќа на кат, а пред неа градина..“[10]

Во 1903 година, Мистрал ја нарекол куќата „Лезар“ (француски: гуштер) откако на неа поставил сончев часовник украсен со мал влекач. Тука го завршил делото Миреј што било почнато на имотот Ма ди Жиж, и ја напишал Календау.[5] ·[6] ·[7] Фредерик Мистрал живеел таму до 1875 година кога се преселил во куќата што ја изградил во Мајан и која се наоѓала пред куќата Лезар.[6] По една година, на 27 септември 1876 година, во Дижон се оженил со Мари Луиз Еме Ривиер и оттогаш живееле во новоизградената куќа. По смртта на поетот (25 март 1914), и по смртта на неговата жена (6 февруари 1943), куќата била претворена во музеј Музеј Фредери Мистрал.[5] ·[7]

Музеј Фредерик-Мистрал во Мајан.

Мистрал ја добил Нобелова награда за литература во 1904 година заедно со Хосе Ечегарај. Целиот износ од наградата го дал за изградба на Арлежанскиот музеј во Арл. Во својот тестамент од 7 септември 1907 година, Мистрал на општината Мајан ѝ ги оставил својата куќа со „земјиштето, градината, оградата, ѕидовите, шупата и куќичките кои биле околу неа или биле поврзани со неа... уметничките предмети, сликите, гравирите, книгите и библиотеката за да се направи со нив музеј и библиотека во Мајан, како и мебелот што е во куќата доколку не е кренат“. Исто така, тој истакнал дека општината ќе го добие сето тоа само по смртта на сопругата.[7] Музејот бил прогласен за историски споменик од 10 ноември 1930 година, а тоа овозможило куќата да го задржи изгледот што го имала додека бил жив Фредерик Мистрал.[7]

Фредерик Мистрал ги украсувал етикетите на книгите со свој личен грб со азурно-сина основа, а на неа штурче со златна боја што пее под сонцето и го истакнува неговото мото „Сонцето ме тера да пеам“ (Lou soulèu me fai canta).[11]

Во својот расказ „Поетот Мистрал“, писателот Алфонс Доде го опишува Мистрал како „Индијанец во градски костум... со голема шапка која го притискаше како неговата слава“, со „блескави очи, јаболчници зарвенети од инспирација“, со „балга насмевка, убав како некој грчки овчар“.[10]

Творештво

[уреди | уреди извор]

Мистрал оставил обемно творештво, кое по својата тематика е регионално, но со својата убавина и ведрина ги надминало провансалските и француските граници и станало дел од светската книжевност. Неговото најважно дело е поемата „Миреј“ која претставува епопеја на руралната Прованса, како и епотКалендау“ (Calendau или Calendal) во кој е опеана приморската Прованса.[12] Исто така, позната е неговата збирка со лирски песни, „Златните острови“ (Lis Isclo d'or).[13]

Фелибриж

[уреди | уреди извор]
Портрет на Фредерик Мистрал од Жан Барнабе Ами.
Прв портрет на Фредерик Мистрал направен во Тараскон, на 18 јули 1852 година, од Жан-Жозеф Бонавантур Лоран
Библиотека Енгимбертин.

Кога се вратил во Мајан, заедно со поетот Жозеф Руманиј (на провансалски: Жозе Романијо, Joseph Roumanille), Мистрал ја организирал обновата на провансалскиот јазик. Во 1854 година, со уште петмина провансалски поети во Шатонеф-де-Гадањ (Châteauneuf-de-Gadagne), во Воклизите, тие го основале „Фелибриж“ (Félibrige), регионално здружение кое им овозможило да го унапредуваат јазикот. „Фелибриж“ било движење под заштита на света Естела и ги обединувало каталонските поети кои шпанската кралица Изабела II ги избркала од Шпанија. Притоа, Мистрал бил првиот претседател на друштвото од 1876 до 1888 година. Покрај Мистрал, основоположници на „Фелибриж“ се: Жозеф Руманиј, Теодор Обанел (Théodore Aubanel, на првансалски: Теудор Обенеу), Жан Брине (Jean Brunet, на првансалски: Јан Брунет), Пол Гиера (Paul Giéra, на првансалски: Пау Гиера), Анселм Матје (Anselme Mathieu, на првансалски: Ансеум Матиеу) и Алфонс Таван (Alphonse Tavan, на првансалски: Анфос Таван). „Фелибриж“ и денес е културна организација присутна во департманите со провансалски јазик.

Со своето дело, Мистрал го вратил провансалскиот јазик и го довел до највисоки поетски рамништа: поради квалитетот, неговото дело било наградено со највисоки награди. Напишал речник, пишувал песни и романи во стихови, по примерот на Хомер и во првиот стих на „Миреј“ за себе вели дека е „понизен ученик на великиот Хомер“.

  • « Cante uno chato de Prouvènço,
  • Dins lis amour de sa jouvènço,
  • A través de la Crau, vers la mar, dins li blad,
  • Umble escoulan dóu grand Oumèro, iéu la vole segui. »
  • „Пеам за млада девојка од Прованса,
  • И за нејзините младешки љубови,
  • Низ Кро, на море, низ житни полиња,
  • јас, понизниот ученик на великиот Хомер.“

Во 1891 година, образува фелибријански весник со федералистичка инспирација Ајоли, но, нема да успее во намерата провансалскиот јазик да се изучува уште од основно училиште[14].

Фредерик Мистрал со впечатлива брада.

Мистрал е автор на Провансалско-француски речник (1878-1886), кој до денеска е најбогатиот речник на провансалски јазик и со најточни одредници. Тоа е двојазичен речник во два големи тома, кој ги опфаќа и дијалектите на провансалскиот јазик. Речникот е направен со поддршка на локални соработници и за секој збор дава варијанти од самиот провансалски, потоа превод на главните романски јазици како и соодветни изрази и цитати за определен збор.

„Календау“

[уреди | уреди извор]

Епот „Календау“ мистрал го пишувал седум години и дури и кога го завршил, тој го одложил неговото објавување до Божиќ и во тој период правел ситни поправки. Во расказот „Поетот Мистрал“, писателот Алфонс Доде ја опишува својата посета на Мистрал во неговиот дом во Мајан при што со возбуда го читал ракописот на „Календау“ кој бил напишан шест месеци претходно.[15] Во епот се опишуваат неверојатните потфати на рибарот Календау направени со цел да ја освои убавата Естрела. Така, во една прилика, за да се збогати, Календау измислил голема направа за риболов и така ги фатил сите риби од морето. Другпат го избркал страшниот разбојник, грофот Северан. Еден ден, тој сретнал две групи луѓе кои дошле на гробот на мајсторот Жак со намера да се пресметаат со ножеви, но Календау успеал да ги смири. Исто така, храбриот Календау отишол во непристапната шума во која ниту еден дрвар не се осмелувал да појде и таму останал цел месец, успевајќи да ја исече целата шума. Најпосле, како награда за неговите храбри дела, Календау ја добил раката на Естрела, а жителите на Касис го именувале за свој конзул.[16] Опишувајќи ги подвизите на храбриот рибар, Мистрал всушност ја опејува родната Прованса која, според Доде, вечно ќе живее во епот „Календау“.[17]

„Миреј“ и Нобеловата награда за литература за 1904 година

[уреди | уреди извор]

Негово главно дело е Миреј (Mirèio или Mireille), објавено во 1859 година, по осум години творечки напори. Миреј е долга поема на провансалски јазик, напишана во стихови и во дванаесет пеења, која зборува за забранетата љубов на Венсан и Миреј, двајца млади кои потекнуваат од различни општествени средини. Името „Миреј“, на провансалски Мирејо, е јазичен дублет од зборот „меравијо“ што значи „чудо“. За Мистрал, тоа е можност да го прикаже провансалскиот јазик но исто така и да ја сподели и културата на една област кога зборува за други јазици. Во предговорот на својата поема стои и кратко „Објаснување за провансалскиот изговор“.

Миреј, девојка за мажење, ќерка на провансалски земјопоседник, се вљубува во Венсан, сиромашен ткаач кој исто така се вљубува во неа. Откако одбива тројца богати кандидати за женење, Миреј, очајна од тоа што родителите не ѝ дозволуваат да се омажи за Венсан, оди во Сент-Мари-де-ла-Мер за да ги моли заштитниците на Прованса да ги разубедат нејзините родители. Но, заборавајќи да ја понесе својата шапка, таа добива сончаница и кога ќе пристигне на целта умира во рацете на Венсан и пред очите на своите родители.

Мистрал му го посветува ова дело на Ламартин со зборовите:

Венсан и Миреј од Виктор Лејде.
Фредерик Мистрал, Mistral, лауреат на Нобеловата награда за литература на насловната страница на весникот Пети Журнал во 1904.

„За Ламартин.

  • Ти ја посветувам Миреј: тоа е моето срце и мојата душа,
  • Тоа е цветот на моите години;
  • Тоа е грозд од Кро што со сите лисја
  • Ти го нуди еден селанец.“[18].

Ламартин се одушевува: „Денес ќе ви кажам добра вест! Се роди голем поет.(…) Вистински поет, хомерски за денешново време; (...) Да, твојата епска поема е ремек-дело;(…) мирисот на твојата книга нема да испари ни за илјада години.“[19]

Поемата Миреј е преведена на петнаесеттина европски јазици,[20] а на француски ја превел самиот Мистрал. За оваа поема, Француската академија го наградила Мистрал со парична награда во износ од 3.000 франци.[21] Во 1863 година, Шарл Гуно ја напишал опeратаМиреј“.

Нобеловата награда за литература на Фредерик Мистрал му е доделена во 1904 година, за делото „Миреј“, напишано на провансалски јазик, јазик на малцинство во Европа, што претставува исклучок. Уште во 1901 година, при првото заседавање на комитетот за Нобеловата награда за литература, Мистрал бил фаворит, поддржан од интелектуалците-романисти од Северна Европа. Меѓутоа, шведскиот комитет му ја доделил првата Нобелова награда на Сили Придом, официјален кандидат на Француската академија.[22]

Мистрал ја добил Нобеловата награда во 1904 година, но за малку ќе ја загубел поради лошиот превод на делото на шведски јазик. Наградата ја поделил со Хосе Ечегарај. Оваа награда која е доделена на дело напишано на јазик на малцинство била единствена сѐ до 1978 година, кога на Мистрал му се придружил и Исак Башевис Сингер, награден за дело напишано на јзикот јидиш. Шведската академија во објаснувањето навела дека наградата ја доделува: „Поради поезијата која е толку изворна, толку генијална и толку уметничка, [...], но и поради неговата значајна работа во областа на провансалската филологија“. Поетскиот легитимитет на провансалскиот јазик бил признат на меѓународно рамниште, бидејќи Нобеловата награда укажува на неговата универзална вредност и го издига над регионалното значење.[22]

Значење и влијание

[уреди | уреди извор]

Во чест на Мистрал, писателот Алфонс Доде го напишал расказот „Поетот Мистрал“, објавен во збирката „Писма од мојот млин“. Во расказот, Доде ја опишува својата посета во домот на Мистрал во малото село Maillane.[23]

  1. Prix Nobel de littérature pour une œuvre écrite en occitan
  2. Mes Origines ; Mémoires et récits de Frédéric Mistral
  3. Неговото семејство имало савојско потекло и се доселило во Мајан во 1471 година. Извор Descendant d'une famille d'origine savoyarde installée à Maillane dès 1471. Source : Charles Rostaing, Frédéric Mistral. L'homme révélé par ses œuvres, J. Laffitte, 1987, Ouvrage utilisé pour la rédaction de l'article9 
  4. Frédéric Mistral. Mes origines : mémoires et récits de Frédéric Mistral. Paris : Plon-Nourrit, ca 1920. Memòri e raconte éd.Aubanel pour la première édition, éd. Marcel Petit pour la dernière.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 „Frédéric Mistral : ses lieux de vie“. Архивирано од изворникот на 2015-06-12. Посетено на 2015-08-12.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 „Frédéric Mistral : biographie et bibliographie“. Архивирано од изворникот на 2015-06-29. Посетено на 2015-08-12.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 7,5 „Maillane, au cœur de la Provence“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-08-27. Посетено на 2015-08-12.
  8. Mireille Bosqui, Mistral, Équinoxe, 1994, Ouvrage utilisé pour la rédaction de l'article51 
  9. 9,0 9,1 9,2 „Biographie de Frédéric Mistral sur le site maillane.fr“. Архивирано од изворникот на 2015-06-29. Посетено на 2015-08-12.
  10. 10,0 10,1 Alphonse Daudet, Pisma iz mog mlina. Zagreb: Znanje, 1986, стр. 130.
  11. Revue de Provence et de Langue d'Oc : artistique, littéraire, scientifique et historique, P. Ruat, 1905, Ouvrage utilisé pour la rédaction de l'article58 
  12. Alphonse Daudet, Pisma iz mog mlina. Zagreb: Znanje, 1986, стр. 14.
  13. Alphonse Daudet, Pisma iz mog mlina. Zagreb: Znanje, 1986, стр. 15.
  14. Frédéric Mistral, Mireille/Mirèio, Grasset, 2004, Ouvrage utilisé pour la rédaction de l'article5 
  15. Alphonse Daudet, Pisma iz mog mlina. Zagreb: Znanje, 1986, стр. 131.
  16. Alphonse Daudet, Pisma iz mog mlina. Zagreb: Znanje, 1986, стр. 133.
  17. Alphonse Daudet, Pisma iz mog mlina. Zagreb: Znanje, 1986, стр. 134.
  18. Texte original : A Lamartino Te counsacre Mirèio : es, moun cor e moun amo ; Es la flour de mis an ; Es un rasin de Crau qu'emé touto sa ramo Te porge un païsan.
  19. Cours familier de littérature, quarantième entretien, Alphonse de Lamartine, Paris 1859.
  20. Mirèio (Mireille) traduit en espagnol
  21. Alphonse Daudet, Pisma iz mog mlina. Zagreb: Znanje, 1986, стр. 135.
  22. 22,0 22,1 „Le prix Nobel de Frédéric Mistral en 1904“. Архивирано од изворникот на 2013-10-19. Посетено на 2015-08-13.
  23. Alphonse Daudet, Pisma iz mog mlina. Zagreb: Znanje, 1986, стр. 129-136.