Патрик Модијано

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Патрик Модијано
Patrick Modiano
Patrick Modiano 6 dec 2014 - 22.jpg
Патрик Модијано во Стокхолм за време на конференцијата за печат на Шведската академија на 6 декември 2014 година
Роден/а 30 јули 1945(1945-07-30)
Булоњ-Бијанкур, Франција
Жанр Роман
Биографија
Значајни дела Плоштадот на ѕвездата
Сопруг/а Доминик Зерфус


Патрик Модијано (Patrick Modiano, роден на 30 јули 1945 година во Булоњ-Бијанкур) — француски писател, автор на триесетина романи наградени со бројни престижни награди меѓу кои Големата награда за роман на Француската академија и наградата Гонкур. Неговото романескно дело, фокусирано на внатрешноста, повторувањето и нијансата, се доближува на форма на автофикција во потрагата по изгубената младост. Истото главно е концентрирано на Париз и на Втората светска војна и се обидува да го опише животот на обичните луѓе кои се соочуваат со трагедијата на приказната и делувајќи неопределено и мрачно.

На 9 октомври 2014 година, доделена му е Нобеловата награда за литература за „уметноста на меморијата со која тој ги евоцира најнедофатливите човечки судбини и го открива светот на Окупацијата“, како што објаснува Шведската академија.

Биографија[уреди | уреди извор]

Жан Патрик Модијано е роден во Булоњ-Бијанкур, предградие на Париз, на 30 јули 1945 година. Неговиот татко, Албер Модијано (1912-1977, роден во Париз) бил со еврејско потекло, по таткова линија потекнувал од сефардиско семејство од Солун. Неговата мајка Луиза Колпијн била белгиска (фламанска) актерка позната како Луиза Колпен. Родителите на Модијано се сретнале во окупираниот Париз за време на Втората светска војна и ја почнале нивната врска полутајно. Неговиот татко одбил да ја носи ѕвездата и не отишол кога ги собирале париските Евреи за депортација во нацистичките концентрациони логори. Тој ја поминал војната работејќи на црниот пазар и дружејќи се со Гестапо стациониран на улицата Лористон. Детството на Модијано поминало во единствена атмосфера. Него прво го гледале баба му и дедо му по мајка, кои го научиле фламански, неговиот прв јазик. Го завршил средното образование со владина помош. Татковото отсуство и честите турнеи на мајка му, го зближиле со брат му Руди, кој починал од болест на десетгодишна возраст (делата на Патрик Модијано од 1967 до 1982 година му се посветени нему). Потсетувајќи се на ова трагично раздобје во своето познато Педигре (2005), рече: „Не можев да напишам автобиографија, затоа го нареков ‘педигре’: книгата е помалку за она што јас правев отколку што другите, главно моите родители, мене ми правеа.“ Модијано основно училиште учел во училиштето Монсел во Жуи-ан-Жозас, во колеџот Сен Жозеф во Тон, Горна Савоја, и потоа во гимназијата Анри IV во Париз. Додека бил во Анри IV, часови по геометрија му држел Рејмон Кено, кој ѝ бил пријател на мајка му. Матура положил во Анси, но не продолжил со натамошно образование.

Модијано се оженил со Доминик Зерфус во 1970 година. Во 2003 година, во едно интервју за магазинот Ел, таа рекла: „Спомените за денот на нашата свадба ми се катастрофални. Врнеше. Вистински кошмар. Сведоци ни беа Кено, кој му беше ментор на Патрик од адолесценција, и Малро, пријател на татко ми. Почнаа да расправаат за Дибифе, и беше како да се гледа тениски натпревар! Забавно би било да имавме фотографии, но единствениот кој имаше фотоапарат го заборави филмот. Имаме само една фотографија, сликана одзади и под чадор!“ Во бракот имале две ќерки, Зина (1974) и Мари (1978).

Творештво[уреди | уреди извор]

  • (1968) Плоштадот на ѕвездата (La Place de l'étoile) – награда Роже-Нимје и награда Фенеон
  • (1969) Ноќната стража (La Ronde de nuit)
  • (1972) Обиколните булевари (Les Boulevards de ceinture) – гранпри за роман на Француската академија
  • (1975) Вила тажна (Villa triste)
  • (1977) Семејна хроника (Livret de famille)
  • (1978) Улица на мрачните бутици (Rue des Boutiques obscures) – награда Гонкур
  • (1981) Младост (Une jeunesse)
  • (1981) Мемори Лејн (Memory Lane) (цртеж Пјер Ле-Тан)
  • (1982) Толку храбри момци (De si braves garçons)
  • (1983) Руса кукла (Poupée blonde) (цртеж Пјер Ле-Тан)
  • (1984) Изгубен кварт (Quartier Perdu);
  • (1986) Августовски ноќи (Dimanches d'août)
  • (1988) Катерина Сертитид (Catherine Certitude) (цртеж Семпе)
  • (1988) Намалување на казната (Remise de peine)
  • (1989) Предворје на детството (Vestiaire de l'enfance)
  • (1990) Свадбено патување (Voyage de noces)
  • (1991) Цвеќиња на урнатина (Fleurs de ruine)
  • (1992) Минува циркус (Un cirque passe)
  • (1993) Пролетно куче (Chien de printemps)
  • (1995) Од најголемата длабочина на заборавот (Du plus loin de l'oubli)
  • (1997) Дора Брудер (Dora Bruder)
  • (1999) Непознати жени (Des inconnues)
  • (2001) Малата Бижу (La Petite Bijou)
  • (2003) Ноќна несреќа (Accident nocturne)
  • (2004) Педигре (Un pedigree)
  • (2007) Во кафулето на изгубената младост (Dans le café de la jeunesse perdue)
  • (2010) Хоризонтот (L'Horizon)
  • (2012) Ноќната трева (L'Herbe de nuit)
  • (2014) За да не се изгубиш во квартот (Pour que tu ne te perdes pas dans le quartier)