Прованса

Од Википедија — слободната енциклопедија
Денешниот регион Прованса-Алпи-Азурен Брег

Прованса (француски: Provence; провансалски: Provença) е регион во југоисточна Франција на Медитеранот, кој се граничи со Италија. На регионот Прованса се простираат департаментите Вар, Воклиз , Устие на Рона, Горнопровансалски Алпи, Приморски Алпи и Горни Алпи. Римјаните овој регион го нарекле Нарбонска Галија или Галија Трансалпина, прва римска провинција која не се простирала на Алпите. Оттука го добила и името.

Историја[уреди | уреди извор]

Праисторија[уреди | уреди извор]

Најраните живеалишта во Европа се наоѓаат на брегот на Прованса. Примитивните камени алатки пронајдени во Грот ду Валоне, во близина на Рокебрун-Кап-Мартин помеѓу Монако и Ментон, датираат од 1-1,5 милион години п.н.е. Пософистицирани камени алатки обработени од двете страни се пронајдени во пештерата Ескале на Св. Естев-Џансон, а датираат од 600.000 години п.н.е. Првите огништа пронајдени на Тера Амата во Ница датираат од 400.000 години п.н.е. Во пештера во Жарден Егзотик во Монако се пронајдени алатки од средниот палеолит ( 300.000 години п.н.е.) и од горниот палеолит ( 30.000 – 10.000 години п.н.е.).

Во Прованса, за време на палеолитскиот период се забележува климатска промена, со доаѓањето и заминувањето на две ледени доби и драматични промени на морското ниво. Во почетокот на палеолитскиот период, во западен Прованса, морското ниво било 150 метри повисоко од денешното. Кон крајот на палеолитот тоа опаднало 100 до 150 метри во споредба со ова денес. Пештерните живеалишта на првите жители на Прованса ги преплавило зголемувањето на морското ниво или ерозијата ги уништила. Со промените на морското ниво се забележале најзначајните откритија за постоење на луѓе во Прованса. Во 1985 година, нуркачот Хенри Коскер ја пронашол подморската пештера која се наоѓала 37 метри под површината на Каланк де Моржиу во близина на Марсеј. Влезот водел до пештерата над морското ниво. Внатре на ѕидовите на пештерата има цртежи од бизони, фоки, пингвини, коњи и отпечатоци од човечка рака кои датираат од 27.000-19.000 години п.н.е.

Кон крајот на палеолитот и почетокот на неолитот, морското ниво изнесувало како ова денес, а се забележало и затоплување на климата, но и исчезнување на шумите. Со исчезнувањето на шумите и елените, жителите на Прованса морале да преживуваат хранејќи се со зајци, полжави и диви овци. Во околу 6000 година п.н.е. Кастелновијанците биле првите луѓе кои ги припитомиле дивите овци и ги спречиле постојаните преселби. Оттогаш тие се населите на едно место. Тие биле во можност да развиваат нови индустрии. Во околу 6000 година п.н.е инспирирани од увозната грнчарија од источниот Медитеран, тие ги создале првите глинени садови во Франција.

Околу 6000 година п.н.е., бран на нови доселеници од истокот, Часејците, пристигнале во Прованса. Тие биле фармери и воини кои постепено ги исселиле првите луѓе од нивните живеалишта. Друг бран на луѓе се заблежал во 2500 година п.н.е. исто така фармери, познати како Куронејци, кои дошле преку море и се населиле на островот, кој денес е познат департамент Устието на Рона. Траги од оваа рана цивилизација може да се забележат во многу делови на Прованса. Во 6000 година п.н.е во Марсеј, близу железничката станица Св. Чарлс е пронајдено неолитско место.

Лигурци и Келти[уреди | уреди извор]

Во периодот од 10 до 4 век п.н.е. Лигурците живееле во Прованса, од Марсеј па сè до денешна Лигурија. За нивното потекло нема конкретни податоци. Тие можеби се потомци на домородните неолитски луѓе. Страбон изјавил дека тие немале келтско потекло, но не биле различна раса од Галите. Тие немале своја азбука. Местата во Прованса именувани на нивниот јазик завршуваат на наставките аск, оск, инк, атес и ауни. Географот Посидониос напиша за нив: „ Нивната земја е варварска и дива. Земјата не е ровка, затоа и не можеш да засадуваш ништо. Човекот недостатокот на жито го надокнадува со ловот... Тие се искачуваат на планините како кози. Тие биле воинствени. Тие во 4 век п.н.е. ја освоиле Италија сè до Рим. Денес, траги од Лигурците има во источен Прованса во долмените и праисториските камен споменици, во примитивните камени засолништа наречени „борис“ кои се наоѓаат во Луберон и Комтат и на камените резби во долината на чудата, која се наоѓа во близина на Мон Бего во Приморските Алпи на надморска височина од 2000 метри. Од 8 до 5 век п.н.е. келтски племиња од Средна Европа започнале да се доселуваат во Прованса. Тие имале жележни оружја со кои многу лесно се бранеле од локалните племиња , кои пак користеле бронзени оружја. Племето наречено Сегобрига биле населени близу денешен Марсеј. Племињата Катуриже, Трикастин, Каваре се населиле западно од реката Дуранс.

Келтите и Лигурците најверојатно ја делеле територијата на Прованса. Секое племе имало своја долина долж реката, свој крал и династија. Тие изградиле тврдини и населби, а подоцна им го дале латинското име опида. Денес во Вар има околу 165 вакви населби и тврдини, а 285 во Приморските Алпи. Во 5 и 4 век п.н.е. , некои племиња формирале конфедерации. Воконците формирале конфедерации од Изер до Воклиз, Каварите во Комтат и Салвен, од реката Рона сè до Вар. Племињата започнале трговија долж Рона со железо, сребро, алабастер, мермер, злато, смола, восок, мед и сирење. Подоцна Етрурците започнале со трговија на островот. Етрурски амфори од 7 и 6 век п.н.е. се пронајдени во Марсеј, Касис и тврдината во регионот.

Грци[уреди | уреди извор]

Во 7 век п.н.е. на брегот во Прованса дошле трговци од Родос. Грнчаријата донесена од Родос може да се најде во Марсеј, во близина на Мартиг и Истре, но и на планините Гару и Евено во близината на Тулон. Трговците на градот му го дале античкото име Роданузија, а пак на денешна Рона античкото име Роданос.

Во 600 година п.н.е, грчки колонисти од Фокеја го освоиле Марсеј. Вториот бран на освојување бил во 540 година п.н.е. кога Персијците ја уништиле Фокеја.

Тогаш Марсеј бил еден од најголемите трговски пристаништа. Во 4 век п.н.е. имал популација од 6000 жители, кои живееле на површина од 50 хектари опколена со ѕид. Со Марсеј, како аристократска република, управувало собрание од 600 најбогати граѓани. На едниот крај од градот имало изградено храм во чест на Аполо од Делфи, а на другиот крај во чест на Артемис од Ефесус. Галите ги користеле монетите драчма, ковани во Марсеј. Трговците од Марсеј тргувале во Галија, Швајцарија, Бургунди па сè до север на Балтичкото Море. Тие извезувале сопствено производство: вино, свинско месо и риба, ароматични и лековити растенија, корали и корк.

Марсејците на брегот основале мали колонии и трговски места кои подоцна станале градови. Тие ги основале градовите: Цитариста, Торис, Олбиа, Пергантион, Какабариа, Атенополис, Антиполис, Никаја, Монокос, Гланом и Мастрабаија.

Најпознатиот граѓанин на Марсеј бил математичарот, астрономот и навигаторот Питеј. Тој ја воспоставил речиси точната географска ширина на Марсеј и прв го објаснил потеклото на плимата и осеката. Во периодот од 330 до 320 година п.н.е. организирал експедиција со брод во Атлантикот сè до северна Англија каде ги посетил Исланд , Шетланд и Норвешка. Иако се надевал дека ќе започне трговија со калај од Корнвол, не успеал. Марсејците повеќе заработувале од трговијата со Севверна Европа.

Римски период[уреди | уреди извор]

Во 2 век п.н.е. Марсејците побарале помош од Рим против Лигурците. Римските легии трипати го нападнале Прованса. Во 181 година п.н.е. , Римјанити ги задушиле лигурските востанија во близина на Џенова. Во 154 година п.н.е. , Римскиот конзул Оптимус ги поразил Оксибил и Децијат , кои го напаѓале Антиб. Во 125 година п.н.е. , го задушиле востанието на здружените келтски племиња. По оваа битка Римјаните одлучиле трајно да се населат во Прованса. Во 122 година п.н.е. до градот Ентремонт, Римјаните изградиле нов град Aquae Sextiae, подоцна наречен Екс-ан-Прованса. Во 118 година п.н.е. ја основале Нарбона.

Во 102 година п.н.е. последниот сериозен отпор го направил римскиот генерал Гај Марије со поразот над Цимбрите и Теутонците. Потоа тој започнал да гради патишта со цел да ги олесни движењето и трговијата со Рим, Шпанија и Северна Европа. Едниот пат водел од брегот кон Апта и Тараскона, а другиот водел долж брегот на Италија до Шпанија, кој минувал низ Фрејус и Екс-ан-Прованса. Во 49 година п.н.е. Марсеј го избрал Помпеј за свој водач. За жал Помпеј бил поразен и Марсеј ги изгубил своите територии и своето политичко влијание. Во меѓувреме, римските ветерани населиле два нови града, Арл и Фрејус каде Грците порано живееле.

Во 8 век п.н.е. цар Август изградил триумфален споменик во Ла Турбиу со цел да оддаде почит за мирот во регионот. Тогаш започнало и покатоличувањето на Прованса на политички и културен план. Римски инженери и архитекти изградиле споменици, театри, бањи, вили, арени, аквадукти, некои од овие сè уште постојат. Римските градови биле изградени на Кавајон, Оранж, Арл, Фрежус, Гланум, Карпентра, Везо ла Романи, Нимес, Вернегу, Сен Шама и Симиеажз.. Римската провинција Нарбонезис, со главен град Нарбо ( денешна Нарбона ) се простирала од Италија сè до Шпанија од Алпите до Пиринеите.

Мирот во Прованса траел сè до средината на 3 век. Во 257 и 275 година, германските племиња го нападнале Прованса. На почетокот на 4 век, римскиот цар Константин бил присилен да ја премести својата престолнина и да се засолни во Арл. Кон крајот на 5 век, римските сили во Прованса ослабнале, а започнале инвазиите, војните и хаосот.

Навлегувањето на христијанството во Прованса (3-6 век)[уреди | уреди извор]

Постојат повеќе легенди за раното христијанство во Прованса кои сè уште не може да се потврдат. Се смета дека во 3 и 4 век во Прованса имало добро организирани цркви и бискупи. И тоа во римските градови Арл ( 254 година ), Марсеј, Оранж, Везон и Апт ( 314 година ), Кавејон, Дињ, Ембрун, Гап и Фрежус ( крај на 4 век ), Екс-ан-Прованса ( 408 година ), Карпентра, Авињон, Риез, Симиез и Венс ( 439 година ), Антиб ( 442 година ), Тулон ( 451 година ), Сенез ( 406 година ), Сент Пол- Троа-Шато ( 517 година ) и Гландеве ( 541 година ). Најстарата христијанска градба во Прованса, која датира уште од 5 век и која сè уште постои, е крстилницата на катедралата во Фрежус. Во 5 век биле изградени и првите два манастири, Леринс на остров близу Кан и Сент Виктор во Марсеј.

Германски инвазии, Меровинзи и Каролинзи (5 – 9 век)[уреди | уреди извор]

На почетокот од втората половина на 5 век, со самото ослабување на римските сили, германските племиња навлегле во Прованса и тоа Визиготите во 480 година, потоа Остроготите и Бургундите, а во 6 век Франките. На почетокот на 7 век, од Северна Африка на брегот на Прованса се населиле арапски освојувачи и берберски пирати.

За време на овој хаотичен период, со Прованса управувале наследниците на Чарлс Мартел, кралеви од Меровиншката династија, потоа кралеви од Каролиншката династија, кои потоа станале дел од империјата на Шарлемањ ( 742-814 година ). Во 879 година, по смртта на владетелот на каролинзите Чарлс Келавиот, Босо се одделил од кралството на Каролинзите и станал првиот владетел на независен Прованса.

Грофовите на Прованса (9-13 век)[уреди | уреди извор]

Во периодот на средниот век, со Прованса владееле три различни династии. Тогаш Прованса станал силен противник на каталонските владетели од Барселона, кралевите на Бургунди, германските владетели и анжевинските владетели на Франција.

Наследници на кралот на Прованса биле Босонидите. Синот на Босон, Луис Слепиот, го изгубил видот во обидот да го освои престолот на Италија. Потоа, неговиот братучед, Хју од Италија станал војводата на Прованса и грофот на Виена. Тој престолнината ја преместил во Арл, а Прованса станала феод на Рудолф II од Бургунди.

Во 9 век, арапските пирати го окупирале Прованса. Норманите го ограбиле регионот и заминале, а Сарацените изградиле замоци и започнале да извршуваат напади и да ги држат месните жители како заложници. Во 973 година, Сарацените го заробиле Меул, авата на манастирот во Клини и го држеле како заложник. Луѓето од Прованса платиле за слободата на авата. Тие биле предводени од грофот Вилијам I кој ги поразил Сарацените во битката во Туртур, во близина на нивната тврдина Фраксинет. Сарацените кои ја преживеале битката биле крстени, а потоа станале робови. Други пак избегале од регионот на Прованса. Во меѓувреме, расправиите продолжиле. Во 1032 година, со војната која што се водела помеѓу Рудолф III од Бургунди и германскиот цар Конрад, Прованса станал феудален имот на светата Римското Царство и тоа сè до 1246 година.

Во 1112 година, последниот наследник на Босон, грофицата од Прованса Дус I се омажила за грофот од Барселона, Рамон Беренгер III кој потоа станал Рејмонд Беренгер I, гроф од Прованса. Тој владеел со Прованса од 1112 година до 1131 година. Неговите наследници пак, владееле со Прованса до 1246 година. Во 1125 година Прованса бил поделен. Грофот од Тулуза го добил северниот и западниот дел од реката Дуранс, а грофот од Прованса го добил земјата меѓу реката Дуранс и Медитеранот и од реката Рона до Алпите. Главниот град на Прованса бил преместен од Арл во Екс-ан-Прованса, а подоцна во Брињол.

Во Прованса, за време на владеењето на каталонската династија, 12-от век е одбележан со изградба на значајни катедрали и манастири. Овој романски стил ги обединил Гало-римските стилови од по долината на реката Рона со стилот на Ломбард од Алпите. Катедралата Екс била изградена на стариот римски плоштад, потоа обновена во готски стил од 13-от и 14-от век. Црквата Св.Трофим во Арл изградена помеѓу 12-от и 15-от век, е вистински симбол на романската архитектура. Манастирот Монтмажур бил изграден на еден остров северно од Арл, а бил главно одредиште на поклониците во средниот век.

Во 12-от век биле изградени три цистерцитски манастири во предградија на Прованса, далеку од политичките интриги на градовите. Манастирот Сенанк бил првиот манастир изграден во Луберон во 1148 година и 1178 година. Во 1160 година, бил изграден манасирот Торонет во една долина близу Драгињан. Во 1175 година, по долината на реката Дуранс бил изграден манастирот Силвакан.

Во 13-от век, француските кралеви од династијата Валоа започнале да склопуваат бракови со цел да го зајакнат своето влијание во Јужна Франција. Алфонс, гроф од Поату, се оженил со наследничката на Жоан кој бил гроф од Тулуза. Луис IV се оженил со Маргарит од Прованса. Во 1246 година, Чарлс грофот од Анжу и најмалдиот син на Луис VIII, се оженил со Беатрис, наследничката од Прованса. Прованса се сродил со династијата Анжевин и кралството од Неапол.

Папите во Авињон (14 век)[уреди | уреди извор]

Во 1309 година папата Климент V, кој потекнувал од Бордо, се преселил во римокатоличкото папство во Авињон. Од 1309 година до 1377 година, седум папи владееле со Авињон. После нив сè до 1423 година со Авињон владееле тројца антипапи и истата година Папството било вратено во Рим. Од 1334 година до 1363 година папата Бенедик XII ја обновувал старата папска палата во Авињон, а пак Климент VI изградил нова палата. Палатата на Папите била најголемата готска палата во Европа.

14-от век бил тежок период за Прованса. Во Прованса живееле околу 400.000 жители. Црната Смрт ( 1348-1350 ) убила половина од населението во Арл, а со тоа се намалила и популацијата во целиот регион. Поразот на француската армија, за време на Стогодишната војна, довел до изградба на тврдини и кули во градовите во Прованса и тоа со цел да се заштитат од армиите на поранешните војници кои ги опустошиле селата.

Анжевинските владетели од Прованса исто така прежвеале тежок период. Група од благородници, свештени лица и владетели од Прованса се здружиле во борба против кралицата од Неапол Јована I ( 1343-1382 ). Во 1382 година нејзиниот братучед и наследник, Карло III , ја убил и започнал нова војна. Во 1388 година, оваа војна довела до поделба на Ница, Пугет-Тениер и Барселонет од Прованса. Од 1388 година до 1526 година името на новата област гласело Новата земја на Прованса. А по 1526 година официјално го добила името Провинција на Ница.

Последниот владетел на Прованса, добриот крал Рене[уреди | уреди извор]

15-от век забележа низа на војни помеѓу кралевите од Араго и грофовите од Прованса. Во 1423 година армијата на Алфонс од Арагон го освоиле Марсеј, а во 1443 година Неапол, а кралот Рене I од Неапол бил принуден на бегство. Тој најверојатно пребегнал во Прованса.

Според легенди и кажувања Рене бил наречен „ Добриот крал од Прованса “. Последните десет години од неговиот живот ги минал во Прованса ( 1470-1480 ), а неговите политички погледи за територијално проширување биле скапи и неуспешни. Се зголемил наталитетот и економското проширување во Прованса, а Рене бил покровител на уметниците Николас Фромент и Луис Бреа. Рене го доизградил замокот во Тараскон на реката Рона.

По смртта на Рене во 1480 година, на негово место доаѓа неговиот внук Карло IV. Една година подоцна починал и Карло а негов наследник бил Луис XI од Франција. Во 1486 година, Прованса официјално се приклучува на францускиот кралски имот.

Од 1486 година до 1789 година[уреди | уреди извор]

Нешто подоцна откако Прованса станала дел од Франција, станала учесник во Војната на религиите. Меѓу 1493 година и 1501 година, многу Евреи биле избркани од нивните домови, а побарале засолниште во Авињон, кој сè уште бил под директна власт на папата. Во 1545 година, парламентот на Екс донел одлука за уништување на селата во Луберон: Лурмарин, Мериндол, Кабриер, бидејќи жителите биле Валдензи со пиемонтско потекло од Италија. Овие жители не се сметале како православни католици. Поголем дел од населението на Прованса биле католици, имало една енклава на протестанти кои потекнувале од Оранж и Воклиз која била предводена од принцот Вилем. Во 1544 година била создадена Оранската династија на која и припаѓал принцот Вилем, а оваа династија станала дел од Франција во 1673 година. Од 1573 година до 157 8 година, католичкиот сојуз извршувал опсада на протестанскиот град Менербе во Воклиз. Војните траеле сè до 16 век, со консолидација на власта во Прованса од страна на династијата Бурбони.

Полунезависниот парламент на Прованса во Екс и особено Марсеј продолжиле со бунтувања против бурбонските кралеви. По востанијата во 1630-1631 година и 1648-1652 година, младиот крал Луј XIV изградил две тврдини - тврдината Св. Жан и тврдината Св. Никола, изградени на влезот за да имаат контрола на нескротливото население.

На почетокот на 16 век, кардиналот Ришелје во Тулон започнал со изградба на фабрика за оружје и бродоградилиште, кое служело како база на новата француско-средоземна флота. Министерот на Луј XIV, Жан-Батист Колбер ја проширил оваа база, а од неговиот воен инженер Вобан побарал полномошно за да ја зајакне тврдината околу градот.

На почетокот на 17 век, Прованса имала популација од 450.000 жители. Населението претежно живеело во руралните предели каде одгледувало жито, вино и маслинки и каде имало мали индустрии за производство на кожа, грнчарија, парфеми, бродови и чамци. Килтовите произведени во 17 век, успешно се продавале во Англија, Шпанија, Германија, Италија и Холандија. На брегот и долж реката Рона успех бележела трговијата. Во Марсеј, Тулон, Авињон и Екс-ан-Прованса биле изградени булевари и извонредно украсени приватни куќи. На почетокот на 18 век во Прованса се забележала економска криза која траела сè до владеењето на Луис XIV. Од 1720 година до 1722 година, започнувајќи со Марсеј чумата убила околу 40.000 луѓе. Кон крајот на 18-от век се развиле многу индустрии за оружје, во Грас се произведувале парфеми, во Екс и Алпиље се произведувало маслиново масло, во Оранж, Авињон и Тараскон се изработувал текстилот, а во Марсеј, Апт, Обањ и Мустиер-Сант-Мари се произведувала грнчаријата. Најмногу имиганти имало од Лигурија и Пиемонт во Италија. На крајот на 18 век, Марсеј бил трет по големина град во Франција со популација од 120.000 жители.

За време на Француската револуција[уреди | уреди извор]

Освен Марсеј, Екс и Авињон, во поголемиот дел од Прованса населението живеело во рурална и конзервативна средина и повеќето биле монархисти. Од времето на француската револуција потекнуваат истакнатите личности : од Екс – Оноре Габриел Рикети, гроф од Мирабо, кој се обидел да ја смири револуцијата и да ја претвори Франција во уставна монархија како Англија, од Лакост во Луберон потекнува Маркиз де Сад, кој бил заменик во Народното собрание, од Марсеј потекнува Карло Жан Мари Барбару, кој испратил баталјон од волонтери во Француската револуционерна армија и Емануел-Жозеф Сијес ( 1748-1836 ) игумен, есеист, политички водач, еден од водечките теористи на Француската револуција, францускиот конзулат и првата француска империја, кој во 1799 година бил иницијатор на државниот удар во Брумер, со што во 1795 година на власт го донел Наполеон.

Под власта на Наполеон I[уреди | уреди извор]

Наполеон им ги вратил личните работи и правата на семејствата кои ги изгубиле за време на стариот режим во Прованса. Британската флота на адмиралот Хорејшио Нелсон го блокирал Тулон и речиси сета крајбрежна трговија била прекината, со што се предизвикале тешкотии и сиромаштија. Во Прованса се славел поразот на Наполеон. На 1 март 1815 година, Наполеон избегал од Елба во Голф-Хуан. За време на неговото бегство тој ги заобиколил градовите на Прованса, бидејќи биле непријателски настроени кон него.

Прованса во 19-от век[уреди | уреди извор]

Во 19-от век Прованса доживеала просперитет. Со проширувањето на француксата империја во Северна Африка и Истокот, нешто подинамично во 1869 година по отворањето на Суецкиот Канал, пристаништата во Марсеј и Тулон се поврзале со пристаништето во Прованса.

Во 1859 година, Наполеон III склучил таен договор со Кавур, премиерот на Пиемонт, со цел Франција да учествува во прогонството на Австрија од Италијанскиот Полуостров и да придонесе за обединување на Италија. А за замена на Пиемонт да и се отстапат на Франција Савој и Ница. Во 1859 година, Наполеон војувал со Австрија и се здобил со победа кај Солферино. Затоа Австрија морала да ѝ го отстапи Ломбарди на Пиемонт. Во 1860 година Наполеон си ја вратил Савоја, а во 1861 година Рокебрун-Кап-Мартин и Ментон.

Железницата ги поврзувала Париз и Марсеј ( 1848 ), а нешто подоцна со Тулон и Ница ( 1864 ). Ница, Антиб и Ијер станале популарни зимски центри кај европските кралски семејства дури и за кралицата Викторија. Во времето на Наполеон III во Марсеј живееле 250.000 жители, вклучувајќи голем број на италијански заедници. Во Тулон живееле 80.000 жители. Во овие два града се граделе цекви, опери, булевари и паркови.

По поразот на Луис Наполеон во Француско-пруската војна, на улиците во Марсеј биле поставени барикади ( 23 март 1871 година ). Комунарите предводени од Гастон Кремју и по примерот на Париската комуна, ја презеле контролата врз градот. Армијата ја уништила Комуната, а Гастон го погубиле на 30 ноември 1871 година. Покрај конзервативноста на Прованса, најчесто на власт биле реформистички водачи. Во 1885 година, премиерот Леон Гамбета, син на бакал од Марсеј, и Жорж Клемансо биле избрани за пратеници.

Во втората половина на 19 век, во Прованса заживеале јазикот и културата, особено традиционалните рурални вредности. Мистрал постигнал литературен успех со новелата Mireio, а во 1904 година добил Нобелова награда за литература.

Прованса во 20 век[уреди | уреди извор]

Помоѓу Првата и Втората светска војна, Прованса била поделена на конзервативна рурална средина и големи радикални градови. Во 1919 година во Марсеј имало напади, а во 1935 година во Тулон имало бунтови.

Во јуни 1940 година, по победата на Германија, Франција била поделена на две зони, окупирана и неокупирана зона. Во неокупираната зона припаднал Прованса. Италијански војници окупирале дел од источен Прованса. Соработката и пасивниот отпор опаднале, а се зголемил активниот отпор, особено откако во јуни 1941 година Нацистичка Германија го нападнала Советскиот Сојуз. На активниот отпор се придружила Комунистичката партија. Жан Мулен бил заменик на Шарл де Гол и водач на слободното движење на отпорот во Франција. На 2 јануари 1942 година, Жан го посетил Егалијер со цел да ги обедини различните движења на отпор од цела Франција против Германија.

Во ноември 1942 година, по сојузничките слетувања во Северна Африка ( Операција Торч ), го окупирале Прованса, а потоа Тулон. Француската флота од Тулон ги саботирала сопствените бродови со цел да ги спаси од Германците.

Мета на германците биле француските Евреи и бегалците од Ница и Марсеј. Илјадници луѓе биле однесени во концентрациони логори од кои малкумина преживеале. Една четвртина од пристаништето во Марсеј било бомбардирано. Отпорот сè повеќе се зајакнувал. Во април 1943 година водачот на про-германската полиција, Милис, бил убиен.

На 15 август 1944 година, два месеци по сојузничките слетувања во Нормандија, Седмата армија на САД под водство на генералот Александер Пач заедно со Слободните француски тела под водство на генералот Жан де Латр де Тасињи слетале на брегот на Вар , помеѓу Св. Рафаел и Кавалер. Американските силе продолжиле северно кон Маноск, Систерон и Гап. Додека пак Првата француска вооружена дивизија под водство на генералот Вижиер ги ослободила градовите: Брињол, Салон, Арл и Авињон. До 27 август, Германците вршеле отпор во Тулон, а на 25 август Марсеј бил ослободен.

По војната, Прованса се соочил со огромна задача да ги поправи и реконструира пристаништата и железничките патишта уништени за време на војната. Во 1947-1952 година, во Марсеј била изградена првата модерна зграда, Unité d'Habitation на Корбизје. Во 1962 година, по независноста на Алжир, голем број на Францусзи се вратиле во Прованса. Во тој период, голем број на заедници од Северна Африка се населиле во и околу големите градови, најмногу во Марсеј и Тулон.

Во 40-тите години, Прованса доживеа културно оживување, со основањето на Фестивалот за театар во Авињон ( 1947 ), повторно отворање на Канскиот филмски фестивал ( 1939 ) и многу други поважни настани. Со изградбата на нови патишта , особено автопатот Париз – Марсеј отворен во 1970 година, Прованса стано одредиште за многу луѓе од цела Европа. Британците најмногу купувале викендички во Прованса. Со доаѓањето на ТЖВ, патувањето од Париз до Марсеј трае помалку од четири часа.

Крајот на 20-от век и почетокот на 21-от век, жителите на Прованса се бореле за усогласување на економскиот развој и наталитетот со нивната желба да ги зачуваат нивната област и култура, која го прават единствен.

Распространување и географија[уреди | уреди извор]

Римската провинција прво била наречена Gallia Transalpina, потоа Gallia Narbonensis или „ Наша Провинција “ – Provincia. Се протега од Алпите до Пиринеите и северно од Воклиз. Главен град е Нарбона.

Во 15 век, на исток од Прованса течела реката Вар, на запад реката Рона, на југ Медитеранот, а на северната граница течела реката Дуранс.

Реки[уреди | уреди извор]

Реката Рона, се наоѓа на западната граница на Прованса, е една од големите реки на Франција. Со векови преку неа се остварувале трговијата и комуникацијата меѓу внатрешноста на Франциоја и Медитеранот. Таа извира од Ронскиот ледник во близина на масивот Готард во Швајцарија. Во Лион Саона се влева во неа. По долината на Рона , од десниот речен брег се наоѓаат Севените и се влеваат реките Ејриу, Ардеш, Сез и Гардон, на левиот речен брег се Алпита со реките Изер, Дром, Увез и Дуранс.

Кај Арл, Рона се дели на две притоки, со што се формира делтата Камарг, со сите речни ракави кои се влеваат во Средоземното Море. Едната притока е наречена „ Голема Рона “, а другата „ Мала Рона “.

Реката Дуранс, притока на Рона, извира од Алпите во близина на Бријансон. Тече југозападно низ Ембрун, Систерон, Маноск, Кавајон и Авињон каде се влева во Рона.

Реката Вердон е притока на Дуранс, извира од надморска височина од 2.400 метри, југозападно од Алпите во близина на Барселонет и со должина од 175 км тече низ Горнопровансалски Алпи и Вар. Вердон е позната по својот кањон, клисурата Вердон. Овој кањон , исто така се нарекува и „ Големиот кањон на Вердон “ е 20 километри долг и 300 метри длабок. Познат е по искачивањето и прекрасната глетка.

Реката Вар извира во близина на планинскиот превој Кол де ла Кајол во Приморските Алпи и со должина од 120 километри се влева во Средоземното Море меѓу Ница и Сен Лорен ду Вар. Во 1860 година пред Ница да биде вратена на Франција, Вар ја обележа источната граница на Франција по Медитеранот. Единствен е случајот во Франција каде име на река е добиено по име на департамент иако таа реката не минува низ него.

Камарг[уреди | уреди извор]

Со површина од 930 км2, Камарг претставува најголема делта на Западна Европа ( технички е остров , бидејќи е опколен од сите страни со вода ). Тоа е огромна површина од големи морски лагуни, одделен од морето со песочници и опкружен со мочуришта покриени со трска .

На Камарг живеат повеќе од 400 видови на птици, а во морските езерца живее фламингото. Во мочуриштата живеат многу видови на инсекти и еден од најопасните комарци. Камарг е познат и по биковите и коњите.

Планини[уреди | уреди извор]

Ако Приморските Алпи се сметаат за дел од Прованса тогаш тие претставуваат најголем врв во регионот. Тие ја формираат границата меѓу францускиот департемент Приморски Алпи и италијанската провинција Кунео. На овие алпи се наоѓа националниот парк Меркантур.

Надвор од Приморските Алпи, на височина од 1909 метри се наоѓа Мон Венту и претставува највисок врв во Прованса. Се наоѓа 20 км југоисточно од Карпантраса, Воклиз. Од јужната страна планината се граничи со департементот Дром. Го викаат уште и „ Џинот од Прованса “ или „ Келавата планина “. Геолошки претставува дел од Алпите, но ја сметаат дека е посебен дел од нив бидејќи во таа област Мон Венту е единствената планина со таа височина. Се наоѓа западно од Луберон и источно од Дентел де Монтмиреј, неговото подножје. Врвот од планината претставува чист варовник и нема вегатација ни дрва. Белиот варовник на пустиот врв на планината наликува како да е покриен со снег.

Алпиље претставуваат мал ланец од планини кој се наоѓа 20 км јужно од Авињон. Тие не се многу виссоки планини, нивната највисока точка изнесува само 387 метри. Алпиљите се издигаат од долината на реката Рона. Опсегот е околу 25 км долг, а широк од 8-10 км. Се протега од исток кон запад меѓу реките Рона и Дуранс. Пределот на Алпиљите е со сув варовник одделен со суводолици.

Најпознатата планина во Прованса е планината Сан Виктоар. Сликарот Пол Сезан ја нацртал оваа планина од својот дом бидејќи имал поглед кон неа.оваа планина се протега на 18 км меѓу департементите Устието на Рона и Вар. Пик де муш е највисоката точка со 1011 метри.

Масивот Мавар претставува мал ланец од планини сместени долж Средоземниот брег во Вар, меѓу Јер и Фрежус. Највисока точка е Совет со 780 метри. Името потекнува уште од 9 и 10 век кога Арапите и Берберите од Јужна Африка го населиле Прованса.

Масивот се протега на околу 6 км долж брегот, а внатрешноста изнесува 30 км. На север се граничи со националните патишта 97 и 7 и железничката линија меѓу Тулон и Ница. На југ неповрзано се граничи со Медитеранот , со што формира врлежен брег.

Полуостровот Сен Тропе е дел од Масивот Мавар заедно со полуостровот Жиен и островите од десната страна на Јер, Поркерол, Порт-Крос и островот Левант. На Масивот Мавар геолошки му припаѓаат ’ртот Сицие , западно од Тулон и Масивот Танерон.

Каланк[уреди | уреди извор]

Каланк или Масивот Каланк се простира на 20 км, со тесни приливи во крајбрежните карпи, меѓу Марсеј на запад и Касис на исток. Мон Пугет е највисоката точка со 565 метри.

Масивот Каланк ги опфаќа заливчињата Сормиу, Моржиу, Во, Порт-Пан и Сужитон.

Заливчињата се остатоци од древни утоки кои се формирале за време на терцијарот. За време на квартерните замрзнувања, заливчињата дополнително ги продаблочувале долините кои најверојтно би биле поплавени од морето и би станале заливи.

Пештерата Коске е подземна пештера во заливот Моржиу. Се наоѓа на длабочина од 37 метри. Била населена за време на палеолитот, кога морското ниво било многу пониско во споредба со денешното. На ѕидовите има слики и резби кои датираат меѓу 27.000 и 19.000 години п.н.е. На ѕидовите се прикажани бизони, козорог, коњи, фоки и норче.

Области[уреди | уреди извор]

Гаригара е типичен за Прованса. Гаригата е врста на ниска, жбунеста средоземна вегетација, која се развива на варовник, близу морскиот брег каде климата е умерена, но каде што има годишни летни сушни услови. На овој простор може да се најдат крека, храст, лаванда, жалфија, рузмарин, мајчина душица. Гаригата е опколена со густа дабова шума.

Клима[уреди | уреди извор]

Во поголемиот дел од Прованса преовладува средоземна клима. Оваа клима се одликува со жешки и суви лета, блага зима со малку снег и многу сонце. Постојат микро клими и локални варијации, од алпската клими од Ница до континентална клима во северен Воклиз. Ветровите се важна одлика на климата, особено мистралот, студен, сув ветер кој дува по долината на реката Рона до департементите Устието на Рона и Вар и најчесто достигнува брзина од 100км/ч.

Устие на Рона[уреди | уреди извор]

Во Марсеј, во департементот Устие на Рона, просечно во годината има 59 врнежливи денови. Најчесто тоа е пороен дожд. просечно годишните врнежи изнесуваат 544.4 мм. Има многу малку снежни денови. Во Марсеј во просек има 2835 часа сонце. Во јануари температурата изнесува 2.3 °C , а во јули преовладува температура од 29.3 ° С. Во просек мистралот дува сто дена годишно.

Вар[уреди | уреди извор]

Во Тулон и Вар ( вклучувајќи ги Сен Тропе и Јер ) преовладува пожешко, посуво и посончево време од Ница и Приморските Алпи, но сепак ветровито. Годишно во Тулон има 2899,3 часа сонце, со што е најсончевиот град во Франција. Во август, дневната температура изнесува 29.1 ° С, а во јануари дневната температура изнесува 5.8 ° С. Просечните годишни врнежи изнесуваат 665 мм, најмногу од октомври до ноември. Во Тулон, 118 дена годишно дуваат силни ветрови, а во Фрежус пак 76 дена. Во Тулон , мистралот достигнал до 130 км/ч.

Приморски Алпи[уреди | уреди извор]

Ница и Приморските Алпи се најзаштитениот дел од Средоземниот брег. Ветровите се умерени, дуваат од морето кон земјата, иако понекогаш мистралот дува силно од северозапад или пак од исток. Во 1956 година, на еден аеродром во Ница, мистралот дувал северозападно со брзина од 180 км/ч. Понекогаш, во лето југото донесува високи температури и го зацрвенува пустинскиот песок од Африка.

63 дена од годината се врнежливи. Тоа може да бидат поројни дождови особено во септември, кога разликата меѓу постудениот воздух и топлата средоземна вода предизвикуваат бури и дожд. во Ница во просек врне 767 мм, повеќе од Париз.

Снежни денови има многу малку, најчесто тоа се случува еднаш на секои десет години.. во 1956 година, брегот бил покриен со 20см снег. Во јануари 1985 година, во Кан и Ментон имало паднато снег 30 – 40см. На планините снег има од ноември до мај.

Годишно во Ница има 2694 часа сонце. Во август, максималната дневна температура изнесува 28 ° С, а во јануари максималната дневна температура изнесува 6 ° С.

Воклиз[уреди | уреди извор]

Воклиз е центар на три од четирите различни климатски зони во Франција. На југ преовладува средоземна клима, на североисток, околу планините во Воклиз и масивот Барони преовладува алпска клима, а на северозапад преовладува континентална клима. Просечноста од овие три клими е умерена, но со преовладување на средоземната клима.

Годишно во Оранж има 2595 часа сонце. Во просек врне 80 дена со 693.4 мм годишно. Во јули максималната дневна температура изнесува 29.6 ° С, во јануари максималната дневна температура изнесува 1.6 ° С. 110 дена во годината дуваат силни ветришта.

Горнопровансалски Алпи[уреди | уреди извор]

Средоземна клима во Горнопровансалски Алпи преовладува во ниските котлини под сто метри надморска височина, а алпската клима преовладува во високите котлини како што се Бланш, От Вердон и Ибај, каде надморската височина изнесува 2500 метри. Алпската клима во повисоките планини е умерена со благ ветар од Медитеранот.

Поради надморската височина и географската ширина во лето преовладуваат високи температури. На надморска височина од 400 метри, температурите се движат од 22 до 23 ° С, а на надморска височина од 1000 метри, температурите се движат од 18 до 19 ° С. Во зима, на надморска височина од 400 метри температурата изнесува од 4 до 5 ° С, а на надморска височина од 1000 метри температурата е на 0°С. Во ниските котлини годишно има 50 ладни денови, во високите котлини има помалку ладни денови. Понекогаш температурата во високите котлини достигнува до 30 ° С. Во франција поради високите планини и средоземниот воздух нема многу студени зими и многу жешки лета.

60 – 80 дена во годината се врнежливи. Понекогаш во предгорјето, висорамнините на југозапад и котлината на Ибај врнат поројни дождови од 650 до 900 мм, а во планините изнесува 900-1500 мм. Повеќето врнежи се во есен, со кратки и силни бури. Од средината на јуни до средината на август врнежите се пропратени со кратко но лошо невреме. 30-40 дена годишно има бури.

Од ноември до мај паѓа снег на планините. Среде зима на планините снег може да забележиме на надморска височина од 1000-1200 метри на сенка и на надморска височина од 1300-1600 метри на сонце. Снегот е сув и брзо се топи.

Во западниот дел од департементот дува мистрал од север и северозапд. Носејќи чисто и суво време. Источниот дел од департементот е повеќе заштитен од мистралот. Маринот дува од југ, носејќи топол воздух, облаци и дожд.

Најсончевиот регион во Франција се Горнопрованскалските Алпи со 2550-2650 часа годишно во северниот дел од департементот и 2700-2800 часа годишно во југозападниот дел. Ведрите ноќи и сончевите денови предизвикуваат остра разлика меѓу ноќните и дневните температури. Поради ведрите ноќи има многу опсерватории.

Јазик и литература[уреди | уреди извор]

Во Прованса се зборувал провансалскиот дијалект на окситанскиот јазик и е многу сроден со каталонскиот јазик. Постоеле неколку регионални вариации: вивароалпски се зборувал на Алпите, провансалските вариации од југ, вклучувајќи и приморскиот дел – роадински и нички во Ница. Нисоа е архаична форма на провансалскиот јазик кој е сроден со јазикот на поетите-трубадури, што понекогаш се вели дека тоа се нивни лични литературни јазици.

Провансалскиот јазик се зборувал сè до почетокот на 20 век, кога француската влада вложила силен и успешен напор за да го замени регионалниот јазик со францускиот. Денес, провансалскиот јазик се зборува во училиштата и универзитетите во регионот. Но овој јазик го зборуваат помалку од 500.000 луѓе повеќето се постари луѓе. Француската држава не го признава окситанскиот јазик и неговите говори со цел да се искорени идентитетот на населението.

Писатели и поети кои пишувале на окситански јазик[уреди | уреди извор]

11 и 12 век се златната доба на провансалската литература или окситанската литература, кога поетите престанале да пишуваат на класичната латинска литература и започнале да пишуваат романси и љубовни песни на нивен сопствен вернакуларен јазик. Еден од познатите поети бил Фолкет де Маршела, чии љубовни песни станале познати низ цела Европа, а него го возвишувал Данте во својата „Божествена комедија“. Во подоцнежните години, Фолкет се откажал од пишувањето и станал опат во манастирот Торонет, а потоа Бискуп на Тулуза, каде ги прогонил Катарците.

Во средината на 19 век се случил литературен подвиг за оживување на јазикот, наречено Фелибриж , предводен од поетот Фредерик Мистрал ( 1830-1914 ), кој во 1904 година добил Нобелова награда за литература.

Провансалските писатели и поети кои пишувале на окситански јазик се: Раимбаут Вакејрас ( 1180-1207 ), Луис Белод ( 1543-1588 ), Теодор Обанел ( 1829-1886 ), Џосеф Д’арбод (1874 -1950), Роберт Лафонт (1923-2009).

Француски автори[уреди | уреди извор]

Алфонс Доде (1840-1897), е најпознат француски писател од Прованса од 19 век, иако тој повеќе живеел во Париз и Дравеј. Негови најпознати дела се Писма од мојата воденица (1869), трилогијата Тартарин од Тараскон (1872,1885,1890). Л’Арлезјен (1872) била направена во трочинка, а музиката ја напишал Бизе.

Марсел Пањол (1895-1970), роден во Обањ, бил познат режисер и познат по неговите приказни од детството, Замокот на мајката, Гордоста на мојот татко, Храмот на тајните. Тој бил првиот режисер кој станал член на Француската академија во 1946 година.

Колет (Сидони-Габриел Колет) (1873-1954), иако не потекнувала од Прованса таа била многу поврзана со Сен Тропе. По Втората светска војна , таа била претседател на комитет и ја вратила убавината и карактерот на селото кое било уништено за време на војната.

Жан Жионо ( 1895-1970 ), роден во Маноск, пишувал за селскиот живот во Прованса, инспириран од сопствената имагинација и визијата на Античка грција.

Пол Арен ( 1843-1896). Роден во Систерон, пишувал за животот и крајот од неговиот град.

Емигранти, прогонети и протерани[уреди | уреди извор]

Во XIX и XX век, климата и животниот стил од Прованса привлекле многу писатели и сликари. Во 1920-те и 1930-те години, тоа била најпопуларно кај Американците, Британците и Русите.

Едит Вартон ( 1862-1937 ), во 1927 година го купила замокот Сен-Клер, на местото на поранешниот манастир во планините под Јер, каде живеела за време н а зимите и пролетта сè до нејзината смрт во 1937 година.

Ф.Скот Фицџералд ( 1896-1940 ) и неговата сопруга Желда во 1924 година за првпат ја посетиле ривиерата, ги посетиле Јер, Кан и Монте Карло. Најверојатно престојувале на Св. Рафаел, каде го напишал Големиот Гетсби , а ја започнал Нежноста е ноќта.

Иван Бунин ( 1870-1953 ), првиот руски писател кој добил Нобелова награда за литература. Заминал за Франција по Руската револуција, напишал неколку раскази на азурниот брег, а имал куќа во Грас.

Сомерсет Могам ( 1874-1965 ) во 1928 година купил куќа, вилата Мореск во Сен-Жан-Кап-Ферат каде минал доста време, освен за време на Втората светска војна, таму и починал.

Други англиски писатели кои живееле или пишувале за Прованса се: Питер Мајл, Карол Дринквотер, Џон Ланчестер и Вила Катер.

Кујна[уреди | уреди извор]

Кујната од Прованса е резултат на топлата и сува средоземна клима. Необработените предели се добри за пасење на овци и кози, а надвор од долината на Рона ровката почва е погодна за земјоделство и на брегот има изобилство од морски плодови. Основните производи се маслинки, маслиново масло, лук, сардини, морски ежови и октоподи, јагнешко и козјо месо, слануток, локални овошја-грозје, праски, кајсија, јагоди, цреши и најпознатите дињи од Кавајон.

Во Прованса, на менијата најчесто можете да нарачате барбун, мала црвена риба која се јаде печена на скара и лубин, печена на скара со анасон и гранки од грозје.

Аиоли е густ сос направен од маслиново масло и малку лук. Најчесто се служи со бурид, рибја супа или со компири и бакалар. Има онолку рецептi колку што има жители во Прованса.

Бујабес е класично морско јадење на Марсеј. Традиционално се готви со три вида на риба: морска риба со отровни перки, црвеношијка и угор, а се додаваат и друг вид на риби и школки за вкус како што се ковач, жабница, морски еж, морски рак и морски пајаци. Мирудиите се исто толку важни. Од нив се користат сол, пипер, кромид, домат, шафран, анасон, жалфија, мајчина душица, лаворов лист, понекогаш се става лушпа од портокал и чаша вино или коњак. Во Марсеј рибата и супата се служат посебно. Супата се служи со тенко сечени парчиња леб со сосот руј.

Брандад де Мору густ крем кој се подготвува од бакалар со маслиново масло, млеко, лук, а понекогаш се додава и тартуф.

Провансалски доб е манџа која се подготвува од варено говедско месо во вино, исечкано на коцки, зеленчук, лук и тревки. Може да се стават и маслинки, суви сливи, за мирис се става и маст од патка, оцет, коњак, лаванда, морско оревче, цимет, каранфилче, боровинка или кора од портокал. За подобар вкус се готви во неколку етапи и се остава да се лади еден ден помеѓу секоја етапа за добро да се измешаат состојките меѓу себе. Во Камараг, биковите кои се убиваат за време на борба со бикови , месото се користи за подготвување на доб.

Ескабеш е уште едно познато морско јадење. Рибите ( најчесто сардини ) се варат или се пржат откако ќе бидат маринирани со оцет или лимонов сок.

Фугас е традиционално лепче на Прованса, тркалезно и сплескано со дупчиња. Денес се подготвува со маслинки или јаткасти плодови.

Урсинад е сос кој се подготвува од морски еж пропратен со риба.

Ла Писаладиер е уште еден специјалитет од Ница. Иако наликува на пица, се подготвува од тесто и никогаш не се ставаат домати одозгора. Се продава во пекарниците, одозгора има кругови подпечен кромид и каша наречена писалат, која се подготвува од сардини и сардела и маслинките кајет од Ница.

Рататуј е традиционално јадење од преварен зеленчук, кој потекнува од Ница.

Руј е мајонез со црвен пименто кој се мачка на леб и се додава во рибја супа.

Сока е специјалитет од Ница. Тоа е тркалезна торта , се подготвува со брашно и маслиново масло и наликува на италијанската фарината. Се пече во рерна во долгнавесто тавче, потоа се зачинува со пипер, се јаде со раце и се служи топло. Во Тулон соката ја нарекуваат Ла Кад.

Супа со писту, се служи топла или ладна, се подготвува со свеж босилок и се меша со маслиново масло, со зеленчук- бел грав, боранија, домати, сквош и компири.

Тапенад е зачин кој содржи чисти и фино сецкани маслинки, каперси и маслиново масло, се мачка врз леб и се служи како предјадење.

Калисон се традиционални колачиња од Екс-ан-Прованса, кој се подготвуваат од пире од бадеми пропратено со диња и портокал. Овие колачиња се прават уште од 17 век.

Гато де Роа или Колач на кралеви е вид на торта која може да ја најдете во цела Франција. Провансалската верзија е различна бидејќи се подготвува од бриош и е тркалезна, се става цвет од портокал и се прелива со шеќер и овошје.

Тропезијанската торта е торта со крем од тесто. Во 1950 година, Александре Мика го донел овој рецепт од Полска во Сен Тропе. Во 1955 година, глумел шеф на кујна во филмот Господ ја создал жената каде глумицата Брижит Бардо му предложила да ја нарече оваа торта – Тропезијанска Торта. Денес овој рецепт најмногу се прави во Вар.

Тринаесетте десерти се божиќна традиција во Прованса. Тринаесет различни слатки, кои ги претставуваат Исус и 12 Апостоли, секое со посебно значење, кои се служат по вечерата.

Тревките од Прованса претставуваат мешавина од сушени тревки кои потекнуваат од Прованса и се користат за готвење.

Вина[уреди | уреди извор]

Фокејците, основачите на Марсеј и Ница, околу 600 година п.н.е. го донеле виното во Прованса. Во 120 година п.н.е., по римската окупација, Римскиот Сенат забранил да се одгледуваат грозје и маслинки, со цел да го заштити успешниот извоз на италијански вина. Но, пензионираните војници на Римското Царство кои се населиле во Прованса можеле да одгледуваат грозје.

Римјаните се пожалиле за конкуренцијата и лошиот квалитет на вината од Прованса. Во 1 век , римскиот поет Марцијал вината од Марсеј ги ословувал со „ ужасен отров, кои нокогаш не се продаваат за добра цена.“

Во 1970 години, вината од Прованса биле специфични. Во 1971 година, критичарот за вина , Хју Џонсон напишал : „ белите вина се суви и им недостига киселост за да бидат освежувачки. Црвените вина се лесни, со силен вкус. Најчесто се конзумира розето, со боја на портокал.“. тој додава: „Вината од Касис и од Бандол се разликуваат по нивните бели и црвени вина. Касис се издвојува со белото вино, а пак Бандол се издвојува со црвеното вино.

Оттогаш се намалило одгледувањето на посиромашни сорти, а новите технологии и методи значително го подобриле квалитетот.

Вината во Прованса се одгледуваат во посебни услови. Жешки и сончеви услови, многу малку дожд и мистрал ( Тулон, во близина на Бандол, е најсончев град во цела Франција) што овозможува грозјето побрзо да зрее.

Во Прованса најмногу се произведуваат розе вина. Најкарактеристична сорта на гројзе е мурведр , која се користи најмногу за правење на црвено вино од Бандол. Касис е единствената облст во Прованса позната по белото вино.

Постојат три регионални класификации во Прованса:

Брегот на Прованса. Оваа класификација на контролиран назив на потекло датира од 1997 година, иако овие вина во XVII и XVIII век ги признала Мадам де Севиње , која ги пренела навиките и ги претпочитала вината од дворецот на Луј XIV. Овој назив – Брегот на Прованса се користел од 1848 година, но производството било уништено од филоксера и било потребно декади за да се обнови. Овој назив денес го користат 84 општини во Вар и Устието на Рона и еден во приморските Алпи. Сортите гренаш, мурведр, синсолт, тибурен и сира се користеле за правење на црвено вино. А пак сортите клерет, верментино, семијон и уњи бланк се користеле за правење на бело вино. Овој назив опфаќа 20,300 хектари од кои 80 % се користат за производство на розе, 50 % за црвено вино и 5 % за бело вино.

Во 1985 година во Екс-ен-Прованса започнала со контролирање на називот на потекло. Вината во Екс ги саделе ветерани од Римските легии во 1 век п.н.е, а се развиле во времето на Рене I од Неапол, последниот владател на Прованса. Во 19 век, најголем дел од лозјето го уништило филоксерата, а многу споро се обновувало. За добивање на црвено вино и розе се користеле врстите гренаш, мурведр, синсолт сира, куноаз, карињан и кабаре совињон. Белите вина се правеле од врстите бурбуленк, клерет, гренаш бланк и верментино. 4000 хектари се користат за производство. 70 % од виното е розе, 25 % е црвено, а 5 % е бело.

Контролираниот назив на потекло, Кото вароа ен Прованса е нов. Името Кото Вароа се користело во 1945 година, а контролираниот назив на потекло го добил во 1993 година. Во 2005 година го добило името Кото вароа ен Прованса. За правење на црвено вино се користат врстите гренаш, синсот, мурведр и сира. За белото вино се користат врстите кларет, гранаш бланк, рол бланк, семијон бланк и уњи бланк. 2200 хектари зафаќаат лозјата од кои 80 % се произведува розе, 17 % се произведува црвено, а 3 % се произведува бело вино.

Еве уште пет локални класификации:

Контролиран назив на потекло Бандол, во Вар, на брегот западно од Тулон, околу селата Ла Кадиер Дазур и Кастејет. Вината со овој назив се прават со најмалку 50 % од врстата мурведр. Други врсти кои се садат се: гренаш, синсалт сира и карињан.

Контролиран назив на потекло Касис, во близина на крајбрежниот град Касис, меѓу Тулон и Марсеј. Во 1936 година за првпат во Прованса било класифицирано виното со контролиран назив на потекло, а е најдобро познат по белото вино. Вината од Касис во француската литература се споменати уште во 12 век. Врстите грозје кои најмногу се користат се марсан, кларет, уњи бланк, совињон бланк и бурбуленк. За правење на розе се користат врстите гранаш, карињан и мурведр.

Контролиран назив на потекло Белет. За време на Француската револуција , малото гратче Сен Роман де Белет ( денес дел од Ница ) бил центар на важен регион со вина. Производството го уништило филоксерата, периодот меѓу војните, а во 1946 година повторно се започнало со производство. Во 1941 година го добил контролираниот назив на потекло. Денес, овој регион е најмал во франција со само 47 хектари. За правење на црвено вино и розе се користат врстите бракет, фол и синсолт. Понекогаш се мешаат со гренаш. За правење на бело вино се користат врстите рол бланк, русан, спањол и мајоркин. Врсти на грозје од втора класа се кларет, бубуленк, шардоне, пињерол и мускат.

Контролиран назив на потекло Палет. Малото село Палет, се наоѓа четири километри источно од Екс-ен-Прованса, е познато по производството на зајакнато вино, кое се користи во традиционалниот божиќен десерт во Прованса, тринаесетте десерти и во божиќната торта наречена помпо а лоил . ова производство еден период запрело, но повторно започнало. За правење на црвено вино се употребуваат врстите гренаш, мурведр, синсолт, а за белото вино се користи врстата кларет.

Контролиран назив на потекло Ле Бо де Прованса. Во 1995 година бил воспоставен овој назив за црвеното вино и розето. Јужно од Авињон, ги зафаќа северните и јужните нагиби на Алпиј, на надморска височина од 400 метри, а се простира на околу 30 километри од исток кон запад. За правење на црвено вино се користат врстите гренаш, мурведр и сира. За розе се користат врстите сира и синсолт.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]