Хуан Рамон Хименес
Хуан Рамон Хименес (шпански: Juan Ramòn Jimenéz) (23 декември 1881, Могер - 29 мај 1958, Сан Хуан, Порторико) се смета, покрај Антонио Мачадо и Федерико Гарсија Лорка, за најголем поет на шпанскиот јазик на дваесеттиот век, со пресудно влијание на најзначајните шпански лиричари од првите децении на столетијето.
Животопис
[уреди | уреди извор]
Хуан Рамон Хименес е роден во Могер, Андалусија, во 1881 година, а потекнува од богати родители. Матурирал во колеџот на језуитите во Пуерто де Санта Марија (Кадиц), а по налог на родителите студирал право во Севиља, но набргу ги напуштил студиите и започнал да се занимава со сликарство, а подоцна и со поезија. Нежен со здравјето, младоста ја поминал во санаториуми во Франција и Шпанија и во жива питературна активност во Могер и во Мадрид (соработувал со Рубен Дарио во модернистичкото движење, објавувал поезија, ги собирал околу себе, во текот на неколку години, младите поети, посебно од Германија на 27-та.
Во 1916 година стапил во брак со професорката Сенобија Кампруби Ајмар, која ќе му биде доживотна сопатничка, патувал со неа во САД, за да се врати во Мадрид целосно посветен во поезијата и на литературните активности. Во почетокот на Граѓанската војна во Шпанија, во 1936 година, заминал во емиграција, каде што останал до крајот на животот - во САД (Њујорк, Вашингтон), при што патувал во Куба, Аргентина, Уругвај, Порторико, држејќи предавања за шпанската литература на тамошните универзитети.
Во 1956 година станал добитник на Нобеловата награда за литература, три дена по смртта на сопругата Сенобија. Последните години од животот ги поминал во Порторико, каде што умрел во 1958 година.
Творештво
[уреди | уреди извор]Хуан Рамон Хименес е автор на повеќе книги проза, на дневници, есеи и критики, но пред сè и над сè на четириесетина книги поезија. Своите први стихови ги објавил во раната младост, во 1897 и 1898 година. Неговата поезија била под влијание на францускиот романтизам и импресионизам, а потоа и на симболизмот и надреализмот, но тој црпел инспирација и во шпанската народна песна. На почетокот од уметничката дејност, негови идоли биле: Клод Моне, Пол Верлен, Роберт Шуман, Франц Шуберт, Клод Дебиси итн. Во книжевниот живот се вклучил на преминот меѓу 19 и XX век, но формално не припаѓал на ниту една книжевна група или организација. Неговата поезија го означува пресвртот во шпанската лирика и „чистата“ и „ултраистичка“ поезија на Хименес го трасирала патот по кој подоцна се движеле Салинас, Гилјен, Лорка и Алберти. Во првата фаза од неговото творештво се присутни традицијата, фолклорот и народните верувања, а втората фаза во неговото творештво е помисловна и медитативна. Од оваа фаза посебно се истакнува збирката „Господ пожелуван и кој посакува“, напишана за време на неговата емиграција во САД. Во 1957 година ја објавил и збирката „Трета поетска антологија“, која содржи избор од 39-те дотогашни збирки поезија на Хименес и која содржи дури 700 песни.[1]
Библиографија
[уреди | уреди извор]- „Виолетови души“ (Almas de violeta, 1900)
- „Тажни арии“ (Aarias trisres, 1903)
- „Далечни градини“ (Jardines lejanos, 1904)
- „Чисти елегии“ (Elegias puras, 1908)
- „Ниска уметност“
- „Пасторали“ (Pastorales, 1911)
- „Спиритуални сонети“ (Sonetos espirituales, 1917)
- „Сребре и јас“ (Platero y yo, 1917)
- „Дневник на неодамна оженетиот поет“ (Diario de un poeta recin casado, 1917)
- „Вечности“ (Eternidades, 1918)
- „Единство“ (Unidad, 1925)
- „Песна“ (Canci'on, 1936)
- „Потполно доба“ (Le estaci'on total, 1946)
- „Животно од дното“ (Animal de fondo, 1949)
- „Господ посакуван и кој посакува“
Осврт кон творештвото
[уреди | уреди извор]Хименес се смета за најголемот шпански поет и еден од најсложените поети на 20. век. Учител и пријател на Лорка, Алберти, Гилјен, Салинас, Алеиксандре, Сернуда, неговата пеозија ги отвора и ги освојува патиштата на шпанската лирика кон врвовите на модерната поезија во светот. Затоа со право е напишано дека „сите вредности, сите резултати со кои се гордее и се радува актуелната кастиљска поезија стсаа преку Хуан Рамон Хименес, беа оспорувани од Хуан Рамон Хименес, беа пуштени во оптек од Хуан Рамон Хименес“ и дека „тој протега еден чудесен мост од светлини, бои, тонови над субверзивните движења“. Застапник на поетика, како што пишува тој, за „ни поново...ни подалеку; подлабоко, и за „чиста“, апсолутна пеозија, и воведувач на неопопуларизмот и култот спрема класиците во согласје со големите искуства на европскиот романтизам и симболизам, тој го изодува патот кон една метафизичка, длабока, себеиспитувачка пеозија за смислата и убавината на постоењето.[2]
Во првата фаза од неговото творештво, стиховите се ослободени од определеност и пораки, јазикот е соголен, а тој ги бара ефектите во мелодијата, сугестијата и во пулсирањето на чистиот јазичен ритам. Асимилирајќи ги идеите на француската модерна и на андалусискиот фолклор, Хименес набргу станува важен лик во младата шпанска поезија, собрана во Групата 98. Раната фаза од неговото творештво трае до 1915 година, кога се случуваат значајни промени во неговиот живот, предизвикувајќи промена на поетиката, свртување кон слободниот стих и потреба за проширување на границата на човечката свест. Во првите десетина стихозбирки, тој е претежно свртен кон изворните народни теми, како и кон народниот јазик, кои во неговата естетизирана постапка создаваат силни слики кои оставиле голем впечаток врз младите поети, како Лорка и Алберти. По 1915 година, Хименес се врти кон прашањата поврзани со човечката судбина, животот и смртта, човекот и Бог. Неговиот речник се менува, исчезнуваат изворноста, народните теми и ритми, а песните стануваат многу подлабоки, повеќеслојни и со повеќе асоцијации. Притоа, песните од овој период се подолги, лични, нервозни, но ниедна не го остава читателот рамнодушен. Основната одлика на Хименесовиот дух е зрелоста, а неговата поезија е само медиум со чија помош се следи постепеното созревање на идејата за човекот, за Бога или за уметноста. Неговата поезија се наоѓа во постојано искачување, во низа од прогресивни трансформации, така што најоригиналната црта во неговата поезија е развојот, зреењето на неговото поетско битие.[3]
Последната фаза од неговото творештво настапува по заминувањето во САД, каде тој го создава своето најважно дело „Господ посакуван и кој посакува“, кое претставува збир на неговите ставови за животот, откривајќи ги својот пантеизам и крајните заклучоци за поезијата. Во ова дело, Хименес не ги исфрла матните и нејасни места, не ја обработува мислата, туку напротив, постојано ја препишува својата екстаза на духот со чија помош го осознава својто Господ, зашто единствено со ирационалното восхитување може да се доживее просветлување. Притоа, тој не ни кажува како се постигнува тоа, туку ги искажува екстазата и просветлувањето кои се веќе остварени. Во темата на Бога, Хименес ја препознава убавината во својот извор и во своето зреење. Неговиот бог се открива во морето, како севкупност на сите убавини и почеток на целиот живот. Сепак, последните заклучоци и пораки на неговото дело сè уште не се расветлени.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Катица Ќулавкова, „Оддекот на андалусиската елегија“, во: Хуан Рамон Хименес, Сребре и јас, Детска радост, Скопје, 1986, стр. 169-173.
- ↑ Превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена“, Битола, 2010.
- ↑ Raša Livada, „Lepota u svom izvoru i svom zrenju“, во: Huan Ramos Himenes, Ja nisam ja. Rad, Beograd, 1977, стр. 123-125.
- ↑ Raša Livada, „Lepota u svom izvoru i svom zrenju“, во: Huan Ramos Himenes, Ja nisam ja. Rad, Beograd, 1977, стр. 125-126.
| ||||||||||||||||||||||||
|
