Вислава Шимборска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Вислава Шимборска
Szymborska 2011 (1).jpg
Шимборска во Краков, Полска, 2011 г.
Роден/а2 јули 1923(1923-07-02)
Провент, Полска (денес Бнин, Курник, Полска)
Починат/а1 февруари 2012(2012-02-01) (возр. 88)
Краков, Полска
Занимање
НационалностПолјачка
Значајни награди
Сопруг/аАдам Влодек (1948–1954; разведена)

Вислава Шимборска (полски: Maria Wisława Anna Szymborska) (2 јули 1923, селото Провент, до Курник, Полска - 1 февруари 2012, Краков, Полска) била полска поетеса, добитничка на Нобеловата награда за литература во 1996 година.

Биографија[уреди | уреди извор]

Шумборска во Краков, 2009 година.

Вислава Шимборска е родена во 1923 година во селото Бњин покрај Курник, во близината на Познањ, од татко Винценти и мајка Ана (родена како Ротермунд). Во 1931 година, со своето семејство се преселила во Краков каде што останала да живее до крајот на животот. Во 1939 година, кога Германија ја окупирала Полска, Шимборска го продолжила своето образование во илегала. Од 1943 година се вработила во железницата и така успеала да ја избегне депортацијата во Германија на принудна работа. По ослободувањето на Полска, во 1945 година започнала да студира полски јазик и книжевност, а потоа социологија на Јагелонскиот универзитетот во Краков. Поради лошата финансиска положба, во 1948 година ги прекинала студиите и се омажила за поетот Адам Владек од кој се развела во 1954 година.[1] По Втората светска војна, за да можела студира и да се вработи, Шимборска морала да стане член на полската комунистичка партија (ПУРП), а партијата ја напуштила во 1966 година. Од 1953 година до 1981 година, Шимборска работела во литературното списание „Литературен живот“ (Życie Literackie). Од 1981 до 1983 година била дел од уредништвото на списанието „Писмо“, а соработувала и со списанието „Почетна позиција“ (Nagłos), а потоа, поради опозиционерската активност, завршила како слободен писател и пензионерка.[2] Умрела на 1 февруари 2012 година по долго боледување од рак на белите дробови.[3][4]

Творештво[уреди | уреди извор]

Најголем дел од творештвото на Шимборска отпаѓа на поезијата. Таа се смета за најголемата полска поетеса,[5] а заедно со Збигњев Херберт и Тадеуш Ружевич, го сочинува врвот на полската поезија.[6] Нејзините песни се преведени на околу 50 јазици.

Малку е познато дека Шимборска дебитирала како прозен писател, пишувајќи кратка проза, а Адам Влодек (поет, уредник на неколку весници и издавачки куќи и нејзин подоцнежен сопруг) — тој кој ја убедил да се префрли на поезијата.[7] Шимборска се појавила на поетската сцена непосредно по Втората светска војна: во март 1945 година, во весникот „Полски дневник“ (Dziennik Polski) ја објавила својата прва песна „Барам зборови“ (Szukam słowa). Во 1949 година, нејзината прва книга не ја поминала државната цензура, но таа и понатаму останала верна кон социјалистичката власт и продолжила да ги фали Ленин, Сталин и достигнувањата на социјализмот. Нејзините две збирки поезија објавени во раните 1950-ти, „Затоа живееме“ (1952) и „Прашања поставувани на себеси“ (1954) немаат некоја посебна вредност, бидејќи биле напишани во стилот на соцреализмот и подоцна не биле вметнувани во изборите од нејзината поезија. Пресвртна етапа во нејзиното творештво е објавувањето на збирката „Повикување на Јети“ (1957)[2]

Освен песни, Шимборска пишувала и белешки за прочитаните книги кои ги објавувала како додаток на краковското списание „Книжевен живот“, а кои се објавени како посебни збирки: „Незадолжителни лектири“ (Lektury nadobowiązkowe) во 1973 година, „Незадолжителни лектири, втор дел“ (Lektury nadobowiązkowe, część druga) во 1981 година,[8] и „Незадолжителни лектири“ во 1996 и во 2003 година.[9] [10] Исто така, таа се бавела и со превод од француски на полски јазик. Најпосле, Шимборска пишувала и лимерики при што ја основала Ложата на лимерики, како и фонд од кој секоја година доделувала две награди. Покрај собирањето „кич“ и стари разгледници, нејзина голема пасија било правењето колажи кои никогаш не ги излагала во галериите, туку им ги испраќала на пријателите и на преведувачите како новогодишни честитки.[9]

Библиографија[уреди | уреди извор]

Шимборска е позната по тоа што пишувала малку, така што нејзиното творештво е мало по обем - околу 350 песни за време на шеесетгодишното творештво. Нејзини позначајни збирки песни се следниве:[1][8][11][12] [13]

Последната книга на Шимборска е објавена посмртно и ги содржи нејзините последни 13 песни, како и скици на неколку недовршени песни.[14]

Осврт кон творештвото на Шимборска[уреди | уреди извор]

Во својата поезија, Шимборска се раководела од идеалот истакнат од страна на Јулијан Пшибош дека секоја песна треба да се пишува како претходно да не е напишана ниту една песна и како авторот да не може да се потпре врз ништо претходно. Затоа, книжевната критика никогаш не можела да ја смести Шимборска во ниту една категорија или книжевен стил. Иако во пишувањето, таа се служи со традиционални средства и постапки (опис, приказна, создавање жанр-слики), нејзините песни се исклучително модерни. Но, за разлика од традиционалната поезија, кај неа секој стих рамноправно му служи на развивањето на мислата, така што во нејзините песни нема никаква посебно истакната поента. Во оценувањето на нејзината поезија, критичарите се повикувале на Лајбниц, Декарт и Хајдегер, но истовремено, нејзините песни се одликуваат со женска чувствителност, дискретност и хумор. Сепак, нејзините песни се одликуваат со голема читливост, така што лесно ја освоиле не само критиката, туку и широката публика.[15]

Поезијата на Шимборска изненадува со својата привидна едноставност - кај неа сè е одмерено и усогласено, без претерана стилизација. Таа подеднакво добро ги негува римуваниот класичен стих и ружевичевскиот стих. Формалната дисциплина на нејзините песни е во согласност со нивната содржина и со мисловната порака. Во нејзината поезија секогаш е присутна желбата да се иницира некоја суштинска мисла, да се прошири границата на човековото сознание и да се каже нешто ново за односите меѓу луѓето и за местото на човекот во светот. Начинот на којшто таа ги објавува своиет размислувања често претставува мало откритие, зашто таа секогаш знае да ја пронајде вистинската мера. Кон себе таа е критична и скептична како во однос на лирското расположение така и во однос на љубовта. Таа не се плаши современиот човек да го прикаже во смешна, речиси гротескна положба, дури и кога зборува во името на своето лирско Јас, што докажува дека нејзините песни се плод на долго размислување и на големо знаење за светот и за луѓето. Нејзината песна не е лесна и распеана и се чувствува дека нејзината мудра и човечка лирика е длабоко доживеана.[16]

Полските критичари истакнуваат дека поезијата на Шимборска е филозофска на природен и спонтан начин, зашто во неа нема научни изрази и непосредно формулирани проблеми, туку само мисловни и јазични игри кои најчесто се одигруваат низ дијалози за можностите и немоможностите за изразување на човекот и на светот. Притоа, иако не е „лингвистички поет“, таа се труди да ги искористи можностите на зборовите, но да не биде зависна од нив. Сепак, неочекуваните пресврти, случајности и откритија застапени во речиси секоја нејзина песна потврдуваат дека таа експериментира со јазикот, но тоа не го прави преку создавање неологизми и шокантни фразеолошки состави. Таа најчесто само поставува прашања, бидејќи тие се основната реторска фигура во нејзиното творештво. Според теоретичарот Михал Гловињски, нејзините игри со зборовите се функција на мудроста, одлучуваат за неповторливоста и оригиналноста на нејзината поезија која е необичен спој на сериозност и лудизам. Исто така, Шимборска не е моралистка, туку таа е изразена индивидуалистка која сè изразува во свое име.[17] Според полскиот критичар Јежи Квајтковски, нејзините песни се одликуваат со големо богатство, па дури и со расипништво, зашто во некои нејзини песни има доволно материјал за цели поетски збирки.[18] Самата Шимборска ја опишала својата поезија во песната „Епитаф“ во која себеси се нарекува „старовремска... авторка на неколку песни“ која „не спаѓала во ниту една книжевна група“.[19]

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

За својата поезија, Шимборска добила повеќе награди и признанија, како:

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 [1]
  2. 2,0 2,1 „Napomena priređivača“, во: Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 419-420.
  3. Почина добитничката на Нобеловата награда Вислава Шимборска, Дневник, 2.2. 2012.
  4. Почина нобеловката Вислава Шимборска, Нова Македонија, четврток, 2.2.2012
  5. Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 183.
  6. Petar Vujičić, „Radost pisanja“, во: Vislava Šimborska, Svaki slučaj. Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 132.
  7. „Napomena priređivača“, во: Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 419.
  8. 8,0 8,1 Petar Vujičić, „Radost pisanja“ во: Vislava Šimborska, Svaki slučaj - Izabrane pesme. Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 132.
  9. 9,0 9,1 „Napomena priređivača“, во: Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 421.
  10. Petar Vujičić, „Radost pisanja“, во: Vislava Šimborska, Svaki slučaj. Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 132.
  11. [2]
  12. Окно
  13. Petar Vujičić, „Radost pisanja“, во: Vislava Šimborska, Svaki slučaj. Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 132.
  14. Доста е - последната книга на Шимборска
  15. Petar Vujičić, „Radost pisanja“ во: Vislava Šimborska, Svaki slučaj - Izabrane pesme. Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 133-135.
  16. Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 183-184.
  17. „Napomena priređivača“, во: Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 420-421.
  18. Petar Vujičić, „Radost pisanja“, во: Vislava Šimborska, Svaki slučaj. Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 133.
  19. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 68.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]