Прејди на содржината

Познањ

Координати: 52°24′N 16°55′E / 52.400° СГШ; 16.917° ИГД / 52.400; 16.917
Од Википедија — слободната енциклопедија
Познањ
Poznań
Знаме на ПознањГрб на Познањ
Познањ is located in Полска
Познањ
Познањ
Координати: 52°24′N 16°55′E / 52.400° СГШ; 16.917° ИГД / 52.400; 16.917
ЗемјаПолска
ВојводствоГолемополско
ОкругПознањ
Основан10 век
градски статус1253
Управа
 • ГрадоначалникЈачек Јашковијак
Површина
 • Градска261,85 км2 (10,110 ми2)
Најг. вис.&10000000000000154000000154 м
Најм. вис.&1000000000000006000000060 м
Население (31.12.2018)
 • Градско536,438
 • Густина20/км2 (53/ми2)
 • Градскo1,1 million
 • Метро1,4 million
Час. појасEET (UTC+1)
 • Лето (ЛСВ)EEST (UTC+2)
Поштенски код60-001 to 61-890
Повик. бр.+48 61
Регистарски  табличкиPO
Мреж. местоhttp://www.poznan.pl/

Познањ (полски: Poznań, германски: Posen) — град кој се наоѓа на реката Варта во централнозападниот дел од Полска, во областа Големополска. Градот е најдобро познат по својот архитектонски ренесански изглед во стариот дел на градот, уништен за време на Втората светска војна, а потоа повторно изграден. Денес, Познањ претставува важен културен и бизнис центар и е еден од најнаселените региони на Полска со многу регионални и традиционални особености.

Познањ е еден од најстарите градови во Полска и бил еден од најважните центри во почетоците на полската држава во 10 и 11 век. Првиот центар на градот бил Острув Тумски кој се наоѓа на реката Варта. Првите владетели на Полска биле погребувани во катедралата која се наоѓа на островот. Градот исто така служел како главен град за кратко време во 13 век. По втората поделба на Полска, Познањ бил вклучен во територијата на Прусија, а потоа, со обединувањето на Германија по француско-пруската војна во 1871 година станал дел од Германското Царство. Покрај тоа, градот официјално бил прогласен за царска резиденција на градот, кое довело до изградба на царски замоци, градски ѕидини, железничка станица и многу други градби кои денеска претставуваат големи туристички атракции.

Познањ е еден од најголемите градови во Полска. Населението во градот е околу 536.438 жители[1], додека целата општина Познањ има околу 1,1 милиони луѓе[2][3], додека заедно со околината 1,4 милиони луѓе, што е четврта по големина област во Полска[4][5][6][7]. Познањ денес е еден од најголемите полски центри на трговијата, индустријата, спортот, образованието, технологијата, туризмот и културата. Градот е особено важен научен центар, со околу 130.000 ученици и овде работи третиот по големина полски универзитет „Адам Мицкевич“. Во градот се наоѓа и една од најстарите полски епархии. Официјални заштитници на градот се светците Свети Петар и Свети Павле, покровители на катедралата.

Името на градот Познањ веројатно произлегува од личното име, Poznan (според партиципот на полски јазик: poznan(y). Исто така е можно дека името на градот е непосредно изведен од глаголот да препознае (полски: poznac).

Историја

[уреди | уреди извор]
Споменик на Мјешко I и Болеслав I
Грб на Познањ од 14 век
Царската палата
Градот во 1617 година
Језуитска академија
Домот на операта

Со векови пред христијанизацијата на Полска, Познањ бил важен културен и политички центар на племето Полан. Мешко I, првиот историски евидентиран владетел на Полан, градот го изградил како негово седиште. Крштевањето на Мешко во 966 година се смета за клучен момент во воспоставувањето на полската држава и самото крштевање се случило токму во Познањ.

По крштевањето започнала изградбата на Градската катедрала, која била прва во Полска. Најверојатно во катедралата се наоѓало и седиштето на првиот епископ на Полска, Јордан. По конгресот од Гњезно во 1000 година била основана првата архиепископија со седиште во Гњезно како главен град на Полска од тоа време, иако и Познањ имал свои независни епископи. Во катедралата биле погребувани првите полски монарси како Мешко I, Болеслав I, Мешко II, Кажимеж I а подоцна и Пшемисл I и Пшемисл II.

Кон почетокот на 11 век градот имал мали конфликти со паганските поддржувачи, за да во 1038 година биде освоен од страна на бохемскиот војвода Бржетислав I. Веќе следната година главниот град бил преместен во Краков. Во 1138 година, според тестаментот на Болеслав III, Полска била поделена во посебни војводства а Познањ и неговата околина припаднала во териториите на Мешко III Стариот, прв од војводите на Голема Полска. Овој период на фрагментација траел до 1320 година. Војводствата често ги проширувале своите територии на влијание. Во еден период Познањ заедно со Гњезно и Калиш биле вклучувани во едно војводство, но во други времиња тие претставувале посебни војводства.

Во околу 1249, војводата Пшемисл I започнал со изградба на кралскиот замок кој се наоѓа на ридот на левиот брег од реката Варта. Во текот на овој период се случила итн. Германска источна миграција[8][9]. Градот бил опкружен со ѕидини а во самиот центар се наоѓал замокот.

Во времето на Полско-литванската Државна Заедница, Познањ бил седиште на војводство. Важноста на градот започнала да расте во Јагелонскиот период, поради својата позиција на трговските патишта од Литванија и Рутенија во Западна Европа. Градот станал главен центар за трговија со крзно кон крајот на 16 век. Приградските населби започнале да се шират околу градските ѕидини, на островите на реката и на десниот брег. Сепак развој на градот бил попречен од страна на редовните големи пожари и поплави. На 2 мај 1536 градот бил уништен од пожар. 175 објекти, вклучувајќи го овде и замокот, градското собрание, манастирот и приградската населба наречена Свети Мартин биле целосно зафатени[10]. Во 1519 година била основана Лубранската академија како институција за високо образование (но без право на доделување дипломи, право кое му припаѓало на Јагелонскиот универзитет во Краков). Сепак колеџот на Језуитите кој бил основан во градот во 1571 година за време на контра-реформацијата имал право за доделување дипломи од 1611 до 1773 година.

Во втората половина на 17 век, а најголем дел од XVIII век, Познањ бил сериозно погодени од серија на војни како Втората и Третата Северна војна, Војната за полското наследство, Седумгодишната војна итн. Исто така градот бил погоден од чести епидемии на чума и од поплави, особено онаа од 1736 година, кој уништил поголем дел од приградските објекти. Населението на градот значително се намалило (од 20.000 во околу 1600 до 6.000 во околу 1730 година). Во 1778 година во градот бил основан „Комитет на редот“, кој ја надгледувал обновата на градот и реорганизацијата на администрацијата на градот. Сепак, во 1793 година, по втората поделба на Полска, Познањ бил вклучен кон територијата на Кралство Прусија, станувајќи дел и седиште на провинција Јужна Прусија.

Пруските власти ги прошириле границите на градот. Старите градски ѕидини биле срушени во почетокот на 19 век, а главниот развој бил пренасочен кон западниот дел од стариот град. Во тој период биле изградени многу од главните улици кои денеска се наоѓаат во централниот дел на градот. По Големото полско востание од 1806 година, полските војници и цивилни волонтери помагнале во напорите на Наполеон Бонапарт во неговите војни против пруските сили. Градот станал дел од Варшавското Војводство во 1807 година и бил седиште на Познањскиот оддел. Сепак, во 1815 година, по Виенскиот конгрес, регионот бил вратен на Прусија и Познањ станал главен град на полуавтономното Големото Кнежевство Познањ.

Градот продолжил да се проширирува, и разни проекти биле финансирани од страна на полските филантропи. Во овој период биле изградени библиотеката Рачински и хотелот Базар. Првата железничка на градот била отворена во 1848 година. Поради својата стратешка местоположба, пруските власти изградиле нови ѕидини околу градот. По Големото полско востание од 1848 година, војводството ја изгубила својата автонимија додека градот останал единствено седиште на пруската провинција Посен. Во 1871 година градот станал дел од Германското Царство. Властите правиле напори да се германизира регионот. Германците изнесувале 38% од населението на градот во 1867 година, иако овој процент подоцна се намалил, особено откако регионот се вратил во Полска.

Во 1876 година започнала нова изградба на тврдини околу градот. Во 1910 година била изградена царската палата Замек како и оперската куќа. По Првата светска војна и Големото полско востание од 1918-1919 година, Познањ и поголем дел од регионот биле ослободени и ова било потврдено од страна на Версајскиот договор. Месното населението морало да се здобие со полско државјанство или да ја напушти земјата. Ова довело до значителен пад на процентот на етнички Германци, чиј број се намалил од 65.321 во 1910 до 5,980 во 1926 година и понатаму до 4.387 во 1934 година[11]. Во меѓувоениот период, градот станал повторно главен на Познањското Војводство. Универзитетот Познањ (денес се нарекува Адам Мицкевич) бил основан во 1919 година. Границите на градот повторно биле прошири во 1925 година и 1933 година.

За време на германската окупација на 1939-1945, Познањ од страна на Третиот рајх бил прогласен како главен град на Вартеланд. Многу полски жители биле погубени, уапсени, протерани или биле испратени на принудна работа. Во исто време во градот се населиле голем број на Германци. Населението на Германци се зголемило од околу 5.000 во 1939 година (околу 2% од населението) на околу 95.000 во 1944 година[12][13]. Пред Втората светска војна еврејската популација од околу 2.000 луѓе била убиена во најголем дел во Холокаустот[14]. Концентрационен логор бил формиран во Форт VII, еден од деветнаесетте тврдини. Кампот подоцна бил преместен во Жабиково, јужно од Познањ. Властите на Нацистичка Германија значително ги прошириле границите на градот, кои се задржале и по војната. Градот бил освоен од Црвената армија, со помош од страна на полските волонтери, на 23 февруари 1945 година по битката на Познањ, во која германската војска ги направила последните обиди за одбрана.

Поради протерувањето на германското население, населението на Познањ повторно се намалило. Градот повторно станал седиште на војводство. Во 1950 година големината на војводството било намалено, а на самиот град му бил даден посебен статус на војводство. Овој статус градот го изгубил по реформите од 1975 година.

Во 1956 година во градот се случиле протести како начин на изразување на отпорот против комунистичката власт. Во јуни 1956 година, во знак на протест од страна на работниците во фабриката „Цегиелски“, во градот започнале серија штрајкови и народни протести против политиката на владата. По протестниот марш на 28 јуни толпата ја нападнала комунистичката партија и тајната полициска станица, каде што биле одбиени од огнено оружје. Немирите продолжиле два дена додека не биле задушени од страна на армијата. Во овој период загинале 67 лица лица според официјалните податоци. Споменик на жртвите бил изграден во 1981 година.[15].

По крајот на војната биле реконструирани и обновени голем број на оштетени објекти. Од 1960 година започнала интензивна изградба на живеалишта, во преден план на станбени објекти.

Најново проширување на границите на градот имало во 1987 година, со додавање на нови области, главно на север. Првите слободни локални избори по падот на комунизмот се одржале во 1990 година, а Познањ повторно станал главен град на Големополска.

Познањ продолжува да биде домаќин на редовните саеми и меѓународни настани, вклучувајќи ја Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации. Градот бил еден од градовите домаќини за Евро 2012 година.

Географија

[уреди | уреди извор]
Панорама од градот

Познањ зафаќа површина од 261,3 км2, и има координати 52°17'34–52°30'27N, 16°44'08–17°04'28E. Неговата највисока точка, со надморска височина од 157 метри (515 стапки), е на врвот на Гора Мораска. Најниската надморска височина од 60 метри се наоѓа по долината на реката Варта.

Езеро Малта
Улица во градот

Најголемата река која тече во градот е Варта, која тече низ градот од југ кон север. Како што приближува центарот на градот, таа се дели на две гранки, што течат западно и источно од Остров Тумски и повторно се среќаваат на север. Помалата река Цибина тече низ источниот дел на градот каде се влева во Варта. Други притоки на Варта во градот се Јуниково, која тече од јужниот дел кон запад, Лубон, Гогданка и Виерзбак.

Стариот град

Најголемо езеро во Познањ е Киерско езеро кое се наоѓа во северозападниот дел на градот (во рамките на границите на градот од 1987 година). Други големи езера се езеро Малта на Цибина (вештачко езеро, формирано во 1952 година), езеро Strzeszyńskie на река Богданка, и Русалка на Богданка, формирано во 1943 година. Последните две се популарни места за капење.

Центарот на градот (вклучувајќи го и Стариот град, поранешните острови Гробла и Chwaliszewo, главната улица Свети Мартин и многу други важни згради и области) се наоѓа на западната страна на Варта. Наспроти тоа се наоѓа Остров Тумски, на кој се наоѓа познатата катедрала, како и други станбени и индустриски објекти. На источниот брег на реката се наоѓа историска област на Сродка. Големите деловни згради изградени од 1960 година па наваму, се наоѓаат во Ратаје на исток, Виноград и Пијатково на север. Постарите станбени и комерцијални области се Вилда, Лазарз на југ, и Јежице на запад.

Климата на Познањ се наоѓа во зоната на преминот меѓу влажна континентална и океанска клима проследена со релативно студени зими и топли лета[16]. Снегот е чест во зима, кога температурите ноќно време обично се под нулата. Во текот на летото температурата често може да достигне 30 °C (86 °F). Годишните врнежи се повеќе од 500 мм, меѓу најниските во Полска. Најдождлив месец е јули, во кој период се среќаваат интензивни порои и грмежи.

Климатски податоци за Познањ
Месец Јан Фев Мар Апр Мај Јун Јул Авг Сеп Окт Ное Дек Годишно
Највисока забележана °C (°F) 13.5
(56.3)
17.6
(63.7)
21.5
(70.7)
29.3
(84.7)
31.6
(88.9)
36.5
(97.7)
38.7
(101.7)
37.0
(98.6)
30.4
(86.7)
25.6
(78.1)
17.1
(62.8)
13.9
(57)
38.7
(101.7)
Прос. висока °C (°F) 2.3
(36.1)
2.9
(37.2)
8.3
(46.9)
13.6
(56.5)
19.4
(66.9)
22.1
(71.8)
24.6
(76.3)
24.5
(76.1)
19.3
(66.7)
13.9
(57)
6.7
(44.1)
3.2
(37.8)
13.4
(56.1)
Сред. дневна °C (°F) −1.2
(29.8)
−0.7
(30.7)
4.0
(39.2)
9.8
(49.6)
14.9
(58.8)
18.2
(64.8)
20.1
(68.2)
19.8
(67.6)
15.3
(59.5)
9.9
(49.8)
4.4
(39.9)
0.2
(32.4)
9.6
(49.3)
Прос. ниска °C (°F) −4.6
(23.7)
−4.3
(24.3)
−0.3
(31.5)
6.0
(42.8)
10.3
(50.5)
14.3
(57.7)
15.5
(59.9)
15.1
(59.2)
11.3
(52.3)
5.9
(42.6)
2.1
(35.8)
−2.8
(27)
5.7
(42.3)
Најниска забележана °C (°F) −28.5
(−19.3)
−24.0
(−11.2)
−16.1
(3)
−8.6
(16.5)
−1.5
(29.3)
1.5
(34.7)
4.7
(40.5)
3.9
(39)
−3.8
(25.2)
−8.3
(17.1)
−13.6
(7.5)
−19.2
(−2.6)
−28.5
(−19.3)
Прос. врнежи мм (ин) 33
(1.3)
27
(1.06)
38
(1.5)
31
(1.22)
50
(1.97)
57
(2.24)
76
(2.99)
61
(2.4)
42
(1.65)
34
(1.34)
35
(1.38)
40
(1.57)
524
(20.63)
Прос. бр. врнежливи денови 14 12 11 9 11 12 13 13 9 12 14 12 142
Прос. релативна влажност (%) 81 82 75 68 63 68 70 72 74 77 80 82 74
Сред. бр. сончеви часови месечно 56 67 118 179 230 237 236 229 171 122 55 40 1.740
Извор: Polish Central Statistical Office

Население

[уреди | уреди извор]

Според податоци од 31 декември 2012 година, градот има население од 550,742 житечи и е петти најголем град во Полска. Густината на населението е 2.103 жители на квадратен километар[17]. Населението на градот опфаќа 15,9% од населението кое живее во Големополското Војводство. Според податоци од декември 2012 година, во градот и околината живееле вкупно 1.009.028 лица[18].

Истражувањето спроведено во 2011 година покажало дека просечниот животен век за мажите кои живеат во Познањ е 74,9 години, додека жените во просек живеат подолго од мажите за 6,5 години и нивниот животен век е 81,4 години. Должината на животот на жителите на Познањ е во близина на должината на животниот век на населението во Варшава (75,4/82,0), Краков (75,6/81,9), Три-Град (75,1/81,8) и Вроцлав (74,0 / 81,6), но повисок од просечниот животен век во Шчеќин (72,8 / 81,1), на Катовице (70,6 / 78,5) и Лоѓ (70.1 / 78.4)[19]. Во 2008-2011 година, во градот биле родени приближно од 5800-6200 илјади деца. Во 2011 година вкупната стапка на фертилитет била 1,24.

Демографската структура на жителите на Познањ според од 31 декември 2012 година

Опис Вкупно Жени % Мажи %
Население 550 742 256 499 46,6 294 243 53.4

Структура на населението на градот

Старосна структура[20].

Административна поделба

[уреди | уреди извор]
Административна поделба на градот од 2011 година

Познањ е поделен во 42 населби. За одредени административни цели, се користи старата поделба во пет области. Тие се:

  • Стар град, со население од 161.200 жители, плоштина од 47,1 км2
  • Нов град, со население од 141.424 жители, плоштина од 105.1 км2
  • Грунвалд, со население од 125.500 жители, плоштина од 36,2 км2
  • Јежице, со население од 81.300 жители, плоштина од 57,9 км2
  • Вилда, со население од 62.290 жители, плоштина од 15,0 км2

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Стари Бровар
Поглед кон зградата на компанијата Алегро

Познањ бил важен трговски центар уште од средниот век. Почнувајќи од XIX век, започнала да расте тешката индустрија. Неколку големи фабрики биле изградени во тој период, вклучувајќи ја фабриката за челик Хиполит Цегелски.

Денес Познањ е еден од најголемите трговски центри во Полска. Градот се смета како втор богат град во Полска веднаш по Варшава. Градот произведува 31,8 милијарди од бруто-домашниот производ на Полска во 2006 година. Исто така, Познањ имал многу ниска стапка на невработеност од 2,3% од мај 2009. За споредба, националната стапка на невработеност во Полска во истиот период била повеќе од 10%.

Многу западноевропски компании имаат отворено свои претставништва во градот и околината. Поголемиот дел од странските инвеститори се германски и холандски компании. Инвеститорите се претежно од преработка на храна, мебел, автомобили и транспорт и логистика индустрија. Странските компании се привлечени пред сè од евтината работна сила и со релативно добра патна и железничка мрежа, добри стручни вештини на работниците и релативно либералните закони за вработување. Неодамна бил изграден трговски центар Стари Бровар, каде се наоѓаат многу луксузни продавници и се смета за еден од најдобрите во Европа. Овој трговски центар има освоено награда за најдобр трговски центар во светот во категоријата на комерцијални објекти. Други значајни трговски центри во градот се Галерија Малта, една од најголемите во Средна Европа, и продавниците во хотелот Базар.

Транспорт

[уреди | уреди извор]

Познањ има воспоставено широка патна мрежа која се состои од трамваи и градски и приградски автобуси. Главната железничка станица е Централната станица Познањ која се наоѓа југозападно од центарот на градот. Во градот се наоѓаат и помалите станици Wschód и Гарбари. Јужно од градот поминува автопатот А2 кој го поврзува градот со Берлин и Варшава. Аеродромот е еден од најголемите аеродроми во западниот дел на Полска.

Новото лого на градот

Познањ има многу историски градби и знаменитости, главно концентрирани околу Стариот град и други делови од центарот на градот. Голем дел од нив се наоѓаат покрај т.н. Кралски пат, улица која претставува место за туристичка прошетка која води низ најважните делови на градот, покажувајќи ја својата историја, култура и идентитет. Делови од центарот на градот се прогласени од официјалните државни институции за историски споменици на Полска од 28 ноември 2008 година. За овие споменици постои посебно државно тело кое се вика Одбор за национално наследство на Полска.

Поранешната царска палата

Резултатите од новите обемни археолошки истражувања извршени на Остров Тумски од страна на Хана Коцка-Крец укажуваат на тоа дека Познањ навистина претставувал централно место на почетокот на полската држава. Остров Тумски во моментов е во фаза на изградба и наскоро треба да биде откриена богата историска изложба. Освен катедралата, овде се наоѓа и академија Лубрански, црквата Света Богородица, Археолошкиот парк и Музејот на полската држава.

Едно од најинтересните места во градот е Малта, вештачко езеро во центарот на градот. На едната страна на езерото се протегаат големи ски-патеки, додека на спротивниот брег се наоѓа огромен комплекс на базени.

Можеби најважниот културен настан во Познањ е Годишниот театарски фестивал, кој се одржува во многу места на градот, обично кон крајот на јуни и почетокот на јули. Фестивалот е домаќин главно на современи експериментални театарски претстави, кои често се случуваат на плоштадите и другите јавни места. Фестивалот исто така вклучува кино, концерти и танц.

Познањ е исто така е дом на новите форми на музика како рап, хип-хоп и рок-музика направени од страна на голем дел од музички групи. Градот е домаќин и на Меѓународниот филмски фестивал „Але Кино“ кој се одржува во декември, Трансатлантик како музички фестивал, театарски фестивал Маски, џез фестивал, фестивал на танцот, фестивал на анимацијата итн. Познањ има неколку кино сали, вклучувајќи големи и помали кина, сали за опера, неколку театри и музеи.

Секоја година на 11 ноември жителите на градот го слават денот на Свети Мартин.

Образование

[уреди | уреди извор]
Библиотека Raczyński, 1822–1828
Универзитет „Адам Мицкевич“.
Театар Виелки.
Полски театар.

Познањ е еден од четирите најголеми академски центри во Полска. Бројот на ученици во градот е околу 140.000, со што е четврти по големини после Варшава, Краков и Вроцлав. Секој еден од четири жители во градот е студент. Следува список на образовни установи:

Исто така постои и голем број на помали, претежно приватни колеџи и институции за високо образование:

  • ВСБ универзитети
  • Архиепископска богословија
  • Варшавска школа за општествени и хуманистички науки
  • Колеџ за туризам и менаџмент
  • Бизнис школа
  • Факултет за безбедност
  • Колеџ за образование и терапија
  • Колеџ за трговија и сметководство
  • Висока школа за трговија и услуги
  • Колеџ за хотелот и угостителство
  • Колеџ за странски јазици
  • Факултет за комуникации и менаџмент
  • Факултет за логистика
  • Факултет за општествени науки и новинарство
  • Факултет за општествени науки
  • Факултет за менаџмент и банкарство
  • Факултет за човечки ресурси за Европа
  • Богословија

Познањ е најпознат по своите фудбалски тимови, ФК Варта Познањ кој е еден од најуспешните клубови во историјата пред војната и ФК Лех Познањ, кој како еден од најголемите клубови во земјата, често натпреварувајќи се во европските купови. Лех се натпреварува на Градскиот стадион, кој бил домаќин на неколку натпревари од групната фаза на Европското првенство по фудбал во 2012 година, како и домаќин на првиот натпревар и финалето од Европското првенство по фудбал до 19 години во 2006 година. Трет професионален фудбалски тим е Олимпија Познањ кој престанал со својата активност во 2004 година и се фокусирал на други спортови. Овој клуб е еден од најдобрите во џудо и тенис. Седиштето се наоѓа во голем спортски комплекс опкружен со езерото Русалка.

Езерото Малта било домаќин на Светското првенство во веслање во 2009 година, а претходно било домаќин на некои дисциплини на Светското првенство во веслање, на спринт кану во 1990 и 2001 година. Во 2009 година градот бил домаќин на Европското првенство во кошарка во 2009 година.

Градот е исто така се смета за упориште на полскиот хокеј на трева, со неколку врвни тимови: Варта Познањ, Грунвалд Познањ. Освен тоа, во градот се развиени и спортските дисциплини како борење, ракомет и тенис.

Личности

[уреди | уреди извор]

Збратимени градови

[уреди | уреди извор]
  1. „Wyniki badań bieżących - Baza Demografia - Główny Urząd Statystyczny“. demografia.stat.gov.pl (полски). Архивирано од изворникот на 2018-12-26. Посетено на 2019-05-07.
  2. „Liczba ludności aglomeracji poznańskiej wzrasta :: Aktualności :: Portal Metropolii Poznań“. Aglomeracja.poznan.pl. 2011-07-21. Посетено на 2016-01-19.
  3. „Aglomeracja poznańska ma już 957,4 tys. mieszkańców“. Epoznan.pl. Посетено на 2016-01-19.
  4. „RZĄDOWE CENTRUM STUDIÓW STRATEGICZNYCH“ (PDF). Funduszestrukturalne.gov.pl. Архивирано од изворникот (PDF) на 2010-03-31. Посетено на 2016-01-19.
  5. „Wielkopolskie Biuro Planowania Przestrzennego - POZNAŃSKI OBSZAR METROPOLITALNY“. Wbpp.poznan.pl. 2008-04-29. Архивирано од изворникот на 2016-01-25. Посетено на 2016-01-19.
  6. „Delimitacja Poznańskiego Obszaru Metropolitalnego“. Wbpp.poznan.pl. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2016-01-19.
  7. „Delimitacja Poznańskiego Obszaru Metropolitalnego. Od pomysłu do planu | Derc | Acta Universitatis Nicolai Copernici Ekonomia“. Wydawnictwoumk.pl. Посетено на 2016-01-19.
  8. Brather, Sebastian (2001). Archäologie der westlichen Slawen. Siedlung, Wirtschaft und Gesellschaft im früh- und hochmittelalterlichen Ostmitteleuropa. Ergänzungsbände zum Reallexikon der germanischen Altertumskunde (германски). 30. Walter de Gruyter. стр. 87, 156, 159. ISBN 3-11-017061-2.
  9. Brather, Sebastian (2001). Archäologie der westlichen Slawen. Siedlung, Wirtschaft und Gesellschaft im früh- und hochmittelalterlichen Ostmitteleuropa. Ergänzungsbände zum Reallexikon der germanischen Altertumskunde (германски). 30. Walter de Gruyter. стр. 87. ISBN 3-11-017061-2. Das städtische Bürgertum war auch in Polen und Böhmen zunächst überwiegend deutscher Herkunft. [English: Also in Poland and Bohemia were the burghers in the towns initially primarily of German origin.]
  10. J. Perles: Geschichte der Juden in Posen. In: Monatsschrift für Geschichte und Wissenschaft des Judentums. Vol. 13, Breslau 1864, pp. 321-334 (in German, online)
  11. Kotowski, Albert S. (1998). Polens Politik gegenüber seiner deutschen Minderheit 1919-1939 (германски). Forschungsstelle Ostmitteleuropa, University of Dortmund. стр. 56. ISBN 3-447-03997-3.
  12. Jerzy Topolski. Dzieje Poznania w latach 1793-1945: 1918-1945. PWN. 1998. pp. 958, 1425.
  13. "Trial of gauleiter Artur Greiser". Law Reports of Trials of War Criminals. United Nations War Crimes Commission. Wm. S. Hein Publishing. 1997. p. 86.
  14. "Survival artist: a memoir of the Holocaust", Eugene Bergman, 2009, pg. 20
  15. „Monument to the Victims of June 1956“. Lonely Planet. 1981-06-28. Посетено на 2016-01-19.
  16. „Poznan, Poland Köppen Climate Classification“. Weatherbase.com. Посетено на 2016-01-19.
  17. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот 2013-11-05. Посетено на 2013-11-05.
  18. GUS, Stan i struktura ludności oraz ruch naturalny w przekroju terytorialnym w 2012 r. Stan w dniu 31 XII, 2013-06-05, link.
  19. http://stat.gov.pl/obszary-tematyczne/ludnosc/trwanie-zycia/trwanie-zycia-w-2013-r-,2,8.html
  20. http://www.polskawliczbach.pl/Poznan, w oparciu o dane GUS.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Frieder Monzer: Posen, Thorn, Bromberg (mit Großpolen, Kujawien und Südostpommern), Trescher Reiseführer, Berlin 2011
  • Gotthold Rhode: Geschichte der Stadt Posen, Neuendettelsau 1953
  • Collective work, Poznań. Dzieje, ludzie kultura, Poznań 1953
  • Robert Alvis, Religion and the Rise of Nationalism: A Profile of an East-Central European City, Syracuse University Press, Syracuse 2005
  • K. Malinowski (red.), Dziesięć wieków Poznania (in three volumes), Poznań 1956
  • Collective work, Poznań, Poznań 1958
  • Collective work, Poznań. Zarys historii, Poznań 1963
  • Cz. Łuczak, Życie społeczno-gospodarcze w Poznaniu 1815–1918, Poznań 1965
  • J. Topolski (red.), Poznań. Zarys dziejów, Poznań 1973
  • Zygmunt Boras, Książęta Piastowscy Wielkopolski, Wydawnictwo Poznańskie, Poznań 1983
  • Jerzy Topolski (red.), Dzieje Poznania, Wydawnictwo PWN, Warszawa, Poznań 1988
  • Alfred Kaniecki, Dzieje miasta wodą pisane, Wydawnictwo Aquarius, Poznań 1993
  • Witold Maisel (red.), Przywileje miasta Poznania XIII-XVIII wieku. Privilegia civitatis Posnaniensis saeculorum XIII-XVIII. Władze Miasta Poznania, Poznańskie Towarzystwo Przyjaciół Nauk, Wydawnictwa Żródłowe Komisji Historycznej, Tom XXIV, Wydawnictwo PTPN, Poznań 1994
  • Wojciech Stankowski, Wielkopolska, Wydawnictwo WSiP, Warszawa 1999

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
 
Бр. Војводство Нас. Бр. Војводство Нас.
Варшава
Варшава
Краков
Краков
1 Варшава Мазовско 1.735.442 11 Бјалисток Подласко 295.459 Лоѓ
Лоѓ
Вроцлав
Вроцлав
2 Краков Малополско 761.873 12 Гдиња Поморско 247.820
3 Лоѓ Лоѓско 706.004 13 Ченстохова Шлеско 230.123
4 Вроцлав Долношлеско 634.457 14 Радом Мазовско 217.201
5 Познањ Големополско 545.680 15 Сосновјец Шлеско 209.274
6 Гдањск Поморско 461.489 16 Торуњ Кујавско-поморско 203.158
7 Шчеќин Западнопоморско 407.180 17 Келце Светокришко 198.857
8 Бидгошч Кујавско-поморско 357.652 18 Жешув Поткарпатско 185.123
9 Лублин Лублинско 341.722 19 Гливице Шлеско 184.415
10 Катовице Шлеско 301.834 20 Забже Шлеско 177.188