Окрузи во Полска
Округот, наречен повјат (полски: powiat) — второстепена единица на месната управа на Полска. Потчинета е на војводството (województwo), а самата е поделена на општини (gminy). Градовите се посебни целини со статус на градски окрузи (powiaty grodzkie, формално: miasta na prawach powiatu) и немаат општини. Вообичаените окрузи се наречени „земски“ или „селски окрузи“ (powiaty ziemskie). Секој округ придавно е наречен по најважниот град во него.[1]
Во Полска има вкупно 380 окрузи, од кои 314 се земски, а 66 се градски.
Историја
[уреди | уреди извор]Окрузите во Полска водат потекло од втората половина на XIV век. За задржале како основна управна единица во текот на следните векови, а потоа и за време на Полско-литванската Државна Заедница, сè до нејзината поделба во 1795 г.
Во XIX век округот продолжил да важи и во состав на Руската Империја (Полското Кралство), како истоветник на рускиот уезд, украинскиот повит (повіт) и германскиот крајс (Kreis) во случајот Големото Кнежевство Познањ под германска управа.
Со осамостојувањето на Полска во 1918 г., округот ја продолжил својата улога како второстепена управна единица.
Во 1975 г. окрузите се укинати во полза на поголем број помали војводства. На 1 јануари 1999 г. истите се вратени, овојпат во состав на 16 поголеми војводства.
Надлежности
[уреди | уреди извор]Законодавната власт на округот ја има избран окружен совет (rada powiatu), а извршната е во рацете на окружната управа (zarząd powiatu). На чело на управата стои старешина (starosta), избран помеѓу членовите на советот. Службата на старешината се нарекува старешинство (starostwo). Кај градските окрузи, истите улоги ги имаат градскиот совет (rada miasta), градоначалникот (burmistrz или prezydent) и градската служба (urząd miasta).
Во некои случаи седиштето на округот се наоѓа вон неговата територија. Таков пример е Познањскиот округ, чија управа е во Познањ, иако самиот град не е дел од округот, туку е самостоен.
Окрузите имаат релативно ограничена надлежност бидејќи месните и подрачните работи обично се одлучуваат на степен на општина или војводство. Ова се главните надлежности на округот во Полска:
- (вишо) средно образование (основните и нижите средни училишта се општински)
- здравство (на окружен степен)
- јавен превоз
- одржување на извесни патишта
- земјомер
- издавање работни дозволи на странци
- регистрација на возилата
Список на окрузи
[уреди | уреди извор]Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Wolnicz-Pawłowska, Ewa; Zych, Maciej (2010). Polski przewodnik toponimiczny dla redaktorów map i innych użytkowników (PDF). Warszawa: Główny Urząd Geodezji i Kartografii. стр. 79. ISBN 978-83-254-0826-8. Архивирано од изворникот (PDF) на 2020-07-18. Посетено на 2018-05-27.
Литература
[уреди | уреди извор]- Bankauskaite, V. et al. (2007), Patterns of decentralization across European health systems, in R.B. Saltman, V. Bankauskaite and K. Vrangbæk (ed.), "Decentralization in health care", London: Open University Press/McGraw-Hill.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Окрузи во Полска“ на Ризницата ? |