Вилијам Фокнер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вилијам Фокнер
Роден/аВилијам Катберт Фокнер
септември 25, 1897(1897-09-25)
Њу Албани, Мисисипи
Починат/ајули 6, 1962(1962-07-06) (возр. 64)
Бихалија, Мисисипи
ЈазикАнглиски
НационалностСАД
Период1919–1962
Значајни делаЗвукот на бесот
Додека лежев умирајќи
Светлина во август
Авсалом, Авсалом!
Роза за Емили
Значајни награди Нобелова награда за литература
1949
Пулицерова награда
1955, 1963
Сопруг/аЕстел Олдам (1929–1962)
Потпис
Вилијам Фокнер (англиски: William Faulkner) (25 септември 18976 јули 1962)
Светлина во август (1932)

корицата на првото издание.

Вилијам Фокнер (англиски: William Faulkner) (25 септември 18976 јули 1962) — американски писател, добитник на Нобеловата награда. Роден во Мисисипи, САД се смета за еден од највлијателните писатели на почетокот на XX век. Фокнер е познат по тоа што користи долги, извиткани реченици и уредно одбрана дикција што е во целосен контраст на минималистичкиот стил на неговиот соперник Ернест Хемингвеј. Некои сметаат дека Фокнер е единствениот американски модернист кој ја следи експерименталната традиција на европските писатели како што се Џејмс Џојс, Вирџинија Вулф, Марсел Пруст и Томас Ман. Неговите дела се познати како романи на тек на свеста, со неколку раскажувачи и повеќе точки на гледање како и временски смени.

Животопис[уреди | уреди извор]

Вилијам Фокнер е роден на 25 септември 1897 година во Њу Олбани, во сојузната држава Мисисипи како најстариот од петмината синови во семејството. Неговото семејство било дел од слојот на богатите земјопоседници, но по Граѓанската војна било доведено на работ на бедата. Неговиот прадедо, полковникот Вилијам Кларк Фокнер, служел во Конфедеративната Армија. Уште во раното детство, семејството на Фокнер се преселило во блискиот град Оксфорд, каде тој го минал поголемиот дел од животот. Родниот крај и општествената и материјалната положба на неговото семејство претставува идејна и тематска подлога на целокупното негово творештво. Фокнер не бил добар ученик и не го завршил средното училиште, бавејќи се со разни работи, но во меѓувреме многу читал. По избувнувањето на Првата светска војна, откако бил одбиен од армијата на САД бидејќи не бил доволно висок, Фокнер се придружил на Кралската Армија, служејќи како пилот во воздухопловните сили при што учествувал во повеќе опасни акции, а во една прилика, неговиот авион бил погоден, а тој бил ранет. По војната се запишал на Универзитетот во Оксфорд (како воен ветеран имла право на упис и покрај тоа што немал завршено средно образование), но набргу ги напуштил студиите и повторно променил повеќе занимања. Пресвртна точка во неговиот живот имало патувањето во Њу Орлеанс, каде се запознал со писателот Шервуд Андерсон, кој му помогнал да ги објави раните поетски творби и првиот роман „Платата на војниците“. Потоа, повторно се вратил во родниот крај, каде останал целиот живот со повремени престои во други места.[1]

Подоцна, тој се преселил во Холивуд за да работи како сценарист (продуцирајќи за Рејмонд Чендлер како и за режисерот Хауард Хокс). Фокнер започнал љубовна врска со секретарката на Хокс, Мета Карпентер. Продолжува да пие и бил познат како хроничен алкохоличар. Според гласините, алкохолизмот на Фокнер бил драстичен откако ќе постигнел нешто, откако ќе одел на подолга забава. Интересна анегдота се врзува за Фокнер откако ја добил Нобеловата награда за литература во 1949 година, откако многу испијанет бил донесен од неговиот внук а тој почнал да зборува за фудбалскиот натпревар кој неодамна го гледал, и покрај неговата опиеност сфатил дека неговиот внук го излажал дека токму тој ден се доделува Нобеловата награда за да се осигура дека Фокнер ќе биде трезен на доделувањето, така што го оставил пиењето до вистинскиот датум на доделувањето. Текстот на говорот кој го одржал Фокнер е достапен на мрежното место на Нобеловата фондација, заедно со делумен аудио запис. Не се знае дали ова е во живо или е снимено во студио, иако атмосферата укажува дека се работи за доделување во живо. Според една непроверена верзија, пред смртта на Фокнер во 1962, писателот Џон Стајнбек му се јавил за да го консултира за сопствениот говор на доделувањето на Нобеловата награда, а Фокнер му одговорил дека не може да му даде совет затоа што бил премногу пијан за да се сети на сопствениот говор. Фокнер предавал на Универзитетот Вирџинија.

Последните години од животот ги минал на својот имот во родниот крај, живеејќи тивок и повлечен живот, бавејќи се претпладне со пишувањево, а попладне со риболов. Умрел во 1962 година од срцев удар.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Наклонетоста кон пишувањето била присутна и во семејството на Фокнер: неговиот прадедо, полковникот Вилијам Фокнер, го напишал сентименталниот роман „Белата роза од Мемфис“ кој бил омилена лектира на неколку поколенија читатели. Самиот Фокнер уште во младоста пишувал поезија, но систематски почнал да пишува по преселбата во Њу Орлеанс и средбата со Андерсон. Во 1924 година ја објавил својата поетска збирка „Мермерниот фаун“, а истата година се појавил и неговиот прв роман „Платата на војниците“ во кој се опишува еден разочаран млад Американец кој се враќа од војната во родниот крај за уште повеќе да се разочара. Во 1927 година излегол романот „Комарци“ во кој последиците од војната се израени низ здодевноста на отмената њуорлеанска боемија. Заедно со „Сарторис“ (1929), повест за еден воин од Југот на САД, овие романи прават целина во која провејува заедничко расположение под влијание на Првата светска војна. Подоцнежните дела на Фокнер се позрели и позначајни: романот „Бучава и бес“ (1929) го опишува пропаѓањето на едно богато семејство од Југот на САД, романот „Светилник“ (1931) е пишуван повеќе по вкусот на публиката отколку по мерките на вистинската книжевност, но по збирката раскази „Овие тринаесет“ (1931), Фокнер го објавил романот „Светлина во август“ (1932), неговото најчисто и најкласично дело. Во 1935 година се појавил романот „Пилон“ за херојството на новите витези — пилотите, а во 1936 година објавил уште едне роман со тематика од американскиот Југ, „Авесалом, Авесалом!“. Во „Непобедените“ (1938) е прикажан судирот меѓу генерациите и расите и исчезнувањето на аристократските традиции, додека „Дивите палми“ (1939) го изразуваат сомнежот во остварувањето чиста љубов во времето на механичката цивилизација. Историчарите на книжевноста и книжевните критичари сметаат дека последните дела на Фокнер претставуваат свртување кон посветли видици. Во нив спаѓаат трилогијата за подемот на богатото семејство Сноупс („Село“ од 1940, „Град“ од 1957 и „Дворец“ од 1959 година), збирката раскази „Слези, Мојсеј“ (1942), романот „Натрапник во прашината“ (1948) и романот „Реквием за искушеницата“ (1955) кој е еден вид продолжение на „Светилник“. Во 1950 година станал добитник на Нобеловата награда за книжевност.[3]

Најпознати романи на Фокнер се: „The Sound and the Fury“ (1929), „Додека лежев умирајќи“ (1930), „Светлина во август“ (1932), „Непобедените“ (1938) и „Авесалом, Авесалом!“ (1936). Фокнер е и продуктивен раскажувач, неговата прва збирка раскази наречена „These 13“ (Овие 13) во кои се вклучени и неговите најпознати раскази како што се: „Роза за Емили“, „Горењето на амбарот”, „Црвени листови”, „Попладневно сонце” и „Сувиот септември”. Исто така, Фокнер е и признат писател на мистерии, објавувајќи колекција на крими-фикција наречена „Витезите на Гамбит“.

За пишувањето, Фокнер вели во едно интервју за The Paris Review во 1956 година: „Писателот треба да изврши операција на поставување на циглите ако е заинтересиран за техниката. Не постои механички начин да се пишува добро, не постои пократок пат. Младиот писател би бил будала ако ја следи теоријата. Треба да се научите од сопствените грешки, луѓето можат да научат само од сопствените грешки. Добриот уметник верува дека никој не е доволно вреден за да го советува. Тој има возвишена суета. Не е важно колку тој му се восхитува на постариот писател, тој сака да го победи.“

За време на примето на Нобеловата награда, Фокнер го искажал својот став во поглед на должноста на писателот со следниве зборови: „Должност и привилегија на поетот, писателот, е да му помага на човекот да издржи, крепејќи му го срцето, потсетувајќи го на храброста и честа и надежта и гордоста и сочувството и милоста и жртвата. Поетовиот глас не треба да биде само белешка за човекот; тој може да биде и еден од потпирачите кои ќе му помогнат да издржи и да победи.“[4]

Осврт кон творештвото на Фокнер[уреди | уреди извор]

Повеќето дела на Фокнер претставуваат органска целина, со единствени ликови, како и идејни и морални погледи. Неговата творечка фантазија изградила посебен, легендарен свет: областа Јокнапатофа и нејзиниот центар, градот Џеферсон (всупност, се мисли на Оксфрод). Во тој измислен свет, кој изгледа како стварноста, дефилираат неколку поколенија ликови чија судбина се провлекува од книга во книга. Тој митски свет писателот го воопштил до толкав степен на типичност, што го претворил во симбол на целиот Југ на САД, па дури и во огледало на човечкиот карактер и судбината, воопшто. Времето во кое е опишан тој свет е времето по Американската граѓанска војна кога старата аристократија ја губи општествената положба под налетот на новата индустриска цивилизација. Фокнер го разбира духот на новата хуманост и кажува дека расните разлики не се основа за поделба на луѓето. Поради тоа, неретко во неговите романи главни позитивни ликови се Црнци и мелези и неретко белото и црното население на Јокнапатофа искрено другаруваат, наговестувајќи ја идната човечка солидарност. Во таа слика на големи општествени промени претежно се забележуваат силни и темно бои при што сè е пренагласено, засилено до биолошката поедноставеност, свирепост и насилство. Тоа е онаа атмосфера, само со помалку чист хумор, која се наоѓа во делата на Марк Твен. Во тие отворени и соголени односи меѓу луѓето, често од претераното се раѓа смешното, кога двете стојат едно до друго, трагично и тривијално, но тоа смеење не носи олеснување, зашто тоа е гротескен хумор. Од духот на непосредноста и свирепоста кои се присутни во атмосферата на Фокнеровите романи извира духот на фаталноста и препуштањето на судбината, па дури и непротивење на злото. Книжевните јунаци како да лседат некој однапред определен пат кои често не го одобруваат и кој би можеле да го избегнат со мал напор на волјата, но не преземаат ништо против таквиот тек на работите. Дури и кога понекогаш самостојно одлучуваат, нивниот избор е слободен само привидно, зашто тој е очекуван и предодреден од целокупната низа претходни настани. Имено, во творештвото на Фокнер не постои строго омеѓено сегашно време во кое личностите се однесуваат слободно. Наместо тоа, во сегашноста постојано е присутно минатото кое е непосредна причина на последиците. Однесувањето на Фокнеровите јунаци не се објаснува со нивните непосредни постапки, туку со сеќавањата на некои поважни настани кои се во некаква врска со нивното однесување. На тој начин, пред читателот се присутни две дејствија, две точки — сегашна и мината кои писателот не ги раздвојува ниту со знаците на интерпункцијата. Фокнер не го признава објективното време, поделено на минато, сегашност и иднина, туку го менува на сите начини и го приспособува на своите изразни постапки. Бидејќи минатото се пренесува во сегашноста низ човечката свест, Фокнер го прикажува дејствието во своите романи однатре, сликајќи ја свеста, т.е. применувајќи ја книжевната постапка позната како „тек на свеста“ во која, наместо низ надворешното опишување, настаните се објаснуваат низ нивното пресликување во свеста. Притоа, Фокнер воведува нов начин на раскажување кој се одликува со необични реченица која е сложена, понекогаш долга две-три страници, испрекината со бројни вметнувања и без вообичаените интерпункциски знаци. Таквата брановитост во раскажувањето, иако навидум спротивна на правилата на граматиката, всушност е многу функционална зашто најдобро го изразува она што сака да го каже писателот. Во тој поглед, Фокнериовиот стил не е хаотичен само поради тоа што тој го прикажува хаосот, туку тоа е само уметничка слика на нередот која свесно е смислена за да предизвика токму таков впечаток. Фокнер, венсува ред во нередот и неговото раскажување е водено со сигурна рака. Иако, првата средба со делата на Фокнер секогаш вознемирува поради формалните карактеристики на неговиот стил, низ целото творештво, тој се бави со истите, вечни теми, а читањето на неговите дела го предизвикува истото задоволство како и делата на класиците.[5]

Библиографија[уреди | уреди извор]

Романи[уреди | уреди извор]

  • Платата на војниците (1926)
  • Комарци (1927)
  • Сарторис (знамиња во прашината) (1929)
  • Звукот и бесот (1929)
  • Додека лежев умирајќи (1930)
  • Светилник (1931)
  • Светло во август(1932)
  • Пајлон (1935)
  • Авесалом, Авесалом! (1936)
  • Непобедените (1938)
  • Ако го заборавам Ерусалим (Диви палми/Старецот) (1939)
  • Остани долу, Мојсеј (1942)
  • Натрапник во прашината (1948)
  • Реквием за калуѓерката (1951)
  • Басна (1954)
  • Рејверови (1962)
  • Знамиња во прашина (1973)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  1. Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 161-162.
  2. Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 162.
  3. Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 162-163.
  4. Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 167.
  5. Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 161-166.