Јуџин О'Нил
Јуџин Гледстон О'Нил е најпознатиот американски драматург на 20 век и единствен кој добил Нобелова награда за литература во 1936 година и Пулицерови награди за четири драми: „Зад хоризонтот“ (1920), „Ана Кристи“ (1922), „Чуден интервал“ (1928) и „Долго патување во ноќта“ (1957).[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Јуџин (Гледстон) О'Нил (Eugenе Gladstone O'Neill) — роден на 16 октомври 1888 година во хотелска соба во Бродвеј, во Њујорк Сити. Џејмс О'Нил (James O'Neill), таткото на Јуџин бил познат театарски глумец во Америка во 19 век, па така, Јуџин кога бил мал често патувал со него и со својата мајка на националните тури и своето рано детство го поминал по хотели, возови и разни театри. Од една страна, таквиот животен стил кај него создал длабоко чувство на несигурност и нестабилност што ќе го следи понатаму во животот, а од друга страна, театарот ја одредил неговата идна професија. Единствен постојан дом на Јуџин О'Нил била скромната семејна куќа во Конектикат каде го поминувал секое лето. Во 1906 година се запишал на Универзитетот во Принстон. Но поради некоја случка бил избркан и не се вратил повторно, а животното искуство му било понатамошно образование. Живеел во напуштени куќи, пловел по мориња, често се опивал, бил депресивен и се разболел од туберкулоза. За време на опоравувањето во еден санаториум во Конектикат почнал да чита и тогаш првпат се соочил самиот со себе и со својот мрачен ум. Токму тогаш, во 1912 година, бил инспириран и почнал да пишува драми.
Кариера
[уреди | уреди извор]Кариерата на Јуџин О`Нил како драмски писател се состои од 3 периоди. Во првите реалистични драми ги опишува своите искуства, особено оние на морепловец. Во 1920-тите го напуштил реализмот во обид да ги прикаже на сцена силите што се зад човечкиот живот. Неговите експресионистички драми во овој период биле под влијание на идеите на филозофот Фридрих Ниче, психолозите Зигмунд Фројд и Карл Јунг, како и шведскиот драмски писател Август Стриндберг. Во последниот период повторно му се вратил на реализмот. Способноста на Јуџин О`Нил и неговата посветеност кон работата биле зачудувачки. Помеѓу 1922 и 1943 година напишал дваесет долги драми, а своите ракописи ги препишувал сè додека конечно не бил задоволен од нив. Меѓутоа, во 1944 година заболел од невродегенеративна болест што му ја попречила понатамошната плодна работа. И покрај тоа, во 1956 година ја напишал драмата „Долго патување во ноќта“ за која добил Пулицерова награда во 1957 г.
Дела
[уреди | уреди извор]Јуџин О`Нил е единствениот американски драматург кој добил Нобелова награда и често се споредува со големите драмски писатели Антон Павлович Чехов, Ибзен и Стриндберг. Неговите драми се одликуваат со реализам и жестокост која понекогаш преминува во брутлност. „Долго патување во ноќта“ е драма која опишува едно семејно страдање на татко и син алкохоличари и мајка зависник од морфиум. Во трилогијата, „Црнината ѝ прилега на Електра“, темата е преземена од античкиот мит и драма, но тој ја сместува во Америка за време на Ѓраѓанската војна. Други дела: „Зад хоризонтот“, „Ана Кристи“, „Сите божји деца имаат крилја“, „Големиот Господ Браун“, „Долго патување во ноќта“, „Копнеж под брестовите“. Првата Пулицерова награда Јуџин О`Нил ја добил за драмата „Зад хоризонтот“ (објавена во 1920 г.), која е прва позначајна драма на авторот. Приказната зборува за двајца браќа, Ендру, постариот, практичен реалист и помладиот, Роберт, поетичен идеалист. Роберт не е способен да управува со семејната фарма. Кога Ендру се враќа од долгото патување, успешен и богат, го наоѓа Роберт на умирање од туберкулоза. На својата смртна постела Роберт сè уште сонува за слобода зад хоризонтот.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена“, Битола, 2009
|
Оваа статија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |