Хотел

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Хотел
Хотелот „Бурж Ал Араб“ во Дубаи

Хотел е објект кој нуди платено сместување за релативно краток временски период. Порано, под поимот „сместување“ се подразбирало само сопствена соба со најнужните работи како кревет, маса, плакар и др. Денес, како најелементарни услови во една хотелска соба се сметаат имањето клима-уред, телефон, ТВ, како и мини-бар со пијалак и закуска. Поголемите хотели нудат дополнителни услуги како базен, џакузи, сала за вежбање, па сѐ до сала за прес-конференции.

Хотелските соби вообичаено се нумерирани за гостите да можат полесно да го пронајдат својот апартман. Голем дел од хотелите нудат барем еден оброк како дел од платениот престој. Во Велика Британија постои законска одредба со која на хотелите им е наложено да послужуваат оброк во договорено време. Во Јапонија постојат хотели-капсули, кои се објекти со минимален простор за спиење.

Зборот „хотел“ настанал од францускиот збор hôtel (од фр. „hôte“ што значи гостин) кој означувал секаков вид на градба која на посетителите им нудела сместување. Во современиот француски речник, овој збор има исто значење како и во македонскиот.

Хотелските објекти може да се поделат според големината, функционалноста и цената. Според овие критериуми, постојат неколку категории на хотели, почнувајќи од стандардите хотели со повеќе ѕвездички сѐ до ботелот. Постојат и повеќе хотелски синџири кои имаат свои објекти ширум светот. Од нив се издвојуваат: „Хилтон“, „Мериот“, „Хајат“ и „Холидеј Ин“.

За најстар хотел во светот се смета „Нисијама Онсен“ од префектурата Јаманаши, Јапонија. Тој почнал со работа уште во 707. година од нашата ера и бил управуван од истото семејство цели 46 генерации. Според Гинисовата книга на рекорди, хотелот близу селото Измајлово, Москва, се смета за хотелот со најмногу соби (7.500). Исто така, недалеку од германскиот остров на Балтичкото море, Руеген, се наоѓа хотелот „Прора“, кој е најголемиот хотел на светот, со 10.000 соби, но веќе неколку децении тој не се користи како хотел. Тој бил изграден меѓу 1936 и 1939 година, а по Втората светска војна служел како воен комплекс.[1] Од друга страна, пак, највисокиот хотел е сместен во Хонг Конг. Се вика „Риц-Карлтон“, а неговата височина е 484 метри, со 312 соби за издавање.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Хотел без гости“, Дневник, година XIX, број 5794, петок, 19 јуни 2015, стр. 24.

Поврзано[уреди | уреди извор]