Пер Лагерквист

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пер Фабијан Лагерквист

Пер Фабијан Лагерквист (23 мај 1891, Векше, Шведска - 11 јули 1974) — шведски писател, добитник на Нобеловата награда во 1951 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

Лагерквист е роден во Векше, град на југот од Шведска, како најмлад од седумте деца во традиционално и длабоко религиозно семејство. Наспроти побожните верувања на своите родители и на секојдневното читање од Библијата дома, Лагерквист развил алтернативен поглед на религијата, а со текот на времето станал, спред сопствените зборови, „верник без вера, религиозен атеист“. Со четворица пријатели, тој ја формирал групата под назив „Црвен прстен“, во која се разговарало за религијата, анархијата, социјализмот и еволуцијата. Дарвиновото дело „Потеклото на видовите“ длабоко влијаело на оваа млада група, а подоцна, Лагерквист напишал дека Дарвиновото дело ја разнишала „самата основа на трансценденталниот поглед на светот“.[1] По завршувањето на средното училиште, Лагерквист поминал две години (1911-1912) на Универзитетот во Упсала, студирајќи хуманистички науки и истовремено започнал да пишува. По дипломирањето, во 1913 година заминал во Париз, а во текот на Првата светска војна живеел во Данска. Во 1919 година, кратко време работел како театарски критичар во едно списание во Стокхолм, а потоа се занимавал само со пишување. Исто така, често патувал, а најдолго се задржал во Италија и во Франција. Во 1940 година бил избран за член на Шведската академија.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Своите први дела ги објавил како студент, во 1912 година: неколку песни и новелатаЛуѓе“. По враќањето од Париз, каде бил импресиониран од кубизмот и фовизмот, го напуштил натурализмот и целата негова проза и поезија од периодот 1914-1916 година била под изразено француско влијание. Во 1916 година, збирката „Страв“ му обезбедила углед на значаен поет во Шведска, а во текот на Првата светска војна доживеал уште поголема афирмација. Во тој период, тој живеел во Данска, каде пишувал драми под влијание на Стриндберг.[2] Неговиот книжевен манифест, „Уметноста на зборот и уметноста на сликата“ (1913) го етаблирал на книжевната сцена во Шведска како млад писател со еволуциски идеи. Во него, тој се залагал за едноставност во уметноста, за монументалност на уметничката форма, за неизвештаченост и за надминување на поединечното во општото. Сепак, подоцна, ниту самиот тој не му останал верен на својот уметнички „вјерују“ од младоста.[2]

Неговите следни дела: збирката песни и раскази „Хаос“ (1919), драмата „Тајната на небото“, трите драми „Театар“ (1918) и новелатаВечната насмевка“ (1920) се силни слики за космичката осаменост на човекот и неговиот страв од животот и од смртта на еден „индиферентен“ свет. Потоа следувале драмите „Невидливиот човек“ (1923) и кошмарните раскази „Свирепи приказни“ (1924), а романот за детството „Гостин на реалноста“ претставува еден од ретките автобиографски дела на Лагерквист. Новата етапа во развојот на Лагерквист ја започнала со делото „Триумф над животот“ (1927), во кое ја објавува својата филозофија низ визионерски пасуси. Во него, слино на Албер Ками, Лагерквист заговара „бунт“ против очајот. Следните негови дела ја третирале тоталитарната закана на Европа: новелата „Џелатот“ (1933), хумористичкиот манифест „Стегнатата тупаница“ (1934), како и драмата за политичкото убиство, „Човек без душа“ (1936).[3]

По Втората светска војна, Лагерквист почесто се свртувал кон формата на романот. Романот „Џуџе“ (1944) е сместен во време на италјанска ренесанса, но сепак се однесува и на Втората светска војна и на човекот воопшто, во сите места и времиња. Со „Варава“ (1950), можеби неговото на најпознато дело, започнала низата романи кои се занимаваат со средба на човекот со божественото и неговата потрага по разбирање и спасение. Оваа тема ја продолжува во „Сибила“ (1956), „Смртта на Абазир“ (1960), „Аџија на море“ (1962) и во „Светата земја“ (1964). Неговиот последен роман, „Миријам“ (1967) користи симболистички консталации кои се појавуваат често во неговите книги.[3]

Со својата појава на книжевната сцена во 1912 година, годината кога умрел Август Стриндберг. Иако, првите книжевни чекори на Лагерквист произлегуваат од стриндберговската традиција, но сепак, тој најавил нова епоха во шведската книжевност. Навистина, неговите први дела се одликуваат со истата психичка атмосфера и со слични философски елементи како оние од псоледната фаза на творештвото на Стриндберг. Подоцна, Лагерквист често ги напуштал тие основи, но повеќепати се навраќал кон неговите книжевни почетоци. Многубројните промени низ кои минувало неговото творештво завршиле со мрачна животна философија, изразена низ песимистичките симболи на човечкото зло и бесмисленоста на животот. Лагерквист дава слика на напуштеноста на модерниот човек во светот без идеали, свет во кој крвавите војни ја илустрираат човековата неспособност да ја пронајде својата цел. Меѓутоа, наспроти доминацијата на темните тонови во неговите дела, тој никогаш не престанал да ги изразува хуманистичките идеи за вредноста на културата.[4]

Кариерата на Лагерквист траела повеќе од 50 години и за тоа време напишал речиси 40 книги, поради што е тешко да се даде општ именител на неговиот опус, особено имајќи предвид дека често ги менувал своите животни ставови и творечкото расположение. Сепак, во текот на целото свое творештво тој останал верен на барањето изразено уште во неговиот книжевен манифест - едноставноста. Сепак, оваа основна одлика никако не исклучува уште една негова важна одлика - длабочината на зафатот. Едноставноста во откривањето на длабоката животна смисла е една од најважните причини за големата почит во и надвор од неговата родна земја. И како поет и како прозаист и како драмски писател, Лагерквист поставува големи и достоинствени прашања за тоа како треба да живееме. Притоа, неговото дело е свесно определено како диктат, т.е. тој не крие дека пишува не само за едно време, туку за сите времиња.[5] Со своето творештво, Лагерквист како да сака да каже дека сите луѓе на светот се подеднакво важни, дека секој човек поставува свои прашања и на нив дава свои одговори и дека сите тие прашања и одговори имаат определена важност и вредност.[6]

Во 1951 година, Шведската академија му ја доделила на Лагерквист Нобеловата награда за литература за „неговата уметничка моќ и длабоко вкоренета независност што ги демонстрира во своето пишување, во барањето одговори на вечните прашања на човештвото“. Неговите креативни достигнувања му донесоа углед на „гигант на модерниот класицизам“.[3]

Библиографија[уреди | уреди извор]

Најважните дела на Лагерквист се:[7]

Поезија[уреди | уреди извор]

  • Страв
  • Патот на среќникот
  • Песните на срцето
  • Крај логорскиот оган
  • Гениј
  • Песната и битката
  • Домот и ѕвездата
  • Запад

Проза[уреди | уреди извор]

  • Луѓе
  • Железото и луѓето
  • Хаос
  • Вечната насмевка
  • Сурови раскази
  • Гостинот кај стварноста
  • Победениот живот
  • Борбениот дух
  • Џелатот
  • Стегната тупаница
  • Ослободениот човек
  • Џуџе
  • Варава
  • Сибила
  • Ахасверовата смрт
  • Аџија на морето

Драми[уреди | уреди извор]

  • Последниот човек
  • Невидливи
  • Оној кој повторно го проживеал својот живот
  • Крал
  • Човекот без душа
  • Победа во темнината
  • Каменот на мудреците
  • Нека живее човекот
  • Џелатот

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Преводи на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда. Битола: НИД „Микена“,2010.
  2. 2,0 2,1 2,2 Dušan Puvačić, „Per Lagerkvist“, во: Lagerkvist, Krvnik – Vječni smiješak. Beograd: Rad, 1964, стр. 126.
  3. 3,0 3,1 3,2 Преводи на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда. Битола: НИД „Микена“, 2010.
  4. Dušan Puvačić, „Per Lagerkvist“, во: Lagerkvist, Krvnik – Vječni smiješak. Beograd: Rad, 1964, стр. 125-126.
  5. Dušan Puvačić, „Per Lagerkvist“, во: Lagerkvist, Krvnik – Vječni smiješak. Beograd: Rad, 1964, стр. 126-127.
  6. Dušan Puvačić, „Per Lagerkvist“, во: Lagerkvist, Krvnik – Vječni smiješak. Beograd: Rad, 1964, стр. 129.
  7. Dušan Puvačić, „Per Lagerkvist“, во: Lagerkvist, Krvnik – Vječni smiješak. Beograd: Rad, 1964, стр. 127.