Иво Андриќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Иво Андриќ
S. Kragujevic, Ivo Andric, 1961.jpg
Роден/а 9 октомври 1892(1892-10-09)
Долац кај Травник), БиХ, Австро-Унгарија
Починат/а 13 март 1975(1975-03-13) (воз. 82 г.)
Белград, СР Србија
Почивалиште Нови белградски гробишта, Белград
Занимање писател, дипломат
Националност Југословен
Значајни дела Мостот на Дрина, Проклета авлија, Травничка хроника
Значајни награди Nobel prize winner.svg Нобелова награда за литература (1961)
Order of the Hero of socialist labour Rib.png Орден херој на социјалистичкиот труд (1972)
Години на активност 1911–1974
Сопруг/а Милица Бабиќ-Јовановиќ (1958–68; до нејзината смрт)

Потпис

Иван „Иво“ Андриќ (српски: Иво Андрић); (Травник, 9 октомври 1892Белград, 13 март 1975) — југословенски писател,[1][2] добитник на Нобеловата награда за литература во 1961 година.[3] Неговите теми најчесто биле на теми поврзани со неговата родена Босна за време на отоманското владеење. Неговата родна куќа во Травник е музеј, како и неговите стан во Белград кој е домаќин на „Музејот Иво Андриќ“ и „Фондацијата Иво Андриќ“.

Биографија[уреди | уреди извор]

Куќата на Иво Андриќ во Травник.

Иво Андриќ е роден во католичко семејство, од татко Антун Андриќ и мајка Катарина Пејиќ. На возраст од две години останал без татко. Бидејќи мајка му била многу сиромашна, таа го пратила кај нејзиното семејство во Вишеград да го одгледуваат. Таму, Иво го видел и отоманскиот мост кој подоцна го инспирирал да го напише делото „Мостот на Дрина“.[4] По завршувањето на основното училиште се запишал во сараевската „Голема гимназија“, најстарото босанско средно училиште. Во 1912 година, добивајќи стипендија од хрватското културно-просветно друштво „Напредок“, Андриќ ги започнал студиите на Филозофскиот факултет на Кралскиот универзитет во Загреб. Подоцна студирал во Виена, во Краков и во Грац.[5] Андриќ како гимназијалец се движел во друштвото на младинците од организацијата „Млада Босна“, а како загрепски студент го запознал Антун Густав Матош и, иако не му припаѓал на кругот на „матошевците“, неговата смрт ја комеморирал со предавањето во „Клубот на хрватските студенти - Ѕвонимир“ во Виена (Vihor, 1914).

Андриќ бил интерниран за време на Првата светска војна, како југословенски националист, припадник на движењето Млада Босна. Притоа, тој поминал одредено време во австро-унгарските затвори (Сплит, Марибор).[6] По нејзиното завршување, кога се формирало Кралството СХС, Андриќ работел како дипломатски службеник во дипломатските претставништва во Рим, Букурешт, Мадрид и во Женева. Тој брзо напредувал во кариерата и станал помошник на министерот за надворешни работи и најпосле и ополномоштен министер во Берлин.[7]. Втората светска војна ја поминал повлечено во Белград, а во 1945 година бил избран за прв претседател на Сојузот на писатели на Југославија. Како признание за целокупното негово дело, во 1961 година, Андриќ ја добил Нобелова награда за книжевност.

Творештво[уреди | уреди извор]

Материјалите за неговите дела Андриќ најчесто ги црпел од историјата, фолклорот и културата на неговата родна Босна и Херцеговина. На пример, неговите три дела, „Мостот на Дрина“, „Босански хроники“[8] и „Жената од Сараево“[9] биле објавени во 1945 година, а напишани во текот на Втората светска војна, додека Андриќ повлечено живеел во Белград. Често, тие се нарекуваат „босанска трилогија“ затоа што се објавени едно по друго и напишани во ист период, но сепак, тие се поврзани само тематски, а содржински претставуваат три различни дела.

Други негови познати дела се:

Неговите оригинални ракописи и дела денес им припаѓаат на „Фондацијата Иво Андриќ“ и на „Српската академија на науките и уметностите (САНУ)“.[16]

Раскази и новели[уреди | уреди извор]

Иако Андриќ е најпознат по своите романи и раскази, неговата книжевна кариера започнала со две збирки лирска поезија: „Ex Ponto“ и „Немири“. Сепак, во неговата проза се задржани сите одлики на двете поетски збирки – внатрешните емоции, мисловната ангажираност во големите теми и во проблемите на човековата егзистенција, записите на душевните немири и страдањата во самотијата итн. Исто така, во неговите прозни дела е пренесен артистичкиот вез на неговиот стил, преземен од „Ex Ponto“ – лапидарност, пластичност и сентенциозност на изразот, складност меѓу внатрешните доживувања и реченото, како и органското соединување на содржината и формата.[17] Доживувањето на трагиката на човековиот живот е суштината на прозата на Андриќ. Уште во младите години, проследени со големи душевни кризи и со пораз на илузиите, во уметникот Андриќ се развила свеста за комплексноста на човековата психа, за антагонизмот меѓу сонот и јавето, за елементарните сили што извираат од човековата природа. На тој начин, во него се развил филозофски однос кон животот, со неговите неиспитани длабочини. Поетот, филозофот, психологот и артистот ја пронашле класичната хармонија во уметничката личност на Андриќ.[18]

Патот на Алија Ѓерзелез“ е првиот расказ на Андриќ, во кој главниот лик и темата се преземени од народниот еп. Сепак, во расказот, визијата од народниот еп е заменета со стварноста на прозаичниот живот, каде што главниот јунак е само трагична жртва на своите илузии. Така, легендарниот лик од народната поезија кај Андриќ е изобличен од личните порази, станувајќи трагикомичен јунак. Во реалниот живот, јуначката сила на Алија е немоќна пред недофатливиот лик на жената, а наместо јуначката слава насекаде го дочекува исмејувањето. Така, смешен во трагичната осаменост, јунакот патува по патиштата поплочени со скепса и илузии. Со овој расказ, Андриќ внесол нова свежина во српската и во југословенската проза – спиритуален однос кон животот во човечката природа и во психата. Во расказот, тој проговорил посуптилно, посложено за немирите во човековото срце, за сонот во човековата природа и за трагикомичноста на илузијата.[19]

Сосема поинаку е конципиран расказот „Мустафа Маџар“ којшто обработува не витешка, туку војничка легенда. Во него, главниот јунак е затворен во мрачната самица на животот, а крајот на светот се вселил длабоко во него. Оттука, единствено му преостанува лудачко бегство од самиот себеси, од својата сенка која е огледало на човечките гадости. Во трката без цел и без смисла, тој ја раѓа катастрофата која уништува сè пред себе, вклучително и него самиот. Во овој расказ, Андриќ навлегол длабоко во мрачната страна на човековата психа, во мракот на потсвеста, изразувајќи ја стихијата на човечките нагони.[20] Во расказот „Смртта во Синановото теќе“ се забележува сосема поинаков, етеричен и лиричен стил. Сепак, во расказот, мирот и спокојството се само надворешен привид, додека внатре, во човечката природа тлее големиот немир на сетилата. Притоа, сонот и јавето се основниот флуид на овој рефлексивен и сензибилен расказ, кој истовремено претставува и поетски запис во суптилни источни бои.[21] Четири раскази на Андриќ, „Во мусафирханата“, „Во занданата“, „Исповед“ и „Покрај казанот“, се посветени на католичкиот калуѓер Марко Крнета. Во нив, авторот сликовито го портретирал ликот на калуѓерот како суров селанец, човек на елементарната природа, но со невино срце зачудено пред злото со кое е обвиен светот. Притоа, Андриќ ја создава личноста на фра Марко супериорно интелектуално и несентиментално, но и без иронија кон неговата неученост и примитивност.[22]

И во расказот „Приказна за кметот Симан“, Андриќ се зафаќа со длабока психолошка анализа на фанатизмот, инаетот, пркосот и страста во измачената Босна, чија заостанатост ја прикажува со голема поетска и мисловна сила. Притоа, со длабока вистинитост Андриќ навлегува во човечкиот мрак својствен за касабата.[23] Во расказот „Мостот на Жепа“, емоционално и спиритуално, Андриќ ја доживува смислата на контрастот меѓу поетската визија на мостот и суровоста на природата, нивниот траен антагонизам. Во овој расказ, кој е болен запис за трагедијата на човечките и уметничките судбини, хармонично се соединети лирскиот поетски дух, мисловноста и артизмот на Андриќ.[24] Во расказот „Змија“ е прикажан босанскиот пејзаж, заробен во длабоката заостанатост при што не се знае што е подраматично: пустината во природата или пустината во луѓето. Како во некој бакрорез се нацртани очајните лица на девојките кои од цивилизацијата се нашле во тој пуст предел во кој змијата го загрозува човековиот живот. Расказот е класичен со својот суверен реализам: без сентименталност, без гласни емоции, со болен молк пред човечката трагедија.[25] На сличен начин, и во расказот „Жед“ (Žeđ) самотијата го нагризува човекот. Инаку, концепцијата во овој расказ е бизарна, но сосема реална во случките: една жена, тешко се привикнува на осамениот живот, таа гори од страст во горните соби на куќата, додека долу во подрумот го измачуваат еден ајдук со жед. На тој начин, сликата е сурова и верна на животот, а изгледа како фантастична визија.[26]

Расказот-легендаМара Милосница“ е еден вид роман скратен во рамките на новела. Во него, Андриќ ја открива реалната животна смисла застапена во легендите при што ги отфрла романтичарските измами. Од преданието за блудната Мара Милосница, авторот проникнува во времето коешто се одликувало со насилство врз човечкиот живот, а Мара е само несреќно суштество уништено од судбината. Во нејзиниот живот сè се одвива како во сон, а јавето ја пречекува со сурови казни.[27] Во расказот „Аникиното време“ (Anikina vremena) е прикажана една жена од поинаков ков, пркосна и свесна за својата сила, но и во портретирањето на овој лик Андриќ пристапил спиритуално психоаналитички, како уметник и мислител кого го интересираат неистражените страни на човековата природа и тајните на човековото срце. Притоа, тој не се задржува на еротичноста на Аника, туку, како лиричар, го привлекуваат сенките во душата, не настанот туку поттекстот од кој произлегува настанот. Во односот на Аника со Михајло се забележува голема драма, но таа не се експонира, туку останува уште потрагично да тлее во длабочината на душата. Исто како и во „Мара Милосница“, Андриќ го искористува преданието за жената која им робува на своите страсти со цел да се соживее со нејзиниот личен живот и така, со помош на својата визија, го претвора преданието во сензибилно ткиво на неразбраниот внатрешен живот.[28]

И познатата новела „Проклета авлија“ се забележува присуството на еден вид роман сместен на мал простор. Исто како неговите најдобри раскази, и таа претставува поетична визија, легенда и жива стварност, сон и јаве. Во новелата е прикажана поезијата на трагичноста на човечкиот живот и на судбината, а таа е длабоко спиритуална, со релјефно насликан амбиент во кој поетски се издигнува ликот на младиот фантаст Ќамил. Главниот лик останува осамен во својот сон, заробен во мрачната и грда проклета авлија во која беснеат стравот, омразата и злото.[29]

Романи[уреди | уреди извор]

Во романот „Мостот на Дрина“ (Na Drini ćuprija) се сменуваат неколку векови кои ги поврзува еден мост, како врска меѓу Ориентот и Западот. Притоа, мостот им одолева на бурите на историјата, а со својата величественост и со осамената убавина се воздигнува не само над градот, туку и над времето. Мостот е главниот лик на овој роман: тој е сведок на човечките трагедии, неговата ограда е испрскана со човечка крв, немо го набљудува сменувањето на крупните историски епохи и цивилизации. „Мостот на Дрина“ е поетично, артистичко и, истовремено, многу умно дело. Во романот се прикажани епски историски слики заедно со нежни психолошки моменти од човечкиот живот, а во него се соединуваат сите карактеристики на Андриќ како раскажувач: поетичност во сликањето на човековата трагика, ангажирана мисловност во третманот на големите теми, моќ за длабоко нуркање во човековата психа и голема дарба за портретирање на ликовите и за сликање на околината.[30]

Основен белег на романот „Госпоѓица“ (Gospođica) е отсуството на ориенталниот колорит: во него се опишани настаните околу Првата светска војна. Овој роман претставува прецизна психолошка студија на една жена која се откажала од радоста на животот и им се посветила на парите. Притоа, сакајќи да се одмаздува и да ги уништува туѓите животи, таа го изобличува својот лик со аскетска, мизантропска осаменост. Во овој роман, Андриќ напишал психолошка монографија на човечкото суштество кое е длабоко поразено во времето кога во човечката природа се создаваат најубавите илузии и соништа за животот.[31]

Во романот „Травничка хроника“ (Travnička hronika) Андриќ повторно се зафаќа со историјата на Босна, како последица на спомените од неговото детство во кое се врежале две места: Травник и Вишеград. Основната тема на романот е животот на продуховениот човек до западната цивилизација во дивата средина на босанската заостаната касаба. Оваа тема му овозможила на Андриќ да постави силни контрасти: на една страна се маркантните индивидуални црти на претставниците на турската власт, заедно со ориенталната атмосфера; на другата страна се осаменоста и изолацијата на западните дипломатски претставници.[32]

Раскази за деца[уреди | уреди извор]

Книгата раскази „Деца“ е објавена како деветти том во неговите „Собрани дела“ и ги содржи расказите „Деца“ (1935) и „Мила и Прелац“ (1936), како и расказите објавени меѓу 1946 и 1960 година: „Кулата“, „Во кавга со светот“, „Прозор“, „Книга“, „На брегот“, „Змија“, „Панорама“, „Излет“, „Екскурзија“, „Писмо“ и „Аска и волкот“.

Во расказите за детството на Иво Андриќ се преплетуваат сонот и јавето, фантазијата и стварноста, можното и неможното, играта и детското соочување. Сето тоа низ неговото мајсторско раскажување во кое се прикажуваат размислувањата, создава еден богат и разигран свет. Детството кај Андриќ не е исполнето само со игри и задоволства, напротив, тој пишува за едно тегобно детство, за лузните во душите на малите јунаци и за животните неправди. Многу автобиографски детали се вградени во овие раскази. А како Андриќ гледа на детството, најдобра илустрација е фрагмент од расказот „Детство“:

Малите луѓе што ние ги нарекуваме деца имаат свои големи болки и долги страдања, што подоцна како мудри и возрасни ги забораваат, ги губат од хоризонтот. А кога би можеле да се вратиме назад во детството, во клупа од основно училиште, ние пак би ги согледале таму долу под оној агол, тие болки и страдања живеат и натаму, и ќе живеат и ќе постојат како секоја друга стварност.

Андриќ раскажува објективно, и секогаш го има пред себе спектарот на расположенија што се појавуваат во детството. Се труди да биде верен толкувач на социјалните, националните и моралните вистини со кои неговите јунаци се соочуваат. Има многу болки и страдања во неговите раскази. Во расказот „Кула“ зборува за опасните игри во запустената кула, за детските воени игри и другите искушенија низ кои поминува Лазар, кој во кулата гледа еден непознат свет со многу тајни. Расказот „Книга“ е еден од оние раскази во кои секој се препознава, а пораката на расказот е дека секоја книга треба да се чува, особено ако е позајмена, бидејќи претставува вредност која некогаш не може да се надомести. Во расказот „Мила и Прелац“ се појавува Ќоркан и едно неименувано дете, кое е учесник во нивните судбини. Сè си има свој крај, па кругот еднаш бидува затворен, и тоа е она што го збунува детето. Искрснуваат најболните прашања на кои има и нема одговори: Зошто идиличната слика на тетка Мила мора да исчезне? Зошто Ќоркан и Прелац завршуваат на еден недостоен начин? Зошто се убиваат кучињата? Но, Иво Андриќ не филозофира, не држи лекции, туку само раскажува на еден едноставен јазик, полн со смисла. Во расказот „Змија“ од една страна се сестрите Агата и Амалија, а од друга страна е малото девојче на кое му се заканува каснување од змија. Тоа се два различни света, па сепак победува човечкото во човекот, победува неопходноста на унесреќениот да му се пријде како на човек без разлика на неговата социјална положба. Андриќ знае дека детето е најголемиот сонувач, и дека неговата фантазија нема граници. Расказот „Аска и волкот“ е пример за тоа, каде главниот збор го има фантазијата. Овој расказ е еден вид „лебедова песна“: Аска го победува злото кое ѝ се заканува. Играта е вид уметност, а уметноста е волја за отпор, начин да се живее и да се надживее стварноста.

Поезија[уреди | уреди извор]

Иако е најпознат по своите прозни дела, Андриќ стапнал на книжевната сцена со поетски дела: во 1911 година, во списанието „Босанска вила“ ги објавил своите први песни, „Во приквечерината“ и „Благата и добра месечина“. Како лирски поет се афирмирал во заедничката збирка „Хрватска млада лирика“, објавена пред Првата светска војна, а продолжил да објавува поезија и по завршувањето на војната. Сепак, со текот на времето, тој сè поретко пишувал песни и целосно му се посветил на прозното творештво. Првите дела на Андриќ, објавени како посебни книги, се двете збирки со лирска проза, „Ex Ponto“ (1918) и „Немири“ (1920). Уште во 1920-тите, книжевната критика со воодушевување ја поздравила изворната поетска сила во овие две дела, кои со текот на времето не ја загубиле својата поетска убавина, така што сè уште имаат актуелно естетско значење.[33]

Во 1961-1963 година, во текот на подготовките за објавување на неговите Собрани дела, Андриќ се двоумел во врска со вклучувањето на двете збирки со лирска проза при што тој сметал дека има потреба тие повторно да се најдат пред читателите, но имал дилема дали да бидат објавени во изворната форма или да се обноват. Таквиот став на Андриќ произлегувал од неговиот однос кон „субјектот“ на писателот: Имено, во подоцнежните фази од творештвото, Андриќ настојувал да го исфрли „јас“ од своите дела, со цел да ја избегне опасноста од замена на личноста на авторот и она „јас“ во делото. Исто така, како споредна причина за дилемите на Андриќ се јавуваат и религиозните теми кои се присутни особено во збирката „Немири“, а кои подоцна Андриќ ги надминал во текот на интелектуалното созревање.[34] При подготовката на Собраните дела во 1961-1963 јасно се покажало дека Андриќ немал прецизна евиденција за неговите објавени дела,. Меѓутоа, тогаш категорички одбил во тоа издание на Собраните дела да бидат вклучени двете збирки со лирска проза, велејќи: „Сè уште не. Има време, еден ден, ќе работите и на тоа“.[35] Меѓутоа, дури по смртта на Андриќ било откриено дека тој продолжил да пишува лирска поезија во текот на целиот живот, без да ја објавува. На пример, во необјавената песна „Прошетка“ од 1914 година за првпат се споменува романтичниот женски лик, подоцна наречен Елена, за која се мислело дека првпат се споменува во „Ex Ponto“.[36] Во наследството на Андриќ била пронајдена папка со неговите објавени и необјавени песни, а на неа било напишано: „Сите мои стихови и песни во проза“. Притоа било утврдено дека Андриќ ги доработувал претходно објавените песни.[37]

Неговите први поетски дела се одликуваат со изразена сентименталност, меланхолија и младешки немир, но и со повремен гнев, како и со ретки изливи на бунтовништво и социјална осуда. Подоцна, Андриќ почнува да поставува посложени прашања во своите песни, кои ја губат младешката спонтаност и едноставност. Наместо тоа, неговата поезија се одликува со зрелост, длабочина, мудрост и повеќеслојност, а во неа доаѓаат до израз постојаните теми на неговото творештво, неговите „емотивни архетипови“, присутни во прозните дела.[38] Поетиката на Андриќ е кристално јасна. Тој започнал како „верс-либрист“, што во „Хрватската млада лирика“ било забележано како нешто несекојдневно, како неприспособување кон артистичките канони, а Андриќ останал таков до последната негова позната песна, напишана во 1973 година. Тој му остава слобода на движењето на стихот низ просторот при што, по правило, песната завршува без звучна поента или со ритмички соголен парадоксален исказ, сличен на прозна конструкција. Во последната фаза од поетското творештво на Андриќ (песните напишани во 1960-тите) се забележува одредено затворање на хоризонтот и сè почесто тој пее за смртта, но тоа го прави смирено, со висока свест за незибежната човечка судбина.[39]

Целокупното поетско творештво на Андриќ за првпат е објавено во 1977 година, во 11. книга од неговите Собрани дела. Тоа се состои од следниве песни:[40]

  • „Во преквечерината“ (U sumrak), Bosanska vila, god. XXVI, br. 18, 1911.
  • „Благата и добра месечина“ (Blaga i dobra mesečina), Bosanska vila, god. XXVI, br. 20, 1911.
  • „Ланска песна“ (Lanjska pjesma), Bosanska vila, god. XXVII, br. 7, 1912.
  • „Темница“ (Tama), Bosanska vila, god. XXVII, br. 8, 1912.
  • „Потонато“ (Potonulo), Bosanska vila, god. XXVI, br. 13-14, 1912.
  • „Првата пролетна песна“ (Prva proljetna pesma), Vihor, Zagreb, god. I, br. 2, 1914.
  • „Ноќ на црвените ѕвезди“ (Noć crvenih zvijezda), Savremenik, Zagreb, god. IX, br. VIII-XII, 1914.
  • „Јаден немир, минливост, трагедија“ (Jadni nemir, prolaznost, tragedija), Hrvatska mlada lirika. Zagreb: Društvo hrvatskih književnika, 1914.
  • „Четириесет и петтата ноќ“ (Četrdesetpeta noć), необјавена, 1914.
  • „Прошетка“ (Šetnja), необјавена, Сплит, стариот затвор, 8 август 1914.
  • „1914“, необјавена, Марибор, 1914.
  • „Утро“ (Jutro), необјавена, 1915.
  • „Псалм на сомнежот“ (Psalm sumnje), преработена верзија на песната „Ритми без сјај“ (Ritmi bez sjaja), Omladina, Zagreb, god. III, br. 1, 1919-1920. Во наследството на авторот е забележано дека песната е напишана во 1915 година.
  • „Бурна ноќ“ (Burna noć), Jugoslovenska žena, br. 2, 1918.
  • „Ноќ“ (Noć), Hrvatska njiva, god. II, br. 6, 1918.
  • „Враќање“ (Povratak), Književni jug, Zagreb, god. I, knjiga I, br. 9, 1918.
  • „Утехата на соништата“ (Uteha snova), Gajret, god. IX, br. 17-18, 1925.
  • „Од книгата „Црвени листови“ (Дезертер)“ (Iz knjige „Crveni listovi“ (Dezerter)), Hrvatska njiva, god. II, br. 41, 1918.
  • „1915“, Književni jug, Zagreb, god. I, knjiga II, sveska. 10-12, 1918.
  • „Песна на вретеното“ (Pjesma vretena), Hrvatska njiva, god. II, br. 43, 1918.
  • „Сон“ (San), Književni jug, Zagreb, god. I, knjiga I, br. 10-11, 1918.
  • „Сан Марино“, Jugoslovenska žena, god. II, br. 11, 1918.
  • „Патничка песна“ (Putnička pjesma), необјавена, 1918.
  • „Есенски предели“ (Jesenji predjeli), објавена под насловот „Пејзаж“, Književni jug, Zagreb, god. II, sveska 7, 1919.
  • „Црвени листови“ (Crveni listovi), Književni jug, Zagreb, god. II, knjiga III, sveska 1, 1919.
  • „Горен град“ (Gornji grad), Dan,Beograd - Novi sad, god. I, br. 7-8, 1919.
  • „Еден ноември“ (Jedan novembar), објавена под насловот „Еден листопад“ (Jedan listopad), Veliki kalendar Književnog juga, 1919.
  • „Ритми без сјај“ (Ritmi bez sjaja), Književni jug, Zagreb, god. II, knjiga III, sveska 7, 1919.
  • „Утро“ (Jutro), објавено под насловот „Разденување“ (Svitanje), Književni jug, Zagreb, god. II, knjiga III, sveska 7, 1919.
  • „Височина“ (Visina), необјавена, 1919.
  • „Земја“ (Zemlja), необјавена, 1919.
  • „Сношти“ (Sinoć), необјавена, 1919.
  • „Скерцо во црнина“ (Skerco u crnini), необјавена, 1919.
  • „Објавување“ (Objavljenje), необјавена, 1919.
  • „Разденување“ (Svitanje), Misao, Beograd, knjiga IV, sveska 1, 1920.
  • „Строфа“, Misao, Beograd, knjiga IV, sveska 1, 1920.
  • „По еден стар добар ред“ (Po jednom starom dobrom redu), Misao, Beograd, knjiga II, sveska 6, 1920.
  • „Спас“, необјавена, 1920.
  • Без наслов, необјавена, 1920.
  • „Жед“ (Žeđ), необјавена, 1920.
  • „Ноќ“, необјавена, 1920.
  • „Неговата песна“ (Njegova pesma), необјавена, 1921.
  • „На море“ (Na moru), објавена како втор дел од истоимената песна, KritikaZagreb, god. III, br. 1, 1922.
  • „Бегање“ (Bežanje), необјавена, 1921.
  • „На море“ (Na moru), KritikaZagreb, god. III, br. 1, 1922.
  • „Крај реката“ (Kraj reke), необјавена, 1922.
  • „Мисла“ (Misao), необјавена, 5.12.1922.
  • „Vera Salutrix“, необјавена, 1923.
  • „Што сонувам и што ми се случува“ (Šta sanjam i šta mi se događa), од I до III објавено во Misao, Beograd, knjiga X, sveska 1, 1922; од I до V објавено во Misao, Beograd, knjiga XIII, sveska 3, 1923; од VI до IX објавено во Pregled, Sarajevo, god. V, knjiga VII, sveska 92, 1931.
  • „Водопад на Дрина“ (Slap na Drini), Putevi, Beograd, br. 3-4-5, 1924.
  • „Жедта на совршенството“ (Žeđ savršenstva), Narod, Sarajevo, god. IV, br. 2, 1924.
  • Без наслов, необјавена, 1931.
  • „Песната на Сабит“ (Sabitova pesma), необјавена, 1932.
  • „Вајмар 1932“, необјавена, 1932.
  • „Сонцето на овој ден“ (Sunce ovog dana), Knjiga deseta Grupe sarajevskih književnika, Sarajevo, 1933.
  • „Песната на девојката“ (Djevojačka pjesma), необјавена, 1933.
  • „Пред движењето на прекорниот поглед“ (Pred pokretom prekorna pogleda), необјавена, 1934.
  • Без наслов, необјавена, 1934.
  • „Убавата млада жена зборува“ (Lepa mlada žena govori), необјавена, 1937.
  • „Две теми“, необјавена, 1939.
  • „Откривање“, необјавена, 1939.
  • „Писмо до никого“ (Pismo nikome), необјавена, 1940.
  • „Лили Лалауна“, необјавена, 1950.
  • „Еднаш на Алпите“ (Nekad u Alpima), необјавена.
  • „Една ноќ“ (Jedna noć), Književne novine, god. V, br. 51, 1952.
  • „Превез“ (Veo), необјавена, мај 1954.
  • „Патници од истокот“ (Putnici sa istoka), NIN, god. XI, br. 564, 1961.
  • Без наслов, необјавена, мај 1968.
  • „Сè повеќе, сè поблизу“ (Sve više, sve bliže), необјавена, 1970.
  • „Крај“, необјавена, 1970.
  • Без наслов, необјавена, 1973.

Класификација[уреди | уреди извор]

Споменик на Иво Андриќ во Белград, Србија.

Поради специфичните околности на Андриќ (роден во Босна од католички родители, а подоцна живеел и работел во Србија) тој се смета како дел од хрватската литература,[3][41], српската литература[42][43][44][45] и босанската литература.[46] Низ целиот негов живот, тој работел во трите земји и издавал материјали за различни издавачи. Тој пишувал на српскохрватски, а се верува дека бил и поддржувач на југословенската унија и на панславизмот. Сепак, треба да се спомене дека српскохрватскиот јазик имал две варијанти - источна (зборувана во Србија, во Црна Гора и во дел од Босна и Херцеговина) и западна варијанта (зборувана во Хрватска и дел од Босна и Херцеговина). На почетокот, Иво Андриќ пишувал на западната варијанта, а додека подоцна, до крајот на неговиот живот пишувал на источната варијанта.[46]

Пофундаментално на темата може да се навлезе доколку се разгледуваат екавицата и ијекавицата како стандарди на тогашниот српскохрватски јазик. Андриќ пишувал на ијекавица, која ја има во западната варијанта (во Хрватска и во Босна и Херцеговина) и во источната варијанта (Црна Гора) само во неговата младост. Како возрасен автор, тој пишувал и објавувал дела на екавица (официјална само во Србија). Исто така, Андриќ речиси никогаш не употребувал преводи на странски зборови, што е типично за источната варијанта. Андриќ им дозволувал на хрватските издавачи да ги менуваат неговите дела од екавски во ијекавски, но сериозно им го забранувал менувањето на идните времиња.

Денес за него Босанците, Хрватите и Србите имаат различно мислење. Босанците го сметаат за босански автор, поради тоа што темите во неговите дела биле најчесто поврзани со историјата на Босна и Херцеговина. Освен тоа, тој бил роден на територијата на Босна. Хрватите го сметаат за Хрват, зашто до формирањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (подоцна преименувано во Кралство Југославија) пишувал на ијекавската верзија. Подоцна, Андриќ се преселил во Белград, Србија и почнал да пишува на екавската варијанта. Исто така, кога се оженил во 1958 година, тој се декларирал како Србин.[47] Поради овие причини, Србите го сметаат за српски писател, т.е. за дел од српската книжевност.

Одликувања[уреди | уреди извор]

  • Орден на офицер на обновене Полска (1926)
  • Орден на Црвениот крст (1936)
  • Орден на велик офицер на обновена Полска (1937)
  • Орден на велик офицер на Легијата на честа (1937)
  • Орден Свети Сава од I ред (1938)
  • Орден заслуги за народ од I реда (1952)
  • Орден на Републиката со златен венец за особени заслуги на полето на книжевната и културната дејност (1962)
  • Орден херој на социјалистичкиот труд (1972)[48]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Zoltan D. Barany, The East European Gypsies: Regime Change, Marginality, and Ethnopolitics (Cambridge University Press, 2001: ISBN 0-521-00910-3), p. 59.
  2. Rajko Đurić, Romanies and Europe: Romanies as Characters in European Literature (Council of Europe, 1996: ISBN 92-871-2855-3), p. 11.
  3. 3,0 3,1 Kaplan, Robert D.. „A Reader's Guide to the Balkans“, New York Times, 18 април 1993.
  4. Richard C. Frucht (ed.), Eastern Europe: An Introduction to the People, Lands, and Culture (ABC-CLIO, 2005: ISBN 1-57607-800-0), p. 568.
  5. "Andrić, Ivo," Encyclopedia of World Biography, 2005.
  6. „Напомене“, во: Иво Андрић, Ex Ponto - Немири - Лирика. Београд: Просвета, 1977, стр. 247.
  7. Раде Силјан, Странски автори и дела. Скопје: Матица Македонска, 2001, стр. 277-278.
  8. www.ivonadric.org.rs
  9. www.ivonadric.org.rs
  10. www.ivonadric.org.rs
  11. www.ivonadric.org.rs
  12. www.ivonadric.org.rs
  13. www.ivonadric.org.rs
  14. www.ivonadric.org.rs
  15. www.ivonadric.org.rs
  16. Ivo Andrić Foundation, Work www.ivonadric.org.rs.
  17. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 161.
  18. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 171.
  19. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 161-162.
  20. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 162-163.
  21. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 163.
  22. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 163-164.
  23. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 164.
  24. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 165.
  25. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 165-166.
  26. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 166.
  27. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 166.
  28. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 167.
  29. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 167-168.
  30. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 168-169
  31. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 169-170.
  32. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 170-171.
  33. „Напомене“, во: Иво Андрић, Ex Ponto - Немири - Лирика. Београд: Просвета, 1977, стр. 245-246.
  34. „Напомене“, во: Иво Андрић, Ex Ponto - Немири - Лирика. Београд: Просвета, 1977, стр. 245-246.
  35. „Напомене“, во: Иво Андрић, Ex Ponto - Немири - Лирика. Београд: Просвета, 1977, стр. 250.
  36. „Напомене“, во: Иво Андрић, Ex Ponto - Немири - Лирика. Београд: Просвета, 1977, стр. 246-247.
  37. „Напомене“, во: Иво Андрић, Ex Ponto - Немири - Лирика. Београд: Просвета, 1977, стр. 249-250.
  38. „Напомене“, во: Иво Андрић, Ex Ponto - Немири - Лирика. Београд: Просвета, 1977, стр. 246-247.
  39. „Напомене“, во: Иво Андрић, Ex Ponto - Немири - Лирика. Београд: Просвета, 1977, стр. 248-249.
  40. „Напомене“, во: Иво Андрић, Ex Ponto - Немири - Лирика. Београд: Просвета, 1977, стр. 250-253.
  41. Yale University Library: Slavic, East European & Central Asian Collections, Croatia: Themes, Authors, Books.
  42. Sells, Michael (3 јули 1996). „Of Bogomils, Race, and Ivo Andric“. http://www.haverford.edu/relg/sells/postings/bogomils_race_andric.html. 
  43. Enes Cengić, Krleža post mortem I-III. Svjetlost, Sarajevo, 1990. 2. part, pages 171-172 - here Andrić denies to be listed as a Croat
  44. Borislav Mihailović - Mihiz: Autobiografija - o drugima, Druga knjiga, page 137. BIGZ, 1995
  45. Hrvatski nobelovci (хрватски)
  46. 46,0 46,1 „Ivo Andrić“. Encyclopædia Britannica Online. 2010. http://www.britannica.com/EBchecked/topic/24035/Ivo-Andric. посет. 1 март 2010 г. 
  47. Andricećeva prijateljstva, Radovan Popović, page 240.
  48. Делић 2004, стр. 184.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со: