Теодор Момзен

Од Википедија — слободната енциклопедија
Теодор Момзен
Кристијан Матијас Теодор Момзен
Роден(а)30 ноември 1817(1817-11-30)
Гардинг, Шлезвиг
Починал(а)1 ноември 1903(1903-11-01) (возр. 85)
Шарлотенбург, Германско Царство
НационалностГерманец
Полињакласичар, правник, историчар
УстановиЛајпцишки универзитет
Циришки универзитет
Бреслауски универзитет
Берлински универзитет
ОбразованиеКилски универзитет
Значајни студентиЕдвард Шварц
Поважни наградиPour le Mérite (граѓанин)
Нобелова награда за литература
1902

Кристијан Матијас Теодор Момзен (германски: Christian Matthias Theodor Mommsen; р. 30 ноември 1817 во Гардинг — п. 1 ноември 1903 во Шарлотенбург) — германски историчар и писател, добитник на Нобелова награда за литература во 1902 година[1] за големото мајсторство во пишувањето дела со историска тематика и посебно за монументалната „Историја на Рим“.[2] Неговите дела поврзани со римската историја сè уште се од суштествено значење за современата наука. Исто така бил истакнат германски политичар, како член на пруските и германски парламенти и член на разни партии. Неговите дела на римското граѓанско право и на облигациското право имале значајно влијание на германското граѓанско право.

Животен пат[уреди | уреди извор]

Татко му бил протестанстки свештеник и го насочувал да ја сака литературата, го запознал со германската поезија. Подоцна, во гимназијата во Алтона, Момсен се здобил со образование по класичните јазици и литература, филозофија, реторика и германска литература. Во 1838 година се запишал на Универзитетот во Кил и изучувал филозофија на правото. Се определил за проучување и толкување на античките натписи. Како студент, Момсен се издвојувал со своето широко интересирање и со длабоките познавања. По препорака на професорите, данската влада му одобрила стипендија на Момсен и тој три години престојувал во Италија. Таму почнал да ги собира материјалите за „Корпус од латински написи“. По враќањето во 1847 година, Момсем се вклучил во движењето за ослободување на провинцијата Шлезвиг од данското управување. За време на Револуцијата (1848) го уредувал либералниот весник „Шлезвиг-Холштајнише цајтунг“. Кон крајот на 1848 година станал професор по римско право на Универзитетот во Лајпциг. Поради своите либерални сфаќања бил принуден да се пресели и од 1852 година предавал во Цирих. Почнал да ја пишува „Историјата на Рим“: од првиот до третиот том 1854-1856, четвртиот останал незавршен, а петтиот е објавен во 1885 година. Во овој труд Момсен ги изнесува своите енциклопедиски знаења за древниот Рим. На високо научно ниво, историјата (наменета и за обични читатели) му донела голема популарност. Овој фондументален труд станува едно од најпопуларните дела. Во 1854 година Момсен се вратил во Германија и добил професорско место на Универзитетот во Берлин. Момсен се занимавал и со политичка дејност како пратеник на Прогресивната партија во Парламентот на Прусија (од 1863 до 1866 и од 1873 до 1879 година), а по обединувањето на Германија бил пратеник на Рајхстагот (1881-1884 година).

Книжевни дела[уреди | уреди извор]

Момсен е автор на повеќе од 1500 трудови по речиси сите прашања од римската историја: државно право, нумизматика, епиграфика, хронологија, литература и лингвистика, со што тој врши силно влијание врз современата историска наука и филологијата. Меѓу 1871 и 1888 година го објавил „Римското конституционо право“ во три тома, а во 1899 година „Римско кривично право“.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Нобелови добитници
  2. НИД„Микена“ Битола,2009

Надворешни врски[уреди | уреди извор]