Цирих

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Цирих
Земја Швајцарија Грб на Цирих
Кантон Zurich
Округ Цирих
47°22′ СГШ 8°33′ ИГД / 
Население 379.915 (Грешка: погрешен формат за време)[1]
- Густина 4.135 /km2 (10.709 /sq mi)
Површина  91.88 km2 (35.48 sq mi)
Надм. вис. 392 m (1.286 ft)
Поштенски бр. 8000–8099
Самоуправна назнака 0261
Градоначалник (список) Корин Мауч (од 2009)
Збратимени градови Кина Куенминг
САД Сан Франциско
Мреж. место www.stadt-zuerich.ch
SFSO-статистики
Цирих се наоѓа во Швајцарија
Цирих
Карта на Цирих

Цирих (германски: Zürich) е најголемиот град во Швајцарија и е главен град на кантонот Цирих. Лоциран е во централна Швајцарија на северозападниот крај од Циришкото Езеро. Додека општината брои околу 380.500 жители, областа на циришката метропола е урбанизирана област од меѓународно значење со близу 2 милиони жители. Цирих е раскрсница на железнички, патен и воздушен сообраќај. Циришкиот аеродром и железничката станица се најголемите и најфреквентните во земјата.

Првите населувања датираат од пред 7,000 години, а историјата на Цирих започнува со основањето од страна на Римјаните, кои во 15 година п.н.е. го нарекле Турикум (Turicum). За време на средниот век Цирих се стекнал со независен и привилегиран статус на суверенитет и во 1519г, бил место на создавање и центар на протестантската преродба предводена од Улрих Цвингли во германското говорно подрачје на Швајцарија.

Цирих е водечки глобален град и е еден од најголемите светски финансиски центри. Градот е дом на голем број финансиски институции и банкарски гиганти. Исто така, многу од истражувачките и развојни центри се сконцентрирани во Цирих, а ниските стапки на даноци ги привлекуваат странските компании да отвараат свои седишта таму. Според неколку анкети во период од 2006г. до 2008г, Цирих е прогласен за град со највисок квалитет на живот во светот, исто како и најздрав град во Европа.

Импозантен е бројот на музеи и уметнички галерии, меѓу кои посебно се издвојуваат Националниот музеј на Швајцарија и Кунстхаус. Во Цирих се наоѓа и најпознатиот театар во светот на германското говорно подрачје.

Име[уреди | уреди извор]

Швајцарскиот стандарден германски изговор на името е [tsy:rih]. Во циришкиот германски, се изговара без последната согласка Züri [tsyri], но во придавката останува согласката и се изговара Zürcher [tsyrher]. На француски, се изговара Zurich [zyrik], на италијански – Zurigo [dzu’ri:go], a на романски – Turitg [tu’ritg]. Во англискиот, името обично се пишува Zurich, без умлаут, а се изговара [zu:rik], а понекогаш со /ts/ како во германскиот.

Најраната позната форма на името на градот е Turicum, утврдено од надгробната плоча при крајот на 2. век од нашата ера, како STA(tio) TURICEN(sis) (,,Turicum tax post”). Со сигурност не може да се одреди ниту лингвистичкото потекло на името, ниту пак неговото значење. Постои верување дека е изведено од Turicon, што произлегува од лично име Türos, кај Галите.

Акцентот на долгата самогласка на галското име [tu’ri:kon], бил изгубен кај германскиот [tsy:rih], но се сочувал кај италијанскиот јазик [dzu’ri:go].

Првиот утврден термин на името во 6. век бил Ziurichi. Од 10. век па наваму, установено е како име Zürich.

Цирих е познат и како „Центар на Швајцарија“.

Историја[уреди | уреди извор]

Рана историја[уреди | уреди извор]

Цирих во римско време

Околу Циришкото Езеро има откриени населби од неолитскиот и бронзениот период. Траги од пред-римски келтски населби се пронајдени во близина на ридот Линденхоф. За време на Рим, Турикум, бил центар за собирање данок на границата со Галија Белгика (од 90 година од н.е.Germania superior), а Раетија бил центар за размена на стоки на реката Лимат. По реформите на императорот Константин во 318 година, границата помеѓу Галија и Италија (две од четирите преторијански префектури на римската империја), била лоцирана источно од Turicum преку реката Линт, помеѓу езерото Вален и Циришкото Езеро, каде се наоѓала тврдина со гарнизон кој се грижел за безбедноста на Turicum. Најраните пишани документи за градот датираат од вториот век пронајдени на надгробна плоча откриена на ридот Линденхоф.

Во петтиот век, германското племе Алемани се населило на швајцарската висорамнина. Римската тврдина останала до седмиот век. Тврдината Каролингиан изградена во 835г. на местото на римската тврдина од страна на Louis the German, внукот на Карло Велики (Charlemagne). Во 853 Луј ја изградил катедралата Фраумунстер за својата ќерка Хилдегарда. Тој на Бенедиктинскиот женски манастир му ги доделил земјиштата на Цирих и Ури, и шумите на Албис, а манастирот го ослободил од данок ставајќи го под негова директна јурисдикција. Во 1045г. Кралот Хенри III му доделил на манастирот право да го држи пазарот, да собира патарини, да кова монети, и на тој начин игуменијата станала владетелка на градот.

Цирих станал суверен во 1218г. со изумирањето на главната лоза на фамилијата Захрингер и добил статус еднаков на државност. За време на 1230г. биле изградени градските ѕидини околу површина од 38 хектари, кога биле изградени и првите камени куќи во Rennweg. Камењата од тврдината Carolingian која била во состојба на распаѓање, биле употребени во овие градби.

Императорот Фредрик II, во 1234г. ја унапредил игуменијата на Фраумунстер во ранг на војвотка. Игуменијата назначувала градоначалник и често пати го доверувала ковањето на монети на граѓаните на градот. Меѓутоа политичката моќ на манастирот полека почнала да слабее во 14. век, со почетокот на основањето на еснафските закони во 1336г. од Рудолф Брун, кој бил првиот независен градоначалник, т.е. не бил назначен од игуменијата.

Важен настан во раниот 14. век било завршувањето на кодексот Манесе (Manesse Codex), главен извор на средновековната германска поезија. Познатиот illuminated manuscript (опишан како „најубавиот украсен германски ракопис во историјата“), бил нарачан од фамилијата Манесе од Цирих, копиран и насликан во градот во период од 1304г. до 1340г. Правењето на вакво нешто, претставувало исклучително престижен и скап проект, кој барал неколку години работа од многу вешти писари и сликари на минијатури и јасно сведочи за растот на богатството и гордоста на жителите на Цирих во овој период.

Стара Швајцарска Конфедерација[уреди | уреди извор]

На 1.мај 1351 година, жителите на Цирих морале да се заколнат на лојалност пред претставниците на четирите членки на Швајцарската Конфедерација - кантоните Луцерн (Lucerne), Швиц (Schwyz), Ури (Uri) и Унтервалден (Unterwalden). Така, Цирих станал петтиот член на Конфедерацијата, што во тоа време претставувало слободна конфедерација на всушност независни држави. Во периодот од ]]1468]]г. до 1519г. кантонот Цирих претседавал со Советот. Оваа власт била извршен совет и законодавно тело на конфедерацијата, од средниот век до основањето на Швајцарската федеративна држава во 1848]]г.

Цирих бил времено исклучен од конфедерацијата во [[1440г, поради војна со останатите земји членки за територијата на Toggenburg (Старата Циришка Војна). Ниедна страна не постигнала значајна победа, кога се склучил мирот во 1446г. и Цирих повторно бил вратен во конфедерацијата во 1450г.

Murerplan од 1576.

Цвингли (Zwingli) ја започнал швајцарската преродба во време кога тој бил главен проповедник во 1520г. во Гросминстер (Grossmünster). Тој живеел таму од 1484г. сé до неговата смрт во 1531г. Циришката библија, базирана на таа од Цвингли, била издадена во 1531г. Преродбата резултирала со големи промени во државните прашања и јавниот живот во Цирих, проширувајќи се исто така и во другите кантони. Сепак, неколку кантони останале католички и станале база на сериозни конфликти кои довеле до избувнување на војните на црковните капели (Wars of Kappel).


За време на 16. и 17. век, советот на Цирих прифатил став на изолација, резултирајќи со втор обрач од импозантни ѕидини изградени во 1624г. Триесетгодишната војна која дивеела низ Европа, го поттикнала градот да ги изгради овие ѕидини, за кои биле потребни многу ресурси, земани од други територии без постигнат договор. Незадоволствата од тоа биле брутално угушени. Во 1648г, Цирих се прогласил себе си за република, менувајки го претходниот статус на независен владетелски град.

Борби на Плоштадот Парада за време на Циришкиот Пуч

Со Хелветската Револуција од 1798г, се видел крајот на стариот режим. Цирих ја изгубил контролата над земјата и економските привилегии, така што градот и кантонот ги одвоиле сопственостите помеѓу 1803г.-1805г. Во 1839г. со Циришкиот Пуч (Züriputsch) на руралното конзервативно население против либералните закони на градот, Цирих морал да отстапи пред нивните барања. Повеќето бедеми изградени во 17.век биле срушени, без никаква опсада, за да се спречат руралните концерни над градската превласт. Циришкиот Договор помеѓу Австрија, Франција и Сардинија бил потпишан во 1859г.

Модерна историја[уреди | уреди извор]

Железничката станица во 1900

Цирих бил сојузен главен град во 1839г.-1840г, и затоа победата на Конзервативната партија во 1839г. донела големи турбуленции низ Швајцарија. Кога во 1845г. радикалите ја вратиле власта во Цирих, кој повторно бил сојузен главен град во 1845г.-1846г, Цирих го превзел водството, спротивставувајќи се на кантоните Sonderbund (доминантно католички кантони: Луцерн, Фрибур, Валис, Ури, Швиц, Унтервалден и Цуг). Следејќи ја Sonderbund војната и формирањето на Швајцарската федерална држава, Цирих гласал за сојузното уредување од 1848г. и од 1874г. Огромниот наплив на имигранти од селските области во градот од триесеттите години па натаму, создал индустриска класа која, иако населена во градовите, ја немала привилегијата на жителство, заради што и немале право на учество во градската влада. Како прво, сите школи кои биле отворени за доселениците само со плаќање на високи школарини, од 1860г. биле отворени за сите. Следно, во 1875г. доселениците со минимум 10 годишен боравок добиле право на жителство, а во 1893г. единаесет предградија биле вклучени во надлежностите на градот.

Во 19.век се случила голема експанзија и развој. Од 1847г. Spanisch-Brötli-Bahn, првата железница на Швајцарска територија, го поврзувала Цирих со Баден ставајќи ја главната Циришка железничка станица како почетна точка на швајцарската железничка мрежа. Денешната зграда на главната железничка станица датира од 1871г. Циришката Железничка улица (Bahnhofstrasse), била изградена во 1867г. а Циришката Берза била формирана во 1877г.

Индустријализацијата водела до миграција во градовите и брз пораст на популацијата особено во предградијата на Цирих.

Цирих бил по грешка бомбардиран за време на Втората светска војна.

Грб[уреди | уреди извор]

Грбот на Цирих на Градската Куќа

Сино белиот грб на Цирих е востановен во 1389г. и бил изведен од знамињата со сино бели пруги од 1315г. Првото потврдено сведоштво за знамињата со истиот дизајн е од 1434г. Грбот има два лава од страните. Црвената лента на врвот од знамето имала различни значења: за жителите на Цирих тоа било одличје на честа дадено од Рудолф I, додека пак соседите на Цирих го исмејувале тоа како знак на срамот, сеќавајќи се на губењето на знамето во Винтертур во 1292г.

Денес кантонот Цирих го користи истиот грб како и градот Цирих

Влада[уреди | уреди извор]

Поврзано: List of mayors of Zurich

Градскиот Совет ја формира извршната власт на градот Цирих и функционира како колегијален авторитет. Составен е од девет советници од кои, секој претседава со посебен ресор. Претседателот на раководниот ресор е воедно и градоначалник. Сегашниот претседател на градот е Корине Маух (Corine Mauch). Ресорните задачи, координативни мерки и примената на законите донесени од страна на градското Собрание ги спроведува градскиот совет. Изборот на членовите на градскиот Совет од регистрираните гласачи се одвива на секои четири години. Извршното тело ги одржува своите состаноци во градскиот Дом на брегот на Лимат. Зградата е изградена во 1873г. во ренесансен стил.

Од друга страна, градското Собрание (Gemeinderat) ја има законодавната власт. Во негов состав влегуваат 125 членови, избрани по пат на избори секои четири години. Градското Собрание носи декрети, прописи и закони кои се спроведуваат од страна градскиот Совет и администрацијата. Седниците на градското Собрание се отворени за јавноста. За разлика од членовите на градскиот Совет, членовите на градското Собрание не се политичари по професија и се платени хонорарно зависно од присуството на седници. Секој жител на Цирих со право на глас може да биде избран како член на Градското Собрание. Законодавното тело ги одржува своите состаноци во зградата на Градското Собрание спроти градскиот Дом.

Од 2010г. Градскиот Совет на Цирих е составен од четири претставници на SDP (Социјал Демократска Партија, од кои, еден од нив е градоначалник), два членови од FDP (Слободна Демократска Партија), два члена на Зелената Партија и еден член од CVP (Христијанско Демократска Партија).

Географија[уреди | уреди извор]

Лимат Циришката река

Цирих се наоѓа на 408 метри надморска височина на долниот (северен) крај на Циришкото Езеро околу 30 км северно од Алпите, вгнезден помеѓу шумските ридови од западната и источната страна. Стариот град се протега на двете страни од реката Лимат која извира од езерото течејќи на почетокот кон север, за потоа нагло да сврти кон запад. Географскиот и историски центар на градот е Линденхоф, мал рид на западниот брег на Лимат околу 700 метри северно од местото каде реката извира од езерото. Денес градот се протега нешто повеќе од природните граници на околните ридови и ги вклучува долините Глат на североисток и Лимат на север. Границите на Стариот град лесно се препознаваат покрај каналот Schanzengraben. Вештачките водни патишта биле употребени за изградбата на третиот ѕид во 17 и 18 век.


Топографија[уреди | уреди извор]

Општината Цирих се протега на површина од 91.88 км², од кои 4.1 км² припаѓа на Циришкото Езеро. Површината вклучува дел од Северната Швајцарска Висорамнина. Брегот на Лимат е најгусто населен дел од градот. Реката Лимат има насока од југоисток кон северозапад, со ширина на долината од два до три километри. Реката Лимат не тече низ централниот дел на долината, туку тече по нејзината десна (североисточна) страна. Реката Зил (Sihl) се влива во Лимат на крајот на плоштадот Шпиц, кој граничи со Швајцарскиот Национален Музеј. Реката Лимат доаѓа до најниската точка на општината во Оберенгстринген на 392 метри надморска висина.

Водоскок на циришкото езеро
Цирих од планината Ваид

На западната страна долината на Лимат е опколена со шумските ридови на ланецот Албис, кој се протега на западната граница. Утлиберг се наоѓа на 869 метри надморска висина и е највисока точка во блиската околина. До врвот се доаѓа со железница Утлиберг. Од платформата на набљудувачката кула на врвот се протега импресивна панорама на градот, езерото и Алпите.

Североисточната страна на долината на Лимат е составена од ланец ридови, кои го двојат речното подрачје помеѓу Лимат и Глат. Од северозапад кон југоисток, висината на повеќето пошумени ридови се зголемува: Хенгерберг (Hönggerberg) – 541м, Кеферберг (Käferberg) – 571м, Цирихберг (Zürichberg) – 676м и Адлисберг (Adlisberg) – 701м. Помеѓу Кеферберг и Цирихберг се наоѓа планинското седло Милхбух (Milchbuch) – 470м, важен премин помеѓу долините Лимат и Глат.

Најсеверниот дел на општината се протега до рамницата на долината Глат и до планинското седло каде што се поврзуваат долините Глат и Фурт. Исто така дел и од езерото Кацен (природен резерват) и езерото Бизи припаѓаат на градот.

Клима[уреди | уреди извор]

Во зависност од користената дефиниција, Цирих има океанска или влажна континентална клима, со четири годишни времиња. Пресудно за климата во Цирих се ветровите од запад, кои носат врнежи од една страна и ветерот Бизе, кој доаѓа од исток или североисток и често се поврзува со висок притисок и пониски температури од просечните. Ветерот Фен (Foehn), има значајна улога во долината на северните Алпи, додека во Цирих има незначително влијание.

Годишната средна температура кај мерната станица на Сојузното Биро за Метеорологија и Климатологија во Цирих (556м. надморска висина на падината на Цирихберг, 150м. над центарот на градот), е 8,5 °C. Најстудената средна месечна температура е измерена во јануар со -0,5 °C и најтоплата е измерена во јули со 17,6 °C. Во просек има 88 денови, каде минималната температура е под нулата, и 26 дена во кои максимална температура е под нулата. Во текот на годината, има 30 летни денови (со над 25 °C), додека врелите денови со температура над 30 °C се само три. Просечната висока температура во јули е 23,6 °C, а ниска е до 11,6 °C. Пролетта и есента се студени до умерено студени. Овие вредности се релативно ниски, споредено со другите мерни станици на висорамнината, но тоа може да се објасни со висината на станицата. Во долината Лимат, може да се очекуваат повеќе летни и жешки денови. Цирих има во просек 1482 сончеви часови. Годишно има 1136мм врнежи. За време на летните месеци, а посебно трите летни месеци, нивото на врнежи е поголемо од она, измерено во зима. Метеоролошката станица кај Клотен мери средни врнежи од 1031мм.

Климатска заштита[уреди | уреди извор]

Цирих е водечки град во светот во климатската заштита со разновиден пристап. На пример жителите на Цирих гласаа на референдум за краен рок за исполнување на законот со кој се ограничува дозволеното количество на испуштање на CO2, до еден тон по особа, до 2050 година. Ова го принудува секоја одлука на раководните лица да ја поддржува оваа цел, дури и по цена на повисоки трошоци, на пример: новиот оддел за дезинфекција на јавната болница Тримли, континуирана оптимизација на јавниот транспорт, зголемување на мрежата на патеки за велосипеди, истражувања и проекти за обновливи извори за енергија и подобрување на автопатиштата.

Климатски податоци за Zurich (Kloten, 1961–1990)
Месец Јан Фев Мар Апр Мај Јун Јул Авг Сеп Окт Ное Дек Годишно
Прос. висока °C (°F) 2.0
(36)
4.5
(40)
8.8
(48)
13.2
(56)
17.9
(64)
21.2
(70)
23.6
(74)
22.7
(73)
19.5
(67)
13.7
(57)
7.0
(45)
3.1
(38)
13.1
(56)
Прос. ниска °C (°F) −4.1
(25)
−3.2
(26)
−0.7
(31)
2.5
(37)
6.4
(44)
9.7
(49)
11.6
(53)
11.2
(52)
8.5
(47)
4.9
(41)
0.2
(32)
−2.8
(27)
3.7
(39)
Прос. врнежи мм (ин) 67
(2.64)
68
(2.68)
68
(2.68)
78
(3.07)
96
(3.78)
115
(4.53)
106
(4.17)
121
(4.76)
83
(3.27)
70
(2.76)
84
(3.31)
74
(2.91)
1.031
(40,59)
Прос. бр. врнежливи денови 10.9 9.5 10.9 11.6 12.4 12.2 11.2 11.5 8.4 8.0 10.1 10.4 127.1
Прос. релативна влажност (%) 86.0 81.5 75.5 72.8 72.4 72.9 72.2 75.2 78.9 84.9 85.4 86.1 78.7
Сред. бр. сончеви часови месечно 35 69 115 144 176 191 223 195 155 92 49 31 1.475
Извор: MeteoSchweiz [2]

Урбана зона[уреди | уреди извор]

Областите околу Лимат се комплетно урбанизирани (резиденцијални, индустриски, комерцијални зони). Исто така густо населени со резиденцијални објекти се и сончевите локации на ридовите Цирихберг, Утлиберг и Ваидберг со поглед на Цирих.

Белите дробови на градот ги вклучуваат шумските области на Адлисберг, Цирихберг, Кеферберг, Хенгерберг и Утлиберг. Големите паркови се лоцирани покрај брегот на езерото (Цириххорн и Енге). Поголеми земјоделски земјишта има во близина на Афолтерн и Зеебах. Од целата област на општината Цирих (во 1996г, без езерото): 45.4% се станбена, индустриска и бизнис зона, 15.5% е транспортна зона, 26.5% се шуми, 11% е земјоделски површини и 1.2% се води.

Поглед на градот Цирих и Циришкото езеро од Утлиберг

Градски области[уреди | уреди извор]

Сателитска снимка од центарот на цирих

Претходните граници на градот Цирих (пред 1893г.), биле повеќе или помалку во рамките на стариот град. Две големи експанзии на границите на градот се случиле во 1893г. и 1934г. кога Цирих се споил со повеќе околни општини, што довело до побрз заеднички развој во 19 век. Денес градот е поделен на дванаесет области, нумерирани од 1 до 12. Секоја од нив може да се граничи со 1 до 4 соседни области:

  • Област 1, позната како Altstadt, го содржи стариот град на двете страни од брегот на почетокот на реката Лимат.
  • Област 2, лежи по должината на западната страна на Циришкото Езеро и ги содржи населбите Енге, Волисхофен и Лајмбах.
  • Област 3, позната како Wiedikon е помеѓу реката Зил и Утлиберг и ги содржи населбите Алт-Видикон, Зилфелд и Фризенберг.
  • Област 4, позната како Aussersihl лежи помеѓу Зил и пругите кои излегуваат од Главната Железничка Станица Цирих.
  • Област 5, позната како Industriequartier, лежи помеѓу Лимат и пругите кои излегуваат од Главната Железничка Станица Цирих, ја содржи претходната индустриска зона на Цирих, која подлегна на големи адаптирања за да се изгради модерна станбена и трговска зона.
  • Област 6, се наоѓа на крајот на Цирихберг, рид со поглед на источниот дел од градот. Областа 6 ги содржи населбите Оберштрас и Унтерштрас. Во овие населби се живеалиштата на најбогатите и најпознатите личности.
  • Област 7 се наоѓа на крајот на Адлисберг и Цирихберг, на источната страна на градот. Областа 7 ги содржи населбите Хотинген и Хирсланден.
  • Област 8, позната како Riesbach, лежи на источната страна на Циришкото Езеро.
  • Областа 9 лежи помеѓу Лимат на север и Утлиберг на југ, а ги содржи населбите Алтштетен и Албисриден.
  • Областа 10 лежи на исток од Лимат и на југ од Хенгерберг и Кеферберг. Областа 10 ги содржи населбите Хенг и Випкинген.
  • Областа 11 е во делот северно од Хенгерберг и Кеферберг, а помеѓу долината Глат и езерото Кацен. Ги содржи населбите Афолтерн, Ерликон и Зеебах.
  • Областа 12, позната како Schwamendingen е лоцирана во Глаттал (долината Глат), на северната страна од Цирихберг.

Повеќето од границите на областите, се сосема приближни на границите на претходните општини, пред тие да бидат присоединети кон градот Цирих.

Транспорт[уреди | уреди извор]

Брод со веслачко тркало на пареа на Циришкото Езеро

Јавниот транспорт е исклучително популарен во Цирих и неговите жители масовно го користат. Околу 70% од посетителите на градот, користат трамвај или автобус и околу половина од патувањата во општината се извршуваат со јавниот превоз. Во градот и кантонот Цирих, мрежата на Јавното сообраќајно претпријатие (ZVV-Zürcher Verkehrsverbund), е една од најголемите во светот, според искористеноста и густината на јавниот превоз. Ако на тоа се додаде и фреквентноста на јавните превозни средства, кои во Цирих поминуваат на секои 7 минути, тоа ја покажува големата густина на овој превоз во секој поглед. Трите најмногу користени превозни средства се: локалните возови (S-Bahn), трамваи и автобуси (дизел и електрични-т.н. тролејбуси). Додатни транспортни средства се бродовите на езерото и реката, жичана железница и жичара со кабини, која ги поврзува Адлисвил и Фелсенег. Платените карти важат за сите јавни транспортни средства (воз, трамвај, автобус, брод). Јавното претпријатие за бродски превоз (Zürichsee-Schifffahrtsgesellschaft ZSG), сообраќа со патнички бродови по реката Лимат и Циришкото Езеро, поврзувајќи ги градовите помеѓу Цирих и Раперсвил.

Гужва во главната хала на Циришката Главна Железничка станица

Цирих е мешовито пристаниште за железнички, патен и воздушен сообраќај. Главната железничка станица Цирих, е најголема и најоптеретена во Швајцарија и е важно железничко пристаниште во Европа. Цирих има и неколку други железнички станици, вклучувајќи ги: Ерликон, Штаделхофен, Хардбрике, Тифенбрунен, Енге, Видикон и Алтстетен. Железничкиот сообраќај во најголем дел го изведува Сојузната железница, но Цирих е исто така опслужуван од поголем број на InterCity возовите од соседните држави.

Автопатиштата А1, А3 и А4 поминуваат во близина на Цирих. Автопатот А1 води на запад кон Берн и Женева, а на исток кон Ст. Гален. Автопатот А4 води на север кон Шафхаузен, а А3 води северозападно кон Базел и југоисточно долж Циришкото Езеро и езерото Вален, кон Сарганс.

Циришкиот аеродром е лоциран помалку од 10км. североисточно од градот, во Клотен. Циришкиот аеродром има своја сопствена железничка станица, лоцирана под земја. Тој е директно поврзан со Цирих и со повеќето поголеми градови во Швајцарија. Постои и мал аеродром во Дибендорф.

Демографија[уреди | уреди извор]

сокакот Августин во стариот дел на градот

Официјално, во Цирих живеат 358,540 жители (податоци од 2007г.), со што тој е најголемиот швајцарски град. Од регистрираното население, 30.6% (115,379 жители), не поседуваат швајцарско државјанство. Од нив, германското население е најбројно, со 22%, а по нив следат Италијаните. Населението на градот, вклучувајќи ги и предградијата, брои 1,08 милиони жители. Меѓутоа, вкупната област на метрополата (вклучувајќи ги и градовите Винтертур, Баден, Бруг, Шафхаузен, Фрауенфелд, Устер/Вецикон, Раперсвил-Јона и Цуг), брои 1,68 милиони жители.

Јазици[уреди | уреди извор]

Германскиот е службен јазик, кој се користи и од Владата и од сите јавни институции, додека главен јазик е циришкиот германски, кој претставува дијалект од алеманскиот. До 2000г, 77.7% од населението, како свој мајчин јазик го користи алеманскиот или германскиот јазик, следи италијанскиот кај 4.7% од населението. Останати јазици кои како мајчин јазик ги користат повеќе од 1% од населението се: Јужнословенските јазици (2.2%-тука се вбројуваат српскиот, босанскиот, хрватскиот, македонскиот и словенечкиот), шпанскиот (2.2%), францускиот (2.1%), англискиот (1.8%), португалскиот (1.6%), албанскиот (1.5%).


Религија[уреди | уреди извор]

Од преродбата предводена од Хулдрих Цвингли, Цирих останал центар и упориште на протестантизмот во Швајцарија. Кон крајот на 20.век, значаен број на католици го населиле градот и во 2000г. тие претставувале најголема верска група (со 33.3% од населението). На крајот на 2009г, голем број на населението во кантонот не се изјаснувале во врска со религиската припадност, прифаќајќи го атеизмот или идентификувајќи се со нехристијанската религија. Во градот Цирих, на крајот на 2008г, католиците броеле 112,000, членовите на Швајцарската Реформистичка Црква – 97,000 и 15,000 биле безбожници, не одговориле, или се идентификувале со друга верска припадност.


Социјала[уреди | уреди извор]

Нивото на невработеност во Цирих, во август 2007г, било 2.6%. Околу 4% од градското население (15,500 жители), живеат било директно или индиректно од социјална помош од државата. (април 2005г.).

Главни знаменитости[уреди | уреди извор]

улицата Железничка видена од Плоштадот Парада

Повеќето знаменитости во Цирих се лоцирани во областа на двата брега на реката Лимат, помеѓу Главната Железничка Станица и Циришкото Езеро. Тука се групирани црквите и куќите од стариот дел од градот и најскапите продавници долж прочуената Банхофштрасе. Линденхоф во стариот град е историско место на Римската тврдина, а подоцна и на царската палата Carolingian.

Цркви[уреди | уреди извор]

  • Grossmünster (големата катедрала во стариот град, во близина на Циришкото Езеро на источниот брег од реката Лимат), каде Цвингли бил протестантски свештеник, првобитно била изградена во 820г. и признаена од царската црква на Карло Велики (Charlemagne).
  • Fraumünster (женски манастир) е првата црква изградена пред 874г. Местото на романскиот хор внатре во црквата, датира од 1250г.-1270г, а стаклата на прозорците во тој дел (на спротивната страна на Лимат), ги насликал Марк Шагал. Во текот на 2004г, Fraumünster била целосно реновирана. За време на овој период, била направена платформа над врвот на кулата, овозможувајќи единствен и извонреден панорамски поглед од 360° на градот.
  • St. Peter (Свети Петар, во стариот дел, подолу од Fraumünster) има најголем бројчаник на часовник поставен на црква, во светот.

Музеи[уреди | уреди извор]

  • Циришки Музеј на Уметноста – Музејот на уметноста, познат и како Kunsthaus Zürich, е еден од најзначајните уметнички музеи во Европа. Тој поседува една од најголемите колекции на класичната модерна уметност во светот (Munch, Picasso, Braque, Giacometti, …). Карактеристично за музејот е и големата колекција на фотографии.
  • Швајцарски Национален Музеј – националниот музеј (германски: Landesmuseum) изложува многу објекти кои го прикажуваат културното и историско потекло на Швајцарија. Тој исто така содржи и многу древни артефакти, вклучувајќи: витражи, костими, мебел и оружје. Музејот е лоциран во Плацшпиц паркот, позади Главната Железничка Станица.
  • Центарот на Корбизје (Centre Le Corbusier), познат и како Музеј на Хајди Вебер, е лоциран на брегот на Циришкото Езеро, во близина на Цириххорн. Тоа е музеј на уметноста, посветен на работата на швајцарскиот архитект Корбизје, како последна куќа која ја дизајнирал.
  • Ритберг музеј (Rietberg Museum), сместен во улицата Габлер, е еден од најголемите носители на уметноста и културата во Цирих. Во музејот се изложени експонати собрани од разни краеви на светот: бронзени артефакти од Тибет, керамика и жад, индиски скулптури, кинески надгробни декорации, маски од афричките пламиња и сл.
  • Музеј на дизајнот е музеј за индустриски дизајн, визуелни комуникации, архитектура и ракотворби. Тој е дел од одделот за културни анализи при Циришкиот универзитет на уметностите.
  • Хаус Конструктив (Haus Konstruktiv) е музеј за конструктивна, конкретна и концептуална уметност и дизајн, со широко швајцарско и меѓународно признание. Сведоштво на оваа уметност се зградите во непосредна близина на Главната Железничка Станица.
  • Музејот на часовници Бејер (Uhrenmuseum Beyer), лоциран во срцето на градот, ја документира историјата на мерењето на време и претставува дом на голема колекција на механички часовници, како и колекција на примитивни средства за мерење на времето: водени, сончеви и песочни часовници.
  • Куќи (задруги) на занаетчиството (Zunfthaus) се лоцирани долж реката Лимат (подолу од Grossmünster): Мајсн (Meisen), позната како музеј на порцелан и фајанс, Rüden (ловечка куќа), Haue (храна и вино), Saffran (текстил и зачини), Schneidern (кројачи), Schmiden ( ковачи , златари, часовничари, лекари), Zimmerleuten (дрводелци) и др.

Паркови и природа[уреди | уреди извор]

  • Зоолошка градина поседува околу 260 видови на животни и живеалишта за 2,200 животни. Тука ќе наидете на посебни живеалишта на: снежни леопарди, индиски лавови, облачни леопарди, Амурски леопарди, видри и панди.
  • Ботаничката градина поседува околу 15,000 растителни врсти и дрва со околу 3 милиони растенија. Во градината може да се сретнат многу ретки растителни видови од југозападниот дел на Африка, како и од Нова Каледонија. Сопственик на ботаничката градина е Универзитетот во Цирих.
  • Кинеската градина е подарок од збратимениот кинески град Куенминг, како благодарност за Циришката техничка и научна помош во развојот на Куенминг, снабдувањето со вода за пиење и дренажа. Градината ја претставува една од главните теми во Кинеската култура „Тројцата пријатели во зима“ – три растенија кои заедно му пркосат на студеното време – бор, бамбус и зимска цреша.
  • Утлиберг е лоциран на запад од градот на надморска висина од 813м, и е највисокиот рид кој нуди прекрасен поглед на градот. До врвот лесно се доаѓа со воз од Главната Железничка Станица во Цирих.

Архитектура[уреди | уреди извор]

88 метарската[3] Кула на Изгрејсонцето (2005) беше првата висока зграда која се дозволи да се изгради во дваесет години

Споредено со останатите градови, Цирих има само мал број на високи згради. Општинските урбанистички прописи, ја ограничуваат изградбата на високи згради во западната и северна област од градот. Во индустриската област, во Алтштетен и Ерликон, дозволена е градба со максимална висина од 80м (прва зона на високоградби). Во соседната, втора и трета зона, висината е ограничена на 40м. Околу 2000г, прописите станале пофлексибилни и повторно почнале да се планираат и градат високи згради. Иницијативата на граѓаните „40м е доволно“, која ќе ја намалеше и максималната висина и зоната на високи градби, била јасно одбиена на 29.11.2009г.

Во моментот во Цирих се планирани или се градат голем број на висококатници, вклучувајќи ја и Prime Tower, која со своите 126м. ќе биде највисок облакодер во Швајцарија.

Панорамски поглед на населбата Минстерхоф со некои од куќите на еснафските здружениа

Економија[уреди | уреди извор]

Цирих е водечки финансиски центар во светот. Големата Циришка Област е економски центар на Швајцарија и седиште на огромен број меѓународни компании. Најважен сектор во економијата на Цирих се услужните дејности, каде се вклучени скоро 4/5 од вработените. Други важни индустрии се: лесната, машинската и текстилната индустрија и туризмот. Многу швајцарски банки имаат свои седишта во Цирих, а голем е и бројот на странски банки во Големата Циришка Област. Лоцирана во Цирих, Швајцарската Берза била основана во 1877г, а денес е на четврто место по важност во светот. Исто така, Цирих е и најголем светски центар на трговија со злато. Десет од педесетте најголеми компании во земјата, ги имаат своите дирекции во Цирих, меѓу кои UBS, Credit Suisse, Swiss Re и Zurich Financial Services.

Фактори кои допринесуваат за економската моќ[уреди | уреди извор]

Високиот квалитет на живот се наведува како причина за економскиот пораст во Цирих. Консултантската куќа Merce, долги години го рангира Цирих како град со највисок квалитет на живот во светот. Имено, Цирих ги добил високите оценки во областите на работењето, домувањето, одмор, образование и безбедност. Властите за локално планирање прават јасно одвојување на градските зони и зоните за рекреација, а постојат и многу заштитени природни резервати. Другите градови во државата, како Берн и Женева, се исто така рангирани во првите десет градови во светот, по квалитет на живот. Цирих е исто така рангиран и како шести најскап град во светот (во 2008, бил на девето место), односно по Хонгконг, а пред Копенхаген. Тој е трет најскап град во Европа и втор во Швајцарија, после Женева.

Од високото ниво на инвестиции во образованието, кое е типично за цела Швајцарија воопшто, Цирих има и корист, но и создава стручен кадар во сите области на сите нивоа. Тој е град на два големи универзитети, каде се овозможени високи технолошки истражувања и дипломирања. Професионалната настава се состои од практичен дел и академски предавања, додека акцентот е ставен на стекнување на високо ниво на општо образование и владеење со јазикот.

И покрај многујазичноста, вработените се мотивирани за работа со минимални отсуства, што придонесува за високо ниво на продуктивност во регионот и отварање на канцеларии и истражувачки центри во градот, од страна на голем број корпорации.

Швајцарска Берза[уреди | уреди извор]

Швајцарската Берза на улицата Зелнау.

Швајцарската Берза денес се нарекува SIX Swiss Exchange (порано позната како SWX) и е водечка група на неколку различни светски оперативни финансиски системи: virt-x, Eurex, Eurex US, EXFEED и STOXX. Берзанскиот промет остварен на SWX, во 2007г, бил 1,780,499.50 милиони швајцарски франци; бројот на направени трансакции во истиот период е 35,339,296, а швајцарскиот берзански индекс (SPI) достигнал вкупна пазарна капитализација од 1,359,976.20 милиони швајцарски франци.

Швајцарската берза SIX, постои повеќе од 150г. Во 1996г, целосното електронско тргување го замени традиционалниот начин на берзанско работење на берзите во: Женева (основана во 1850г.), Цирих (1873г.) и Базел (1876г.).

Од 2008г, швајцарската берза SIX, станала дел од групацијата SIX со спојувањето на групациите SWX, SIS и Telekurs.

Образование и истражувања[уреди | уреди извор]

Главната зграда на Циришкиот Универзитет

На 20 универзитети, колеџи и институции за високо образование во Цирих, студираат околу 60,000 студенти. Двата најистакнати швајцарски универзитети, се лоцирани во градот. Швајцарскиот државен институт за Технологија (ETH) е во надлежност на државата, а Универзитетот Цирих е во надлежност на кантонот Цирих. Двата универзитети, се вбројуваат во 50-те најдобри во светот во 2007г.

ETH бил основан во 1854г. од Швајцарската конфедерација и во 1855г. ги отворил своите врати како политехнички институт. ETH го стекнал својот углед особено во областа на хемија, математика и физика, а имињата на 21 Нобеловец, се поврзуваат со оваа институција. ETH често е рангиран како најдобар универзитет во централна Европа. Институцијата се состои од два комплекси: главната зграда – во срцето на градот и новиот комплекс – во периферијата.

Универзитетот на Цирих бил основан во 1833г, иако неговите почетоци датираат од 1525г, кога швајцарскиот реформатор Улрих Цвингли, го основал Технолошкиот колеџ. Денес, со своите 24,000 студенти и 1,900 дипломирања годишно, Универзитетот Цирих е најголем во Швајцарија и нуди широк избор на предмети и курсеви во било која швајцарска високообразовна институција.

Педагошкиот колеџ, Циришкиот Универзитет на Применети Науки (ZHAW) и Циришкиот Универзитет на Уметности (ZHdK), се останатите три високорангирани технички колеџи, кои допринесуваат за угледот на Цирих како столб на науки и истражувања обезбедувајќи применети истражувања и развој. Цирих е исто така еден центрите на научната и иновативна заедница од Европскиот Институт за Иновации и Технологија (за ублажување и прилагодување на климатските промени).

Државните Универзитети по големина во кантонот Цирих[уреди | уреди извор]

Шаблон:RankШаблон:RankШаблон:Rank

Институција број на студенти
Циришки универзитет - UZH 25,618
Циришки Универзитет за Применети Науки - ZFH 15,334
Швајцарски Федерален Институт за Технологија - ETH 15,093

Листа на најголемите универзитети по опсег во Швајцарија

Медиуми[уреди | уреди извор]

Седиштата на голем број швајцарски медиумски конгломерати, како: Tamedia, Ringier и NZZ-Verlag, се сместени во Цирих, кој за германското говорно подрачје, претставува еден од најважните медиумски центри во земјата. Овој статус е зацврстен со зголемување на можноста за онлајн изданија, објавени во Цирих.

Телевизија и радио[уреди | уреди извор]

Зградата на Швајцарската Телевизија

Во близина на Leutschenbach, на север од железничката станица Ерликон, е сместено седиштето на националната телевизиска мрежа (SF) за германското говорно подрачје, која е финансирана од радиодифузната такса. Седиштето на регионалната комерцијална телевизиска станица Tele Züri (Телевизија Цирих) се наоѓа во близина на Escher-Wyss Platz. Продукциите на комерцијалните станици Star TV, U1 TV, и 3+, се лоцирани во Schlieren.


Еден дел од швајцарската национална радиостаница Schweizer Radio DRS, за германското говорно подрачје, финансирана од радиодифузната такса, е лоциран во Цирих. Постојат и комерцијални локални радиостаници кои се емитуваат од Цирих, како што се: Radio 24 (Limmatstrasse), Energy Zürich (Kreuzstrasse-Seefeld), Radio LoRa и Radio 1. Постојат и други радиостаници кои се емитуваат за време на одредени периоди во годината, како: CSD Radio (мај, јуни), Radio „Streetparade“(јули,август) и rundfunk.fm(август,септември).

Печатени медиуми[уреди | уреди извор]

Во Цирих се објавуваат три големи дневни весници, познати во Швајцарија: Neue Zürcher Zeitung (NZZ), Tages-Anzeiger и Blick-најголемиот швајцарски таблоид. Сите три весници, објавуваат изданија и во недела: NZZ am Sonntag, Sonntags Zeitung и Sonntags Blick. Освен трите главни дневни весници, постојат бесплатни весници, кои се широко дистрибуирани: 20 Minuten и News (се објавуваат во работни денови, наутро), а Blick am Abend се објавува во работни денови навечер и Cash, од областа на финансиите, достапен само во одредени киосци, во работни денови наутро.

Постои голем број на часописи од значајни издавачи, кои се сместени во Цирих, како: Bilanz, Die Weltwoche и Annabelle.


Култура[уреди | уреди извор]

Цирих има богата културна традиција. Како дополнение на богатите музеи и галерии, Цирих има извонредни камерни и симфониски оркестри и неколку важни театри.

Циришкиот филмски фестивал за само неколку години, се издигна во еден од најважните домашни и меѓународни филмски фестивали. Во траењето од 11 дена, ги привлекува, како ѕвездите, така и новите таленти и познатите меѓународни продукции.

Цирих за врема на Уличната Парада (2008)

Еден од најголемите и најпопуларни годишни настани во Цирих, е Уличната Парада (Street Parade), која претставува и најголем фестивал во светот на техно и денс музиката. Настанот се одвива долж брегот на Циришкото Езеро, во втората сабота во август. Првпат оваа парада се одржала во 1992г, со околу 1,000 учесници. До 2001г, бројот на учесници се зголемил до 1 милион.

Од друга страна пак, циришкиот фестивал (Zürifäscht) е народна прослава која се повторува на секои три години, проследена со музика, огномет во склад со музиката и други атракции во стариот град. Тоа е најголемиот народен фестивал во Швајцарија со 2 милиони посетители.

Саемот за меѓународна современа уметност (Kunst Zürich), носи гости во текот на целата година и ги спојува остварувањата на младите и веќе признатите уметници.


Друга годишна јавна уметничка изложба, е градската кампања спонзорирана од стопанската комора во соработка со градската влада и се состои од декорирани скулптури поставени во центарот на градот, на јавни места: лавови (1986г.), крави (1998г.), клупи (2003г), мечиња (2005г.) и огромни саксии за цвеќе (2009г.). Од ова произлегол концептот за Парада на кравите (Cow Parade), кој бил промовиран и во други поголеми светски градови.

Цирих е домаќин и на неколку уметнички движења: кабарето Волтер (каде дадаизмот бил осниван во 1916г.) и конструктивното уметничко движење (кое ги имало своите први чекори, исто во Цирих). Уметниците како Макс Бил, Марсел Бројер, Камил Гризер, и Ричард Пол Лохзе имале свои атељеа во Цирих. Атељеата, добиле уште поголема важност со превземањето на власта од страна на нацистите во Германија за време на Втората Светска Војна.

Најпознат традиционален празник во Цирих е Sechseläuten, пропратен со парада на занаетчиите и симболично испраќање на „зимата“ со палење на сламена кукла.

Друг празник е натпреварувањето во пукање за тинејџери (во почетокот само за машки, а од 1991г. отворен и за женски учесници), е Knabenschiessen.

Опера, балет и театри[уреди | уреди извор]

Циришката Опера

Циришката опера е една од водечките оперски куќи во Европа. Изградена во 1834г, таа била прв постојан театар во срцето на Цирих и во тоа време била седиште на активностите на Рихард Вагнер. Подоцна, во 1890г. театарот бил обновен во нео-класичен стил, украсен со орнаменти. Надворешноста е направена од бел и сив камен, украсена со бистите на Вагнер, Вебер и Моцарт. Подоцна биле додадени и бистите на Шилер, Шекспир и Гете. Гледалиштето е дизајнирано во рококо стил. Еднаш годишно во Операта, се одржува Циришкиот бал со Претседателот на Швајцарската Конфедерација и бизнис и културната елита на Швајцарија.

Schauspielhaus е главен театарски комплекс на градот. Тој има две споредни згради Pfauen, во централната градска област и Schiffbauhalle, стара индустриска зграда во Западен Цирих. Овој комплекс бил дом на доселениците како Бертолд Брехт и Томас Ман и место каде биле изведени премиерските дела на Макс Фриш, Фридрих Дуренмат, Бото Штраус и Елфриде Јелинек. Исто така, тој е еден од најистакнатите и најважни театри во Германското говорно подрачје.

Театарот во Neumarkt, е еден од најстарите театри во градот. Основан бил од старите занаетчии во стариот дел на градот и сместен е во барокна палата во близина на улицата Нидердорф (Niederdorfstrasse). Има две бини, на кои се изведуваат авангардни претстави од европски режисери.

Циришкиот Театарски Спектакл е меѓународен театарски фестивал, рангиран меѓу најважните европски фестивали за современи уметнички претстави.

Храна[уреди | уреди извор]

Традиционалната кујна на Цирих се состои од традиционални јадења, кои се одраз на вековното владеење на аристократските граѓани, како и на трајниот печат на пуританизмот на Улрих Цвингли. Најпознати традиционални јадења, се: Zürchergeschnetzeltes (од ситни парчиња месо во сос со додаток на рендани печени компири) и Tirggel (медењаци).

Ноќен живот и забава[уреди | уреди извор]

Цирих ноќе.

Цирих има голема и разновидна понуда за ноќна забава. Тој е град домаќин на светски познатата Street Parade, која се одржува во август секоја година.

Најпознати места на ноќниот живот се: Niederdorf во стариот дел на градот со барови, ресторани, салони, хотели, клубови итн. и бројни модни продавници за младата и елегантна популација, потоа Langstrasse која се наоѓа во областите 4 и 5 на градот, каде што се автентичните забави во Бразилските барови, Панк-клубови, ХипХоп сцени, Карибски ресторани, уметнички кина, Турски ќебапчилници и Италијански еспресо барови, но исто така и секс продавници и најпознатата зона на црвени светла во Цирих.

Во последните десет години, нови делови на градот привлекуваат внимание како центри на ноќниот живот, особено Zürich-West во областа 5, во близина на Escher Wyss Platz и железничката станица на Zürich Hardbrücke.

Спорт[уреди | уреди извор]

Граѓаните на Цирих водат активен живот и спортот е составен дел од швајцарската култура и општество. Изобилието на спортските објекти го прават Цирих атрактивно место за вљубениците во спортот и неколку меѓународни спортски федерации се лоцирани во градот.

Седиштето на ФИФА

Фудбалската асоцијација е најважниот дел од спортот во Цирих. Градот има две поголеми фудбалски екипи, кои се вбројуваат во највисоката швајцарска лига: Грасхопер-клуб Цирих, основан во 1886г. и ФК Цирих, кој постои од 1896г. Fédération Internationale de Football Association (FIFA) е со главно седиште во Цирих, и во 2007г, била сместена во новоотворената зграда проектирана од архитектката Тила Теус.

Еден од најпопуларните спортови во Швајцарија, е хокеј на мраз. Во Цирих, тој е претставен од ZSC Lions. Меѓународната хокеарска федерација (IIHF) врши должност на главна организација за хокеарските лиги во светот и е исто така, сместена во Цирих.

Велосипедизмот е популарен и како спорт и како сообраќајно средство во Цирих. Велосипедските патеки најчесто се обележени со црвено-бели знаци, а жолтите линии се само за велосипедисти. И пешачките патеки се јасно означени со жолти знаци, кои го информираат пешакот за времето потребно да стигне до саканото одредиште. Постојат специјални мапи за пешачките патеки низ Швајцарија. Најпристапни места за пешачење во Цирих, се Утлиберг и Цирихберг.

Во поголемата циришка област, се сместени и околу 30 клубови и 7 надворешни објекти за карлинг (Curling). Сезоната за карлинг започнува рано во септември и трае сé до крајот на Април .

Натпревари[уреди | уреди извор]

2007 Цирих Weltklasse

Годишниот атлетски натпревар (Weltklasse Zürich), попознат како еден ден Олимпијада, е престижeн еднодневeн атлетски натпревар, кој се одржува секоја година на Letzigrund стадионот во Цирих. Тој важи за еден од најдобрите и од највисок ранг атлетски натпревари во светот, после Олимписките игри. Од неговиот почеток на 12.08.1928г, постигнати се многу светски и државни рекорди. До денес се забележени 24 светски рекорди, постигнати на овие атлетски натпревари.

Циришкиот Маратон е популарен спортски настан, каде се поканети бројни атлетичари од целиот свет. Тоа е трка на големо растојание, покривајќи околу 43км во еден потег. Тркачката патека започнува во Цирих, поминува низ Банхофштрасе, Белви, Митенкеј, Кејбрике, Талштрасе и Утокеј и долж Циришкото Езеро низ неколку останати места. Новогодишната трка е уште еден важен тркачки настан. Трката се одржува секоја година на 1.јануари и стартот е точно на полноќ.

Цирих бил еден од шесте градови во Швајцарија, каде се одвивале натпреварите од Светскто првенство во фудбал во 1954г. и еден од осумте на Европското првенство во фудбал во 2008г. Натпреварите на Еуро 2008 се одржувале на Letzigrund стадионот. Работите на новиот Letzigrund, биле завршени во исклучително краток рок и стадионот бил отворен во август 2007г, само една година откако била срушена старата арена.

Цирих бил исто така домаќин и на светскиот хокеарски шампионат во 1998г. Тој бил еден од домаќините и во 1953г.(заедно со Базел) и 1939г.

Истакнати личности[уреди | уреди извор]

Список на познати личности кои биле родени или умреле во Цирих:

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Wikisource-logo.svg
Викиизвор на англиски јазик содржи текст на тема:
Википатување има туристички водич за Zurich.