Реторика (од грчки ρήτωρ, rhêtôr, „оратор, говорник“) — една од трите првични слободни уметности или trivium (заедно со дијалектиката и граматиката). Во текот на својата историја долга 2500 години, поимот се користи како ознака за многу нешта, но под реторика денес се мисли на способноста на убедување преку јазик. Првите теориски согледби за реториката се во антиката, каде на Аристотел му се припишува првата формална обработка на дисциплината. Постои клучна разлика помеѓу она што се нарекува говорништво, беседништво или ораторство и она што се нарекува реторика. Имено, беседништвото се однесува на конкретната изведба, практичното остварување на беседата, додека реториката се однесува на теориското обмислување на говорништвото.