Јидиш

Од Википедија — слободната енциклопедија
Јидиш
ייִדיש
Застапен воАвстралија, Австрија, Аргентина, Белгија, Белорусија, БиХ, Бразил, Велика Британија, Германија, Израел, Канада, Латвија, Литванија, Мексико, Молдавија, Полска, Романија, Русија, САД, Украина, Унгарија, Франција, Холандија, Шведска и разни други
Говорници1,5 милиони  [1]
11 милиони како втор
Јазично семејство
Писмохебрејска азбука (јидишка)
Статус
Службен во Украина (1918-1921)
 Еврејска автономна област, Русија
Признаен како малцински во Босна и Херцеговина
 Полска
 Романија
 Украина
 Холандија
 Шведска
Регулативен органнема формален;
YIVO (де факто)
Јазични кодови
ISO 639-1yi
ISO 639-2yid
ISO 639-3yid — опсежен код
Поединечни кодови:
ydd — источно наречје
yih — западно наречје
Linguasphere52-ACB-g = 52-ACB-ga (зап. наречје) + 52-ACB-gb (ист. наречје); вкуп. 11 говори
Американски плакат на јидиш од Првата светска војна (1917) што ги повикува еврејските доселеници да помогнат во зачувувањето на слободата поради која дошле во САД

Јидиш (ייִדיש јидиш или אידיש идиш, букв. „еврејски“) — горногермански јазик на ашкенашките Евреи во разни делови од светот.[2] Се развил како спој од разни германски дијалекти со примеси од хебрејскиот, арамејскиот и словенскиот лексикон и извесни траги од романските јазици.[3][4] Јазикот се пишува со хебрејска азбука.

Потекнува од ашкенашката култура што се развила во X век во Рајнската област и потоа се проширила низ Средна и Источна Европа, па подоцна и на други континенти. Во најраните записи, јазикот се нарекува לשון־אַשכּנז (лошн-ашкнез = „ашкенски јазик“) и טײַטש (тајч, варијанта на тиуч, тогашен назив за јазикот што се говорел во подрачјето, денес наречен средногорногермански). Меѓу народот се нарекувал מאַמע־לשון (маме-лошн, „мачин јазик“), разликувајќи го од хебрејскиот и арамејскиот, кои збирно се нарекуваат לשון־קודש (лошн-којдеш, „свет јазик“). Поимот „јидиш“ почнал пошироко да се користи во XVIII век, со исклучок на периодот од крајот на XIX и почетокот на XX век, кога јазикот се нарекувал „еврејски“.

Во значаел дел од неговата историја, јидиш бил главниот говорен јазик на Евреите-Ашкенази, и некогаш сочинувал широк дијалектен континуум од западното наречје до трите големи групи на источното наречје: литвиските, полските и украинските говори. Источното наречје е карактеристично по големиот број на зборови од словенско потекло. Западното наречје денес има малкумина говорници, за разлика од источното, кое и понатаму е во широка употреба.

Јидиш е мајчин јазик на голем број ортодоксни еврејски заедници ширум светот, иако постојат и такви што не го познаваат (како да речеме македонските Евреи, чиј јазик е ладино, т.е. јудеошпански). Ова е јазик и на хасидите во домот, училиштето и во општествениот живот, но и во вишето образование во места како литванските богословски школи (јешиви).

Историја[уреди | уреди извор]

Во X век, во Средна Европа се развила посебна еврејска култура, чии припадници почнале да се нарекуваат Ашкенази. Поимот потекнува од името „Ашкеназ“,[5] што е средновековен хебрејски назив за северна Европа и Германија. Тогашниот Ашкеназ ја претежно ги опфаќал Рајнската област и Пфалц, а особено значајни центри биле Вормс и Шпајер). Подрачјето поточно се однесува на најзападните краишта на Германија, навлегувајќи во северна Франција. Областа се граничела со соседната еврејска култура на Сефардите (шпанските Евреи), која се протегала сè до јужна Франција. Ашкенаската култура подоцна се проширила источна Европа со крупните праселби на населението.

Не постојат никакви сигурни сознанија за говорниот јазик на првите Евреи во Германија, но постојат неколку теории. Според првата, Ашкеназите веројатно говореле на простонародниот арамејски од римска Јудеја, древна и раносредновековна Месопотамија. Ова се претпоставува и поради широката застапеност на арамејскиот кај сириските трговци во римско време (вклучувајќи ги и оние во европските провинции). Многу Евреи што живееле во Рим и јужна Италија во римско време говореле на грчки, што се одразило врз личните имиња кај Ашкеназите, како што е Калоним). Хебрејскиот пак, важел за богослужбен јазик кој не наоѓал примена во секојдневието. Преостанува да се извршат уште многу истражувања за да се утврди потеклото на јазикот.

Прифатено е дека во раниот период, јазикот содржел елементи од други јазици на Блискиот Исток и во Европа, кои ги попримал со преселбите на говорниците. Бидејќи некои доселеници дошле преку Франција и Италија, веројатно е дека биле застапени елементи од тамошните еврејски говори. Такви романски остатоци во јазикот постојат и денес. Во западното наречје се содржат и други зборови од латинско потекло, но сепак мошне малку.

Со исклучок на очигледните хебрејски зборови за нешта во еврејскиот живот, многу е тешко да се утврди во кој степен овој јазик се разликувал од тогашниот германски. Се смета дека веќе во XV век, јидиш се одвоил како посебен германски говор во достатна мера за да биде различен и во самиот германски дел од лексиконот.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јидиш, Источно наречјеEthnologue (англиски) посет. 29 јуни 2013 г
  2. Еврејски речник Архивирано на 22 јули 2011 г. — проект „Менора“ при Музејот на Град Скопје
  3. Introduction to Old Yiddish literature, стр. 72, Baumgarten and Frakes, Oxford University Press, 2005
  4. „Развојот на јидиш низ вековите“ — JewishGen (англиски)
  5. во македонската Библија се нарекува „Асханаз“; погл. Битие 10:3 Архивирано на 10 март 2016 г.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]