Стефан Маларме

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Стефан Маларме
Stéphane Mallarmé
Portrait of Stéphane Mallarmé.jpg
Портрет на Маларме, од Надар, 1896
Роден 18 март 1842(1842-03-18)
Париз
Починал 9 септември 1898(1898-09-09) (возр. 56)
Вилен-на-Сена
Занимање поет
Националност француска
Правец парнаски поети, симболисти

Етјен Маларме, попознат како Стефан Маларме (Париз, 18 март 1842Валвен, 9 септември 1898) – француски поет, предавач, преведувач и критичар.

Обожувач на Теофил Готје, Шарл Бодлер и Теодор де Банвил, Стефан Маларме објавува неколку поеми во 1862 година. Професор по англиски, од 1863 до 1871 година тој престојува во Турнон-на-Рона, Безансон и Авињон пред да пристигне во Париз. Тука тој ги посетува книжевните автори како Пол Верлен, Емил Зола и Огист де Вилје де Л’Ил-Адам и уметници како Едуар Мане кој во 1876 година насликал негов портрет.

Во својата професија како професор тој се судира со одредени тешкотии (учениците му дофрлуваат), а води мирен семеен живот но со одредени финансиски тешкотии и неволји. Пишува длабоко обработени поеми и ги прима своите пријатели творци во вторниците на улицата Рим или во својата викендичка во Валвен, близу Фонтенбло каде умира на 9 септември 1898 година на 56-годишна возраст.

Привлечен од естетиката на „ларпурлартизмот“, тој соработува со „Современ Парнас“ од 1866 години, трагајќи да го надмини чувството на немоќ поврзано со депресивната состојба. Оттогаш е во потрага по чиста убавина што само уметноста може да ја создаде: „светот е створен за да заврши во убава книга“, е негова изјава. Презема амбициозни дела на кои работи долго како „Еродијада“ (Hérodiade, 1864-1887) или „Попладнето на еден фаун“ (L'Après-midi d'un faune, 1865-1876 за кое Клод Дебиси пишува музика, 1892-94). Обожувач на Едгар Алан По, тој го превел „Гарванот“ (1845), кој бил издаден во 1875 година со илустрации на Едуар Мане.

Во 1887 година излегува едиција од негова поезија која ја покажува неговата стилистичка потрага. Исходот од оваа амбиција за апсолутна поема се појавува во графичката поема од 1897 година „Фрлањето на коцки никогаш не ја укинува шансата“. Оваа потрага по напрегнат израз кон прочистеното сепак на времето го чини префрлувањето за херметизам кој останува прикачен за малармеската уметност.

Реномето на Стефан Маларме се консолидира уште повеќе од 1884 година кога Пол Верлен го вбројува во својата серија на „Проколнати поети“ со објавата на една долга статија за Маларме, и како носител на модерното и близок до авангардистите во уметноста и литературата, младите поетски генерации, од Анри де Рењие и симболистите до Пол Валери, го признаваат за маестро. Така, авторот на едно амбициозно поетско дело, Стефан Маларме бил иницијатор, во втората половина на 19 век, на обнова на поезијата чие влијание се мери сè до современите поети како Ив Бонфоа.

Биографија[уреди | уреди извор]

Маларме ја губи мајка си во 1847 година и за него се грижат неговите дедо и баба. Од 1852 година е сместен во интернат каде се покажува како слаб ученик и е отпишан во 1855 година. Гимназискиот период е обележан со смртта на неговата сестра во 1857 година.[1] Во ова време тој ги пишува своите први младешки песни, собрани во „Меѓу два ѕида“ (Entre deux murs), текстови кои се под силно влијание на Виктор Иго, Теодор де Банвил како и Теофил Готје. Откривањето на „Цвеќето на злото“ од Шарл Бодлер во 1860 година е забележително и има влијание на неговите први дела. Истата година, Маларме влегува во активниот живот, станува стажант во Санс, „првиот чекор кон отапувањето“ според него. Во 1862 година, неколку песни излегуваат во разни ревии. Тој се запознава со една млада германска гувернанта, Марија Герхард, родена 1835 година, и ја напушта работата за да оди во Лондон со неа, со намера да стана професор по англиски. Неговиот престој во Лондон е од ноември 1862 до крајот на летото 1863 година.[2]

Неспособен за војна служба, Стефан Маларме се жени со Марија во Лондон на 10 август. Во септември добива уверение за спремност за предавање англиски јазик – тој му бил професор на Анри Барбис – и добил служба во кралската гимназија во Турнон (Ардеш) каде себеси се смета за изгнаник. Во овој период не престанува да пишува песни, како „Цвеќињата, страв“, „Уморен од горчлив одмор“... Летото 1864 година, Маларме се запознава во Авињон со поетите кои творат на провансалски јазик: Теодор Обанел, Жозеф Руманиј и Фредерик Мистрал со кои започнува преписка. Неговата ќерка Женевјев е родена во Турнон на 19 ноември 1864 година. Во овој период тој паралелно бил професор по англиски Турнон, Безансон, Тулон и Париз.[3]

Стефан Маларме од Етјен Каржа (1877)

Следната година тој ја пишува „Попладнето на еден фаун“ за која се надевал да се прикажува во Театр франсе, но била одбиена. Тој се поврзува со париското книжевно милје, особено со Леконт де Лил и Жозе-Марија де Ередја.

1866 година е пресвртница за Маларме, при еден престој во Кан кај неговиот пријател Ежен Лефебир, тој влегува во период на апсолутен сомнеж кој ќе трае сè до 1869 година. Во 1867 година кога е на служба во Авињон, повеќе пати го посетува Фредерик Мистрал во Мајан. Во 1869 година почнува да го пишува Igitur, поетски и филозофски расказ кој останал недовршен и кој го бележи крајот на неговиот период на поетска немоќ почнат во 1866 година. Во 1870 година тој се повлекува од јавното образование од здравствени причини и во септември го поздравува воспоставувањето на републиката. Неговиот син Анатол се родил на 16 јули 1871 во Санс, и Маларме кој добил служба во Париз го сели семејството во главниот град.

Во 1872 година, Маларме се запознава со еден млад поет, Артур Рембо, кого кратко го посетува, потоа во 1873 година го запознава Едуар Мане кого го брани кога неговите слики се одбиени на изложбата во 1874 година.[4] Потоа преку Мане тој го среќава Зола. Маларме издава една ревија, „Последната мода“, која излегува осум броја, на која тој ѝ е единствен уредник под разни псевдоними, повеќето женски. Издавачите во 1875 година повторно го одбиле „Попладнето на еден фаун“ која сепак излегува наредната година илустрирана од Едуар Мане. Тој пишува предговор за повторното издание за Валтек од Вилијам Бекфорд. Од 1877 година, неделните собири кои брзо станале славни, се одржуваат во вторник кај Маларме. Тој се состанува со Виктор Иго во 1878 година и во 1879 година го издава „Античките богови“, дело од митологијата. Оваа година, на 8 октомври, починува неговиот син Анатол.

Од 1874 година, Маларме, здравствено нежен, често престојува во Валвен во близината на Фонтенбло. Тој, за себе и своите блиски, го изнајмил првиот кат од една стара гостилница на брегот на Сена. Подоцна го откупил и со свои раце го разубавувал за од него да створи свој „home“. Таму деновите течат меѓу две ловења со познатите гости, спроти шумата која блеска во Сена, и поетот ќе рече: „ја чествувам реката која остава цели денови да исчезнат во нејзините води без да се има впечаток дека се изгубени.“

Едуар Мане, Портрет на Стефан Маларме, 1876.

Во 1884 година, Пол Верлен ја објавува својата трета статија од „Проколнати поети“ посветена на Маларме. Истата година, Жорис-Карл Исманс го објавува романот „Наспроти“ (À rebours) чија главна личност ги обожува поемите на Маларме. Овие две дела допринесуваат за угледот на поетот. Во 1885 година, тој потсетува на орфичкото објаснување за Земјата. Неговата прва песна без пунктуација излегува во 1886 година насловена „Да ме воведат во твојата приказна“ (M'introduire dans ton histoire). Конечната верзија на „Попладнето на еден фаун“ е издадена во 1887 година. Една година подоцна излглегува неговиот превод на поезијата на Едгар Алан По.

Во 1891 година, неговото здравје е повторно нарушено. Маларме прво користи боледување, а потоа има намален фонд на часови. Се запознава со Оскар Вајлд и со Пол Валери. Последниов е чест гостин на „маларменските вторници“. Во 1892 година, по смртта на Ежен Мане, братот на Едуар Мане, Маларме станува старател на неговата ќерка Жули Мане чија мајка е сликарката Берта Моризо. Во овој период Клод Дебиси го почнува компонирањето на пиесата „Прелудиум за попладнето на еден фаун“ претставена во 1894 година. Во ноември 1893 година, Маларме се пензионира, следната година држи книжевни предавања во Кембриџ и Оксфорд. Две години поминуваат, поетот присуствува на закопот на Пол Верлен кој починува на 8 јануари 1896 година. Во 1898 година тој застанува на страната на Емил Зола кој во весникот Лорор (Зора) од 13 јануари го публикува својот напис „Обвинувам“ (J’accuse) во одбрана на капетанот Алфред Драјфус. На 8 септември 1898 година, Маларме има спазма на ларинксот. Истата вечер, тој им пишува на жената и ќерката да ги уништат записите и белешките, наведувајќи „нема книжевно наследство...“ Утредента, при повторена спазма, тој умира во рацете на својот доктор, во присуство на неговата жена и ќерка. Погребан е до неговиот син Анатол на гробиштата Саморо близу до Валвен.

Погледи на неговото дело[уреди | уреди извор]

Читајќи го Хегел, Маларме открил дека ако „Небото е мртво“, ништожноста е појдовна точка која води до Убавото и Идеалното. На оваа филозофија мора да ѝ соодветствува нова поезија која ја кажува светата моќ на Зборот. Со ритамот, синтаксата и реткиот вокабулар, Маларме создава јазик кој го воскреснува „отсутниот од сите букети“.[5] Песната станува свет затворен само во себе чие значење се раѓа од резонанцијата. Стихот се претвора во боја, музика, богатство на чувството, „натпревар на сите уметности предизвикувајќи чудо.“ Со Маларме „сугестијата“ станува основата на антиреалистичната поезија и од симболизмот прави книжевен импресионизам. Неговото дело тогаш е отсуството на значење кое „значи повеќе“ и поетот бара да ги достигне „сјајот кој се наоѓа зад гробот.“

„Поезијата е изразот, преку човековиот јазик доведен до есенцијалниот ритам, на мистериозното значење на аспектите на постоењето: така му дава автентичност на нашиот престој и ја сочинува единствената духовна задача.“

Дела[уреди | уреди извор]

  • Еродијада (Hérodiade, 1864-1867)
  • Морски ветрец (Brise Marine, 1865)
  • Дар од песната (Don du Poème, 1865)
  • Попладнето на еден фаун (L'Après-midi d'un faune, 1876)
  • Предговор на Валтек од Вилијам Бекфорд (Préface au Vathek de William Beckford, 1876)
  • Античките богови (Les Dieux antiques, 1880)
  • Албум на стихови и проза (Album de vers et de prose, 1887)
  • Страници (Pages, 1891)
  • Оксфорд, Кембриџ, музиката и книжевноста (Oxford, Cambridge, la musique et les lettres, 1895)
  • Бладања (Divagations, 1897)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Jean-Luc Steinmetz, Présentation et annotations aux Poésies et autres textes de Stéphane Mallarmé, Livre de Poche, 2005, page 6
  2. My Mallarmé is rich. Mallarmé et le monde anglo-saxon, Paris / Vulaines-sur-Seine, Somogy éditions d'art / Musée départemental Stéphane Mallarmé, 2006, page 11.
  3. Stéphane Mallarmé sur Evene.fr
  4. Cf. Manet et Mallarmé : "la complète amitié"
  5. René Ghil, Avant-dire au Traité du Verbe 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со:
Викиизвор
Викиизворот на француски има изворна содржина поврзана со оваа статија: