Теофил Готје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Теофил Готје
Théophile Gautier
Théophile Gautier vers 1855 par Nadar.jpg
Теофил Готје фотографиран од Надар (1855)
Роден/а 30 август 1811(1811-08-30)
Тарб, Франција
Починат/а 23 октомври 1872(1872-10-23) (воз. 61 г.)
Неји-сир-Сен, Франција
Занимање поет, романописец и критичар
Националност француска
Период XIX век
Книжевно движење романтизам, парнасизам
Деца Жидит Готје (ќерка)

Теофил Готје (француски: Théophile Gautier), (Тарб, 30 август 1811[1]Неји-сир-Сен, 23 октомври 1872) – француски поет, романописец и ликовен и литературен критичар.

Роден во Тарб, Теофил Готје живее во Париз од најраното детство. Се запознал со Жерар Лабрини (идниот Жерар де Нервал) на Колеж Шарлемањ и уште многу млад се интересира за поезијата. Во 1829 година го сретнува Виктор Иго кого го признава за свој учител и активно учествува во движењето на романтизмот како и во прочуената „битка на Ернани“, на 25 февруари 1830 година. Во 1833 година со хумор ќе го евоцира овој период во „Младите-Франција“ (Les Jeunes-France).

Во 1831 – 1832 година ги издава своите први песни кои поминуваат незабележано, но тој се разликува од своите пријатели од движењето за романтизам по своите формалистички преокупации критикувајќи ги моралистичките или утилитаристички визии на литературата во прочуениот вовед на неговиот епистоларен роман „Госпоѓицата де Мопен“ (Mademoiselle de Maupin, 1835). Исто така ги пишува своите први новели, меѓу кои „Кафематот“ (1831), со фантастична нишка која ќе ја продлабочи во други негови дела („Роман за мумијата“ (Le Roman de la momie), 1858).

Во 1836 година, на барање на Балзак, тој објавува новели и уметнички критики во весникот „Ла кроник де Пари“ (La Chronique de Paris – Париска хроника). Потоа интензивно соработува со други весници, особено со „Ла прес“ (La Presse – Печат) на Емил Жирарден. Некои од овие текстови подоцна ќе бидат издадени во книги („Гротески“ (Les Grotesques), „Книжевни спомени“ (Souvenirs littéraires)...). Исто така издава песни („Комедијата на смртта“ (La Comédie de la Mort), 1838) и се обидува во театарот со пишување на драми („Ѓаволска солза“ (Une larme du diable), 1839). Во мај 1845 година, оди на големо патување зад Пиринеите од кое произлегува еден бележник на впечатоци („Патување во Шпанија“ (Voyage en Espagne) и нови песни („Еспања“ (España), 1845). Патува и во други земји, во Алжир, Италија, Грција, Египет, од кои исто така произлегуваат разни публикации.

Во 1852 година, излегува од печат „Глазури и камеи“ (Émaux et Camées) која ја надополнува (неколкупати до 1872 година) и со која нејзиниот автор станува водач на школата. Бодлер својата „Цвеќињата на злото“ (Les Fleurs du mal) му ја посветува на „беспрекорниот поет“»[2] и Теодор де Банвил го поздравува бранителот на „ларпурлартизмот“, претходник на парнасовците во потрага по убавото, против лирските изливи на романтичарите и вреднувајќи ја работата врз основа на формата на делото („Вајај, стружи, делкај“ (« Sculpte, lime, cisèle ») пишува Готје во својата песна „Уметноста“ (L’Art), последната од збирката „Глазури и камеи“, издание од 1872 година).

Во 1855 година, Готје ја напушта редакцијата на весникот „Ла прес“ и почнува соработка со „Монитер универсел“ (Moniteur Universel). Како ликовен и театарски критичар, авторот секој месец обезбедува бројни статии за сликарството и културниот живот, како и свои дела пред објавување[3]. Египтологијата е во мода откако Шамполион ги открил тајните на хиероглифското писмо. Од 11 март 1857 година, Теофил Готје ги пасионира своите читатели со „Романот на мумијата“, љубовна приказна која се одвива во времето на фараоните. Во 1848 година, во „Ла прес“, под наслов „Двете ѕвезди“ (Les Deux Étoiles), излегува роман во кој двајца англиски авантуристи се обидуваат да го ослободат Наполеон I од островот Света Елена. Истиот е издаден во „Л’универ илистре“ (L’Univers Illustré- Илустриран свет) од 24 јуни 1865 година под наслов „Убавата Жени“ (La Belle Jenny). [4]

Тој продолжува да издава статии и песни, но пишува и биографија на Оноре де Балзак и авантуристички дела како неговиот роман на наметка и меч „Капетанот Фракас“ (Le Capitaine Fracasse) (1863). Назначен е за библиотекар на принцезата Матилда Бонапарт и ги посетува книжевните салони на Второто Царство, но исто така и уметничкото милје, интересирајќи се за музичарите (пишува за Хектор Берлиоз, Шарл Гуно, Рихард Вагнер, ... и го пишува либретото за балетотЖизел“ на Адолф Адам) како и за сликарите (Ежен Делакроа, Едуар Мане, Гистав Доре, Теодор Шасерио[5]).

Починал во 1872 година оставајќи слика на сведок на книжевниот и уметнички живот на своето време, чии уметнички концепти биле ценети и чие разновидно дело сè уште е признато.

Биографија[уреди | уреди извор]

Првите години[уреди | уреди извор]

Роден во Тарб на 30 август 1911 година}}[1], Теофил Готје долго ќе го сочува „споменот на силуетите на сините планини“. Има три години кога неговото семејство се сели во Париз. И покрај неговата мала возраст, чувствува носталгија и тешко се навикнува на новата околина[6]. Изненадувачки рано, има само пет години кога почнува да чита[6]. Неговите први големи книжевни страсти се „Робинзон Крусо“ и „Пол и Виржини“, кои му оставаат жив впечаток. Тогаш тој сонува да стане морнар, пред пасионирано да се заинтересира за театарот, особено за сценографијата[6].

Во 1820 година, на девет години, кратко останува во гимназијата Луј-ле-Гран во дневен престој. Неговите родители мораат да го извадат после еден триместар затоа што многу ослабел[6]. Посреќен е во гимназијата Шарлемањ како надворешен ученик. Таму го сретнува младиот Жерар Лабрини (идниот Жерар де Нервал). Во тоа време почнува да се интересира и да манифестира особена наклоност за доцните латински поети чиј чуден јазик го фасцинира.

Тој е во прва година кога почнува да го посетува ателјето на сликарот Луј-Едуар Риу (1790-1855), и притоа открива дека тој страда од кратковидост[6].

„Големата продавница... романтична“[уреди | уреди извор]

На 27 јуни 1829 година, Готје го среќава оној кој ќе стане негов литературен „учител“, Виктор Иго, кому му го претставуваат Жерар и Петрус Борел. Оваа случка ја забрзува неговата писателска кариера. На 25 февруари 1830 година, учествува во познатата „битка на Ернани“, облечен во црвен елек[7] што трајно ќе го обележи неговиот дух. Истата вечер, овој пасиониран „ернанист“ го напушта ателјето на Риу.

Водејќи ги „сите големи романтичарски кампањи“, тој ја пишува својата прва стихозбирка чие издавање го финансира неговиот татко. Делото излегува во 1830 година и поминува потполно незабележано. Овие први песни сепак покажуваат еден млад многу вешт поет, освојувајќи го литературното наследство на неговите славни претходници. Сепак Готје покажува оригиналност со вродено чувство за форма и јасен и прецизен израз.

Иго, кондотјер на романтичарското движење, со Теофил Готје, долга коса, мустаќи и капа, одзади

Готје продолжува да го посетува Виктор Иго и неговите блиски. Во овој литературен круг тој се запознава со Селестен Нантеј, кој три години подоцна, кога Готје повторно ќе ги печати своите први стихови, ќе ја илустрира неговата нова стихозбирка со „ултраексцентрична гравура“[6]. Исто така го среќава романтичниот издавач Ежен Рандиел, кој штотуку го објавил „Вечери на Валтер Скот“ (Soirées de Walter Scott) [8]. Во 1833 година во „Млади-Франција“ сочно пишува за животот на уметниците кои го чинат уметничкиот круг. Во ова „барокно“ дело, Готје е луциден и ироничен сведок на „скапоцените смешни на романтизмот“[6]. Две години подоцна, исто така кај Рандиел го издава романот „Госпоѓица Мопен“ кој предизвикува вистински скандал.

Готје го напушта семејниот дом на плоштадот Вогези и се сели во еден пропаднат хотел, во близина на сегашниот плоштад Карусел, каде е сосед со Камиј Рожје, Арсен Усе и Жерар де Нервал[6]. Апартманот го дели со Ежен Пио.

Почетоците на критичар и новелист[уреди | уреди извор]

Оноре де Балзак, кој го цени неговиот младешки талент, го пратил Жил Сандо да му понуди да пишува за весникот „Ла кроник де Пари“. Готје тука издава новели како „Заљубената смрт“ (La Morte amoureuse) и „Златниот синџир“ (La Chaîne d'or) како и уметнички критики. Ќе биде многу импресиониран од „учителот“ и подоцна ќе придонесе за неговата легенда со биографските портрети на Оноре де Балзак[9].

Портрет од Огист де Шатијон (1839).

Исто така работи за магазинот на Шарл Мало, „Ла Франс литерер“ (La France littéraire), и за дневникот Емил Жирарден, „Ла прес“. Во овој весник, Готје најпрво се ангажира со ликовна критика. Се проценува дека бројот на фељтони и статии кој ги редактирал за овој весник изнесува повеќе од две илјади. Одреден број од овие написи е собран во: „Гротески“ (Les Grotesques), „Историја на сликарите“ (L'Histoire des peintres), „Модерна уметност“ (Art moderne), „Уметностите во Европа“ (Les Beaux-Arts en Europe), „Историја на драмската уметност во последните дваесет и пет години“ (Histoire de l'art dramatique depuis vingt-cinq ans), „Уметничките богатства на Русија“ (Trésors d'art de la Russie), „Современи портрети“ (Portraits contemporains), Историја на романтизмот (Histoire du romantisme), Книжевни спомени (Souvenirs littéraires) и др. Сите овие статии се напишани со воодушевеност и радост на еден чист, течен, беспрекорен и блескав јазик. Готје создава свој стил на пишување на уметничка критика која не цели само на судот, на анализата, туку исто така цели да ја обнови исправноста на естетското чувство. Тој бара да го долови, со помош на зборови, визуелното и музичкото чувство предизвикано со директната перцепција на уметничкото дело. Оваа задача на хроничар го окупира целиот негов живот. „Работев во „Ла прес“, во „Фигаро“, во „Ла карикатур“, во „Мизе де фамиј“, во „Реви де Пари“, во „Реви де де монд“, насекаде каде што тогаш се пишуваше.“ Често тешка, оваа секојдневна работа не го спречува да спортува (бокс и пловење) [6] и да продолжи да твори поетски и драмски дела. Така во 1838 година излегува „Комедијата на Смртта“, стихозбирка, доста различна од претходните каде под влијание на Вилијам Шекспир, Јохан Волфганг Гете и Данте Алигиери, Готје го ваја духот на Смртта. Во 1839 година, Готје се оддава на искушение кон театарот, на кој отсекогаш му се восхитува, и ја пишува „Ѓаволска солза“, потоа „Маѓепсаниот трирог“ (Le Tricorne Enchanté) и „Посмртниот Пјеро“ (Pierrot Posthume). Тие се фантазии, самовилски пасторали, лирски театар, невозможен и имагинарен, што тој го оживува во либретата на повеќе балети, од кои најпознат е „Жизела“, првпат одигран на 28 јуни 1841 година во париската Опера, со огромен успех.

Патувања[уреди | уреди извор]

Константинопол

На 5 мај 1840 година, Готје во друштво на Ежен Пио заминува за Шпанија која ја знае од „Раскази од Шпанија и Италија“ (Contes d'Espagne et d'Italie) од Алфред Мисе и „Ориенталките“ (Les Orientales) од Виктор Иго. Неговото „Патување во Шпанија“ (Voyage en Espagne), еден вид на бележник на силни впечатоци, во кој е истакната свежината на погледот, изненадувањето на визијата и постојаната грижа за точноста на кажаното. Овие визии се вдахновение за нови стихови, „Еспања“ (España), кои излегуваат во стихозбирката „Песни“ (Poésies complètes) во 1845 година. Ова прво патување брзо води до други. Во 1845 година е патувањето во Алжир, во 1850 во Италија, во 1852 во Грција и Турција, во 1858 во Русија и во 1869 година во Египет (дописник на Службен весник на Франција за отворањето на Суецкиот Канал [10]). Од секое од овие патувања произлегуваат публикации: „Италија“, „Константинопол“, кои потоа се основа за неговите книжевни дела, романи, новели или песни.

Многу заинтересиран во фотографијата, станува член на Хелиографското друштво во 1851 година.

Зрелост[уреди | уреди извор]

Покрај работата на критичар која ја врши во „Монитер универсел“, Готје сè уште ја има склоноста кон поезијата: како што сведочат неговите пријатели, на пример Емил Бержера или Максим ди Кан, таа останува негова страст, негова забава, негова секојдневна вежба. Така, на 17 јули 1852 година, кога Готје е во Константинопол, излегува неговата прва верзија на „Глазури и камеи“, збирка која сè до 1872 година се збогатува со нови песни.

Во 1857 година, Готје со својата друшка, Ернеста Гризи (сестра на танчарката Карлота Гризи на која ќе ѝ биде љубовник), со своите ќерки, Жидит и Есте, како и неговите две стари сестри, се сели во Неји-сир-Сен, во една мала куќа каде со задоволство ги прима своите пријатели: Шарл Бодлер кого редовно го среќава (сепак нема да отиде на неговиот погреб), Александар Дима – синот, Ернест Фејдо, Гистав Флобер, Пјер Пиви де Шаван како и Гистав Доре.

Од неговата врска со Ежени Фор, многу убава жена, помлада од него и шпанско потекло, тој имал син, Теофил Готје син, роден на 29 ноември 1836 година, кој повеќепати ќе го заменува татка си во „Монитер универсел“.

Во книжевните салони на принцезата Матилда (назначен за нејзин библиотекар), Готје се среќава со некои писатели како Иполит Тен, Шарл Огистен Сент-Бев, Проспер Мериме, Гонкурови, како и одредени сликари како Пол Бодри, Гистав Буланже, Жан-Леон Жером, Фредерик О’Конел кој ќе му го наслика неговиот портрет во 1857 година[11], вајари како Жан-Батист Карпо, научници како Клод Бернар, Луј Пастер и Марселен Бертело. Во ова време Готје е водач на школата. Бодлер се изјаснува како негов следбеник (му ја посветува „Цвеќињата на злото“, определувајќи го како „беспрекорен поет“[2]), Теодор де Банвил му ги посветува своите стихови. Во 1844 година Теофил Готје го основа „клубот на хашишовците“ со Жак-Жозеф Моро, клуб посветен на проучување на канабисот. Овој клуб ќе го посетуваат бројни тогашни уметници, меѓу кои и Шарл Бодлер.

Претседател на Националното уметничко друштво[уреди | уреди извор]

Во 1862 година бил избран за претседател на Националното уметничко друштво, чиј комитет е составен од најпрестижни сликари: Ежен Делакроа, Пјер Пиви де Шаван, Едуар Мане, Албер-Ернест Карје-Белез и Гистав Доре. Изборот на оваа позиција предизвикува завист кај помалку познатите книжевници заради што тој не успева да биде примен во Француската академија и покрај четирите кандидатури (во 1856, 1867, 1868 и 1869 година[12]).

Длабоко потресен од воените случувања во 1870 година, Готје се враќа во Париз, каде ги поминува своите последни дни, нагризен од болеста, но свесен за задачата за образование и за пример што ја имаше за младите генерации. На 23 октомври 1872 година, ноќта, неговото срце престанува да бие. Виктор Иго, Стефан Маларме и Теодор де Банвил му држат последна „погребна здравица“. Закопан е на гробиштата Монмартр во Париз.

Гробот на Теофил Готје (гробишта Монмартр)

Цитати[уреди | уреди извор]

Убаво е само она што не служи за ништо; сè што е корисно е грдо, бидејќи е израз на некоја потреба, а човечките се грди и одвратни како што е неговата сиромашна и немоќна природа.

(Предговор на „Госпоѓицата де Мопен“)

Мора да има длабок рез во срцето за да ги излее своите стихови, божествени златни солзи!

(„Ландскиот бор“, „Еспања“)

Нели е чудно што ноќта, во која нашиот свет е нурнат толку долго време, е толку ретко репродуцирана? А таа има свои убавини, свои питорескни ефекти, свои волшепства и заведувања.

(„Театарски спомени“)

Во 1851 година, Арман Баше му напишал на Теофил Готје барање самиот да се опише. Готје му вратил биографија каде се доверува:

„Сè уште ништо не сум сторил за театарот, и, за да не бидам обвинет за злоупотреба на стилските ефекти, дебитирав со балет: Жизел, во кој Карлота се појави за првпат. Овој балет, чудна работа, имаше огромен успех; се играше и сè уште се игра во сите делови на светот. За еден поет, овој кореографски успех дозволува само да се биде понизен...“

Дела[уреди | уреди извор]

Романи[уреди | уреди извор]

Готје напишал осум романи, сите објавени додека бил жив:

  • Госпоѓица де Мопен. Двојна љубов (Mademoiselle de Maupin. Double amour, 1835)
  • Елдорадо, кој многу брзо станал Фортунио (L'Eldorado, devenu, très vite, Fortunio , 1837-1838)
  • Милитона (Militona, 1847)
  • Невините пријатели (Les Roués innocents, 1847)
  • Двете ѕвезди (Les Deux étoiles, 1848), кој станал Квадратен дел (Partie carrée, 1851), и, на крајот Убавата Жени (La Belle Jenny, 1865)
  • Жан и Жанет (Jean et Jeannette, 1850)
  • Роман за мумијата (Le Roman de la momie, 1858)
  • Капетанот Фракас (Le Capitaine Fracasse, 1863)

Покрај тоа, Теофил Готје е еден од четворицата автори на романот „Крстот на Берни“ (La Croix de Berny), (1845).

Раскази и новели[уреди | уреди извор]

Готје напишал триесетина раскази и новели, повеќето биле во доменот на фантазијата. Следниве новели излегле во „Млади-Франција“ во 1833 година:

  • Под масата (Sous la table)
  • Онифриус или измислените неволји на еден обожавател на Хофман (Onuphrius ou les Vexations fantastiques d'un admirateur d'Hoffmann)
  • Даниел Жовар (Daniel Jovard)
  • Оваа и онаа (Celle-ci et celle-là)
  • Елијас Вилдманстадиус (Élias Wildmanstadius)
  • Купа со пунч (Le Bol de punch)

Следниве новели излегле во „Ѓаволска солза“ во 1839 година:

  • Златниот синџир или делениот љубовник (La Chaîne d'or ou L'Amant partagé)
  • Омфал. Рококо приказна (Omphale. Histoire rococo)
  • Кученцето на маркизата (Le Petit Chien de la marquise)
  • Гнездото на славејчињата (Le Nid de rossignols)
  • Заљубената смрт (La Morte amoureuse)
  • Една ноќ на Клеопатра (Une nuit de Cléopâtre)

Следниве новели првпат излегле во збирката „Новели“ во 1845 година:

  • Златното руно (La Toison d'or)
  • Кралот Кандол (Le Roi Candaule)

Следниве новели првпат излегле во „Тигрова кожа“ (La Peau de tigre) во 1852 година:

  • Илјада и втората ноќ (La Mille et Deuxième Nuit)
  • Павилјонот на вода (Le Pavillon sur l'eau)
  • Двајца глумци за една улога (Deux acteurs pour un rôle)
  • Перничето на една млада девојка (L'Oreiller d'une jeune fille)
  • Овчарот (Le Berger)
  • Стапалото на мумијата (Le Pied de momie)
  • Анжела друг наслов за Кафематот (Angela, autre titre pour La Cafetière)
  • Куќата на стрико ми, друг наслов за Духот од куќата (La Maison de mon oncle, autre titre pour L'Âme de la maison)
  • Детето со чевли од леб (L'Enfant aux souliers de pain)
  • Опиумското луле (La Pipe d'opium)
  • Арија Марсела (Arria Marcella)

Следниве новели излегле во збирката „Романи и раскази“ (Romans et contes) во 1863 година:

  • Двојниот витез (Le Chevalier double)
  • Клубот на хашишинисти (Le Club des hachichins)

Следниве новели излегле првпат во второто издание на „Тигрова кожа“ во 1866 година:

  • Ноќна посета (Une visite nocturne)
  • Лажна конверзија (La Fausse conversion)
  • Страници од албумот на еден млад студент на уметност (Feuillets de l'album d'un jeune rapin)

Една сама новела:

  • Спиритуалист (Spirite , 1866)

Неговата последна новела излегла постхумно во 1881 година:

  • Госпоѓицата Дафне (Mademoiselle Dafné)

Биографии на композитори[уреди | уреди извор]

  • Волфганг Амадеус Моцарт, (1864)
  • Гаспар Спонтини, (1854)
  • Етјен Меил, (1851)
  • Џакомо Мејербер, (1854)
  • Жак Алеви, (1852)
  • Даниел-Франсоа-Еспри Обер, (1850 и 1851)
  • Адолф Адам, (1849, 1850 и 1851)
  • Џоакино Росини, (1852)
  • Гаетано Доницети, (1854)
  • Хектор Берлиоз (1839-1854-1869 и 1870)
  • Фелисјен Давид, (1848 и 1851)
  • Шарл Гуно, (1854)
  • Амброаз Тома, (1850 и 1853)
  • Франсоа Базен, (1849)
  • Виктор Масе (1853)
  • Луј Нидермејер, (1844 и 1853)
  • Фредерик Шопен (1849), и
  • Рихард Вагнер (1857 и 1869)

Разни дела[уреди | уреди извор]

  • Патување во Шпанија (Voyage en Espagne, 1843)
  • Од модата (De la mode, 1858)
  • Оноре де Балзак (биографија) (Honoré de Balzac (biographie), 1859)
  • Вогезите (Les Vosges, 1860)
  • Цртежи од Виктор Иго (Dessins de Victor Hugo, 1863)
  • Извештај за напредокот на поезијата (Rapport sur les progrès de la poésie текст на Викиизвор, 1868)
  • Интимна менажерија (Ménagerie intime, 1869)
  • Природата кај неа (La Nature chez elle, 1870)
  • Слики од седиштето (Tableaux de siège, 1871)
  • Театарски, уметнички и критички спомени (Souvenirs de théâtre, d'art et de critique, Eugène Fasquelle. Texte sur Gallica, 1903
  • Музиката (La Musique), колекција «Bibliothèque-Charpentier», Eugène Fasquelle ; збирка статии издадена при претставувањето на делата на Карл Марија фон Вебер (1866), Лудвиг ван Бетовен, 1911)

Поезија[уреди | уреди извор]

Песна на Теофил Готје на една вазна од 1889 година на Емил Гале (музеј на Екол де Нанси)
  • Поезија (Poésies, 1830), негова прва книга, претопена во Албертус или Душата и гревот (Albertus ou L'Ame et le péché, 1833)
  • Комедија на смртта (La Comédie de la mort, 1838).
  • Еспања (Espagna), која излегува во Поезија од 1845 година
  • Глазури и камеи (Émaux et camées, 1852), која излегува повеќепати, секогаш зголемена, во 1853, 1858, 1863 и на крајот во 1872 во крајна верзија.

Комплетната поезија на Готје, без „Глазури и камеи“ излегува во 1875-1876. Песни том 1 на Галика Песни том 2 на Галика

Балет и театар[уреди | уреди извор]

Теофил Готје е автор на 5 балети од романтичниот репертоар, од кои хронолошки првиот, останува еден од најизведуваните на светот, „Жизела или Вилиеви“. Од друга страна, неговото театарско дело е минорно.

  • Ѓаволска солза (Une larme du diable, mystère, 1839)
  • Жизела или Вилиеви (Giselle, ou les Wilis, балет (1841) на музика на Адолф Адам; текст на Викиизвор
  • Патување во Шпанија, водвиљ (Un voyage en Espagne, 1843)
  • Ла Пери, балет (La Péri, 1845) на музика на Фридрих Бургмилер факт на Викиизвор
  • Маѓепсаниот трирог (Le Tricorne enchanté, 1845)
  • Еврејката од Константин (La Juive de Constantine, 1846); текст на Викиизвор
  • Гледајте но не допирајте (Regardez mais ne touchez pas, 1847)
  • Селам (Le Selam, 1850) симфониски ораториум на музика на Ернест Рејер
  • Париче[13](Paquerette)
  • Жема, балет (1854) на музика на Николо Габриели (Gemma); либретото на Викиизвор
  • Сакантула, балет (1858) на музика на Ернест Рејер (Sacountala)
  • Жената на Диомед (La Femme de Diomède, 1860)

Две збирки излегле во 1855 (Џепен театар (Théâtre de poche) и во 1872 година (Театар. Мистерии, комедии и балети (Théâtre. Mystères, comédies et ballets)), но не се целосни. Неодамна е издадено целокупното театарско дело на Готје, одредени пиеси чекале повеќе од век и пол за да бидат повторно издадени[14].

Патописи[уреди | уреди извор]

  • Tras los montes, кој станал Патувањето во Шпанија (Le Voyage en Espagne, 1843)
  • Цикцак (Zigzags, 1845), станат, зголемен, Каприци и цикцак (Caprices et zigzags, 1852)
  • Италија, незавршен (Italia, 1852)
  • Константинопол (Constantinople, 1853)
  • Кога се патува, збирка статии (Quand on voyage, 1865)
  • Впечатоци од патување во Швајцарија (Impressions de Voyage en Suisse, 1865)
  • Патување во Русија (Voyage en Russie, 1867)
  • Ориентот, постхумно (L'Orient, 1877)
  • Понеделнички одмори, збирка статии, постхумно (Les Vacances du lundi, 1884)

Критики[уреди | уреди извор]

  • Гротески (Les Grotesques, 1843).
  • Изложба 1847 (Salon de 1847)
  • Уметностите во Европа (Les Beaux-Arts en Europe, 1855)
  • Модерната уметност (L'Art moderne, 1856)
  • „Историја на драмската уметност во последните дваесет и пет години“ (Histoire de l'art dramatique en France depuis vingt-cinq ans, 1858).
  • Оноре де Балзак (Honoré de Balzac, 1858)
  • Абецедар на изложбата од 1861 (Abécédaire du salon de 1861)
  • Извештај за напредокот на книжевноста (Rapport sur le progrès des Lettres, 1868).
  • Историја на романтизмот, негово последно дело, недовршено (Histoire du Romantisme, 1874). текст на Викиизвор
  • Современи потрети, постхумно (Portraits contemporains, 1874)
  • Книжевни портрети и спомени, постхумно (Portraits et souvenirs littéraires, 1875)
  • Музејот Лувр (Le Musée du Louvre)

Куриозитети (еротски)[уреди | уреди извор]

  • Писмо до претседателката (Lettre à la Présidente, 1850), издаден во 1890 година

Теофил Готје во музиката[уреди | уреди извор]

Според Ендру Ган[15], близу триста композитори во музика ги преточиле делата на Готје, и многу песни биле конципирани за да бидат преточени во музика.

„Летните ноќи“ (Les Nuits d'été) е циклус од шест мелодии на Хектор Берлиоз на песни извадени од Комедија на смртта. Меѓу другите композитори, може најпрво да се наведат Бизе, Дебиси, Анри Дипарк, Венсан Д’Енди, Жил Масне, Де Фаља, Габриел Форе (Морнарите, Сама, Тага), Ернест Шосон (Последниот лист, Пеперутките, Караванот), Едуар Лало (Роб), Рејналдо Хан, Шарл Гуно и Офенбах (Баркарол).

Меѓу денес помалку познатите композитори се Адолф Адам (Жизела, балет, 1841), Јохан Фридрих Бургмилер (Ла Пери, балет, 1844), Ксавје Боасело, Франсоа Базен, Иполит Монпу, Фелисјен Давид (Во еден бакнеж, Бранот, Султанот Махмуд, Газел), Полин Вјардо (Примавера, Серенада, Ламенто), Ернест Рејер (Селам, симфониски ораториум), Теодор Лабар, Виктор Масе. Може да се наведат и Алир Биро и Наполеон Анри Ребер.

Наводи и белешки[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 раѓањето на Теофил Готје било регистрирано на 30 август 1811, а бил роден во 2 часот наутро „истиот ден“ (дигитализирано).
  2. 2,0 2,1 Оваа огнена посвета нема да ја предизвика благодарноста на Теофил Готје. Кога Бодлер ќе биде осуден, тој нема да го брани и ќе остане нем – Бодлер, Цвеќињата на злото, Џепна книга, стр. 345.
  3. Порано писателите своите дела прво ги објавувале во продолженија во некој весник. На пример Достоевски „Злосторство и казна“ прво ја објавил во продолженија во весник.
  4. На овие два раскази може да им се пристапи на мрежната страница за авторот.
  5. „Hommage posthume à Théodore Chassériau“. http://obvil.paris-sorbonne.fr/corpus/critique/gautier_portraits-contemporains/body-25. .
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 6,7 6,8 Théophile Gautier par lui-même dans L'illustration du 9 mars 1867.
  7. „Извлековме едно прекрасно парче кинески сатен со боја на цреша или цинобер од каселата, кое триумфално го ставивме пред преплашениот кројач, со спокоен изглед и задоволство кое го алармира за нашата причина. (...) За да ја избегнеме злогласната црвена од 93, ставивме малку пурпурна нијанса, бидејќи сакавме да не ни припишуваат никаква политичка намера.“, Теофил Готје, Историја на романтизмот, 1874, глава X.
  8. Le Romantisme et l'éditeur renduel, на Викиизвор
  9. : Théophile Gautier : Balzac, Le Castor astral
  10. M. Nadaux, Théophile Gautier dernier paragraphe
  11. Correspondance générale de Théophile Gautier, Volume 1 p. 124, édité par Claudine Lacoste-Veysseyre, Paris Droz, 1985
  12. Magnol-Malhache, Véronique (2007). Somogy Éditions d'Art. уред. Théophile Gautier dans son cadre. стр. 229. ISBN 9782757201466. https://books.google.com/books?id=5bZmAAAAMAAJ. 
  13. Цвеќе париче и балет (1851) на музика на Франсоа Беноа.
  14. voir à ce sujet: Théophile Gautier et le théâtre, colloque international de juin 2004, dir. Martine Lavaud et F. Brunet, in Bulletin de la Société Théophile Gautier, Шаблон:N°, 2004
  15. http://www.mta.ca/faculty/arts-letters/mll/french/gautier/cassette.htm

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со:
Wikisource
Викиизвор има оригинални дела од или за:
Викиизвор
Викиизворот на француски има изворна содржина поврзана со оваа статија: