Јохан Волфганг фон Гете

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Јохан Волфганг фон Гете

Јохан Волфганг фон Гете (германски: Johann Wolfgang von Goethe; 28 август 1749, Франкфурт на Мајна - 22 март 1832, Вајмар) — германски романописец, поет, драматург, хуманист, научник, философ и десет години премиер на војводството Вајмар.

Гете бил една од клучните фигури на германската литература и движењето Вајмарски класицизам во доцниот 18 и раниот 19 век; ова движење коинцидира со просветителството, Sturm und drang, сентиментализмот и романтизмот. Како автор на Фауст и Теоријата на боите, тој го инспирирал Дарвин во неговото независно откривање на премаксилата на човечката вилица и концентрацијата на идеите за еволуцијата. Влијанието на Гете се ширело низ Европа и за време на следниот век неговата работа била примарен извор на инспирација во музиката, драмата, поетиката и философијата.

Живот[уреди | уреди извор]

Рани години (1749–1765)[уреди | уреди извор]

Таткото на Гете, Јохан Каспар Гете (17101782), живеел со неговото семејство во голема куќа во Франкфурт на Мајна, тогаш дел од Светата Римска Империја. Како богат член на буржоазијата, тој го поминал најголемиот дел од своето време собирајќи препарирани животни и слики. Гетеовата мајка, Катарина Елизабет Текстор (17311808), се омажила за 38-годишниот Јохан Каспар кога имала само 17 години. Сите нивни деца, освен Гете и неговата сестра Корнелија Фридерик Кристијана, кои биле родени во 1750 година, починале на рана возраст. Од татко му, Јохан Волфганг ги наследил смислата за ред и сериозноста, додека од мајка му ги презел ведрината на духот, бујната фантазија и неисцрпната дарба за раскажување.

Јохан Каспар и приватните учители му држеле предавања на Гете за сите општи предмети, посебно јазиците (латински, грчки, француски, англиски и хебрејски). Гете, исто така, земал часови по танцување, јавање и мечување. Тој имал силна одбивност кон црквата и ја окарактеризирал нејзината историја како „редица на грешки и насилство“. Негова голема страст било цртањето; музиката, пак, не му била страст. Гете набрзо постанал заинтересиран за литературата; Фридрих Готлиб Клопшток и Хомер биле меѓу неговите најрани омилени писатели. Тој имал голема посветеност кон театарот, исто така, при што бил многу фасциниран од сцените со кукли кои се одржувале во театарот Вилхелм Мејстер. Неговата желба за сестрано образование особено била поттикната од средбите и разговорите со едне француски офицер кој престојувал во нивната куќа за време на седумгодишната војна. Додека студирал право во Лајпциг, Гете редовно го посетувал театарот и галериите, така што и самиот започнал да се занимава со бакрорез.[1]

1765-1832[уреди | уреди извор]

Во текот на 1770-1771 година, Гете живеел во Стразбур, каде допатувал за да ги доврши студиите. Таму, тој се запознал со творецот на новите антипросветителски идеи, Хердер, од кого научил дека вистинскиот живот треба да се бара во природата и историјата; дека најголемата вредност на човекот лежи во неговата оригиналност и индивидуалност; дека големите дела потекнуваат од срцето и дека поезијата ја создаваат скриените и несвесни изливи на поетскиот гениј. Под неговото влијание, Гете ги засакал Хомер, Шекспир, Осијан и народните песни. Истовремено, тој се вљубил во девојката Фридерика Брион која претставувала инспирација за најполетните песни од неговата младост.[2]

Во 1772 година, одредено време Гете престојувал во Вецлар, по што се вратил во Франкфурт. На почетокот од 1775 година, Гете се запознал со убавата и богата Лили Шенеман со која заминал во Швајцарија, иако се плашел од трајна врска со неа. Таа ги инспирирала Гете за неколку песни, како што се: „На езерото“, “Есенско расположение“, „Поглед на езерото од ридот“ итн. Меѓутоа, поради нескладот меѓу нивните погледи на светот, оваа врска набргу пропаднала и Гете се вратил во Германија, прифаќајќи ја поканата на младиот вајмарски војвода,Карл Август, војвода на Сакс-Вајмар-Ајзенах. Таму, војводата успеал да го приврзе кон себе и Гете останал трајно во Вајмар, каде што на почетокот се бавел со практични работи од областа на геологијата, ботаниката, минералогијата и анатомијата. Во Вајмар, Гете ја запознал госпоѓата фон Штајн, многу образована жена која успеала да го скроти неговиот бунтовен карактер. И нејзе Гете ѝ посветил неколку свои песни („На Шарлота фон Штајн“, „На Лида“, „Ноќни мисли“ итн.).[3]

Една од најважните епизоди во животот на Гете бил неговиот двегодишен престој во Италија, од 1786 до 1788 година, каде што заминал сакајќи да се ослободи од сите обврски и да ѝ се посвети само на поезијата. Таму Гете се запознал со античката култура и се заинтересирал за античката уметност. Патувањето во Рим, Неапол и Сицилија Гете ги опишал во делото „Патување низ Италија“.[4] За време на Француската револуција, Гете присуствувал на неуспешниот воен поход на вајмарскиот војвода против француските востаници, кој го опишал во делото „Војната во Франција“ од 1793 година. Во 1794 година, Гете се зближил со Шилер, со што започнала нивната долга книжевна соработка при што до преселбата на Шилер во Вајмар, во 1799 година, тие интензивно се допишувале, а потоа интензивно се дружеле, разменувале мислења и пишувале. На преминот од 18 кон 19 век, Гете повторно се занимавал со практични проблеми од областа на минералогијата, оптиката, остеологијата и геологијата, а многу малку време посветувал на книжевноста.[5]

Гете починал во Вајмар, на 22 март 1832 година.

За творештвото[уреди | уреди извор]

Раното творештво[уреди | уреди извор]

Гете започнал да пишува поезија под влијание на лектирата, особено германските и француските автори. Неговите први песни имаат претежно духовен и пригоден карактер и директно се под влијание на германските поети од 18 век. Водејќи се од тогашната литературна мода, во Лајпциг, Гете ја објавил својата прва збирка песни во анакреонтичарски дух, „Анета“, а потоа напишал и една симпатична игра со наслов „Табиетите на вљубениот“ во која ги опишал својот однос и љубомората кон Кетхен Шенкопф, ќерката на еден гостилничар од Лајпциг. Неговата поезија од овој период е во „рококо“-стил и во неа Гете ги слави виното, љубовта и епикурејскиот начин на живот. Но, во следната збирка „Нови песни“ и во малата рококо-комедија „Совиновници“ (напишана по враќањето од Лајпциг во Франкфурт), Гете се јавуваат првите знаци на ослободувањето од рококо-стилот и преминот кон други теми. Подоцна, за време на престојот во Стразбур, Гете започнал да пишува силни песни, исполнети со непосредност, природност и вистинитост, во кои тој настојува да ги ослободи своите чувства преку еден вид поетски исповеди. Притоа, покрај песните во наивен тон во стилот на народните песни (како „Ружа на ридот“ или „Кралот во Тула“), кај него се развиваат и слободните ритми кои тој ги користи пишувајќи химни за големите луѓе (како „Прометеј“, „Песна за Мухамед“, „Ганимед“). Заедно со песните посветени на Фридерика Брион, овие химни ги претставуваат најполетните и најубавите стихови на Гете од времето на „бујноста и вриењето“ (Sturm und Drang). По враќањето во Франкфурт, во 1773 година Гете го објавил своето прво поголемо дело, кое му донесло поширока слава - драматаГец фон Берлихинген“.[6]

„Гец фон Берлихинген“[уреди | уреди извор]

По враќањето во Франкфурт, во 1773 година Гете го објавил своето прво поголемо дело, кое му донесло поширока слава - драматаГец фон Берлихинген“ во која доаѓа до израз Гетеовиот бунтовнички дух и желбата за слобода. Подлога на драмата е автобиографијата на витезот Гец, една од најомилените личности на 16 век. Гец е последен остаток од феудализмот, кој и покрај реформирањето, ги зачувал вкусовите и тежнеењата на средниот век, и кој не умеел да ги сфати новите задачи. Тој цел живот го минал во разбојнички напади и војни.

Иако драмата е заснована врз автобиографијата на Гец, во делото Гете не се придржувал доследно на историските факти и го претставил Гец како борец за слобода на селаните и за обединување на Германија. Гете на свој начин го сфатил овој јунак, и средновековен витез-разбојник го претворил во вистински приврзаник на стилот „Sturm und Drang“ на 18 век. Гете го прикажал со идеални особини, како заштитник на правдата. Со ова дело, Гете сакал да укаже на политичките противречности меѓу буржоазијата и стариот феудален сталеж, но неговите современици не го разбрале Гетеовиот повик за борба против тиранијата и претежно се воодушевувале од емоционалните сцени во драмата.[7] Огромното значење на драмата „Гец фон Берлихинген“ е во тоа што му нанел одлучен удар на псевдокласицизмот, но и на сите класични правила утврдени од времето на Шекспир.

Страдањата на младиот Вертер[уреди | уреди извор]

Ова дело има своја подлога од животот на Гете. Во 1772 година тој се пресеилил во Вецлар, каде работел како писар, и требало по желба на татка си да се оддаде на правничката кариера. Романот „Страдањата на младиот Вертер“, објавен во 1774 година, Гете го означил како својата „главна исповед“ и со него стекнал поширока, европска слава.

Во романот ја опишал кралската судска институција во која работел. Таму тој се запознал со двајцата секретари Кестнер и Јерусалем. Меѓу нив се случила историјата што послужила како основа за делото. Кестнер тајно се верил со петнаесетгодишната Лота, која Гете ја запознал и се вљубил во неа. Но кога дознал дека е вереница на пријателот, се обидел да ги контролира своите чувства, и тие продолжиле да другаруваат, иако Кестнер и Лота забележале што се случува во душата на поетот. Во моментот кога Гете веќе не бил во состојба да се бори со себе, заминал од Вецлар, оставајќи му трогателно писмо на својот пријател. Се вратил во Франкфурт и додека се обидувал на своите впечатоци да им даде уметничка форма, добил вест за самоубиството на Јерусалем. Сето ова послужило како тема на познатиот роман.

Младиот Вертер во книжевноста е првиот поголем претставник на сфаќањето на светот што се нарекува „светска тага“, и кое во почетокот на 19 век завладеало во Европа. Вертер е прототип на оние јунаци кои ја прекриле Европа, дури до Русија, со таен печат на челото, со своите несфатливи страдања, потресувајќи ги чувствителните женски срца. Главниот лик во романот е млад идеалист, кој страда не само поради љубовните маки, туку и поради спротивноста на своите идеали со германската стварност, како и поради неспособноста да го премости јазот меѓу своето „јас“ и светот. Низ нагласените и нијансираните расположенија на Вертер се насетува незадоволството на Гете од тогашните општествени околности, кои го спречувале слободниот развој на човечката личност.[8]

Фауст[уреди | уреди извор]

главна статија: Фауст од Гете

Прашањето за ограниченоста на нашето сознание, за личноста на човекот, за односот меѓу науката и верата, сето ова нашло длабок израз во поемата „Фауст“. Немирните идеи да се прејдат границите на човечката природа и сојузот со пеколот поради остварување на тие идеи, народната фантазија им ги припишувала на познати луѓе уште од незапамтени времиња, но тие љубопитни луѓе секогаш биле во рамнотежа: секогаш наоѓале смирување во религијата. Дури во ренесансата се појавил Фауст со своите основни линии, со своето барање и душевната подвоеност.

Прашањето дали Фауст навистина постоел, останува отворено. Според податоците собрани од научниците кои го признаваат постоењето на Фауст, тој се родил во Книтлинген во Виртемберг, се прославил во Германија со волшебништво и маѓионичарство, и умрел околу 1540 година. Личноста на Фауст се поврзува со многу градови. Во Лајпциг, во еден познат вински подрум и денес на ѕидот стои слика поставена во 1525 година, а која го претставува Фауст на винско буре.

Прв од германските писатели кој му посветил внимание на Фауст бил Лесинг, но не успеал да ја доврши драмата, а дури и деловите се изгубени. Фридрих Милер напишал на оваа тема философски роман, но никој не успеал да внесе толку длабока философска содржина како Гете. Гете работел на „Фауст“ околу 60 години, така што во ова дело може да се видат трагите на сите фази од неговото поетско творештво. Всушност, неговата првобитна намера била во рамките на старата легенда за Фауст да го прикаже својот диховен развој.[9] Првиот дел е првпат печатен во 1808 година, но подоцна претрпел измени. Вториот дел е печатен веднаш по смртта на авторот, во 1832 година.

Други дела[уреди | уреди извор]

Од 1770-тите потекнуваат уште две дела на Гете: трагедијатаКлавихо“, која поради вештиот заплет се смета за една од неговите најуспешни драми, и драмата „Стела“, со која тој прикажува еден вид слаб пандан на ликот на Вертер. Исто така, се смета дека со драмата „Клавихо“ Гете сакал да се ослободи од гризењето на совеста поради разделбата со Фридерика Брион. Подоцна, откако се населил во Вајмар, Гете започнува да пишува медитативни песни исполнети со симболизам, како што се: „Божествено“, „Границите на човештвото“, „На Месечината“, „Песната на духовите над водите“, „Патниковата ноќна песна II“ итн. Поради мисловната содржина, овие песни на Гете имаат многу побавен ритам во споредба со песните од младоста, а во неговите балади од оовј период природата се јавува како извор на страв и на среќа.[10]

Патувањето низ Италија во 1786-1788 година претставувало голема инспирација во творештвото на Гете. Така, по враќањето од Италија, во 1888 година, тој ги објавил познатите „Римски елегии“, а во 1790 година и „Венецијански епиграми“, создадени како резултат на неговото второ патување низ Италија. Овие две дела ги изразуваат и чувствата на Гете кон Кристијана Вулпиус, која подоцна му станала жена. По враќањето од Италија во Вајмар, Гете ги објавил класичните драми: „Егмонт“, „Ифигенија на Таурида“ и „Торквато Тасо“ кои ги дотерувал и преработувал додека бил во Италија, настојувајќи да им даде посовршена форма. Така, „Ифигенија“ и „Тасо“ Гете ги преправил од дотогашната прозна форма во петтостопен јамб, а драмата „Егмонт“ ја оставил во проза. Иако била преработена во Италија, оваа драма покажува знаци на Гете од младоста, и тоа како во поглед на композицијата така и во однос на славењето на храброста и незадоволството од современите општествени прилики. Содржината на „Ифигенија“ Гете ја презел од истоимената драма на Еврипид, но со потполно нова, хуманистичка концепција, иако при нејзиното пишување се придружувал кон трите класични типови на единство.[11]

Под влијание на Француската револуција, Гете напишал неколку помали, често недовршени, дела, а во 1792 година го објавил и делото „Војна во Франција“. Исто така, како реакција на сè поголемиот егоизам во тогашното општество, во 1793 година го препеал долногерманскиот епЛисецот Рајнеке“, во хексаметарски стихови. Во 1794 година, Гете се зближил со Шилер, со што започнала нивната книжевна соработка: до 1799 година, тие интензивно се допишувале, а потоа Гете соработувал со списанијата на Шилер; исто така, двајцата напишале и циклус епиграми во кои ги исмеале медиокритетството и негативните појави во книжевноста; нивната соработка го доживеала врвот во 1797 година, кога двајцата ги напишале најубавите класични балади. Така, Гете ги создал незаборавните „Коринтската невеста“, „Копачот на богатство“, „Ученикот на волшебникот“, „Бог и бајадерата“ итн. Во 1796 година, Гете го завршил романот „Годините на учењето на Вилхелм Мајстер“ во кој пишувал за разни воспитни проблеми. Од тоа време потекнува и идиличниот еп во хексаметри „Херман и Доротеа“ во кој се слават семејниот живот и брачната љубов.[12]

На преминот од 18 кон 19 век Гете пишувал многу малку, бидејќи бил посветен на научната работа од која произлегло делото „Наука за боите“ од 1810 година. Првото поголемо поетско дело го објавил во 1809 година - романотИзбор по сродноста“ во кои пишува за привлекувањето и борбата меѓу човечките склоности и етички принципи. Потоа, тој започнал да ја пишува својата автобиографија, но го завршил само првиот дел „Од мојот живот“, со поднаслов „Поезијата и вистината“, во кој се зборува за неговиот живот од раѓањето до преминот во Вајмар. Подоцнежните фази од животот Гете ги изнесол во делата „Патување низ Италија“, „Патот во Швајцарија 1797. година“, „Војната во Франција“ и во неколку помали дела. Зголемениот интерес за персиската лирика, особено за поетот Хафис, нашло одраз во збирката „Западно-источен диван“, а до крајот на животот успеал да заврши уште две дела на кои работел подолг период: романот „Годините на патувањата на Вилхелм Мајстер“ од 1821 година, каде што ги искажува своите погледи за моралното воспитување на човекот, и вториот дел на “Фауст“, завршен непосредно пред неговата смрт. Според многу критичари, овие две дела не ја достигнале висината на неговите претходни дела. Најпосле, меѓу лирските дела од последната творечка фаза на Гете се издвојува „Мариенбадската елегија“ од 1823 година, како свидетелство за неговото самопрегорно откажување од среќата. Другите песни од овој период се одликуваат со многу рефлексии и гатанки, така што се тешки за толкување. Според симболизмот и параболичното значење особено се истакнуваат неговите „Максими и рефлексии“, кои се формулирани десет години пред неговата смрт.[13]

Во последните децении на својот живот Гете се интересирал и за народното творештво. Всушност, уште во младоста тој ја препеал српската народна песна „Хасанагиница“ за потребите на Хердеровата збирка на народни песни. Подоцна, благодарение на браќата Грим, неговиот интерес уште повеќе за зголемил и тој често објавувал разни статии, рецензии и белешки за народната поезија.[14]

Дела[уреди | уреди извор]

Романи

  • Страдањата на младиот Вертер
  • Годините на учењето на Вилхем Мајстер (1796)
  • Избор према сличности
  • Годините на патувањата на Вилхем Мајстер (1821)
  • Од мојот живот: Поезијата и вистината (Aus meine Leben: Dichtung und Wahrheit)

Драми

  • Гец од Берлихинген (1773)
  • Клавихо
  • Стела
  • Ифигенија во Таурис
  • Егмонт (1788)
  • Торквато Тасо (1789)
  • Фауст, прв дел (1808)
  • Фауст, втор дел (1832)

Песни

  • Прометеј I
  • Кралот џуџе
  • Римски елегии (1888)
  • Лисецот Рајнеке (Reineke Fuchs)
  • Годините на учењето на волшебништво
  • Херман и Доротеја (1797)

Научни дела

  • Метаморфоза на билките (1790)
  • Теорија на боите (1810)
  • Патувањето во Италија
  • Посмртни дела
  • Гетеовите разговори

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 115.
  2. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 115-116.
  3. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 118-116.
  4. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 119-116.
  5. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 120-121.
  6. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 115-117.
  7. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 117.
  8. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 117-118.
  9. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 121.
  10. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 118-119.
  11. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 119-120.
  12. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 120.
  13. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 121-122.
  14. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 122.