Фредерик Шопен

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Фредерик Шопен
Fryderyk (Franciszek) Chopin
Frédéric (François) Chopin
Шопен во 1835 г.
Биографски податоци
Родено име Фредерик Францишек Шопен
Познат(а) и како Шопен
Роден(а) 1 март 1810
Полска Желазова Вола, Полска
Починал(а) 17 октомври 1849
Знаме на Франција
Париз, Франција
Жанрови романтизам
Занимања композитор
пијанист
наставник

Фредерик Шопен (полски: Fryderyk Franciszek Chopin, француски: Frédéric François Chopin; 1 март 1810[1], Желазова Вола – 17 октомври 1849, Париз) — полски[2] композитор за пијано од добата на романтизмот. Се смета за еден од најголемите композитори за пијано на сите времиња.

Роден е во селото Желазова Вола во Варшавското Војводство. Мајка му била Полјачка, а татко му француски иселеник. Во татковината го сметале за чудо од дете, но тој ја напуштил Полска на 20-годишна возраст и никогаш повеќе не се вратил. Подоцна во Париз создал кариера како изведувач, учител и композитор и ја прифатил француската варијанта на неговото име „Фредерик-Франсоа“. Од 1837 до 1847 година бил во бурна врска со француската писателка Жорж Санд. Секогаш бил со нежно и нарушено здравје, па на 39-годишна возраст се разболил од туберкулоза.[3]

Сите Шопенови дела се за пијано (претежно соло), и се смета дека тие му припаѓаат на врвот на репертоарот за пијано. Иако неговата музика се смета за мошне тешка за свирење, неговиот стил дава нагласок на нијанси и експресивна длабочина, а не само на техничката виртуозност. Тој има измислено некои музички форми како баладата,[4] но неговите најзначајни иновации лежат во рамките на постоечките структури како сонатата за пијано, валцерот, ноктурното, етидата, импромптуто и прелудиумот. Покрај ова, Шопен бил првиот западен композитор кој го има користено словенскиот фолклор во своите композиции; така и до денес неговите мазурки и полонези се камен темелник на полската национална класична музика.

Живот[уреди | уреди извор]

Шопен се родил во Желазова Вола близу Сохачев во регионот Мазовија, дел од Варшавското Војводство. Татко му бил Миколај (Никола) Шопен, Французин со далечно полско потекло од Лотарингија кој се преселил во Полска во 1787 година. Миколај се оженил за жена од висока класа, но осиромашено семејство, по име Текла Јустина Крзижановска.

Според неговото семејство, Шопен е роден на 1 март 1810 г. Нема пронајдено извод од матична книга на родените. На неговата крштелница пак, стои дека е роден на 22 февруари 1810 г., но ова најверојатно е грешка на свештеникот.

Детство и младост[уреди | уреди извор]

Родната куќа на Шопен во Желазова Вола

Во октомври 1810 година, кога Фредерик имал осум месеци, семејството се преселило во Варшава, каде татко му станал учител по француски јазик во училиште во Саксонскиот дворец. Живееле понастрана во рамките на дворецот.

Малиот Шопен за прв пат почнал да учи пијано кај неговата постара сестра Лудвика, а подоцна таа задача ја презела мајка му. Неговиот талент бил очигледен уште од многу мали нозе, па во Варшава почнале да го сметаат за „вториот Моцарт“. На седумгодишна возраст искомпонирал полонези (ге-мол и ха-дур), од кои првата била издадена во гравурната печатница на отецот Цибулски, директор на Училиштето за органисти и еден од малкуте музички издавачи во Полска.

Чудото кое било Шопен почнало да излегува по варшавските весници, па „малиот Шопен“ станал атракција на приемите по аристократските салони. Почнал да приредува и јавни добротворни концерти. Се вели дека еднаш бил запрашан што мисли дека на публиката најмногу ѝ се допаднало; на тоа седумгодишниот Шопен одговорил: „Мојата јака“. За прв пат јавно излегол како пијанист на 8-годишна возраст.

Првите професионални часови по пијано ги добил во периодот 1816–1822 од Војтжех Живни. Подоцна Шопен за Живни зборувал со почит и високо мислење, иако самиот тој како дете набргу го надминал учителот. Подоцнежниот развој на Шопеновиот талент бил под надзор на Вилхелм Вирфел. Часовите кај овој прочуен пијанист и професор на Варшавскиот конзерваториум биле непостојани, но од големо значење за Шопеновите способности на орган, а можеби и пијано. Од 1823 до 1826 година Шопен учел на Варшавскиот лицеј, училиштето каде предавал татко му.

Есента 1826 година, Шопен почнал да студира теорија на музиката, генералбас и компонирање во класата на композиторот Јозеф Елснер во Варшавскиот конзерваториум. Контактот со него може да датира уште од 1822 година, и сигурно е дека од 1823 година, Шопен почнал да добива формални часови од него. Го завршил тригодишното образование на конзерваториумот во 1829 година.

Истата година во Варшава, Шопен присуствувал на изведба на Николо Паганини, а го запознал и германскиот композитор Јохан Непомук Хумел. Исто така во 1829 година Шопен ја запознал својата прва љубов, студентката по солфеж Констанција Гладковска. Ова го инспирирало композиторот да стави пеење во своите дела.

Во август 1829 година, три недели по заминувањето од Варшавскиот конзерваториум, Шопен направил брилијантно деби во Виена. За неговите две изведби на пијано добил многу пофални критики, заедно со другите кои го критикувале заради малиот тон со кој свирел на пијаното.

Во декември 1829 година во Варшава премиерно го извел неговиот Концерт за пијано во еф-мол во Трговскиот клуб. На 17 март 1830 г. го извел и вториот пијано концерт во е-мол во Националниот театар.

На 2 ноември 1830 година, Шопен ја напуштил Варшава за да дава концерти во странство, по што никогаш не се вратил во Полска. На крајот на месецот избило Ноемвриското востание, па неговиот сопатник Титус Војчеховски се вратил во татковината за да учествува. Шопен останал во Виена, измачуван од грижи за неговите љубени, па потоа ги посетил Минхен и Штутгарт (каде дознал дека Полска е окупирана од руската војска, и дошол во Париз во септември 1831 г. Тој веќе имал искомпонирано повеќе важни дела, меѓу кои двата концерта за пијано и извесни Етиди Оп. 10.

Париз[уреди | уреди извор]

Споменикот на Шопен во Желазова Вола, дело на вајарот Јозеф Гославски

Во Париз, Шопен бил топло пречекан од истакнатите полски азиланти како и од водечките уметници како Хајнрих Хајне, Алфред де Вињи и Ежен Делакроа. Бил запознаен со некои од најважните пијанисти во тоа време како Фридрих Калкбренер, Фердинанд Хилер и Франц Лист, и станал близок пријател со композиторите Хектор Берлиоз, Феликс Менделсон, Шарл-Валантен Алкан и Винченцо Белини (крај кого е погребан на гробиштата Пер Лашез). Многу од Шопеновите современици веќе со восхит гледале на неговата музика. Меѓу овие бил и Роберт Шуман кој, во неговата критика на Варијации на „Ла чи дарем ла мано“ (од Моцартовата опера Сон Џовани), Оп. 2, се изјаснил: „Капи долу господа! Генијалец.“

За време на неговите години во Париз, Шопен учествувал во многу концерти. Програмите ни даваат извесна слика за богатството на парискиот уметнички живот во ова време. Ваков пример е концертот на 23 март 1833 г., во кој Шопен, Лист и Хилер свиреле соло изведби на Баховиот концерт за три чембала, како и концертот на 3 март 1838 г., каде Шопен, Алкан, Алкановиот учител Пјер Жозеф Цимерман и Шопеновиот ученик Адолф Гутман го свиреле Алкановиот аранжман за осум раце на Бетовеновата 7ма симфонија. Зел учество и во компонирањето на Хексамерон (1837), бидејќи шестата (и последна) варијација на Белиниева тема е негова.

Еден истакнат англиски аматер го има опишано неговото среќавање со Шопен во еден салон:

Замислете си нежен човек од огромна префинетост на израз и манир, како седи на пијано и свири без нишање на телото и скоро без движење на рацете, зависејќи сосема од неговата тесна женствена рака и витки прсти. Широките арпеџи во левата рака, одржувани во постојан тонски тек од строгото легато и префинетата и постојана употреба на гласниот педал, обликуваа хармонична потструктура за извонредно поетичното кантабиле. Неговото деликатно пијанисимо, сепроменливите модификации на тонот и темпото (темпо рубато) имаа неопишлив ефект. Дури и во енергичните делови тој навистина ретко преминуваше мецофорте.

Од Париз Шопен извршил разни посети и турнеи. Во 1834, со Хилер го посетил Рајнскиот музички фестивал во Ахен организиран од Фердинанд Рис. Тука Шопен и Хилер се сретнале со Менделсон, и тројцата продолжиле во посета на Диселдорф, Кобленц и Келн, уживајќи во дружбата, учејќи и свирејќи заедно.

Во 1835 година Шопен се договорил да се сретне со семејството во Карлсбад. Додека бил таму се запознал со грофот Франц фон Тун-Хохенштајн, чии ќерки ги подучувал во Париз. Грофот ги поканил Шопен и неговите родители во неговиот семеен замок на Елба во Дечин. Потоа Шопен ги испратил родителите во Варшава; потоа никогаш повеќе не ги видел. Се вратил во Париз преку Дрезден, каде престојувал неколку недели, а потоа отишол во Лајпциг каде се сретнал со Менделсон, Шуман и Клара Вик. Меѓутоа по патот за назад имал тежок бронхитичен напад, толку сериозен, што некои полски весници пишувале дека умрел.

Во 1836 година Шопен се свршил за седумнаесетгодишната Полјачка Марија Воѕињска, чија мајка инсистирала на тоа ова да остане во тајност. Следната година свршувачката била отповикана од нејзиното семејство.

Жорж Санд[уреди | уреди извор]

Шопен од Ежен Делакроа (1838 г.)
Санд во 1838 г.

Во 1836 година, на забавата кај грофицата Марија д'Аго, љубовницата на Франц Лист, Шопен се запознал со Амандина-Аурора-Лусил Дипен, баронесата Дидеван, попозната под нејзиниот псевдоним, Жорж Санд. Таа била француска писателка романтичарка позната по своите бројни љубовни врски со Проспер Мериме, Алфред де Мисе (1833–34), нејзиниот секретар Александар Мансо (1849–65) и други, меѓу нив можеби и актерката Марија Дорвал.

Отпрвин Шопен ја сметал за неатрактивна, па напишал во писмо до семејството: „Нешто кај неа ми е одвратно“. Меѓутоа Санд, во 1837 година, во извонредно писмо до нејзиниот пријател грофот Војчех Грзимала, расправала дали да му дозволи на Шопен да си продолжи со свршеницата или самата да ја напушти моменталната љубовна врска и да продолжи со него. Санд имала силни чувства за Шопен и била упорна сѐ додека врската не успеала.

Забележителен дел од нивното заедничко време била мизерната зима во Мајорка (1838–1839), каде имале проблеми со наоѓање на пристојно сместување и завршиле во живописниот, но студен манастир Валдемоса. Шопен имал проблеми и со донесување на неговото пијано „Плејел“. Пристигнало од Париз по долго чекање, па заглавило на шпанската граница каде барале да се плати голема царина. Шопен го користел малку повеќе од три недели; остатокот од времето морал да компонира на расклатено најмено пијано за да ги заврши неговите Прелудиуми (Оп. 28).

Таа зима лошото време имала така катастрофални последици по Шопеновото здравје и неговата хронична дробна состојба, што морал да пребега прво во Барселона, па во Марсеј. Иако здравјето му се подобрило, тој никогаш сосема не оздравел од ова. Тој се жалел од докторите во Мајорка со неговата постојана луцидност: „Првиот ми рече дека ќе умрам; вториот рече дека веќе сум ги издишал последните здивови, а пак третиот ми рече дека веќе сум мртов“.

Ги провел летата од 1839 до 1843 година на Сандовиот имот во Ноан. Во овие мирни, но продуктивни денови Шопен искомпонирал многу дела. Во овој период спаѓа и неговата величествена Полонеза во ес-дур, Оп.53, поднасловена како „Херојска“, која сѐ уште е едно од најславните негови дела. Кога се вратил во Париз во 1839 се запознал со пијанистот и композитор Игнац Мошелес.

Во 1845 година, здравјето уште повеќе му се нарушило, и со тоа настанал и сериозен проблем во односот со Жорж Санд. Ова се влошило уште повеќе во 1846 година со проблемите со ќерката на Санд, Соланж и младиот вајар Жан-Батист Огист Клезенже. Таа година Санд го издала своето дело Лукреција Флоријани, чии главни ликови — богата актерка и принц со лошо здравје — може да се протолкуваат како Санд и Шопен; расказот бил неповолен за Шопен. Во 1847 година семејните проблеми ѝ ставиле крај на десетгодишната врска помеѓу Санд и Шопен.

Смрт[уреди | уреди извор]

Шопен во 1849 г.

Во 1848 година Шопен го одржал својот последен концерт во Париз, и ги посетил Англија и Шкотска со неговата ученичка и обожавателка Џејн Стирлинг. Дошле до Лондон во ноември, и иако успеал да приреди концерти и салонски изведби, Шопен бил многу болен. Се вратил во Париз, каде во 1849 година бил оневозможен да предава и изведува.

Сестра му, која го подучувала на пијано, го негувала во станот на Плас Вандом 12. Во ситните часови на 17 октомври Шопен починал. Изутрина Клезенже ја направил неговата посмртна маска и калапи од рацете.

Пред погребот му била исполнета смртната желба да му го извадат срцето пред закоп (се плашел да не биде погребан жив) и да го испратат во урна на сестра му во Варшава. Таму и денес е вѕидано во Црквата на св. Крст во реонот Краковско Предместие, под натписот од Матеј VI:21: „зашто каде е твоето богатство, таму ќе биде и твоето срце“.

Шопен побарал на погребот да му се пее Моцартовиот Реквием. Реквием има големи делови за женски гласови Црквата на Магдалена никогаш не дозволувала женски хористи. Погребот се одложил за речиси две недели, кога црквата попуштила, па дозволила женски хористи да пеат зад црна кулиса.

Погребот се одржал на 30 октомври 1849 г., на кој присуствувале речиси илјада луѓе. На него биле исвирени и Шопеновите прелудиуми бр. 4 во e-мол и бр. 6 во ха-мол.

По негова желба бил погребан на гробиштата Пер Лашез. Крај гробот бил отсвирен неговиот Погребен марш од сонатата Оп. 35 во, во инструментација на Наполеон Анри Ребер.[5]

Подоцна некои од неговите пријатели од Полска дошле во Париз со ќуп од нивната земја, за композиторот да лежи под полска почва.

Шопеновиот гроб привлекува бројни посетители кои секогаш оставаат многу цвеќиња дури и среде зима.

Музика[уреди | уреди извор]

Столб во кој е вѕидано Шопеновото срце, во варшавската Црква на св. Крст
Шопеновиот гроб на гробиштата Пер Лашез во Париз

Шопеновата музика за пијано е комбинација од уникатен ритмички осет (особено со употребата на рубато), честа употреба на хроматицизам и контрапункт. Оваа мешавина дава особено нежен звук во мелодијата и хармонијата, кои сепак имаат за подлога интересни хармониски техники. Тој го зел новиот салонски жанр ноктурно измислен од ирскиот композитор Џон Филд, и го разработил до нови длабочини на софистикација. Само три од 21 ноктурно биле издадени по неговата смрт во 1849 година, наспроти неговата волја.[6] Тој исто така ги обдарил популарните танцови форми како полската мазурка и валцерот, Виенскиот валцер, со поширок дијапазон на мелодија и израз. Шопен бил првиот кој компонирал балади[4] и скерца како поединечни дела. Исто така го зел примерот на Баховите прелудиуми и фуги, претворајќи го жанрот во своите прелудиуми.

Неколку од Шопеновите дела се денес мошне познати — вакви примери се Револуционерна етида (Оп. 10, бр. 12), Минутен валцер (Оп. 64, бр. 1), и третиот став од сонатата поднасловена како Погребен марш (Оп. 35), која често се користи како архетипична претстава за тага. (Треба да се спомене дека самиот Шопен никогаш не им давал наслови на делата, туку само жанр и број, така оставајќи му ги сите потенцијални вонмузички асоцијации на слушателот. Експресивните и атмосферски наслови по кои денес знаеме многу негови дела се сите измислени од некој друг) Револуционерна етида не била искомпонирана заради неуспешното востание во Полска против Русија; тоа е временска коинциденција. Погребниот марш пак бил искомпониран пред остатокот од сонатата во која се содржи, но точната прилика не се знае; изгледа дека не бил инспириран од некоја конкретна психолошка состојба.[7] Други мелодии пак, биле понатаму искористени како основа за популарни песни, како на пример бавниот дел од Фантазија-импромпту (Оп. постх. 66) и првиот дел од Етида Оп. 10 бр. 3. Овие дела често се засноваат на интензивниот и персонализиран хроматицизам, како и од мелодиската крива сродна на оперите во Шопеновото време — оперите на Џоакино Росини, Гаетано Доницети, и особено на Белини. Шопен со помош на пијаното ја пресоздавал грациозноста на пејачкиот глас, а постојано зборувал и пишувал за пејачи.

Шопеновиот стил и неговите дарби станале сѐ повеќе влијателни. Роберт Шуман бил неверојатно голем обожавател на Шопеновата музика— иако ова чувство не било возвратено — и тој земал мелодии од Шопен, па дури и именувал едно дело од неговата свита Карневал по Шопен.

Франц Лист пак, уште еден голем обожавател и личен пријател на Шопен, често транскрибирал Шопенови полски песни за пијано.

Шопен ги изведувал своите дела во концертни сали, но почесто во поинтимна салонска атмосфера со пријатели. Но само подоцна, кога здравјето сериозно му се нарушило, Шопен сосема се откажал од јавни настапи.

Исто така влијателни станале и неговите технички иновации. Неговите прелудиуми (Оп. 28) и етиди (Оп. 10 и 25) набргу станале стандардни дела, и инспирација за Листовите Трансцедентални етиди и Шумановите Симфониски етиди. Александар Скрјабин исто така претрпел големо влијание од Шопен; на пример, неговите 24 Прелудиуми, Оп. 11 се инспирирани од Шопеновиот Оп. 28.

Меѓу најголемите изведувачи на Шопеновата музика се вбројуваат: Владимир де Пахман, Раул Пуњо, Ингнациј Јан Падеревски, Мориц Розентал, Сергеј Рахманинов, Алфред Корто, Игнац Фридман, Раул Кочалски, Артур Рубинштајн, Мјечислав Хоршовски, Клаудио Аро, Владо Перлемутер, Свјатослав Рихтер, Владимир Хоровиц, Дину Липати, Владимир Ашкенази, Марта Аргерич, Маурицио Полини, Мурај Пераија, Кристјан Цимерман, Евгениј Кисин, Симон Трпчески.

Рубинштајн се искажал за Шопен и универзалноста на неговата музика вака:

Шопен бил универзално препознатлив гениј. Неговата музика освојува најразновидна публика. Кога првите Шопенови ноти прозвучуваат низ салата, имаме среќни воздишки на препознавање. Ширум сиот свет мажи и жени ја знаат неговата музика. Ја обожаваат. Трогнати се од неа. Сепак ова не е „романтистичка музика“ во бајроновска смисла. Не раскажува приказни и не слика сцени. Таа е експресивна и лична, но сепак е чиста уметност. Дури и во ова апстрактно атомско време каде што чувствата не се во мода, Шопен продолжува да живее. Неговата музика е универзалниот јазик на меѓучовечкото општење. Кога го свирам Шопен им зборувам директно на срцата на луѓето!

Стил[уреди | уреди извор]

Иако Шопен живеел во првата половина на XIX век, тој бил образован во традицијата на Бетовен, Хајдн, Моцарт и Клементи; тој дури ја користел Клементиевата метода за подучување на пијано. Претрпел влијание и од Хумеловиот развој во виртуозната, но сепак моцартовска, пијанистичка техника. Еден од неговите ученици, Фридерика Мулер во нејзиниот дневник за Шопеновиот изведбен стил напишала:

Неговата изведба секогаш беше благородна и прекрасна; тоновите му пееја, било во полно „форте“ или најмеко „пијано“. Со неизмерна макотрпност се трудеше да ги научи учениците на изведбениот стил „легато“, „кантабиле“. Најострата негова критика беше: „Не знае како да сврзе две ноти“. Исто така бараше најстрого внимавање на ритам. Мразеше секава флегматичност и влечкање, погрешно поставени „рубата“, како и претерани „ритарданда“ ... и токму тука луѓето прават такви ужасни грешки при изведба на неговите дела.

Шопеновите полонези ја довеле таа музичка форма до ниво повисоко отколку што кој било можел да си замисли дека таа може да стигне. Низата од седум полонези издадени за време на неговиот живот (други девет се издадени постхумно), започнувајќи со парот Оп. 26, поставил сосема нов стандард за компонирање и изведба на музика. Ова било вкоренето во Шопеновата страст за компонирање и издавање на полска музика — по повторниот пад во рацете на Русија. Полонезата во а-дур Оп. 40 бр. 1, „Воена“ и полонезата во ас-дур Оп. 53, „Херојска“, се вбројуваат меѓу неговите најсакани и најизведувани дела.

Романтизам[уреди | уреди извор]

Шопен имал индиферентен став за најголемиот дел од неговите современици, иако имал доста пријатели од романтистите во музиката, книжевноста и ликовната уметност (многу од нив преку Жорж Санд). Меѓутоа многумина сметаат дека Шопеновата музика го претставува врвот на романтистичкиот стил. [8] Релативната класична чистина и дискретност на неговата музика, со малку екстравагантен егзибиционизам, делумно сведочи за неговата длабока почит кон Бах и Моцарт. Шопен никогаш не навлегувал во експлицитно „сценоотсликување“ во музиката, нити пак користел програмски наслови, дури и лутејќи им се на издавачите што ги именувале делата како што ги знаеме денес.

Дела[уреди | уреди извор]

Сите Шопенови дела се за пијано, соло или со придружба. Главно се за соло пијано, но има и неколку за пијано ансамбли со инструменти, меѓу кои второ пијано, виолина, виолончело, глас и оркестар.

Денес зачувани се над 230 Шопенови дела. Разните ракописи и дела од раното детство не се пронајдени.

Споменици[уреди | уреди извор]

Пред Втората светска војна, во горниот дел на варшавскиот Лазјенковски парк. При основата на статуата во летните неделни попладниња се одржуваат бесплатни пијано рецитали на Шопеновите композиции. Стилизираното дрво над Шопеновата фигура е во облик на неговата рака и прсти.

Секои пет години во Варшава се одржува Меѓународниот Шопенов пијанистички натпревар; повремено се доделува и наградата Grand prix du disque de F. Chopin за истакнати снимки на Шопенови дела, ремастерирани или нови.

Во негова чест, во Скопје е именувана улицата „Фредерик Шопен“.

Снимки[уреди | уреди извор]

Марка на Македонска пошта по повод 200-годишнината од раѓањето на Фредерик Шопен (ФДЦ 10б/2010, 8 јуни 2010)

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Некои извори го посочуваат 22 февруари како датум на раѓање; видете Живот за поподробно.
  2. Kennedy, Michael. Oxford Concise Dictionary of Music, Oxford, 2004, Четврто здание., стр. 141.
  3. Smolenska-Zielinska, Barbara. „Chopin — Biography“. Fryderyk Chopin. http://www.chopin.pl/biografia/index_en.html. конс. 10 септември 2006 г. 
  4. 4,0 4,1 Scholes, Percy (1938), The Oxford Companion to Music. Article Ballade.
  5. [1]
  6. Писмо од 12 декември 1853 година од Камил Плејел со Шопеновата сестра, Луиза Једрзејевич, споменато во Chopin — Nocturnes, со белешка од Евалд Цимерман, зима 1979/1980, издадено од G. Henle Verlag (ISM N M-2018-0185-8).
  7. Kornel Michałowski, Grove
  8. Видете на пр. Чарлс Розен, The Romantic Generation, глави 5-7, Harvard University Press 1995. ISBN 978-0-674-77933-4

Наводи[уреди | уреди извор]

  • Selected Correspondence of Fryderyk Chopin. Собрал и прибележал: B. E. Sydow. Превел и уредил: Arthur Hedley. London, Toronto 1962
  • Chopin's Letters. Собрал: Henryk Opieński. Превел: E.L. Voynich. New York 1973
  • George Marek R. и Maria Gordon-Smith, Chopin. A biography. Harper & Row, New York, San Francisco, London 1978
  • (холандски) Bastet, Frédéric L. (1997). Helse liefde: Biografisch essay over Marie d'Agoult, Frédéric Chopin, Franz Liszt, George Sand. Amsterdam: Querido. ISBN 90-214-5157-3. 
  • Eigeldinger, Jean-Jacques, "Chopin vu par ses élèves", Едиц. A LA BACONNIERE
  • Michałowski, Kornel/Samson, Jim: "Chopin, Fryderyk Franciszek", Grove Music Online, едиц. L. Macy (Пристапено на 31 октомври 2006), (членски пристап)
  • Samson, Jim (1996). Chopin. Oxford: Oxford University Press. ISBN 0-19-816495-5. 
  • Siepmann, Jeremy (1995). Chopin: The Reluctant Romantic. London: Victor Gollancz. ISBN 0-575-05692-4. 
  • (германски) Wuest, Hans Werner (2001). Frédéric Chopin, Briefe und Zeitzeugnisse. Cologne. ISBN 3-8311-0066-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • Chopin Music - мреж. место и форум за Шопеновата музика, вклучувајќи и снимки, партитури и галерии на слики.
Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Фредерик Шопен“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).