Франческо Ајец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Франческо Ајец
Francesco Hayez
Autoritratto a 88 anni by Francesco Hayez - Venice.jpg
Автопортрет на возраст од 88 години
Роден(а) 10 февруари 1791(1791-02-10)
Венеција
Починал(а) 21 декември 1881(1881-12-21) (воз. 90 г.)
Милано
Националност Италијанец
Познат(а) по сликарство
Правец романтизам

Франческо Ајец (италијански: Francesco Hayez; 10 февруари 179121 декември 1881) — италијански сликар од периодот на романтизмот, познат по своите велелепни историски дела, политички алегории и исклучителни портрети.

Живот[уреди | уреди извор]

Ајец е роден во Венеција како најмладиот од петте сина на релативно сиромашно семејство. Татко му бил со француско потекло, а мајка му била од Мурано. Малиот Франческо израснал кај тетка си од мајчина страна, омажена за богат бродопоседник и колекционер. Уште од мали нозе покажал дарба за цртање, па тетин му го испратил да го учи занаетот кај реставратор на слики. Подоцна, Ајец продолжува да го учи сликарството кај уметникот Франческо Маџото во текот на три години. Во 1806 г. се запишува на Новата ликовна академија и учи кај професорот Теодоро Матеини. Во 1809 г. го освојува конкурсот на венецијанската Ликовна академија за едногодишни студии на познатата академија „Св. Лука“ во Рим. Останал во градот сè до 1814 г., па се преселил во Неапол, каде добил значајна нарачка од кралот Жоашен Мира да наслика историско дело на тема „Улис на дворот на Алкиној“. Кон средината на 1830-тите го посетувал салонот „Салото Мафеј“ на Клара Мафеј во Милано (која ја насликал на портрет) и таму, во 1850 г. е назначен за директор на академијата „Брера“.

Ајец живеел долго и уживал плодно творештво. Сликите имаат историско-митолошка тематика во неокласичен[1], а потоа романтистички стил. Претставените ликови и настани се преземени од Библијата или класичната антика, понекогаш со родољубив карактер.

„Бакнеж“ (1859)

Творештво[уреди | уреди извор]

Портретите на Ајец ја имаат изразната сила на Енгр и Назарените. Личностите се претставени седнати, со во воздржана црно-бела облека без додатоци. Насликал поголем број на уметници, музичари и благородници. Во подоцнежниот дел од творештвото работел и од фотографии.

Една од омилените тематики на Ајец е полуголата жена, често насликана во во ориентална средина. Харемите и одалиските се омилена тема на романтистичките сликари,[2] кои вака можеле да сликаат сцени и личности на начин неприфатлив во нивните матични општества.

Меѓу Ајецовите дела се истакнува сликата „Бакнеж“ како омилена меѓу современиците и до денес. Популарноста на оваа слика делумно се должи на нејзината достапност, односно тоа што момчето и девојката се анонимни, и не бараат претходно познавање на митологијата и книжевноста за да бидат протолкувани.[3]

Ликовното творештво на Ајец не е лесно за проследување поради тоа што најчесто на делата не им ставал потпис и година. Најприближни информации за сликите добиваме од деловодните книги, каде е наведено кога сликата е купена или продадена. Друга усложнувачка околност е практиката на уметникот да ги слика истите слики во различни периоди со минимални или никакви измени.

Меѓу неговите ученици во академијата се вбројуваат Карло Белџојозо, Аманцио Катанео, Анџело Пјетрасанта, Алесандро Фокози, Франческо Валаперта, Телјо Мила Измаеле, Антонио Тавела, Ламперти Џовани, Сило Антонио Antonio и Ливо Пекора.[4]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Corrado Ricci (1911) Art in Northern Italy. New York: Charles Scribner's Sons. p. 95.
  2. вид. „Големата одалиска“ на Енгр
  3. Alfredo Melani (1905). "Tranquillo Cremona - Painter," Studio International, Vol. 33, pp. 43-45.
  4. *Delle arti del designo e degli artisti nelle provincie di Lombardia dal 1777-1862 by Antonio Caini (1862). Presso Luigi di Giacomo Pirola, Milan. Page 61.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]