Прејди на содржината

Библија

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Свето писмо)
Дел од темата
Христијанство

Христијански крст

Историја на христијанството
Исус од Назарет
Раѓање · Крстење
Распнување· Воскреснување
Велигден

Рано христијанство
Апостолите
Милански едикт · Екуменски совет

Среден век
Голем раскол
Крстоносни војни
Реформација

Свето Тројство
Господ-Отецот
Христос-Синот
Светиот Дух

Христијанска теологија
Црква
Христијанско богослужение
Божествена благодат · Спасение
Проповед на планината
Десет Божји заповеди

Библијата
Стар завет
Нов завет
Апокрифи

Христијански звања

Католицизам
Римокатолицизам · Англикализам
Независни· Стар католизам

Источно христијанство
Православие · Древноисточни цркви
Асирска црква на Истокот

Протестантство
Лутеранство · Калвинизам · Методизам
Анабаптизам · Баптизам · Адвентизам
Евангелизам · Свето движење
Пентекостализам

Антитринитаризам
Јеховини сведоци
Движење за подоцнежните светци
Унитаријанство
Христоделфијани
Единствен пентекостализам

Библија (од грчки (τα) βιβλια, ’книги’, множина од βιβλιον, ’книга’, оригинално деминутив од βιβλος, што од друга страна доаѓа од βυβλος, со значење ’папирус’ од античкиот феникиски град Библос, кој го извезувал овој материјал за пишување) — зборник на свети книги. Често се нарекува и Свето писмо, Божјо слово, Божји збор, Божја реч, Божја книга, Света книга, Словото, итн.[1]

Библија

Библијата се дели на два големи дела: Стар и Нов завет. Стариот завет, или Танак (תנ״ך) на хебрејски, се смета за света книга на Евреите, додека христијаните ги сметаат за свети и Стариот и Новиот завет. Христијаните ја изучуваат Библијата како своја нормативна книга, која дава насоки за животот. Во неа тие наоѓаат послание од Бога (Слово Божјо).

Содржина

[уреди | уреди извор]

Библијата од времето кога била составена па сè до денес, е една од најпродаваните книги на сите времиња. Според бројот на печатени примероци, Библијата е на прво место во светот според Гинис (пет милијарди).[2][3][4][5] Изворни јазици на кои е напишана Библијата се: хебрејски, арамејски (одредени делови) и старогрчки (коине). Бројот на писатели на Библиските книги изнесува повеќе од 40. Во однос на периодот на составување: првата книга од Библијата, Битие (Создавање; Прва книга Мојсеева), е напишана измеѓу 14451405 п.н.е. од страна на Мојсеј, а последната книга од Библијата, Откровение, е напишана измеѓу 9496 н.е. од страна на апостол Јован.

На следнава табела е прикажано кога и од кој се напишани Библиските книги:[6]

Стар завет
Света книга Година на пишување Писател
Битие (Создавање; Прва книга Мојсеева) 1445 — 1405 п.н.е. Мојсеј
Исход (или Излез; Втора книга Мојсеева) 1445 — 1405 п.н.е. Мојсеј
Левит (Левитска; Трета книга Мојсеева) 1445 — 1405 п.н.е. Мојсеј
Броеви (Четврта книга Мојсеева) 1445 — 1405 п.н.е. Мојсеј
Второзаконие (Повторени закони; Петта книга Мојсеева) 1445 — 1405 п.н.е. Мојсеј
Исус Навин 1405 — 1385 п.н.е. Исус Навин
Судии (Судии Израелови) околу 1043 п.н.е. Самоил
Рут (Рута) околу 1030 — 1010 п.н.е. Самоил (?)
1 Самоилова (Прва книга Самоилова) 931 — 722 п.н.е. Анонимен
2 Самоилова (Втора книга Самоилова) 931 — 722 п.н.е. Анонимен
1 Цареви (Прва книга за царевите) 561 — 538 п.н.е. Анонимен
2 Цареви (Втора книга за царевите) 561 — 538 п.н.е. Анонимен
1 Летописи (Прва книга Летописи) 450 — 430 п.н.е. Ездра (?)
2 Летописи (Втора книга Летописи) 450 — 430 п.н.е. Ездра (?)
Ездра 457 — 444 п.н.е. Ездра
Неемија 424 — 400 п.н.е. Ездра
Естир (Естира) 450 — 331 п.н.е. Анонимен
Јов непознато Анонимен
Псалми 1410 — 450 п.н.е. Повеќе автори
Изреки околу 971 — 686 п.н.е. Главно Соломон
Проповедник 940 — 931 п.н.е. Соломон
Песна над песните (Песна Соломонова) 971 — 965 п.н.е. Соломон
Исаија 700 — 681 п.н.е. Исаија
Еремија 586 — 570 п.н.е. Еремија
Плачот Еремиин (Плачот на Еремија) 586 п.н.е. Еремија
Езекил 590 — 570 п.н.е. Езекил
Даниил 536 — 530 п.н.е. Даниил
Осија 750 — 710 п.н.е. Осија
Јоил 835 — 796 п.н.е. Јоил
Амос околу 750 п.н.е. Амос
Авдија (Авдиј) 850 — 840 п.н.е. Авдија
Јона околу 775 п.н.е. Јона
Михеј 735 — 710 п.н.е. Михеј
Наум околу 650 п.н.е. Наум
Авакум 615 — 605 п.н.е. Авакум
Софонија 635 — 625 п.н.е. Софонија
Агеј околу 520 п.н.е. Агеј
Захарија 480 — 470 п.н.е. Захарија
Малахија 433 — 424 п.н.е. Малахија
Нов завет
Света книга Година на пишување Писател
Матеј (Евангелие според Матеј) 50 — 60 н.е. Апостол Матеј
Марко (Евангелие според Марко) 50 — 60 н.е. Марко
Лука (Евангелие според Лука) 60 — 61 н.е. Лука
Јован (Евангелие според Јован) 80 — 90 н.е. Апостол Јован
Дела Апостолски (Дела на апостолите) 62 н.е. Лука
Римјаните (Послание до Римјаните) 56 н.е. Апостол Павле
1 Коринќаните (Прво послание до Коринтјаните) 55 н.е. Апостол Павле
2 Коринќаните (Второ послание до Коринтјаните) 55 — 56 н.е. Апостол Павле
Галатите (Послание до Галатјаните) 49 — 50 н.е. Апостол Павле
Ефешаните (Послание до Ефесјаните) 60 — 62 н.е. Апостол Павле
Филипќаните (Послание до Филипјаните) 60 — 62 н.е. Апостол Павле
Колошаните (Послание до Колосјаните) 60 — 62 н.е. Апостол Павле
1 Солунците (Прво послание до Солуњаните) 51 н.е. Апостол Павле
2 Солунците (Второ послание до Солуњаните) 51 — 52 н .е. Апостол Павле
1 Тимотеј (Прво послание до Тимотеј) 62 — 64 н.е. Апостол Павле
2 Тимотеј (Второ послание до Тимотеј) 66 — 67 н.е. Апостол Павле
Тит (Послание до Тит) 62 — 64 н.е. Апостол Павле
Филимон (Послание до Филимон) 60 — 62 н.е. Апостол Павле
Евреите (Послание до Евреите) 67 — 69 н.е. Непознат
Јаков (Послание на апостол Јаков) 44 — 49 н.е. Јаков - полубратот на Исус
1 Петар (Прво послание на апостол Петар) 64 — 65 н.е. Апостол Петар
2 Петар (Второ послание на апостол Петар) 67 — 68 н.е. Апостол Петар
1 Јован (Прво послание на апостол Јован) 90 — 95 н.е. Апостол Јован
2 Јован (Второ послание на апостол Јован) 90 — 95 н.е. Апостол Јован
3 Јован (Трето послание на апостол Јован) 90 — 95 н.е. Апостол Јован
Јуда (Послание на апостол Јуда) 68 — 70 н.е. Јуда — полубратот на Исус
Откровение 94 — 96 н.е. Апостол Јован

Книгите на Стариот завет се делат на:

  1. Книги на „Законот“, познати и како „Петокнижие“ или „Пентатеух“: Битие (Создавање; Прва книга Мојсеева), Излез (Исход; Втора книга Мојсеева), Левит (Левитска; Трета книга Мојсеева), Броеви (Четврта книга Мојсеева), Второзаконие (Повторени закони; Петта книга Мојсеева).
  2. Историски книги: Исус Навин, Судии (Судии Израелови), Рут (Рута), 1 Самоилова (Прва книга Самоилова), 2 Самоилова (Втора книга Самоилова), 1 Цареви (Прва книга за царевите), 2 Цареви (Втора книга за царевите), 1 Летописи (Прва книга Летописи), 2 Летописи (Втора книга Летописи), Ездра, Неемија, Естир (Естира).
  3. Поетски и поучни книги: Јов, Псалми, Изреки, Проповедник, Песна над песните (Песна Соломонова).
  4. Книги на големите пророци: Исаија, Еремија, Плачот Еремиин (Плачот на Еремија), Езекил, Даниил.
  5. Книги на малите пророци: Осија, Јоил, Амос, Авдија (Авдиј), Јона, Михеј, Наум, Авакум, Софонија, Агеј, Захарија, Малахија.

Книгите на Новиот завет се делат на:

  1. Евангелија: Евангелие според Матеј, Евангелие според Марко, Евангелие според Лука, Евангелие според Јован.
  2. Почетоци на христијанската црква: Дела Апостолски.
  3. Посланија (Писма) до конкретни цркви: Римјаните (Послание до Римјаните), 1 Коринќаните (Прво послание до Коринтјаните), 2 Коринќаните (Второ послание до Коринтјаните), Галатите (Послание до Галатјаните), Ефешаните (Послание до Ефесјаните), Филипќаните (Послание до Филипјаните), Колошаните (Послание до Колосјаните), 1 Солунците (Прво послание до Солуњаните), 2 Солунците (Второ послание до Солуњаните).
  4. Пасторални Посланија (Писма): 1 Тимотеј (Прво послание до Тимотеј), 2 Тимотеј (Второ послание до Тимотеј), Тит (Послание до Тит), Филимон (Послание до Филимон), Евреите (Послание до Евреите).
  5. Соборни Посланија (Писма): Јаков (Послание на апостол Јаков), 1 Петар (Прво послание на апостол Петар), 2 Петар (Второ послание на апостол Петар), 1 Јован (Прво послание на апостол Јован), 2 Јован (Второ послание на апостол Јован), 3 Јован (Трето послание на апостол Јован), Јуда (Послание на апостол Јуда).
  6. Пророчка книга: Откровение.

[7] Библијата е составена од 66 книги, од кои 39 се во Стариот завет, а 27 се во Новиот завет. Кај проширената (православна и католичка) Библија, во Стариот завет има дополнителни 11 книги, таканаречени Девтероканонски т.е. Апокрифни книги, додека пак кај Новиот завет, бројот на книгите е ист и во православните и во католичките и во протестантските изданија на Библијата, а апокрифните евангелија и посланија, не се прифатени од ниту едни христијани.

Девтероканонски/Апокрифни книги — Стар завет
Во православната Библија Во католичката Библија
2 Ездра Естер (грчка верзија)
3 Ездра Јудита
Товит Тобит
Јудита 1 Макавејска
1 Макавејска 2 Макавејска
2 Макавејска Мудрости
3 Макавејска Сирах
Мудрост Соломонова Барух
Мудрост Сирахова Јеремијево Писмо (посл.)
Послание на Еремија *Додатоци во книгата Данијел (глава 3:24-90; глава 13 и 14)
Варух (Барух)
*Додатоци во книгата Даниил, т.е. Даниил (глава 3:24-90; глава 13 и 14)

*Текстот од Малахија 4-та глава е ставен во 3-та глава

*Има дополнителен Псалм (под број 151)

Овие книги не се прифаќаат како канонски од страна на јудаизмот и Евангелско-протестантските цркви. Причините поради кои Евреите и Евангелско-протестантските цркви не ги признаваат Девтероканонските/Апокрифни книги, се следниве:

  1. Не ги исполнуваат критериумите за каноничност: Дали книгата настапува со Божји авторитет? Содржи ли изрази како: „И рече Бог...“, „Вака вели Господ...“ и сл?; Дали книгата е напишана од препознатлив Божји пророк или Христов ученик (или личност која била придружник и соработник на некој препознатлив Божји пророк или Христов ученик)?; Дали книгата е автентична? (има и плагијати!); Дали е „живо слово“ кое менува животи на подобро?; Дали е контрадикторна со останатиот дел од Светото писмо?; Дали била прифатена и користена од тогашните верници (јудаисти или христијани) како Божја книга? (во времето во кое е напишана).
  2. Содржат историски и географски грешки.
  3. Содржат легенди.
  4. Христос и апостолите никогаш не цитирале од нив.
  5. Рабинскиот концил (во Јамнија, 90 година) не ги признал.
  6. Ниеден концил до 4 век не ги вклучувал во канонот.
  7. Многу свети отци зборувале против нив (Ориген, Атанасиј, Кирил Ерусалимски...).
  8. Римокатоличката црква ги канонизирала Апокрифните книги на концилот во Трент 1546 година. (Но, ја отфрлаат 2 Ездра, затоа што учи против молитви за мртвите!).
  9. Содржат учења спротивни на учењето на Христос, апостолите и пророците: молитви, жртви и дарови за мртвите — 2 Макавејска 12:44-45; Спасение преку давање милостињи; Очистување од грев, преку давање дарови — Товит 12:9; Создавање на светот од материја — Мудрости Соломонови 11:17(18).

Список на Новозаветни апокрифни книги:

Девтероканонски/Апокрифни книги — Нов завет
Ниту една христијанска група не ги прифаќа како боговдахновени книги
Послание на Псевдо-Варнава
Послание до Коринтјаните
Второ Послание на Климент
Пастирот од Хермас
Дидахија, учењето на 12-те
Откровение на Петар; на Јаков; на Дева Марија; на Павле; на Стефан итн.
Делата на Павле и Текла
Послание до Лаодикијците
Евангелие според Евреите
Послание на Поликарп до Филипјаните
Седумте Посланија на Игнатиј
Евангелие според Тома
Дела на Петар; на Филип; на Варнава; на Вартоломеј итн.
Евангелие на Јаков
Евангелие на Јуда (Искариотски)
Евангелија на Петар, Филип, Тома итн.
Евангелие на Марија Магдалена
Дијалог на Спасителот
Пистис Софиа (мудрости за верата)
Софиа Језус Кристи (мудрости на Исус Христос) итн.

Библијата е разнородна збирка од текстови кои настанувале во долг временски период, почнувајќи од 15 век п.н.е.[8] Во Стариот завет е опишан животот на Адам и Ева, Ное, Јов, Авраам, Исак, Јаков, Мојсеј, Давид, Соломон, Пророците како и други личности. Стариот завет претставува завет на Бог со народот Израилев дека ако ги исполнува заповедите Божји ќе биде народ благословен и дека од тој народ ќе се роди Спасителот на Светот, Месијата, Кој ќе биде вечен Цар, и Неговото Царство не ќе има крај. А Новиот завет е Завет на Спасителот Господ Исус Христос дека секој што ќе поверува во Него ќе живее вечно (Јвн. 3:16,36; 8:24), а останатите ќе си ја добијат заслужената казна (вечниот пекол). Секој што верува дека Господ Исус Христос е вистински Бог (Јвн. 1:1-3,14; 5:18,22,23; 8:24; 10:30-33; 14:7-9; 20:26-29; Лк. 5:17-26; Флп. 2:5-8) и не се надева на своите дела за спасение (Рим. 3:20; Еф. 2:8,9), туку на она што Христос го направи на крстот (1 Кор. 5:13; Гал. 3:13), нема да умре, но ќе има живот вечен, а вистинската спасоносна вера секогаш ќе биде пропратена со покајание (Лк. 24:46-48; Мат. 3:8; 4:17; Дела 3:19; 20:21; 2 Пет. 3:9). Покајанието е внатрешно свртување од љубовта за гревот кон живиот Бог (Дела 26:20), со копнеж за прошка (Пс. 51:1,9), за очистување (Пс. 51:2,7,10) и за послушност кон Божјите заповеди (Пс. 119:47,48), а резултатот од таа внатрешна промена ќе биде надворешно видлив (Мат. 7:21; Лк. 3:7-14; 1 Јвн. 2:4). Покајанието означува и спремност да се претрпи сѐ за Христос (Мат. 10:24-39; 16:24-26; Лк. 9:23-25; 14:25-33). Сето тоа, и верата и покајанието, е резултат на нановораѓањето кое само Бог може да го направи (Јвн. 3:3,5; Езк. 36:25-27) - тие се дар од Бога (Еф. 2:8,9; Флп. 1:29; Дела 11:18; 2 Тим. 2:24,25). Библијата учи дека секој човек е грешен (Рим. 3:10-12,23) и дека никој не може да се оправда со своите дела (Рим. 3:20), па затоа Бог Синот (Исус Христос), Кој беше безгрешен (Евр. 4:15; 1 Пет. 2:22; 1 Јвн. 3:5), ја прими казната за сите гревови што некогаш ги извршиле сите вистински верници (минати, тогашни и идни), а Својата праведност им ја припиша на нив (2 Кор. 5:21). Верата е каналот преку кој се припишува Христовата праведност (1 Кор. 1:30; Флп. 3:9; Рим. 3:22,25), и само така човекот може да застане праведен пред Бога и да не биде осуден (Гал. 2:16; Јвн. 3:18; 14:6; Дела 10:43). Добрите дела се резултат на новото срце од Бога и Неговото делување во верниците (Езк. 11:19-20; 36:25-27; 2 Кор. 5:17; Гал. 5:22-23; Флп. 2:13; Јвн. 15:5), а не средство за заслужување спасение (Еф. 2:8-9).

Стар завет

[уреди | уреди извор]

Стариот завет е составен од 39 книги и се дели на пет основни делови: Книги на Законот (од 1 Мој. до 5 Мој), Историски книги (од Ис.Н. до Ест.), Поетски и поучни книги (од Јов до Песната над песните), Книги на големите пророци (од Иса. до Дан.) и Книги на малите пророци (од Ос. до Мал.). Најстарите книги во Библијата се Петте Мојсееви книги. Главната тема на Стариот завет е историјата на Израел и ветувањето за Месијата, Кој треба да произлезе од Израелската нација — специфично од лозата на цар Давид. Стариот завет започнува со создавањето на универзумот, а завршува околу 400 години пред првото доаѓање на Христос. Текот на историјата низ Стариот завет се движи вака:

  • Создавање на универзумот
  • Падот на човекот
  • Светска поплава која ја зафаќа сета планета земја — пресудата од страна на Бог
  • Авраам, Исак и Јаков (Израил) — татковци на избраната нација
  • Историјата на Израел:
    • Египетско ропство — 430 години
    • Излез од Египет и талкање по пустината — 40 години
    • Освојувањето на хананската земја — 7 години
    • Ерата на Судиите — 350 години
    • Обединето царство: Саул, Давид и Соломон — 110 години
    • Разделено царство: Јуда (Јужно Царство) / Израел (Северно Царство) — 350 години
    • Заробеништво во Вавилон — 70 години
    • Враќање од Вавилонско ропство и обновување на земјата Израелска — 140 години

Во Стариот завет, израелскиот народ е одбраниот Божји народ преку кого доаѓа Месијата т.е. Христос („Христос — Χριστός“ е старогрчкиот еквивален за „Месија — מָשִׁיחַ“). Ова е еден номадски народ, кој се движел околу Средоземното Море, меѓу Евроазија и Африка, по течението на реките Еуфрат, Тигар и Нил.[8] Татковци на Израелскиот народ се Авраам, Исак и Јаков (Израил), а Авраам потекнува од лозата на Сим, синот на Ное (1 Мој. 10,11).

Во Стариот завет се појавуваат околу педесетина различни литературни видови: химни, молитви, историски записи, љубовна поезија, есеи, хронологија на родови, пророштва, реалистични приказни, разни изреки и друго. Приказните раскажуваат за верата, борбите, надежите и поразите на ликовите од еврејската заедница.

Втората Мојсеева книга изобилува со чудесни настани: претворање на горката вода во слатка (2 Мој. 15:22-27), стапот во змија (2 Мој. 4:3; 7:10), правење сув пат среде Црвеното Море (2 Мој. 14). Но, најважен дел од оваа книга е моралниот кодекс на однесување или Десетте божји заповеди, кои Мојсеј ги добива на Синајската Гора (2 Мој. 20).

Делот наречен Поетски и поучни книги е најинтересен од литературна гледна точка. Содржи пет книги со различни содржини, а најдраматична е Повеста за Јов, во која се зборува за Божјата правда. Јов бил прогласен за „човек непорочен, праведен, богобојаз­лив и кој го одбегнува злото“ (Јов 1:1,8), и немало друг како него на Земјата. Тој е спореден со Ное и Даниил (Езк. 14:14-20), а исто така е прогласен и за својата духовна издржливост (Јак. 5:11). Тоа не значи дека Јов бил безгрешен (Јов 7:21; 13:26). Библијата вели дека „нема праведен ниту еден… сите згрешија“ (Рим. 3:10,23; сп. Про. 7:20; 1 Јвн. 1:8,10) па затоа „преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој“ (Рим. 3:20). Таа вели дека „Му поверува Аврам на Господ, и тоа му се засмета за праведност“ (1 Мој. 15:6) и дека „еден е Бог, Кој ќе ги оправда обрезаните по вера и необрезаните преку вера“ (Рим. 3:30). Верата им се смета за праведност на вистинските верници (Рим. 4:1-12; Рим. 3:22,28). Апостолот Павле им го напишал следново на верниците во Ефес: „По благодат сте спасени пре­ку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји! Не е од дела, за да не се пофали не­кој“ (Еф. 2:8,9). Но, кога Бог спасува некого, Тој не само што го оправдува грешникот, спасувајќи го од казната за гревот и овозможувајќи му да биде во рајот со Бог, туку го ослободува и од љубовта кон гревот. Затоа вистинската спасоносна вера секогаш ќе биде пропратена со побожност, послушност и добри дела како плод или резултат од спасението — поради тоа во Јак. 2:17 се вели дека „верата, ако нема дела, сама по себе е мртва“. Значи Јов преку верата е прогласен за праведник, бидејќи Исус, на крстот ја зема казната за гревовите на сите вистински верници (Јвн. 10:11; 1 Кор. 15:3; Еф. 5:25), не само на тие од Неговата смрт па наваму, туку и на тие пред Неговата смрт (Рим. 3:25,26; Евр. 9:15), а Својата праведност (безгрешниот живот што го живеел на земјата) им ја припишува на нив преку верата (Рим. 3:22; 2 Кор. 5:21; Флп. 3:9). Таа вистинска спасоносна вера на Јов била пропратена со побожен живот, бидејќи срцето на секој вистински верник е нановородено од страна на Светиот Дух (5 Мој. 30:6; Езк. 11:18-20; 36:25-27; Тит. 3:5; Гал. 5:22-23). Приказната иде вака. Дошол Сатаната кај Бог, и Бог му рекол дали го има забележано Јов, дека е непорочен, праведен и богобојазлив човек, кој се отстранува од злото (Јов 1:6-8). Сатаната одговорил дека причината поради која Јов е таков, е Божјиот благослов врз него: многу имот, здрави деца и заштита (Јов 1:9-10). Но, ако му се одземе сето тоа на Јов, тој ќе Го проколне Бог (Јов 1:11). Тогаш Бог се согласил Сатаната да го искуша Јов, само врз него да не крева рака и да не му ја зема душата (Јов 1:12). Тука почнуваат несреќите за Јов: ја губи стоката и слугите (Јов 1:14-17), а децата му загинуваат (Јов 1:18-19). На сето ова Јов одговара:

Гол излегов од утробата на мајка ми, и гол ќе се вратам. Господ даде, Господ зеде. Благословено да биде Господовото име!“ — Јов 1:21

Потоа Сатаната повторно оди кај Бога и добива дозвола да го искуша Јов со страшни рани по телото (Јов 2:1-7). После тоа, дури и сопствената жена на Јов му вели да Го проколне Бога и да умре (Јов 2:9). А Јов на тоа ѝ одговара:

Говориш како безумна. Зар доброто да го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?“ — Јов 2:10

И тогаш започнува филозофската расправа за Божјата справедливост меѓу Јов и неговите пријатели. Се изнесуваат разни тврдења за казните на Бога и нивната намена. Во оваа книга, се алудира на следново прашање: „Зошто вистинските верници кои живеат богоугоден живот страдаат? Зошто Бог го дозволува тоа?“. Бог сакаше да го докаже карактерот на вистинските верници, пред Сатаната и сите демони, ангели и луѓе. Бог дозволи Јов да биде искушуван од Сатаната и со тоа ја докажа Својата поента: Без разлика колкаво ќе биде страдањето на верникот или колку неразбирливо и незаслужено изгледа тоа, спасителната вера не може да се уништи! На крајот од приказната, Бог го благословува Јов, и му враќа двојно од сè што изгубил (Јов 42:10-17).

Главната реалност на книгата е несфатливата мистерија за невиното страдање на вистинскиот верник. Бог наложил Неговите деца да одат во тага и болка, понекогаш поради: грев (4 Мој. 12:10-12), поправна казна (Евр. 12:5-12), зајакнување (2 Кор. 12:7-10; 1 Пет. 5:10), за откривање на Неговата утеха и благодат, па да можат и самите верници да бидат утешители (2 Кор. 1:3-7). Но понекогаш страдањето на светиите (вистинските верници) е неразбирливо, бидејќи тоа страдање е со небесна цел што луѓето не можат да ја разберат (2 Мој 4:11; Јвн. 9:1-3).

Многумина филозофи ја користат оваа Библиска приказна за да расправаат на темата: Божја правда. Кјеркегор и Колаковски пред сè се занимавале со прашањето: „Зошто Творецот, во чии раце стои сè, би му се докажувал на Сатаната?“ Колаковски напишал пародија на ова дело под наслов „Разговори со ѓаволот“, а Гете ја искористил како вовед во својот Фауст.

Песна над песните се вбројува меѓу најдобрите поетски остварувања на древните литератури. Таа е во форма на дијалог, и низ седум пеења даден е цел развој на љубовта. За разлика од двете искривени крајности на аскетската апстиненција и похотливата перверзија надвор од бракот, древната љубовна песна на Соломон ја возвишува чистотата на брачната наклонетост и романса. Песната ги засилува и е паралелна со другите делови од Светото Писмо што го прикажуваат Божјиот план за брак, вклучувајќи ја убавината и светоста на сексуалната интимност помеѓу сопругот и сопругата. Песната стои рамо до рамо со другите класични стихови од Светото писмо што зборуваат на оваа тема (1 Мој. 2:24; Пс. 45; Изр. 5:15-23; 1 Кор. 7:1-5; 13:1-8; Еф. 5:18-33; Кол. 3:18-19; 1 Пет. 3:1-7). Посланието до Евреите ја доловува сржта на оваа песна: „Бракот да се почитува од сите, и брачното легло да се пази неосквернето; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог“ (Евр. 13:4).

Стави ме како знак на срцето

како печат на раката своја
зашто љубовта е силна како смрт
а љубомората тврда како гроб!
Песна над песните 8:6

После комплетирањето на Стариот завет, имало одприлика 400 години на тишина, во кои Бог ниту зборел преку некого, ниту пак боговдахновал некого да напише Божјо Слово. Таа тишина прекинала со доаѓањето на Јован Крстител, кој почнал да прогласува дека ветениот Господ и Спасител дошол.

Пророците јасно зборувале за Новиот завет (Ерм. 31:31-34; Езк. 36:25-27) и за Месијата, чијашто жртва ќе овозможи Новиот завет да се воспостави (Иса. 9:6-7; 53:1-12).

Нов завет

[уреди | уреди извор]

Новиот завет е централното писмено свидетелство на христијанството, во кое основната претставена личност е Исус Христос. Содржи 27 книги, и се дели на шест основни дела: евангелија (Матеј, Марко, Лука, Јован), почетоци на христијанската црква (Дела Ап.), писма до конкретни цркви (од Рим. до 2 Сол.), пасторални писма (од 1 Тим. до Евр.), соборни писма (од Јаков до Јуда) и пророчка книга (Откровение). Напишан е на старогрчки јазик (коине), кој во тоа време бил широко застапен, иако Исус и Неговите ученици зборувале арамејски јазик.

Главната тема на Новиот завет е Исус Христос (ветениот Месија од Стариот завет) и основањето на црквата. Новиот завет започнува со четирите евангелија: според Матеј, според Марко, според Лука и според Јован, иако тие не се најстарите списи во него.[9] Четирите евангелија го запишуваат Исусовото раѓање, живот, смрт, воскресение и вознесување. Иако евангелијата се занимаваат со истите случувања, тие од различни перспективи го прикажуваат најголемиот и најважниот настан на историјата — доаѓањето на Богочовекот (целосно Бог и целосно човек) Исус Христос. Матеј го гледа низ перспективата на Неговото царство; Марко го гледа низ перспективата на Неговото слугување; Лука го гледа низ перспективата на Неговата човечност; Јован го гледа низ перспективата на Неговата божественост. Книгата Дела Апостолски раскажува за влијанието на животот, смртта и воскресението на Господ и Спасителот — Исус Христос. Во книгата е запишано вознесението Христово, доаѓањето на Светиот Дух, раѓањето на црквата, проповедањето на евангелието од страна на апостолите и нивните помошници. Исто така, запишано е и основањето на цркви во Јудеја, Самарија и Римската Империја. Посланијата, пак, биле напишани до цркви и поединци, за да го објаснат значењето на личноста и делото на Исус Христос. Во нив се застапени и многу Библиски теми и доктрини, како на пример: искупението, оправдувањето, осветувањето, Божјата сувереност и човековата одговорност во спасението, службата на Светиот Дух, плодовите на вистинските христијани, духовните дарови, атрибутите на Бог, божествената природа на Христос итн. Новиот завет завршува со книгата Откровение, која почнува со отсликување на тековната црковна ера, а кулминира со Христовото враќање и воспоставување на Неговото земно милениумско царство, носејќи осуда за неверниците, а слава и благослов за верниците. После Христовото милениумско (илјадагодишно) царство, настапува конечниот суд, па следи вечната состојба. Сите вистински верници (старозаветни и новозаветни) од целата човекова историја, ќе влезат во конечната вечна слава која е подготвена за нив, а сите безбожници ќе бидат испратени во пеколот, на вечна казна.

Откровението на Јован Богослов се нарекува уште и апокалипса. Во него авторот ја опишува визијата која Бог му ја дава за конечната победата над злото и смртта. Овој дел од Новиот завет извршил најголема инспирација врз натамошната литература. Инаку, сите елементи од Новиот завет нашле свој одраз во европската уметност: во сликарството, литературата, музиката, скулптурата. Микеланџело, Леонардо, Дирер, Бах и многу други се инспирирале од темите на Библијата воопшто.

Библијата како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]

Библијата и библиските мотиви како тема во книжевноста

[уреди | уреди извор]
  • „Аврамова жртва“ — македонска народна песна.[10]
  • „Салома“ (Salome) — драма на ирскиот писател Оскар Вајлд.[11]
  • „Тројцата мудреци“ (англиски: The Magi) — песна на ирскиот поет Вилијам Батлер Јејтс.[12]
  • „Второто пришествие“ (англиски: The Second Coming) — песна на Вилијам Батлер Јејтс.[13]
  • „Иродијада“ (француски: Hérodiade) — драма во стихови на францускиот поет Стефан Маларме.[14]
  • Страшниот суд“ — песна на унгарскиот поет Шандор Петефи.[15]
  • „Патувањето на кралевите“ (англиски: Journey of the Magi) — песна на британскиот поет Т.С. Елиот.[16]
  • „нова вера, нова библија“ — кус расказ на македонскиот писател Хигсов Бозон од 2011 година.[17]
  • „Псалм 2“ — песна на македонскиот поет Анте Поповски.[18]
  • „Псалм 3“ — песна на Анте Поповски.[19]
  • „Лот, брат Абрахамов“ — песна на Анте Поповски.[20]
  • „Каин“ — песна на рускиот поет Александар Суворов.[21]
  • „На Вавилонската кула“ — песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[22]
  • „Резиме“ — песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[23]

Библијата и библиските мотиви како тема во филмот

[уреди | уреди извор]

Библијата и библиските мотиви како тема во класичната музика

[уреди | уреди извор]

Библијата и библиските мотиви како тема во популарната музика

[уреди | уреди извор]
  • „Псалм“ - песна на македонската група Баклава од 2008 година.[27]
  • „Одење по водата“ (англиски: Walk On The Water) - песна на американската рок-група Криденс Клирвотер Ривајвал (Creedence Clearwater Revival)“ од 1968 година.[28]
  • „Библијата на Гидеон“ (англиски: Gideon's Bible) - песна на американскиот рок-музичар Џон Кејл (John Cale) од 1970 година.[29]
  • „Добриот Самариќанец“ (англиски: Good Samaritan) — песна на британската рок-група Килинг џоук (Killing Joke) од 1982 година.[30]
  • „Содома и Гомороутре“ (англиски: Sodom & Gomorrow) - песна на јамајската реге-група Конгос (Congos) од 1977 година.[31]
  • „Ковчегот со божјите заповеди“ (англиски: Ark Of Covenant) - песна на Конгос од 1977 година.[31]
  • „Левијатан“ (англиски: Leviathan) - музички албум на американската хеви-метал група Мастодон (Mastodon) од 2004 година.[32]
  • „Светата библија“ (англиски: The Holy Bible) — музички албум на британската рок-група Меник стрит причерс (Manic Street Preachers) од 1994 година.[33]
  • „Адам го одгледа Каин“ (англиски: Adam Raised A Cain) - песна на американскиот рок-музичар Брус Спрингстин (Bruce Springsteen) од 1978 година.[34]
  • „Разбуди ме на судниот ден“ (англиски: Wake Me Up On Judgment Day) - песна на британскиот поп-музичар Стив Винвуд (Steve Winwood) од 1986 година.[35]
  • „Јас сум воскресението“ (англиски: I Am The Resurrection) - песна на британската рок-група Стоун Роузис (The Stone Roses) од 1988 година.[36]
  • „Одбројување до Армагедон“ (англиски: Countdown To Armageddon) - песна на американската рап-група Паблик енеми (Public Enemy) од 1988 година.[37]
  • „Една света библија“ (англиски: One Holy Bible) - песна на американската хард-кор група Реган Јут (Reagan Youth).[38]
  • „Мојсиј Законодавецот“ (англиски: Mosè The Lawgiver) - композиција на италијанскиот композитор Енио Мориконе (Ennio Morricone).[39]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  1. „Библија“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „Best-selling book“. Guinness World Records (англиски). Посетено на 2020-12-11.
  3. Businessweek on The Bible: "The Bible (2.5 billion copies sold)" (18 July 2005)
  4. Ash, Russell (2001). Top 10 of Everything 2002. Dorling Kindersley. ISBN 0789480433, 9780789480439 Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  5. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-06-19. Посетено на 2011-06-03.
  6. „When were the Bible books written?“. Grace to You (англиски). Посетено на 2020-12-11.
  7. „Основи на христијанската вера: Вистината за Библијата“. Библиски центар Божилак.
  8. 8,0 8,1 Група автори: Македонски јазик и литература, Просветно дело, 2006 г., стр. 222.
  9. Група автори: Македонски јазик и литература, Просветно дело, 2006 г., стр. 229.
  10. Македонски народни балади, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 45-46.
  11. 11,0 11,1 Ovo je opera: Salome - Richard Strauss (пристапено на 26.2.2023)
  12. Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 89.
  13. Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 105.
  14. Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. 27-57.
  15. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 62.
  16. T. S. Eliot, Selected Poems. Harmondsworth, Middlesex: Penguin Books in association with Faber and Faber, 1952, стр. 95-96.
  17. Хигсов Бозон, Педерски Катахрезис, Темплум, Скопје, 2011.
  18. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 61.
  19. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 62.
  20. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 124-125.
  21. Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 223-224.
  22. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 74.
  23. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 79.
  24. HRT (пристапено на 24.12.2017)
  25. „Страдањата на Исус - инспирација за режисерите“, Антена, број 825, 17.4.2014, стр. 10.
  26. Valerio Magreli, „Biografska beleška“, во: Pjer Paolo Pazolini, Put i nebo. Beograd: Mali vrt, 2016, стр. 93.
  27. Baklava, Kalemar, SJF Records 124, 2008.
  28. DISCOGS, Creedence Clearwater Revival ‎– Creedence Clearwater Revival (пристапено на 23.12.2017)
  29. YouTube, John Cale - Gideon's Bible (пристапено на 13.2.2018)
  30. Killing Joke – Revelations (пристапено на 25.1.2023)
  31. 31,0 31,1 DISCOGS, The Congos ‎– Heart Of The Congos (пристапено на 27.6.2019)
  32. Discogs, Mastodon – Leviathan (пристапено на 28 јануари 2021)
  33. Manic Street Preachers – The Holy Bible (пристапено на 12.3.2023)
  34. YouTube, Bruce Springsteen - Darkness on the Edge of Town (1978) - Full Album (пристапено на 17.12.2017)
  35. Steve Winwood, Back in the High Life, Cai 9199, Jugoton.
  36. Discogs, The Stone Roses ‎– The Stone Roses (пристапено на 30.7.2019)
  37. DISCOGS, Public Enemy ‎– It Takes A Nation Of Millions To Hold Us Back (пристапено на 25.8.2019)
  38. YouTube, Reagan Youth - One Holy Bible (пристапено на 5.2.2018)
  39. DISCOGS, Ennio Morricone ‎– The Best Of Ennio Morricone (пристапено на 31.8.2019)