Покајание

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Покајание е постапка со која човекот која грешникот може да добие простување за направените гревови.

Покајанието во христијанството[уреди | уреди извор]

Во оваа Света тајна, христијаните ги исповедуваат своите гревови направени по нивното крштевање пред свештеникот и преку него невидливо добиваат опростување на гревовите од Исус Христос. Секој христијанин, според канонските прописи е должен да ги исповеда своите гревови во дух на искрено покајание и цврсто ветување на Бог, дека ќе се труди со сета своја сила да ги избегнува гревовите и нема да ги повторува истите. По исповедта свештеникот дава благослов за опростување на гревовите, нагласувајќи дека тоа го прави во името на Исус Христос.

Оваа Света тајна ја установил Исус Христос по своето воскрсение, во своето прво јавување на апостолите, давајќи им власт да можат да ги опростуваат гревовите:

Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат[1]

Видливата страна на оваа Света тајна се состои во усмено исповедање на гревовите, благословот од свештеникот и одредените молитви. Невидливата страна се изразува во невидливо опростување на гревовите под дејство на благодатта Божја. За оваа Света тајна верниците се подготвуваат преку пост, молитва и правење добри дела. Потоа, испитување и сознавање на своите гревови, зашто без сознание на гревовите не е можно да има вистински покајание, потполно исповедување на грвовите пред свештеникот, крстот и иконата, со ветување дека ќе продолжи да живее според Божјите закони, бегајќи од гревот, а сé со цел да добие спасение на душата.

Покајанието во средновековната пракса во Западна Европа[уреди | уреди извор]

Почнувајќи од 6 век, во Западна Европа се појавиле т.н. „покајнички книги“ (пенитенцијалии) кои претставувале список на гревовите заедно со соодветните црковни казни. На пример, човекот кој убил некој роднина или го убил својот господар морал да пости долго време, а не смеел да јаде месо и да пие вино, да се капи, да користи оружје (освен во војните против паганите), како и да комуницира со другите христијани; ако таквиот покајник требало да патува некаде, морал да оди пеш, т.е. никако не смеел да јава коњ или да се вози со кочија. Инаку, казните за гревовите не биле ограничени само на пост, молитва и неспиење, туку биле предвидени и различни други казни, како: спиење во вода, на коприви или на лушпи од ореви, спиење во студена црква, па дури и во ковег заедно со мртовецот; потоа, стоење простум со раширени раце во форма на крст, пеејќи стихови од Библијата (palmatae); удирање со дланките по подот; камшикување или самокамшикување, итн. Уште повеќе, пенитенцијалите содржеле и некои необични казни: за рана нанесена на епископ или на кнез, ако таа е видлива три години, требало да се плати колку што изнесувала цената на една робинка; ако на епископот му била искорната косата, на виновникот требало да му се откорнат 12 влакна од косата за секое влакно на епископот.[2]

Пенитенцијалите поаѓале од претпоставката дека врз душата на грешникот може да се влијае преку телесните страдања, а оттука произлегува и нивната фразеологија во која преовладува сфаќањето на епитимијата како лек за душата. На тој начин, во овие дела постојано се среќаваат медицински аналогии, а книгата Corrector на Бурхард Вормски дури има и друг наслов - Medicus. Бидејќи гревот се сметал за еден вид болест на душата, основниот принцип на античката медицина „спротивноста се лечи со спротивност“ (contraria contrariis sanantur) доследно се применувал врз грешниците: гордоста се лечела со понизност, алчноста со милосрдие, мрзата со работа, зборливоста со молчење, лакомоста и пијанството со пост.[3]

Во средниот век била распространета една интересна појава во процесот на [покајување - можноста грешникот да изнајми друг човек кој врз себе би ја примил препишаната црковна казна. Така, во едни пенитенцијали напишани околи 830 година стоела одредбата дека лицата кои не се во состојба да постат, можеле да се откупат при што била одредена и цената за таквата замена: богатите требало да платат 20 солиди за седумнеделно покајание, за помалку богатите цената била 10 солиди, а за сиромашните три солиди. Слично на тоа, во Англија постоел обичајот според кој човекот осуден на покајание во траење од седум години можел да се „исчисти“ од гревовите за три дена, ако наместо него постеле најпрвин 12 луѓе по три дена, а потоа седумпати по 120 луѓе, исто така, за три дена, под услов да постеле само со вода, леб и зеленчук; на тој начин, постот продолжувал онолку дена колку има во седум години.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јован 20, 22-23
  2. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 57-58.
  3. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 58.
  4. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 57.