Вилијам Вордсворт

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вилијам Вордсворт
Роден/а7 април 1770(1770-04-07)
Кокермут, Англија, Обединетото Кралство
Починат/а23 април 1850(1850-04-23) (возр. 80)
Емблсајд, Англија, ОК
ЗанимањеПоет
НационалностАнгличанец
Книжевно движењеРомантизам
Значајни делаЛирски балади“, „Песни во два тома“, „Екскурзија

Вилијам Вордсворт (англиски: William Wordsworth) (7 април 177023 април 1850) — голем англиски поет-романтичар, кој со Самјуел Тејлор Колриџ придонел да започне романтичарската доба во англиската литература со објавување на заедничката збирка Лирски балади во 1798. За ремек дело на Вордсворт се смета Прелудиум, полуавтобиографска поема, напишана во неговите млади години, која поетот ја менувал и проширувал неколкупати. Поемата е посмртно насловена и објавена, откако била општо позната како поема „за Колриџ“. Ворсдворт бил анлиски поет лауреат од 1843 година сè до неговата смрт во 1850 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

Ран живот[уреди | уреди извор]

Второто од петте деца на Џон Вордсворт и Ен Коксон, Вилијам Вордсворт, е роден на 7 април 1770 во Куќата Вордсворт во Кокермаут, Камберленд (1) - дел од живописниот регион во северозападна Англија, Лејк Дистрикт. Неговата сестра, поетеса и пишувач на дневник, Дороти Вордсворт, со која тој бил многу близок целиот свој живот, е родена следната година и двајцата биле крстени заедно. Тие имале и други браќа и сестри: Ричард, најстариот, кој бил адвокат; Џон, роден по Дороти, можел да стане поет и да ужива во природата заедно со Вилијам и Дороти, но загинал во 1805 во бродолом; и Кристофер, најмладиот, кој станал црковен авторитет и предавач на Тринити колеџот во Кембриџ. Нивниот татко бил правен застапник на Џејмс Лутер, првиотот ерл од Лонсдејл и преку неговите врски живеел во голема куќа во мал град. Вордсворт како и неговите браќа и сестри не биле многу приврзани со нивниот татко и тие биле далечни со него сè до неговата смрт во 1783 година. (2)

Таткото на Ворсдворт, иако ретко присутен, го учел поезија, вклучувајќи ја онаа на Милтон, Шекспир и Спенсер, дозволувајќи му на својот син да се користи со библиотеката на својот татко. Освен што го поминувал времето читајќи во Кокермаут, Вордсворт исто така престојувал и во куќата на родителите на неговата мајка во Пенрит, Камберленд. Вордсворт не можел да се справи со неговите баба и дедо и неговиот вујко, па неговите непријателски односи со нив го потресле до таа мера што помислувал на самоубиство. (3)

По смртта на нивната мајка во 1778, Џон Вордсворт го испратил Вилијам во Хоксхедското основно училиште во Ленкшир, а Дороти да живее со роднини во Јоркшир; таа и Вилијам не се виделе следните девет години. Иако првпат посериозно почнал да учи во Хоксхед, Вордсворт научил да чита од својата мајка, а посетувал и мало училиште од слаб квалитет во Кокермаут. Потоа бил испратен во училиште во Пенрит за деца од семејства од повисока класа, подучувани од Ен Биркет, жена која инсистирала да им ги всади на учениците традициите, кои вклучувале извршување иучилишни и локални активности, особено за фестивалите за Велигден, 1 мај и Чист вторник. Вордсворт бил подучуван за Библијата, како и од Спектејтор, но не и други работи. Токму на ова училиште тој се запознал со Хачинсонови вклучувајќи ја Мери, која во иднина ќе биде неговата сопруга. (4)

Вордсворт го прави своето деби во 1787 година, кога објави сонет во Европското списание. Истата година се запишува на Колеџот Сент Џон, Кембриџ и дипломира во 1791. Се враќа во Хоксхед за време на неговите први два летни одмора и честопати ги користи празниците за прошетки и посетување места познати по својата убавина. Во 1790 тргнува на тура низ Европа, за време на која потемелно ги прошетал Алпите, а иги посетил околните области од Франција, Швајцарија и Италија.

Врската со Анета Валон[уреди | уреди извор]

Во ноември 1791 година ја посетува револуционерна Франција и се воодоошевува од републиканското движење. Се заљубува во французинката Анета Валон, која во 1792 го раѓа нивното дете Каролина. Поради недостигот од пари и нетрпеливоста меѓу Британија и Франција, наредната година тој се враќа сам во Англија. (7) Околностите од неговото враќање и неговото последователно однесување поттикнале сомневања за неговата желба да се ожени со Анета, но тој се грижел за нејзината и неговата ќерка најдобро што можел во подоцнежниот живот.Во 1802 година, тој оди во Калаис со неговата сестра Дороти и се среќава со Анета и неговата ќерка Каролина. Причината за посетата била да создаде услови за неговиот претстоен брак со Мери Хачинсон Во текот на овој период, тој ги напишал своите познати стихови „тоа е прекрасна вечер, мирна и слободна“, мислејќи на прошетките со својата ќерка, која ја немал видено десет години. При раѓањето на оваа песна, тој всушност ја немал претходно видено својата ќерка. Во стиховите тој ја открива својата голема љубов и спрема детето и спрема мајката. Власта на теророт го оддалечува од републиканското движење, а војната меѓу Франција и Британија го спречува да се види повторно со Анета и Каролина неколку години. Постојат силни мислења дека Вордсворт можеби бил депресивен и емоционално не стабилен во 1790те. Со мировниот договор од Амјен патувањето кон Франција повторно било дозволено и во 1802 година Вордсворт и неговата сестра Дороти ги посетуваат Анета и Каролина во Франција, при што дошле до заемна согласност во врска со обврските на Вордсворт.

Прво објавување на Лирски балади[уреди | уреди извор]

Во својот предговор кон Лирски балади, кој е наречен манифест на англиската романтичарска критика, Вордсворт ги нарекува своите песни експериментални. Во 1793 година ги објавува првите збирки поезија Вечерна прошетка и Дескриптивни белешки. Тој добива наследство од 900 фунти од Рејсли Калверт во 1795 за да може да продолжи да пишува поезија. Истата година се запознава со Самјуел Тејлор Колриџ во Самерсет. Двајцата бргу развиле блиско пријателство. Во 1797 година Вилијам со неговата сестра Дороти се преселуваат во Алфокстон Хаус, Самерсет, на неколку милји од домот на Колриџ во Недер Стови.. Заедно Вордсворт и Колриџ (со забелешки од Дороти) ја создаваат Лирски балади (1798), значајно дело на англискиот романтизам. На изданието ги немало имињата на Вордсворт и Колриџ како автори. Една од најпознатите поеми на Вордсворт „Тинтерн Аби“ е објавена во изданието заедно со поемата на Колриџ „Римата на стариот морнар“. Второто издание во 1800 година како автор го има само името на Вордсворт и вклучува предговор кон поемите, кој значително се зголемил во изданието од 1802. Овој предговор кон Лирските балади се смета за централно дело во романтичарската литературна теорија. Во него Вордсворт зборува за она што тој го смета за елементи на нов вид поезија, кој се заснова на „реалниот човечки јазик“, а ги избегнува поетските стилови од поезијата од 18 век. Тука Вордсворт ја дава неговата позната дефиниција за поезијата како „спонтано излевање на моќни чувства, кое потекнува од емоции приспомнати во спокојство“. Четвртото и последно издание на Лирски балади е издадено во 1805 година.

Германија и преселбата во Лејк Дистрикт[уреди | уреди извор]

Во есента 1798 Вордсворт, Дороти и Колриџ одат во Германија. Додека Колриџ бил интелектуално стимулиран од патувањето, Вордсворт станал носталгичен. За време на острата зима во 1798-99, Вордсворт живее со Дороти во Гослар, каде и покрај големиот стрес и осаменост, тој започнува да работи на автобиографското дело подоцна насловено Прелудиум. Напишал неколку познати песни вклучувајќи ги “Песни за Луси”. Тој и неговата сестра се враќаат во Англија во Лејк Дистрикт, каде што живее неговиот колега, поетот Роберт Саути. Вордсворт, Колриџ и Саути станале познати како поетите од Лејк. Низ овој период многу од неговите поеми обработуваат теми како што се смртта, истрајноста, разделбата и тагата.

Брак и деца[уреди | уреди извор]

Во 1802 година, по враќањето од неговото патување од Франција со Дороти , наследникот на Лутер, Вилијам Лутер, првиот ерл од Лонсдејл, го плаќа заостанатиот долг од 4000 фунти на таткото на Вордсворт кој се задолжил поради неможноста на Лутер да го плати неговиот помошник. Истата година, Вордсворт се оженил со Мери Хачинсон, пријателка од детството. Дороти продолжува да живее со нив и се зближува со Мери. Наредната година Мери го раѓа првото од петте деца:

  • Џон Вордсворт (18 јуни 1803 -1875). Се оженил четири пати :
  1. Изабела Карвен - имале шест деца: Џејн, Хенри, Вилијам, Џон, Чарлс и Едвард
  2. Хелен Рос
  3. Мери Ен Долан - имале една ќерка: Дора
  4. Мери Гембл
  • Дора Вордсворт (16 август 1804 - 9 јули 1847)

Се омажила со Едвард Квилинан

  1. Томас Вордсворт (15 јуни 1806 - декември 1812)
  2. Катерина Вордсворт (6 септември 1808 - 4 јуни 1812)
  3. Вилијам Вили Вордсворт (12 мај 1810 - 1883)

Се оженил со Фани Греам и имале четири деца: Мери Луиза, Вилијам, Реџиналд и Гордон

Автобиографско дело и Песни во два тома[уреди | уреди извор]

Вордсворт со години правел планови да напише долга филозофска поема во три дела, која сакал да ја именува како Осаменикот. Во 1798- 99 започнал со пишувањето на автобиографска поема, на која не ù ставил наслов, но ја нарекувал Песна за Колриџ, која би послужила како прилог кон Осаменикот. Во 1804 почнал да го проширува ова автобиографско дело откако одлучил тоа да претставува вовед наместо прилог. До 1805 година го завршил, но одбивал да го објави како лично дело сè додека не ја заврши целата поема Осаменикот. Смртта на неговиот брат, Џон, во 1805 година имала големо влијание врз него. Изворот на филозофската посветеност на Вордсворт прикажана во Прелудиум и во многу пократки дела како Стихови напишани на неколку милји над Тинтерн Аби бил извор на многу критички дебати. Иако долго време се претпоставуваше дека Вордсворт главно се потпира на Колриџ за филозофски насоки, понови сознанија упатуваат на тоа дека идеите на Вордсворт биле формирани години пред тој и Колриџ да се запознаат во 1790-те. Додека бил во револуционерниот Париз во 1792, 22-годишниот Вордсворт се запознал со мистериозниот патник Џон „Вокер“ Стјуарт (1747-1822), кој бил на крајот од неговото триесетгодишно патешествие од Мадрас, Индија низ Персија и Арабија, преку Африка и цела Европа, па сè до Соединетите Држави. Уште пред да се запознаат, Стјуарт имал издадено амбициозно дело за оригинална материјалистичка филозофија наречено „Апокалипсата на природата“ (Лондон, 1791), на кое се должат многу од филозофските размислувања на Вордсворт. Во 1807 е издадена неговата Песни во два тома, вклучувајќи ја Ода: Претчувства на бесмртноста според сеќавања на раното детство. Дотогаш Вордсворт бил јавно познат по Лирски балади и се надевал дека оваа збирка ќе го зацврсти неговиот углед. Меѓутоа, таа наишла на слаб прием. Извесен период (почнувајќи од 1810) Вордсворт и Колриџ се отуѓиле поради зависноста од опиум на Колриџ. Две од неговите деца, Томас и Катерина, починале во 1812. Следната година бил назначен за доставувач на марки во Вестморленд, па 400-те фунти што ги добивал годишно го осигурале финансиски. Неговото семејство, вклучувајќи ја и Дороти, се преселило во Ридал Маунт, Амблсајд во 1813 година, каде тој останал до крајот на својот живот.

Предговорот[уреди | уреди извор]

Во 1814 ја објавува „Патувањето“ како втор од трите дела на Осаменикот. Никогаш не ги завршил првиот и третиот дел. Меѓутоа, напишал поетски Предговор кон Осаменикотво кој тој ги објаснува структурата и намерата на поемата. Предговорот содржи некои од најпознатите стихови на Вордсворт за врската помеѓу човечкиот ум и природата:

My voice proclaims How exquisitely the individual Mind (And the progressive powers perhaps no less Of the whole species) to the external World Is fitted:--and how exquisitely, too, Theme this but little heard of among Men, The external World is fitted to the Mind

Некои модерни критичари забележале пад во неговата работа кон средината на 1810те. Но овој пад е можеби промена во неговиот животен стил и верувања, затоа што повеќето од елементите кои ја карактеризираат неговата поезија (загуба, смрт,издржливост, разделба и напуштање) се веќе претставени во неговите дела. Но веќе до 1820 година тој доживува успех кој се должи на пресвртот на современото критичко размислување за неговите рани дела. По смртта на неговиот пријател, сликарот Вилијам Грин во 1823 година, Вордсворт ги возобновува односите со Колриџ. Тие двајцата целосно се смириле до 1828 година, кога заедно тргнале на патување во Рајнската област. Во 1829 година Дороти страдала од тешка болест која ја оставила инвалид до крајот на животот. Во 1835 година, Вордсворт на Анета и Каролина им дава пари кои им се потребни за издржување.

Поет Лауреат и други почести[уреди | уреди извор]

Во 1838 година Вордсворт примил почесна диплома - Доктор по граѓанско право од Универзитетот Дарам и иста диплома од Универзитетот Оксфорд следната година. Во 1842 година владата го наградила со граѓанска пензија од 300 фунти годишно. Со смртта на Роберт Саути во 1843, Вордсворт станал поет лауреат. Кога неговата ќерка Дора починала во 1847, во неговото пишување поезија дошло до застој.

Смртта[уреди | уреди извор]

Вилијам Вордсворт умира при повторното влошување на состојбата на неговиот плеврит на 23 април 1850 година и е погребан во црквата Св. Освалд во Грасмир. Неговата вдовица, Мери, ја објавува неговата долга автобиографска „Поема за Колриџ“ како Прелудиум неколку месеци по неговата смрт. Иако ова не успеало да предизвика голем нтерес во 1850, сепак тоа се смета за негово ремек дело. Негови дела:

Лирски балади со неколку други песни (1798) • Сајмон Ли • Ние сме седум • Стихови напишани во рана пролет • Разубедување и одговор • Превртени маси • Трн • Стихови напишани неколку милји над Тинтерн Аби

Лирски балади и други поеми (1800) • Предговор кон Лирските балади • Чудни напливи на страста сетив • Живееше таа меѓу патишта неразгазени • Три години таа растеше • Сон го запечати мојот дух • Патував меѓу непознати луѓе • Луси Греј • Две априлски утра • Собирање кавтици • Разрушената колиба • Мајкл • Мачето во игра

Песни во два тома (1807) • Одлучност и независност • Скитав осамен ко облак, позната како „Нарциси“ • Срцето ми потскокнува • Ода: Претчувства на бесмртноста • Ода на должноста • Осамениот косач • Елегични строфи • Напишана над мостот Вестминстер, 3 септември 1802 • Лондон, 1802 • Светот е премногу со вас

Патувањето' (1814)

Прелудиум (1850) • Водич кон езерата (1810)

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]