Трансцендентализам

Од Википедија — слободната енциклопедија

Трансцендентализам (англиски: Transcendentalism) - духовно, културно, филозофско и книжевно движење.

Појава и претставници[уреди | уреди извор]

Трансцендентализмот е појавил во првата половина на 19 век, во САД, а негови главни претставници се Ралф Волдо Емерсон и Хенри Дејвид Торо. Неговите корени се наоѓаат во верското и духовното наследство на колонијална Америка и претставува реакција на верската тесноградост својствена на пуританизмот и калвинизмот во тоа време. Исто така, ова движење се јавило како еден вид бунт против културната зависност на САД од Англија и Европа, при што, транседентализмот ја поставил теоретската основа на културното осамостојување на САД. Најпосле, во трансцендентализмот се вградени и филозофските влијанија на класичната филозофија (во прв ред, Платон), германската идеалистичка филозофија и германскиот и англискиот романтизам.[1]

Философски погледи[уреди | уреди извор]

Трансцендентализмот претставува идеалистичко учење, насочено кон создавање нов човек, целосен и независен, кој има потполна верба во себе и се потпира врз сопствената сила. Трансценденталистите сметаат дека луѓето не се избрани или предодредени за нешто, туку својата морална ориентација и своето место во светот можат да ги утврдат врз основа на сопствениот ум. Во тие рамки, најзначајно место зазема интуитивното сознание кое постои во секој човек (т.е. не е резултат на божјата просветленост) и ја претставува неговата потенцијалната способност, низ појавните предмети, да проникне во суштината (битието). Интуитивното сознание, кое ги надминува сетилното и разумското сознание, е средството кое индивиуалната психа ја соединува со општата.
Според трансцендентализмот, поединецот претставува духовен центар на вселената; нејзината структура се пресликува во поединецот и благодарение на тоа, во него може да се најде објаснувањето на природата, историјата и вселената. Така, секое сознание е поврзано со самосознанието. Притоа, секој поединец, без оглед на степенот на образованието, професијата, староста или полот, има способност да го октрие скриеното, суштинското. Во тој поглед, трансценденталистите ги сметаат сите луѓе за еднакви меѓу себе и рамноправни со манифестациите на божественото битие.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Dragan Purešić, „Predgovor“, во: Volt Vitman, Izabrana poezija, Beograd: Plato books, 2008, стр. 10.