Џорџ Гордон Бајрон
Џорџ Гордон Бајрон | |
---|---|
![]() Портрет на Лорд Бајрон од Томас Филипс | |
Роден/а | Џорџ Гордон Бајрон 22 јануари 1788 Лондон |
Починат/а | 19 април 1824 Етолија-Акарнанија, Отоманско Царство | (возр. 36)
Занимање | Поет, политичар |
Книжевно движење | Романтизам |
Сопруг/а | Ана Изабела Бајрон |
Деца | Ада Лавлејс |
Потпис | ![]() |
Џорџ Гордон Бајрон, шестиот барон Бајрон (Лондон, 22 јануари 1788 - 19 април 1824, Мисолонги) — англо-шкотски поет и водечка фигура во романтизмот. Тој бил олицетворение на слободен човечки дух во бунтот против поредокот и рамките на тогашното општество, па оттука и неговата голема популарност кај европските народи, кои биле под јаремот на туѓинскиот и на домашниот деспотизам.
Меѓу неговите најпознати дела се Странствувањето на Чајлд Харолд и Дон Жуан. Последново дело останало недовршено по неговата смрт. Тој бил сметан за еден од најголемите европски поети кој сè уште се чита.[1]
Бајроновата слава се потпира не само на неговото пишување, но и на неговиот живот, кој вклучувал екстравагантно живеење, бројни љубовни афери со двата пола, сомнежи, разделувања, гласини за скандалозна врска со својата полусестра и евентуална смрт од треска по неговото патување да се бори на грчка страна во Грчката војна за независност; за што тој е грчки национален херој. Тој е опишан од Каролина Лем како „луд, лош и опасен да се познава“.
Познат е и по неговата ќерка Ада Лавлејс, чија работа на Аналитичката машина со Чарлс Бебиџ се смета за еден од основачките документи во областа на информатиката, а самата важи за првиот програмер во историјата.
Биографија и дело[уреди | уреди извор]
Својот најзнаковит претставник англискиот романтизам го наоѓа во бујната, нескротлива и поетична личност на Џорџ Гордон Бајрон. Неговите стихови се израз на длабоко проживеаното искуство на непомирлив бунтовник пред конформизмот на сопствената средина, прогнаник, романенпоет задоен со чувството на светската тага и пламен поборник против ропството и тиранијата.
Потомок на осиромашено благородништво, сепак, на десетгодишна возраст се стекнува со титулата лорд и живее во замокот на своите предци, а по завршените студии во Кембриџ станува член на Домот на лордовите. Меѓутоа, никогаш слободарскиот дух на "куциот Аполон" (како што го нарекувале; со едната нога куцал) не се вклопувал во калапот на својата средина. На негативниот прием на неговата прва стихозбирка Часови на бездејство (1807), Бајрон одговара со остра сатира - Англиските барди и шкотските критичари (1809), во која ги напаѓа неприкосновените авторитети на англиската критика, но и поетите. Во младешка резигнација ја напушта земјата. Во текот на неговото патување по средоземјето (Шпанија, Албанија, Грција, Турција) ќе ја напише поемата Странствувањето на Чајлд Харолд (1812-1818), која по враќањето дома му носи неочекувана и мигновена слава. Меѓутоа, неговиот настап во Горниот дом во одбрана на лудистите, разгневените англиски работници, ќе му донесе многу нови непријатели меѓу конзервативното англиско благородништво и конечно и по скандалот околу неговиот развод, ќе биде принуден засекогаш да ја напушти Англија. Извесен период живее во Швајцарија, а последната година од животот ја минува во Грција, воодушевен од грчката борба за национално ослободување.[2]
Како плод на двегодишното патување по средоземјето ги создава и поемите Ѓаур (1813), Абидоската свршеница (1813), Гусар (1814), Лара (1814). Во Швајцарија, меѓу другите, ги создава и драмите Манфред (1817), Каин (1821), Визија на небесното судење (1822). Неговото најобемно дело, хумористично-сатиричната поема Дон Жуан, која претставува духовита, пикарска, бурлескна и разновидно распослана слика на современоста, која во најголемиот дел е сатира на англиските манири на убаво и прифатливо општествено однесување, останува недовршена.
Значење и влијание[уреди | уреди извор]
Гете го критикувал Бајрон кој, иако никогаш во животот не се потчинувал на никаков закон, најпосле му се покорил на најглупавиот закон на трите драмски единства.[3] Германскиот филозоф Фридрих Ниче го истакнува Бајрон како еден од омилените автори, изјавувајќи дека е „длабоко сроден со Бајроновиот Манфред“ и дека во присуство на Манфред никој не смее ниту да го спомне Фауст.[4] Според Јован Дучиќ, заедно со Џон Китс и со Перси Шели, Бајрон е најголемиот англиски лирски поет.[5] Исто така, Дучиќ смета дека поетите од типот на Бајрон се повеќе опасни и духовни, отколку душевни. Од друа страна, тој смета дека Бајрон засекогаш ќе остане како поет кој луѓето го читаат на возраст од дваесетина години, зашто тој ги опеал страстите и идеите на младиот свет.[6]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ Паскал Гилевски, Раде Силјан, Романтизам, Матица Македонска, Скопје, 2004, стр. 128 - 132
- ↑ Раде Силјан, Прилози за наставата по литература, Матица Македонска, Скопје, 2001 стр. 38 - 40
- ↑ J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 76.
- ↑ Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 53.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 301.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 293.
|