Аполон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Apollo sauroctonus, римска копија во музејот Лувр
Аполон кој држи во рацете лира, еден од неговите симболи, претставен преку една статуа од 1 век.

Аполон (старогрчки: Ἀπόλλων) во старогрчката митологија а подоцна и во римската бил еден од главните божества на Олимп, заштитник на земјата, пролетта, ловот, младината, музиката, поезијата, пророчките моќи, танцот, морето, светлоста и сонцето, предводник на музите. За неговото раѓање постојат повеќе варијанти, а најчестата е онаа според која се раскажува дека е син на Ѕевс и Летó (или Латона кај Римјаните), брат близнак на божицата Артемида (кај Римјаните Дијана). Митот раскажува дека Аполон и Артемида биле плод од вонбрачната врска на Ѕевс и Лето и кога божицата Хера разбрала за тоа многу се налутила и, сакајќи да ѝ се одмазди на Лето, ѝ забранила да ги роди на било која земја, било тоа континент или остров. Очајна, Лето талкала сè додека не стигнала до островот Делос кој, согласно митот, не бил целосно спуштен на тлото и така токму таму Лето можела да го роди Аполон.

Култот кон богот Аполон се негувал во бројни места во грчкиот и римскиот свет од кои најпознатото е секако Делфи. За разлика од другите божества кои имале соодветни еквиваленти во римската митологија, овој бог бил директно преземен од Старите Грци. Така на пример, за време на Втората пунска војна биле воведени олимписки игри во чест на богот Аполон, а култот бил засилен во времето на императорот Август кој, за да ја зацврсти власта, тврдел дека води потекло токму од Аполон.

Во етрурската митологија можно е да се најде некоја врска меѓу Аполон и етрурскиот бог на громовите, Аплу или Апуло. Сепак, сѐ уште не е сосем јасно дали Етрурците го презеле овој бог од грчката митологија.

Поврзано[уреди]