Афродита

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Афродита, Национален Арехеолошки Музеј во Атина
Раѓањето на Венера (Афродита), детаљ, 1879

Афродита (старогрчки: Ἀφροδίτη) е старогрчка божица на убавината, сензуалната љубов и плодноста. Значењето на нејзиното име е непознато, иако старите Грци верувале дека тоа се однесува на пената. Многу е веројатно дека ова верување произлегува од приказната за нејзиното раѓање.[1][2][3]

Според едно старо преданије, кое го застапувал и Хомер, таа била ќерка на Зевс и Диона; а според поново, кон кое се придржувал Хесиод, родена е од морска пена (ἀφρός) која се создала кога Крон ги фрлил гениталиите на Уран во морето.[4] Веднаш по раѓањето, излегла од морето на брегот на островот Кипар. Одовде нејзините атрибути се: Ἀφρογενεια (родена од пена), Αναδυόμενη (која се појавува, излегува), Κυπρογένεια (родена на Кипар).[5]

Првично, кипарската Афродита, најверојатно, била божица на плодноста, многу слична на блискоисточната божица Иштар-Астарта. Појавувајќи се меѓу Грците, таа била персонифицирано со сексуалност и усрдно обожувана како на универзална сила. Многу локални светилишта посветен нејзе биле изградени ширум копнениот дел на Грција, а нејзините култови различно се менувале од место до место. Во некои области, Афродита била сметана дури и како божица на војната, што можеби било поттик за нејзината поврзаност со богот на војната, Арес.[6]

Многу подоцна, во класичниот период, култот кон Афродита добил современо сфаќање, според кое, таа е надлежна за сексуалната привлечност и љубовното задоволство (τα Αφροδίσια).[7]

Потекло[уреди]

Кога станува збор за потеклото на Афродита, постојат несигурности. Нарекувана е Ἀφρογενεια, со цел да се изведе потеклото од Уран, кого неговиот син Крон го кастрирал со срп и неговите гениталии ги фрлил во морето. Веројатно е дека потоа, таа се појавила од пената, која настанала од гениталиите кои пловеле по морето.[8]

Идејата и култот на божицата на љубовта која се раѓа од морето потекнува од југозападна Азија, а во Античка Грција, веројатно, преминал меѓу 1200 и 900 п.н.е., со посредство на поморските трговци на бакар. Тоа е заклучено врз основа на многубројните нејзини светилишта на многу грчки острови, недалеку од брегот на Мала Азија.[8]

Митот за Афродита како потомка на титаните, по се изгледа, се однесува на божицата чиј култ бил почитуван пред Грците. Доаѓајќи од северен правец, племињата од кои подоцна се образувале Грците ја присвоиле во олимпиското семејство како ќерка на Зевс и Диона.[9]

Првобитно, Афродита била персонифицирана како создавачка моќ на природата, која од влагата ги раѓа сите плодови на земјата. Но, тоа чудно обележје исчезнало, отстапувајќи ѝ место на онаа Афродита која се сметала за „национално“ божество на сите Грци.[10]

Бидејќи нејзиниот култ се раширил низ Средоземјето, таа, своевремено, е почитувана и како божица која ветувала добар пат по морето (Α. Ευπλοια).[11]

Преданија[уреди]

Според една верзија се смета дека била ќерка на богот Зевс и Диона, а според друга таа била родена од морската пена. Му била жена на тромавиот Хефест и мајка на тројанскиот јунак Енеј. На свадбата на Пелеј и Тетида (родителите на Ахил) биле поканети сите богови и божици освен Ерида (божица на неслогата). Поради тоа Ерида многу се налутила и непоканета отишла на свадбата и меѓу божиците фрлила златно јаболко на кое било напишано „За најубавата“. Божиците Хера, Атина и Афродита, сметајќи секоја дека е најубава, се фрлиле по јаболкото и се скарале. Зевс тогаш им наредил да одат кај младиот јунак Парис, кој требал да пресуди која од нив е најубава. Хера му ветила огромно богатство и власт, Атина мудрост и слава, а Афродита му ја ветила најубавата жена. Парис тогаш ѝ го фрлил јаболкото на Афродита. Со нејзина помош Парис ја одвел Елена во Троја и тоа било причина за тројанската војна.

Исто така, била наречена Киприс или Китерка, според двете места во кои се тврди дека била родена (островите Китера и Кипар). Животни посветени во нејзина чест се врапчето, гулабот и лебедот. Нејзин пандан во римската митологија е божицата Венера.

Наводи[уреди]

  1. Срејовић & Цермановић-Кузмановић, н. д., 69.
  2. Koterel & Storm, н. д., 18.
  3. -{Abenstein}-, н. д., стр. 53.
  4. Драгослав Срејовић, Александрина Цермановић Кузмановић, Речник грчке и римске митологије, Београд 2004, стр. 69.
  5. Александар Замуровић, Митолошки речник, Београд 1998, стр. 71.
  6. David Sacks, Oswyn Murray, Lisa R. Brody, Encyclopedia of the ancient Greek world, New York 2005, стр. 33.
  7. Hard & Rose, н.д., стр. 194.
  8. 8,0 8,1 Artur Koterel, Rejčel Storm, Sveobuhvatna enciklopedija mitologije, Beograd 2004, стр. 18.
  9. Kathleen N. Daly, Marian Rengel, Greek and Roman Mythology A to Z, New York 2009, стр. 13-14.
  10. Замуровић, н. д., стр. 72.
  11. Срејовић & Цермановић-Кузмановић, н. д., стр. 70.

Надворешни врски[уреди]