Моќната Афродита

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Моќната Афродита (англиски: Mighty Aphrodite) е американски филм (комедија) од 1995 година, во режија на Вуди Ален, кој е и автор на сценариото. Главните улоги ги играат: Вуди Ален (Woody Allen), Мира Сорвино (Mira Sorvino) и Хелена Бонам Картер (Helena Bonham Carter). Во 1996 година, Мира Сорвино освоила „Оскар“, во категоријата „најдобра споредна женска улога“, а Вуди Ален бил номиниран во категоријата „најдобро оригинално сценарио“. Истата година, Сорвино ја добила и наградата „Златен глобус“, во категоријата „најдобра споредна женска улога“.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Лени (го глуми Ален) и Аманда (ја глуми Картер) имаат син, Макс, кој не е нивно родено дете, туку е посвоен. Како што расте Макс, тој покажува голема дарба и интелигенција, па Лени сака да открие која е неговата вистинска мајка. Еден ден, тој оди во службата за посвојување, но таму го одбиваат, бидејќи не смеат да го откријат името на биолошката мајка. Затоа, Лени ги краде документите за посвојување. По одредено истражување, тој дознава дека мајката на детето е една проститутка и глумица во порно-филмови, која се вика Линда (ја глуми Сорвино). Лени се запознава со неа и сака само да разговараат, но таа го брка од станот, мислејќи дека е некаков перверзен тип. Сепак, Лени е упорен и постепено ја добива довербата на Линда. По неколку средби со неа, тој го дознава нејзиното тешко минато и животот во несередено семејство. Сепак, таа има желба да почне нов живот, да запознае добар човек, кој ќе ја сака, и да работи како фризерка.

Со цел, да ѝ помогне, Лени ја запознава со боксерот Кевин, кој сака да се врати во своето родно место, на северот од САД и да постане фармер. Кевин и Линда се привлекуваат еден со друг, но Кевин дознава дека таа е проститутка и раскинува со Линда и си заминува во својот роден крај. Истовремено, Лени успева да го убеди макрото на Линда да ја ослободи од работата за него. Од друга страна, сопругата на Лени, Аманда е преокупирана со работите околу отворањето на нејзината уметничка галерија и воопшто не забележува што се случува со Лени. Исто така, таа стапува во врска со друг човек, мислејќи дека го сака и на Лени му соопштува дека ќе го остави. Разочаран, Лени ја посетува Линда, која исто така е нажалена од неуспешната врска со Кевин и двајцата имаат сексуален однос.

Потоа, Линда го посетува Кевин во неговото родно место, молејќи го да ја прими кај себе, но тој ја одбива. Возејќи назад дома, таа запознава пилот на хеликоптер, кој го прифаќа нејзиното минато и таа се мажи за него. Уште повеќе, таа му раѓа девојче, чиј татко всушност е Лени, но таа не му кажува на Лени за девојчето. Кевин, исто така, си наоѓа жена и живее среќен живот на својата фарма. Аманда сфаќа дека го сака Лени и му се враќа, така што тие го продолжуваат заедничкиот живот. Еден ден, во трговски центар во Њујорк, Лени ја среќава Линда, која го здогледува својот биолошки син, Макс (иако не знае дека е тој), а Лени ја здогелдува својата биолошка ќерка (иако и тој не знае за неа).[2]

Наводи[уреди | уреди извор]