Прејди на содржината

Класичен период

Од Википедија — слободната енциклопедија
left
right
left
right

Периодот во грчката култура од 70-тите години на V век п.н.е. до крајот на IV век п.н.е. е познат како класичен период. Тоа е време на силен процут на сите видови уметност, пред сè на архитектурата и скулптурата, кој ќе започне на грчко тло со обновата на атинскиот акропол по Грчко-персиските војни, но многу бргу ќе се прошири насекаде низ Средоземјето. Доаѓа до економско, политичко и воено јакнење на Кралството на Античките Македонци, чиишто владетели, а најмногу Филип II и неговиот син Александар III ќе ја преобразат Македонија во светски најмоќна држава. Иако територијата на Р. Македонија во ова време се наоѓала на маргините на овие големи збиднувања, не останала заобиколена од нив.

Над остатоците од старите железнодобски населби изникнуваат вистински градови - Добер, Идомене, Гортинија, Вилазора, Аталанта и др. Архитектонските остатоци откриени во наоѓалиштето Вардарски Рид кај Гевгелија потврдуваат дека градителските искуства од класичниот период започнале да се шират и кон север, додека големата гробница кај селото Бразда, близу Скопје, е можеби најдобриот доказ за многу брзото прифаќање на искуствата на градителството од класичниот период кај нас.

Раскошните гробни прилози од некрополите на античките градови кај Демир Капија и Исар-Марвинци сведочат за зголемената економска моќ на месното население, но и за добрите трговски контакти со најголемите уметнички центри на тоа време. Бронзените садови, белите лекити и хидријата сликана во црвенофигурален стил од Меидиас, од Демир Капија спаѓаат во редот на врвните тореутски и керамички производи, а бројните примероци раскошен накит од повеќе локалитети од Македонија само ја дополнуваат сликата дека во класичниот период на територијата на Р Македонија живеело урбанизирано население со високи уметнички критериуми.

Библиографија:

  • В. Битракова-Грозданова, Религија и уметност во антиката во Македонија , Скопје, 1999.
  • В. Битракова-Грозданова, Споменици од хеленистичкиот преиод во СР Македонија , Скопје, 1987.
  • I. Mikulcic, Pelagonija utvrdena svetlosti arheoloskih nalaza, Beograd, 1966
  • В. Соколовска, Археолошка карта на Р Македонија I, Рана антика, 80-85.
  • В. Соколовска, Исар-Марвинци и Повардарието во античко време, Скопје, 1986.