Прејди на содржината

Чрешче

Координати: 41°41′41″N 21°57′52″E / 41.69472° СГШ; 21.96444° ИГД / 41.69472; 21.96444
Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Исар)
Чрешче

Карта

Местоположба 41°41′41″N 21°57′52″E / 41.69472° СГШ; 21.96444° ИГД / 41.69472; 21.96444
Основни податоци
Место Црешка
Општина Штип
Тип

 опидум  градиште


Период доцноантичко време
среден век
Портал „Археологија“
План на наоѓалиштето
Наоди од Чрешче, IX и XIII-XIV век

Чрешче (наречена и Хисар или Исар или Црешка тврдина) — тврдина на оддалеченост од близу 2 км југозападно од штипското село Црешка. Претставува доцноантички опидум и средновековно градиште со некропола. На 2 км југозападно од селото се издига висок карпест рид, од три страни опкружен со коритото на Брегалница. На самиот врв, кој е издолжен околу 200 м и доста нерамен, се насетуваат темели од повеќе објекти, а остатоци од бедем нема. На површината лежат фрагменти од керамички садови и градежен материјал, а биле најдени и монети од VI век и постари. На источната страна на Исар започнува пристапен гребен во чие подножје се наоѓа голема некропола со гробови од камени плочи, меѓу кои има и групи од по два или три гробови. Томо Томоски го поврзува градиштето со средновековниот град Црешче.[1]

Местоположба

[уреди | уреди извор]

На оддалеченост од близу 2 км југозападно од Црешка се издига осамената карпа „Хисар” („Полис”) покрај Брегалница. Реката врти во голем лак околу неа и ја опфаќа од три страни. Само од исток кон Хисар се приоѓа преку длабоко седло. Карпата има вертикални страни високи 30-50 м и зарамнет врв во вид на плоча, голема 300×120 м. Се издига 150 м над реката и доминира над широката околина. Далеку е од сите позначајни патишта во овој регион. Јужно од Хисар реката поткопала карпи наталожени со железна руда (сидерит); се гледаат дупки и поткопи на простор долг 2 км — траги од вадење на рудата во минатото.

Најстари остатоци

[уреди | уреди извор]

Првите рудари се населиле на Хисар во раната антика (грнчарија и монета од III век п.н.е.) Во доцната антика тука израснала голема рударска населба. Иако е природно укрепена и непристапна, плочата на врвот била опкружена со камен ѕид, а со ѕидови бил опфатен и станбениот простор во јужното и источното подножје, со вкупна површина од 7 ха. На реката јужно од Хисар бил изграден мост од кој денес се гледаат траги. Бројните движни наоди и монети од IV-VI век го определуваат времето на животот на Хисар.

Средновековни остатоци

[уреди | уреди извор]

Обновеното рударство во овие краишта условило да се обнови и крепоста на Хисарот. Бидејќи и плочата била многу голема за поскромните средновековни потреби, преградена е со напречен ѕид во два дела и помалиот источен дел (со големина 120 × 110 м) бил населен. На напречниот ѕид (граден без малтер) на северниот агол потпрена е една голема кула. Ѕидана е масивно и со малтер, мери 12,5 × 12 м и доминира над целата карпа и околината. Сето ова ја определува како донжон, настанат во XIII или IV век. Останатиот простор на карпата, природно заштитен, служел по потреба како збег.

Движните наоди прибрани во укрепениот простор потекнуваат од подолг временски период. Истакнуваме една бронзена апликација — јазиче за појасен ремен, со форма и украси типични за доцниот VIII и IX век. Парчињата словенски накит од бронза и стакло потекнуваат од XXIII век. Бакарните монети — византиски скифати се од XIIXIII век. Една оловна плочка со магиски запис за истерување на демонот Нежит е датирана во XIIIXIV век. Српските монети се од XIV век.

По Битката кај Велбужд во 1330 г. Србите освоиле низа гранични византиски крепости на Брегалница и Вардар. Тогаш бил заземен и „градот Чрешче”. Името е словенско и упатува (како и археолошките наоди) на времето пред византиската реновација, веројатно во IX век (под цар Борис II и цар Самуил). Византија го користела како рудничка, и на крајот како гранична тврдина.

Побогатите рудни лежишта во околината биле исцрпени веројатно уште во доцната антика и Чрешче живуркало како мала населба со тврдина до XIV век. Во турските документи не е забележано, а споменот на „градот” Чрешче останал да живее во името на селото Црешка близу него, кое во нашето време исто така запустело.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • И. Микулчиќ TIR, 36 и 1987, 149—157.
  1. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069