Геја (митологија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Геја
Земјата
Симболрог на изобилството, цвеќе, плодови и дијадема
СопружникУран, Зевс, Понт, и Посејдон
РодителиХаос
Браќа/сестриНикта, Ерос, Ереб и Тартар
ДецаПонт, Титани, Хекатонхири, и Киклопи

Геја во старогрчката митологија е мајката Земја, која е родена од Хаос, мајка на Уран. Геја го родила Уран, кој подоцна, пак, ѝ станал сопруг. Од нивниот брак се родиле Понт, Титаните, Гигантите[1].

Геја имала голема улога во создавањето на универзумот. Соединувајќи се со Уран, биле родени првите богови, односно Титаните. Најпрвин биле родени Океан и Тетиjа, од чие потомство, пак, се родиле Река и Океанида.

Според митологијата, таа ѝ помогнала на својата ќерка Реја, да го сокрие Зевс во една пештера во Крит, бидејќи нејзиниот сопруг Крон ги голтал сите деца кои биле раѓани од неа за да не му го заземат престолот[2]. Подоцна, таа му помогнала на својот внук Зевс во борбата против Титаните во Титаномахијата. Сепак, во последната борба помеѓу боговите, во Гигантомахијата, таа била против Зевс, барајќи по светот една билка која ги лечела Гигантите.

Раѓање[уреди | уреди извор]

Според Хесиодовата Теогонија по Хаос, Геја настанала сама од себе. Според орфичката теогонија, Геја и Уран ги родила Никта која ја создал и оплодил Фан, првиот владетел на светот. Во грчката космогонија Геја е основниот елемент кој настанува веднаш по Хаос и го претставува женското начело на создавањето.

Потомство[уреди | уреди извор]

Геја сама од себе ги родила:

Уран (небото), Ореи (планините) и Понт (морето).

Од нив, само Уран можел да го опфати целото тело на Геја, па затоа се соединил со неа и нивни деца се:

Титаните - Океан, Креј, Коеј, Хиперион, Јапет и Крон, титанките - Теја, Реја, Темида, Мнемозина, Феба и Тетија;
еднооките Киклопи - Бронт, Стероп и Арг, и
стораките џинови Хекатонхири - Кот, Бријареј и Гиг.

Уран ги мразел своите нагрдени, монструозни деца и ги фрлал во утробата на Земјата, далеку од светлината. Геја, пак, не можела да се помири со тоа и смислувала како да му се одмазди на својот подол сопруг. Ги повикала децата да ѝ помогнат, но сите се исплашиле, освен Крон. Тогаш Геја го создала челикот и од него направила огромен срп. Кога Уран посакал да води љубов со Геја, излегол скриениот Крон и му ги исекол гениталиите и ги фрлил в море. Капките крв што паѓале од Уран ја оплодиле Земјата. Така настанале ериниите, гигантите и мелијадите. Од пената, пак, што се направила во морето кога паднале фрлените гениталии на Уран, се родила Афродита. По оваа случка, Небото (Уран) веќе не ѝ се приближувал на Земјата (Геја), а Крон станал новиот владетел на светот.

Геја на својот син Понт му родила пет божества на морето: Нереј, Тавмант, Форк, Кето и Еврибиј.

Нејзин најмал син е чудовишниот Тифон (со сто змиски глави на рамењата), кого го родила соединувајќи се со Тартар.

Во подоцнежните митови на Геја ѝ се препишуваат многу повеќе деца, како: Егеон, Антај, Атлант, Ехидна, Ерехтеј и др.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://www.theoi.com/Protogenos/Gaia.html
  2. Гилевски Паскал „Грчки митови“; „Како пораснал Зевс“; СИЛСОНС, Скопје