Старогрчки исконски богови

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Исконските богови во старогрчката митологија ја претставуваат првата генерација божества кои настанале на почетокот на космосот (редот), тие го уредиле, а по нив власта ја презеле Титаните (децата на Геја и Уран) и на крајот Олимписките богови.

Нивното име (грчки: Πρωτογενοι) - протогени, значи „првородени“, „древни“ или „исконски“. Тие се првите создадени суштества, бесмртни се, а од нив потекнуваат и сите останати божества.

Создавање[уреди]

Претежно се смета дека првите божества се создале од Хаос, макар што некои извори споменуваат две божества кои биле родители на сите останати. Овие божества претставуваат различни елементи на природата. Хаос понекогаш го сметаат за сопружник на Крон наместо на Ананка. Исконските богови може да добиваат деца со партеногенеза, како и со полни односи.

Божества според Хесиод[уреди]

Според Хесиодовоата Теогонија (околу 700 г. п. н. е.):

  • Хаос (празнина, почеток, воздух на смртниците) – бесполно суштество (некогаш женски пол);
    • Ереб (темнина) – машки пол и Никта (ноќ) – женски пол;
      • Етер (светлост, воздух на боговите) – машки пол и Хемера (ден) – женски пол;
    • Геја (Мајката Земја) – женски пол;
      • Уран (небото) – машки пол;
      • Ореи (планините) – машки пол;
      • Понт (водата, морето) – машки пол;
    • Тартар (голема пеколна дупка која се сметала и за божество и за подземен свет) – машки пол;
    • Ерос (љубов, копнеж) – машки пол.[1]

Најчесто, семејното стебло на старогрчките богови се прави според Хесиод.

Божества според други извори[уреди]

  • Ананка (потреба) – женски пол;
  • Крон (вриеме) – машки пол;
  • Фан (појава) или Химер или Ерос (создавање) или Протоген (првороден) – машки пол (некогаш е опишан како хермафродит, но претежно е машки пол);
  • Фусида (природа) или Тесида (создавање) – женски пол;
  • Нисе (острови) – женски пол;
  • Таласа (море) – женски пол;
  • Офион (змија; често се поистоветува со Уран, Океан, Фан или Крон) – машки пол;
  • Евринома – женски пол.

Поинакви родословија[уреди]

Во Античка Грција имало многу различни идеи за тоа кои се исконските богови. Различни поети имале и различна претстава за тоа кои се првородените:

Илијада[уреди]

Според „Илијадата“, епот за Тројанската војна, кој му се припишува на Хомер, Океан (веројатно и неговата жена Тетија) е татко на сите божества.[2]

Алкман[уреди]

Алкман (околу 600. година п. н. е.) ја смета Тетида за прва божива, која го направила poros „патот“, tekmor „патоказот“ и skotos „темнина“ во неминливата, безизразна празнина.

Орфисти[уреди]

Орфејовата поезија (околу 530 г. п. н. е.) ја поставила Никта (Ноќта) како прво божество. Исто така, според орфејската традиција Фан (мистично орфичко божество на свестлоста и создавањето, понекогаш поистоветуван со постариот Ерос) е првобитниот владетел на космосот, кој излегол од космичкото јајце.[3]

Аристофан[уреди]

Аристофан (околу 456–386 г. п. н. е.), во својата комедија „Птици“ напишал дека Никта е првото божество кое го произвела Ерос од јајце.

Филозофи[уреди]

И филозофите во антиката граделе свои космогонии и претпочитале свои божества како првородени:

  • Ферекид од Сирос (околу 600–550 г. п. н. е.) го претставил Крон како прво божество во својот „Хептамих“.
  • Емпедокле (околу 490–430 г. п. н. е.) напишал дека Афродита и Арес биле првите божества. Тие го изградиле космосот од четирите елементи со својата моќ за љубов и раздор.
  • Платон, пак, околу 360 г. п. н. е. во своите дела го воведува поимот демијург, божество кое го создава светот со идеја и материја.

Галерија[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Хесиод, „Теогонија“
  2. Хомер, Илијада (Книга 14)
  3. Фан на проектот Теои

Надворешни врски[уреди]