Прејди на содржината

Вилхелм Хауф

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вилхелм Хауф

Вилхелм Хауф (германски: Wilhelm Hauff, 29 ноември 1802 - 18 ноември 1827 ) — германски поет и прозаист.

Животопис

[уреди | уреди извор]
Гровбот на Вилхелм Хауф

Вилхелм Хауф е роден во Штутгарт, како син на Август Фредерик Хауф, секретар во министерството за надворешни работи, и Хедвиг Елзасер. Бил второ од четирите деца. Младиот Хауф го загубил татко си уште на седумгодишна возраст и своето прво рано образование го стекнал во библиотеката на дедото во Тибинген, каде неговата мајка се преселила по смртта на својот маж. Во 1818 година го испратиле во манастирско училиште во Блаубојрен, а во 1820 година почнал да студира на универзитетот во Тибинген. За само четири години ги завршил студиите по филозофија и теологија. Во јануари 1827 година станал уредник на утринскиот штутгарски весник, а само неколку месеци подоцна се оженил со својата братучетка Луиза Хауф. За жал неговата среќа траела многу кратко, бидејќи на 18 ноември 1827 година починал од треска.

Книжевна дејност

[уреди | уреди извор]

Откако го напуштил универзитетот, Хауф станал учител на децата на познатиот воен министер, генералот Ернест Хугел и за нив го напишал делото „Бајка“, дело кое го објавил во 1826 година. Голем дел од приказните и денес се многу популарни во државите од германско говорно подрачје, како на пример „Малиот мук“ (Der kleine Muck), „Калифот Штрк“ (Kalif Storch) и „Приказна за бродот на духови“ (Die Geschichte von dem Gespensterschiff). Подоцна инспириран од Волтер Скот го напишал историскиот роман за Лихтенштајн, „Романтична сага од виртембершката историја“ (Romantische Sage aus der wuerttembergischen Geschichte, 1826), кој станал многу популарен во Германија, бидејќи во него имало многу интересни детали за оваа земја. Подоцна инспириран од делото на Хауф, еден од наследниците на поранешниот лихтенштајнски крал одлучил да го реновира кралскиот дворец според деталите наведени во делото на Хауф. Понатаму, Хауф напишал и некои раскази, како што се приказната „Питачката од Пон де Арт“ (Die Bettlerin vom Pont des Arts) и неговото ремек-дело, новелата „Фантазии во бременската крчма“ (Phantasien im Bremer Ratskeller). Исто така, објавил кратки поеми, кои подоцна преминале во народни песни. Такви биле: „Утринско црвенило, утринско црвенило, дали светиш за мојата рана смрт?“ (Morgenrot, Morgenrot, leuchtest mir zum frühen Tod?) и „Стојам во полноќниот мрак“ (Steh ich in finstrer Mitternacht).

Хауф е најпознат по своите бајки, кои заземаат важно место во германската книжевност, а кои по својот квалитет не заостануваат зад бајките на Ханс Кристијан Андерсен. Неговите бајки се напишани во стилот на оние од „Илјада и една ноќ“, а најубавите негови бајки се собрани во книгата „Карван“. Тој е типичен претставник на т.н. „швапска школа“ за која е карактеристичен романтичарскиот дух и обработката на историски теми. Исто така, тој е основоположник на историскиот реалистички роман во германската книжевност. Тој е втор на романите „Мемоарите на ѓаволот“, „Лихтенштајн“, „Човекот од месечината“ и „Студено срце“ (посветено на Волтер Скот).[1]

  1. Е. М., „Белешка за писателот“, во: Вилхелм Хауф, Носко. Култура, Скопје, 1965, стр. 75-76.